На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете

На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
  • Атмосферата сѐ повеќе зоврива, а партиите ги вадат тајните списоци со таканаречени „ботови“ кои служат за ширење дезинформации и пропаганда против партиските ривали.
  • Целта на секоја дезинформациска кампања чиј извор понекогаш е и од странство е да направи мимикрија дека се работи за реална вистинска вест, велат експертите.
  • Во Македонија има 1,67 милиони интернет корисници и 2,65 милиони активни мобилни СИМ - картички како и еден милион корисници на социјалните мрежи, што е плодна почва за креирање на лажни вести и дезинформации од секаков вид.

Од заплашувањата со таканаречената тиранска платформа и обвинувањата до албанскиот лидер Еди Рама дека се меша во внатрешните работи на Македонија, лажните вести и дезинформации станаа снежна топка со која се гаѓаат „завојуваните“ партии во нашата земја. Една таква топка бездруго е и дежурната тема во Македонија – уставните измени за внесување на бугарското малцинство кои македонскиот државен врв ги оквалификува како мешање на Бугарија во внатрешните работи на нашата земја. Наивно е да се очекува оваа жешка тема да биде маргинализирана на претстојните локални избори, а наивно е и да се очекува засегнатите од тоа прашање да не прават обиди да ги разгорат страстите во кампањата која веќе се наѕира.

Откако избувна аферата со велешките креатори на лажни вести при претседателските избори 2016 во САД кога Македонија се најде на насловните страници ширум светот како извор на лажни информации кои беа пласирани во корист на Доналд Трамп, се родија идеи и за лажни вести и странски и домашни, кои ќе влијаат и на овдешните избори. Интернетот и нерегулираните портали нудат безброј можности за тоа.

Аферата „Велес“ ја стави Македонија на листата на центри за дезинформациски кампањи

Според  DataReportal во Македонија на почетокот на 2025 имало 1,67 милиони интернет корисници и 2,65 милиони активни мобилни СИМ-картички, како и еден милион корисници на социјалните мрежи. Тоа отвора широко поле за креирање на лажни вести и дезинформации од секаков вид.

Граѓаните ќе треба да се навикнат да не подлегнуваат на дезинформации и црна кампања ако некои портали продолжат да ги шират, како што го правеа тоа изминатите изборни процеси, изјави претставник на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во пресрет и на минатогодишните избори за претседател и нова влада на Македонија. Многу „вода“ протече од тогаш, изборите се одржаа и поминаа, а нашата држава е исправена пред уште еден изборен процес – локалните избори наесен.

Македонија стана познат центар за дезинформациски кампањи уште од познатата афера со Велес. Мислам дека партиските штабови и прокси каналите ќе се активираат пред локалните избори како и пред секоја политичка кампања, и дека најмногу ќе се фокусираат на негативна кампања кон своите опоненти. Бидејќи тоа е и целта на дезинформациските кампањи“, вели денес Петар Арсовски, комуниколог ветеран во оваа област.

Тој дополнува дека целта на секоја дезинформациска кампања е да направи мимикрија дека се работи за реална вистинска вест и оценува дека државата има институционален капацитет за справување со дезинформации и со манипулирање со информации, но дека тоа не е случај и со публиката.

Нашата публика за жал не е доволно едуцирана да провери повеќе извори, да ја провери веродостојноста на информациите, така што овие два фактори прават просек на ниска отпорност на дезинформациски кампањи“, изјави Арсовски.

Во студијата за странско мешање и манипулирање со информации во Македонија на Институтот за комуникациски студии, се посочува дека нашата земја се соочува со зголемени информативни закани што доаѓаат од различни државни и недржавни актери. „Овие влијанија имаат потенцијал да ги нарушат демократските процеси, да ги ослабат институциите и да поттикнат недоверба кај јавноста“, се нагласува во појдовната анализа на студијата. Притоа се истакнува и дека националниот капацитет за детекција и спротивставување останува ограничен и неусогласен.

И Македонија на мапата на напади со лажни вести од странство

Европската служба за надворешно дејствување (ЕСНД) откри знаци на напади со странски информации во неколку земји членки на ЕУ. Операцијата Двојник (Doppelgänger), на пример, создаде веб-страници што ги имитираат постојните мејнстрим веб-страници во Франција, Германија, Италија, Полска и Шпанија (EUvsDisinfo, 2024), но веројатно билa насоченa и кон други земји.

Помеѓу крајот на 2022 и крајот на 2023 година, голем број напади со странски информации биле регистрирани во Полска, Германија и Франција (повеќе од 20 по земја).

