Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание

  • Не секое влијание од матичната држава е штетно, но ризикот од инструментализација секогаш постои.
  • Македонија има либерални закони и уставна заштита за малцинствата, со права на култура, јазик и застапеност во институции.
  • Србија, Турција, Косово и Албанија преку „мека моќ“ влијаат врз своите заедници, понекогаш конструктивно, понекогаш со ризик од политичка инструментализација.
  • Здруженијата обезбедуваат културни, јазични и хуманитарни активности, независни од политичко влијание.
  • Медиумите се етнички поделени, што ја отежнува интеграцијата и заедничкиот јазик, особено кај младите.
  • И покрај законите, интеграцијата на малцинствата е ограничена од медиумска, јазична и политичка фрагментација и влијанието на матичните држави.

Мултикултурен баланс

Македонија е меѓу државите со најлиберални и отворени закони за заштита на правата на малцинските заедници. Уставот, чија преамбула ги вклучува најголемиот дел од етничките заедници во земјата, гарантира максимална заштита на културните, јазичните и општествените особености на сите заедници, како и нивната застапеност во политичкиот и општествениот живот.

Сепак, практиката покажува дека животот на етничките заедници во Македонија не секогаш одговара на правната рамка. Од една страна, тие активно ја негуваат својата култура и јазик, а од друга – нивните врски со „државата мајка“ и медиумскиот простор создаваат можности за влијание кое не секогаш е конструктивно. Прашањето што се наметнува е: Како влијанието на матичните држави преку културни, образовни и политички канали се одразува врз мултикултурното општество во Македонија?

Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ објаснува дека Македонија има еден специфичен концепт кој политичките научници го нарекуваат конационална држава. Тоа значи дека постои мнозинство кое ги ужива правата што ги има секое мнозинство во светот, но и едно големо малцинство – албанската заедница – кое ужива посебен сет на права што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор. Покрај нив, постојат и помалите етнички заедници (не значи дека уживаат помали права), чии права се загарантирани со Уставот и често се пошироки од стандардите во регионот – на пример, повеќе јазици (влашки, српски, турски) се официјализирани на локално ниво и таму каде што не е исполнета законската квота.

„Во таа смисла не само што не сме негативен, туку Македонија е прилично позитивен пример кој може да биде модел за уредување на други општества во регионот. Наместо процеси на сепарација и поларизација, можат да следат процес сличен на нашиот – интегративна, мултикултурна и консензуална демократија. Не треба да се заговара ‘боснизација’ на Македонија, туку ‘македонизација’ на Босна“, вели Марковиќ во анализата за „Само прашај“.

Етничка структура и мајчин јазик во Македонија според последниот попис

malcinski mostovi kon maticnata drzava tab grafik

Најголем дел од населението, 54,21 %, се изјасниле како Македонци. Следат Албанците со 29,52 %, Турците со 3,98 %, Ромите со 2,34 %, Србите со 1,18 %, Бошњаците со 0,87 % и Власите со 0,44 %.

Повеќе од половина од населението, 61,38 %, го имаат македонскиот како мајчин јазик. Албанскиот е втор со 24,34 %, турскиот со 3,41 %, ромскиот со 1,73 %, босанскиот со 0,85 %, српскиот со 0,61 %, а влашкиот со 0,17 %.

Она што се забележува е дека процентот на оние македонскиот им е мајчин јазик (61,38 %) е поголем од процентот на етнички Македонци (54,21 %), што укажува дека дел од припадниците на другите заедници користат македонски јазик како прв. Слично, и кај другите заедници се јавуваат разлики меѓу етничката припадност и мајчиниот јазик.

Правниот систем и правата коишто се дадени во законските рамки се во рамките на европските стандарди, па некаде и повеќе. Тоа не е спорно, правата заедниците ги имаат, тие се вклучени во системот, имаат простор за развивање на својата култура, јазици, се согласува комуникологот Сеад Џигал, но предупредува дека „константните болки“ на македонското општество ја подриваат и оваа сфера.

„Во пракса тоа поинаку функционира и сите ние поединечно, но и колективно сме донекаде жртви или мораме да ги толерираме тие феномени на партизација, политизација, така што дури и малцинските права или правата на немнозинските заедници мора да поминат низ тој механизам на договарање, преговарање“, вели Џигал.

Во Македонија, не постојат загарантирани квоти за претставниците на заедниците, како што има примери во други држави, но заедниците во најголем дел се застапени во институциите, парламентот, општинските совети. Оваа ситуација е специфична со оглед на бројноста на албанската заедница, па нејзините припадници имаат исклучително моќни политички партии од кои многу често зависи и формирањето на владите, правењето суштнски општествени промени, менувањето на Уставот.

Кај помалите етнички заедници постои една специфичност – поради нивниот помал број, нивните партии сами тешко би можеле да обезбедат политичко претставување. Затоа најчесто настапуваат во коалиции со поголемите македонски или албански партии, што им овозможува да добијат места во парламентот или во советите на општините. Но, според професорот Ненад Марковиќ, дел од овие партии функционираат како „етнички претприемачи“.

„Она што прави девијација е тоа што тие партии речиси секогаш се приклонуваат кон победникот, односно кон оној кој е политички помоќен и има поголема шанса да формира влада. Во политичката теорија тоа се нарекува етничко претприемништво – кога една партија тврди дека ги застапува интересите на одредена етничка заедница, но во суштина претставува интереси на потесна група или на своето раководство“, објаснува Марковиќ.

Како најеклатантен пример го наведува, сега покојниот, Амди Бајрам, кој „симболизираше претставување на заедница, а всушност профитот го добиваше партијата или лидерот“.

malcinski mostovi kon maticnata drzava malcinstva 3
Албанската заедница ужива посебен сет права што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор

Во албанската заедница, пак, ситуацијата е поинаква, но исто така е сложена. Последниве години се појавија две конкурентни линии – една која повеќе е наклонета кон Косово и премиерот Албин Курти, и друга која е поблиска до Албанија и Еди Рама.

„Ова е уникатен пример во регионот – две матични држави со различни интереси врз иста етничка заедница во Македонија“, вели Марковиќ. Дополнително, тој потсетува дека влијание врз албанските партии има и Турција преку Ердоган, што отвора уште една димензија на оваа политичка сложувалка.

„Клучното прашање е природата на тоа влијание – дали е конструктивно и дали помага во градењето на мултиетничка демократија или е деструктивно и ја разединува заедницата. Не секое влијание од матичната држава е нужно штетно, но ризикот од инструментализација секогаш постои. Затоа овие теми треба да се отвораат и дискутираат, наместо да се туркаат под тепих“, нагласува Марковиќ.

Порадикален во ставот е аналитичарот Љуљзим Фаризи кој вели дека албанските партии имаат концепт и цел за заштита на националните интереси само на хартија.

„Сите политички партии од од осамостојувањето на Република Македонија имаат проблем со идентитетот односно имаат проблем со нивното политичко дејствување во политиката во Македонија. Тоа е пораади тоа што сите политички партии се основаат на големи принципи напишани на хартија, а завршуваат за тесни лични интереси во владата. Тоа во принцип е од 1991, од осамостојувањето на Република Македонија до денес. Така што, немањето концепт, осносно во секоја албанска политичка партија во Македонија, едниствената цел почнува со големите национални интереси на Албанците, а завршуваат за лични интереси, за тендери. Така што, тие хибридни идеи што ги има внатре и хибридните дејствувања, после завршуваа со консултации односно добивање поени кај косовскиот премиер, кај албанскиот премиер во Албанија или кај меѓународната заедница“, објаснува за „Само прашај“ Фаризи.

Влијание без граници

Алатки на меката моќ

Состојбите во земјите од кои потекнуваат дел од етничките заедници во Македонија се специфични – често обележани со долготрајно владеење на одредени политички структури или личности чијашто моќ и влијание се протегаат и надвор од нивните држави. Тоа, неминовно, се одразува врз заедниците во Македонија – од секојдневието, до нивното политичко однесување и изборните определби. Често, тие гласаат за партија или кандидат кој го сметаат поблизок до политичката структура што ја поддржуваат „матичните држави“.

„Мислам дека од сите држави во моментов најмногу имаат мека моќ, кај албанската заедница, се разбира Албанија и Косово, меѓутоа и Србија и Турција. За руска, кинеска мека моќ не сум сигурен дека уште може да се говори, меѓутоа од овие држави кои имаат значајни малцинства кај нас, тоа се тие држави кои можат остварат некакво влијание“, вели Марковиќ.

malcinski mostovi kon maticnata drzava turci 3
Влијанието на Турција во голем дел е преку културна дипломатија, образовни програми и институционални канали

Влијанието на Србија и Турција, односно нивната таканаречена „мека моќ“, во Македонија е тесно поврзано со позитивниот став на македонското мнозинство кон овие малцинства и нивните матични држави. Особено е изразен случајот со Србија, која често се перцепира како „блиска и братска“ држава, па затоа промовирањето на нејзините интереси во јавниот простор се смета за „нормално и природно“.