Неколку напади (помеѓу 1 и 5) биле регистрирани и во Северна Македонија, како и во други земји од Западен Балкан

Во својот претходен извештај, ЕСНД истакна дека странските дезинформации се шират на 16 јазици на ЕУ. Меѓу „другите“ јазици беше наведен и македонскиот јазик

Од истрагите на ЕОДМ (Европска опсерваторија за дигитални медиуми) се покажа дека во период од една седмица (20 − 26 март 2024 година), мрежата Правда (првично идентификувана од Вигинум [VigiNum], 2024) била активна во 19 земји од ЕУ: Грција, Италија, Холандија, Данска, Хрватска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија, Финска, Шведска, Португалија, Естонија, Латвија, Литванија, Унгарија, Кипар, Ирска, Словенија.

Истражувањето на членовите на мрежата ЕОДМ откри странско мешање поврзано со претседателските избори во Романија на 24 ноември и 8 декември, како и со парламентарните избори на 1 декември 2024 година. Затоа, резултатите од првиот круг од претседателските избори беа поништени од Уставниот суд.

Северна Македонија нема посебен центар за борба против дезинформациите. Тоа претставува вакуум кој странските актери можат да го користат за непречено ширење наративи и други форми на влијание што ги поткопуваат демократските процеси и националната безбедност.

Она што е посебно интересно за нашата држава е што набрзо ќе почне кампања за претстојните локални избори која може да биде искористена за манипулирање со информации. Оттука, во публикацијата се препорачува Државната изборна комисија (ДИК) која е одговорна за изборниот процес да ги подобри капацитетите за мониторинг на дигитално мешање во изборите. Во спротивно, странските актери би можеле да шират лажни информации за изборни процеси, да користат ботовски мрежи за дискредитација на одредени кандидати, па дури и да влијаат врз изборните резултати преку кампањи наменети за одвраќање на гласачите.

Партиите и пропагандата

Комуникологот д-р Сеад Џигал, анализирајќи во поконкретна насока вели дека поголем дел од активностите во борбата со дезинформациите се или декларативни или прилично ограничени при што партиските реторики и расправии доминираат во дискусиите за тоа кои од информациите што ги следиме се дезинформации.

Џигал: Граѓанскиот сектор е еден од клучните фактори и потенцијален помагач во процесот на корекција и филтрирање на јавниот дискурс од дезинформациите

Гласот и влијанието на стручната јавност и на медиумските професионалци е потиснат и подреден на партиската борба за влијание врз информативниот простор. Ова секако не е случајно, покрај другото и затоа што сериозен дел од медиумите всушност наместо да се занимаваат со одговорно јавно информирање засновано на професионални стандарди и новинарска етика, всушност оперираат како подизведувачи на пропагандни активности на политичките партии и организации“, смета тој.

Оттука, вели Џигал, потребно е другите чинители во јавната комуникација да ја засилат својата улога на коректори и филтрирачи на јавниот дискурс од дезинформациите. Граѓанскиот сектор, како што нагласува, е еден од клучните фактори и потенцијален помагач во овие процеси.

Заедно тие имаат важна улога во делот на подобрување на медиумската писменост и култура преку обуки, трибини, дебати, предавања, објавување на анализи, онлајн алатки, софтвери и други образовни содржини и помагала. Клучна е свеста за важноста на овие прашања и тоа дека мора против нив да се соочиме и да се бориме координирано и заеднички“, вели тој.

Канцеларијата на Обединети Нации во Скопје во публикацијата „Не наседнувај на дезинформации“, објавена во ноември 2024 објави мониторинг на националните и регионалните телевизии, при што е констатирано дека дебатните емисии се значителен извор на намерно неточни, навредливи, или збунувачки информации. Истражувањето покажало дека во 53 проценти од дебатните емисии се појавуваат вакви информации. Притоа на прашањето дали и колку дезинформациите влијаат на изборниот процес поголемиот дел од испитаниците рекле дека имаат големо влијание.

Cамитот на НАТО во Хаг во 2025 година, закажан за 24-26 јуни, ќе биде фокусна точка за дезинформации насочени кон јавниот дискурс на Западен Балкан, со цел ослабување на довербата на граѓаните во Алијансата и продлабочување на поделбите меѓу земјите-членки и земјите-не-членки, како и зголемување на поларизацијата меѓу граѓаните во рамките на државите, објави мрежата против дезинформации на Балканот. Се очекува наративите што се насочени кон единството и целта на НАТО, искористувајќи ги сложените историски врски и геополитиката на регионот, да се пролиферираат преку локални актери кои ги промовираа интересите на Русија и Кина во Западен Балкан.

Дезинформациите имаат големо влијание во време на избори, покажува анкетата на Здружението за истражување и анализи за публикацијата на ОН во Скопје

Од друга страна и испреплетената историја на земјите од регионов игра голема улога во мешањето на наративите или нивна употреба за туѓи цели. За жал во Македонија ниту еден медиум нема оддел за проверка на факти и податоци како што имаат западните медиуми. За содржината на пласираните медиумски производи се одговорни само новинарите или уредниците, но и улогата на уредништвото во последната декада е поткопана и за да не ги обвинат за цензура, уредниците многу често држат дистанца од содржините кои ги создаваат новинарите.