Додека Србија и Турција делуваат преку културна дипломатија, образовни програми и институционални канали (како што е турската агенција ТИКА), Косово и Албанија имаат подиректен пристап преку своето влијание врз албанската заедница во земјава. Овој вид ангажман, иако понекогаш се доживува како чувствителен, не мора нужно да се смета за деструктивен. Напротив, како што нагласуваат аналитичари, „нормално е мајката-држава да ги поддржува своите сонародници во други држави“.

„Нормално е ‘мајката држава’ да ги штити своите припадници на народот кои живеат во други држави, нешто од кое за жал ние моравме да се откажеме поради политички компромиси што значи дека меѓународната политика ниту е фер ниту е еднаква за сите, ама тоа е светот во кој живееме и ќе мора да се навикнеме“, смета Марковиќ и додава дека сè што е јавно и е во согласност со Уставот и законите на Македонија, не е спорно.

Марковиќ го нагласува работењето на турската организација за соработка и координација (ТИКА), која редовно реализира проекти во земјава. Нашата анализа покажува дека само во последниот месец ТИКА организираше две активности: патување на 90 студенти од Македонија низ неколку градови во Турција како дел од „Turkey Cultural Trip Program“, и обука за наставници во Скопје. Слична е и улогата на Србија – во август, под покровителство на претседателот Александар Вучиќ, 150 деца од српската заедница во Македонија учествуваа на кампот „Србија те зове“. Од ова може да се заклучи дека токму Србија и Турција се земјите чија „мека моќ“ е најприсутна и највлијателна во Македонија. Преку културна дипломатија, образовни програми и различни проекти тие успеваат да изградат позитивен имиџ и врски со локалните заедници.

ТКЦ „Јунуз Емре“ – промотор на турската култура и јазик

Турскиот културен центар во Скопје „Јунуз Емре“(YEE Skopje) е непрофитна организација и функционира како еден од главните промотори на турската култура, јазик и образовни програми во Македонија.

Преку објавите на својата Фејсбук страница може да се забележи дека активностите на YEE Skopje се насочени кон културна промоција, образование и меѓународна соработка. Дел од содржините вклучуваат организирање концерти поддржани од Турската амбасада, работилници за дигитално новинарство во соработка со TRT наменети за млади, курсеви по турски јазик што редовно се промовираат, како и музички програми за традиционални инструменти. Организацијата поддржува и филмски и уметнички фестивали, меѓу кои и „MakeDox“, а често е домаќин на академски и културни посети од универзитети и институции од Турција и пошироко.

malcinski mostovi kon maticnata drzava turci 1

YEE Skopje се промовира како активен културно-образовен чинител во јавниот живот, со јасно изразена мисија за промоција на турското наследство, но и за создавање мостови кон локалната и меѓународната заедница. Нивниот пристап комбинира музички и уметнички изведби, јазична едукација и новинарски програми, што ја позиционира оваа институција како платформа и за културна дипломатија и за младинско вмрежување.

Сепак, експертите предупредуваат дека овој феномен не треба да се гледа еднодимензионално. Како што посочува Џигал, стратегиите на „мека моќ“ не се само културни настани или образовни програми – тие често вклучуваат медиуми, верски организации и симболични гестови кои имаат силен импакт во приближување на одредени заедници кон конкретни култури и држави. Тоа е реалност со која мора да се справиме, вели тој, но и процес кој може да се насочи во позитивна насока ако постои свест и институционален капацитет да се препознаат ризиците и да се едуцираат граѓаните.

„Тоа е реалност. Но, треба нашиот систем, нашите заедници, да покажат свест и на граѓаните – вклучително и на помалите заедници – да ги сфатат предизвиците на тие процеси. Да не бидат изманипулирани или доведени во политички или идеолошки контекст,“ додава Џигал.

Токму затоа, според него, е потребна мобилизација на институциите – не само државните, туку и локалните и културните – за да се создаде рамнотежа меѓу надворешните влијанија и домашните интереси. Во спротивно, постои ризик стратегиите на „мека моќ“ да прераснат во алатки за политичко влијание, наместо во простор за културна соработка и зближување.

Мостови и ѕидови

Бугарија – пример за погрешен пристап

Со бугарската заедница, која – слично како и српската – е јазично и културолошки блиска до македонскиот народ, состојбата последниве години драстично се влоши. Причина за тоа е блокадата што ја наметна Бугарија врз евроинтегративниот процес на Македонија и ултимативното барање за внесување на Бугарите во Уставот.

Во еден период имаше обиди за подобрување на односите – беа отворени културно-информативни центри, но паралелно почнаа да се појавуваат и бугарски клубови, што предизвикаа револт, не само кај Македонците. Само прашај контактираше со Културно информативниот центар во Скопје, но оттаму, иако ветија, не одговорија на нашите прашања за нивните активности во Македонија.

malcinski mostovi kon maticnata drzava malcinstva 1
Наместо да биде точка на поврзување, во случајот со Бугарија малцинството станува точка на деструкција и поделби меѓу двете општества

Суштината на ова влијание е прашањето кое се отвора. Таквото влијание може да биде конструктивно, бидејќи една малцинска заедница има потенцијал да биде мост за поврзување меѓу државите. Но, во конкретниот случај, политичкиот дискурс и начинот на кој се поставуваат односите создаваат обратен ефект – продлабочување на поделбите и поларизацијата.

„Не сметам дека проблемите меѓу Македонците и Албанците се резултат на политика на Република Албанија. Напротив, впечаток ми е дека Албанија, особено последниве дваесетина години, игра конструктивна улога – исто како и повеќето од нашите соседи. Но, со Република Бугарија имаме сосема спротивно искуство: Од еден мал број припадници на бугарското малцинство – околу 3.000 до 3.500 според последниот попис – се прави огромен проблем и тоа прашање се политизира во негативна смисла. Наместо да биде точка на поврзување, тоа станува точка на деструкција и разделба меѓу двете општества. Притоа, на другата страна од границата, македонското малцинство останува непризнаено,“ смета Марковиќ.

„Меката моќ“ секогаш е подобра тактика

„Бугарија очајно се обидува, меѓутоа мислам дека колку повеќе се обидува, толку помалку успева. Го избра погрешниот пат затоа што тргна многу агресивно, нападно, со вето, со уцени, нешто што кај мнозинската заедница, а и не само кај мнозинската, дури кај добар дел од другите етнички заедници предизвикува револт и незадоволство. Сум слушнал и од албански интелектуалци многу негативни перцепции за тоа. Во крајна линија и Еди Рама беше многу критичен кон политиката на Бугарија, а тоа прилично кажува и Албанците како се чувствуваат во регионот во однос на бугарската политика. И на Бугарија во еден момент многу добро и одеше. Не ми е јасно зошто требаше да ја смени тактиката која се покажува комплетно неуспешна, која прави страшен револт кај мнозинската етничка заедница, и не само кај мнозинската и општеството дава отпор, иако ставањето на Бугарите во Устав и не е некакво големо табу. Секој се плаши од она што би можело после тоа да следи. Така што, меката моќ е секогаш подобра тактика“, вели професорот Марковиќ.

Еден од главните фактори за делување на етничките заедници во земјава се здруженијата. Како и во многу други сегменти, здружувањето во овој случај оди строго по линија на етничката припадност, а има многу малку здруженија кои делуваат мешано. Едно од најактивните здруженија на Србите во земјава е Српскиот културно-информативен центар „Спона“. Овој тип организации се финансира, пред сè, преку конкурсите што ги распишуваат Министерството за односи со заедниците, Министерството за култура и туризам, Градот Скопје и дел од општините. Исто така, проектите се финансираат и преку конкурси во земјите на потекло. „Спона“ ги следи конкурсите на надлежните институции во Србија и на тој начин организира настани, објаснува програмската координаторка Наташа Станчиќ.

„Спона“, која годинава одбележува 20 години, на припадниците на српската заедница им нуди часови по српски јазик за деца, организира културни настани – два до три настани месечно, вели Станчиќ. Здружението има соработка со Народната библиотека на Србија, од која добиваат значителен книжен фонд достапен во нивните простории во Скопје и Куманово.

Кои се СПОНА?

„СПОНА“ – Културно-информативниот центар на Србите во Македонија – според описот на вебстраницата, е независно, непартиско граѓанско здружение чија цел е обединување и афирмација на интересите на српската етничка заедница во Македонија. Според активностите за кои се објавува, организацијата работи на промоција на културното, историското и духовното наследство на Србите, но и на градење мостови со македонскиот народ и останатите етнички заедници. Својата работа ја реализира преку информативниот портал srbi.org.mk, кој служи како главна платформа за јавна комуникација и зајакнување на заедницата.

malcinski mostovi kon maticnata drzava srbi 1

На порталот редовно се објавуваат содржини за културниот, образовниот и духовниот живот на Србите во Македонија. Таму има текстови посветени на Меѓународниот ден на писменоста со акцент на предизвиците во дигиталната ера, извештаи од централни прослави и верски обележја, како и прилози за значајни историски датуми. Има и тематски разговори со експерти, меѓу кои има Срби и Македонци, како и прилози за заштита на српските духовни и културни споменици во Македонија, и оние со социјален карактер како донации. Често се објавуваат и апели за заштита на храмови во запуштена состојба, како и соопштенија од Српската православна црква поврзани со актуелни состојби.

Сумирано, содржините што ги објавува „Спона“ имаат информативен и афирмативен карактер и се насочени кон зачувување на идентитетот, вредностите и традицијата на српската заедница и се обидува да ја позиционира како активен чинител во мултикултурниот контекст на Македонија.

Паралелно, „Спона“, како и многу други вакви здруженија на заедниците во земјава, има и хуманитарна активност. Преку донатори, спонзори и соработка со неколку други српски организации, здружението започнало со обезбедување пакетчиња и основни потреби за децата во енклавите на Косово и во руралните средини во Македонија. Со текот на времето, велат од здружението, активностите се прошириле и на изградба на домови за социјално загрозени многудетни семејства.

Сепак, оваа активност не минува без мешање на политиката. Станчиќ вели дека здружението успешно, со години ги одбива сите обиди за ставање „под политичка капа“, но потенцира дека е особено тешко така да се делува во крајно исполитизирана средина.

„Затоа, ‘Спона’ во минатото имала години кога немала ниту свои простории и канцеларии, кога располагањето со минимални приходи дозволувало издавање само на едно списание, а долговите во печатницата се префрлале на следниот проект. Биле моменти кога не знаете каде и што со луѓето и со соработниците, затоа што не сте се вклопувале во одредена политичка структура или власт. За жал, хуманитарната мисија неретко била искористена во политички цели – било во Куманово или на југот, дел од политичарите или нивни активисти се обидувале да ја злоупотребат и да тврдат дека помошта е овозможена благодарение на нивното влијание. Тие дури и вршеле притисок дека нема да добијат повторно ако не гласаат за некого. Тоа ‘Спона’ ја ужаснува, и неколку пати сме излегувале со соопштенија дека начинот на кој работиме и помагаме нема никаква поврзаност со политичкото делување, ниту пак со определбата за кого ќе гласаат. Помошта е искрена и доаѓа онаму каде што е потребна,“ вели Станчиќ.

Активностите на здруженијата како „Спона“ покажуваат колку е важна улогата на институциите на заедниците за градење на културниот и социјалниот живот на малите заедници. Сепак, нивниот придонес се соочува со една поширока структурна пречка – медиумскиот простор во земјата е длабоко поделен по етничка основа.

Медиумите се строго определени по етничка линија. На македонските мейнстрим медиуми нема редовна програма за помалите заедници, додека влијателни медиуми постојат и во албанската заедница, но начинот на известување е целосно различен. Помалите заедници ретко имаат присуство во медиумскиот простор, со исклучок на Националниот сервис. Но, не е тајна дека припадниците на заедниците редовно следат медиуми од земјите од каде им се корените – Турците турски, Албанците албански, а Србите – српски.

Ова доведува до фрагментација, па дури и до сегрегација, предупредува Џигал.

„Некако послабо чекориме на патот на градење на заедничката нација. Се случува еден вид фрагментација, медиумска, дури и сегрегација каде луѓето следат одредени медиуми. Ни недостасува еден државнички, заеднички медиумски простор. Јавниот сервис е поделен, сите имаат свое место, но недостасува преклопување меѓу македонската, албанската и другите помали заедници, каде би имало заеднички проекти и место за интеракција. Исто така, кај помладите генерации јазичното раслојување е многу изразено. Младите од другите заедници не го зборуваат македонскиот јазик, што претставува проблем. Унапредувањето на правата мора да оди заедно со грижата за заедничкиот јазик, кој би бил ‘Lingua franca’ или првиот јазик. Важно е државата да покаже општествено лидерство и да поведe процес што ќе биде поддржан од сите сфери на општеството и од граѓаните индивидуално“, смета тој.

Истражувањето покажува дека македонските етнички заедници се активни во одржувањето на своите културни и јазични традиции, а здруженијата играат значајна улога во градењето на културниот и социјалниот живот. Сепак, медиумската сегрегација и влијанието на матичните држави – преку „мека моќ“ и политички врски – создаваат структурни предизвици за интеграцијата и заедничкиот национален идентитет.

Како што истакнуваат експертите, важно е ова влијание да се препознае и да се регулира преку институционален капацитет и јавна свест. Преку балансирање на надворешното влијание и унапредување на заедничкиот јазик и медиумски простор, Македонија може да ја зачува мултикултурната и консензуалната природа на своето општество, оставајќи место за конструктивно влијание од матичните држави, а избегнувајќи инструментализација за политички цели.