Вториот важен момент е што во јавниот простор сѐ почесто циркулираат портали во функција на поддршка на партии. Многу често за содржините во тие портали се одговорни партиските штабови кои праќаат готови вести и информации кои порталот ги маскира како новинарски. За време на избори таквите портали стануваат и извор на намерни дезинформации кои имаа цел да и нанесат штета на противничката страна.

Прашањето со кое ја отворивме нашата тема – таканаречната тиранска платформа со која јавноста беше бомбардирана од некогашната опозиција, а денешна власт, е најдобар пример за тоа. Тврдењата, во пресрет на формирањето на владата во 2017 беа дека СДСМ со ДУИ договорила банкнотите да станат двојазични, да се менуваат полициските и војничките униформи, државниот грб и знаме, и дека сето тоа треба да финишира со федерализација или кантонизација на Македонија. Што, пак, се покажа неточно.

Искуствата покажуваат не само од нашава земја туку и генерално од она што можеме да го читаме и да го видиме и за Европа и за САД дека во предизборие се зајакнуваат тие целни и штетни дезинформации, намерно конструирани ситуации и наративи. Не би ме изненадило ако во наредниве месеци се соочиме со некои такви специфични ситуации“, вели Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ).

Камењарова додава дека повеќе актери придонесуваат за дезинформациите и за манипулација со информациите. Од една страна, вели, се медиумите и новинарите, од друга страна актери се граѓаните, од трета страна се оние кои што намерно, многу често и за надомест креираат такви дезинформациски кампањи.

Медиумите понекогаш можат да бидат или искористени од извори на моќ или самите поради ним познати причини да бидат тие кои што ќе продуцираат намерно некаква дезинформациска кампања“, посочува нашата соговорничка.

Самата Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), инаку, во својата анализа посветена на дезинформациските изборни кампањи наведува податок дека за 2.600 евра може да се купат 300.000 следачи на мрежата Х (поранешен Твитер), како предупредување дека дезинформациите не чинат многу, но носат повеќекратна корист за оние кои сакаат да се служат со нив.

Македонија како дел од Балканот е во групата земји кои Западот ги смета за изложени на руска пропаганда. Колку е тоа реално? – го прашавме комуникологот Петар Арсовски. Тој ги смета овие проценки за претерани.

Се појавија некакви информации дека постои продор на руска пропагандна машинерија во Македонија, најмногу преку српските портали и нивните прокси профили на социјални медиуми. Меѓутоа, таа не фаќа замав, не фаќа корен, така што – да – има некакви обиди за дестабилизација во таа смисла но не гледам некаков сериозен ефект. Сепак, Македонија генерално како територија не е наклонета многу кон Русија туку сепак најголемиот продор го имаат западните медиуми“, вели тој.

Транспаренси Македонија во еден од своите извештаи предупреди дека дезинформациите не се регулирани во македонското законодавство, но дека непостоењето на единствена дефиниција за нив не треба да претставува пречка за нивно уредување ниту за нивно санкционирање.

Колку овој проблем е раширен говори и фактот дека и Европската Комисија ја дефинира дезинформацијата како создавање, презентирање и ширење на лажни или погрешни информации или намерно измамување на јавноста, што може да предизвика јавна штета. Таквата јавна штета, се наведува, вклучува закани за демократските политики и процесите на креирање политики.

Минатата година, пред европските избори Гугл почна кампања против дезинформации во пет земји од Европската Унија. Тоа го направи преку лансирање серија анимирани реклами на платформи како Тик-ток и Јутјуб во пет земји на ЕУ: Белгија, Франција, Германија, Италија и Полска. Рекламите содржеа таканаречени техники за „пребанкинг“,  за да им помогнат на гледачите да забележат манипулативна содржина пред да ја „голтнат“. Во пресрет на изборите, ЕЕАС (Служба за надворешна акција на Европската унија) откри 750 инциденти на дезинформации намерно ширени од странски актери, од кои многумина ја поддржуваа руската инвазија на Украина.

Што ќе донесат локалните избори?

Додека Македонија зачекорува во предизборието за локалните избори, се чини дека можноста за дезинформации никогаш не била поголема.

Најголем процент, безмалку три четвртини од дезинформациските кампањи, се сведуваат на негативна кампања и најчесто ад хоминем, кон личности – измислувања афери, измислувања лажни податоци, фејк слики поврзани надвор од контекст, лажни негативни наративи. Мислам дека околу тоа ќе се фокусира дезинформациска кампања и на претстојните локални избори“, вели комуникологот и наш соговорник Петар Арсовски.

Уште еден експерт од оваа област, Сеад Џигал, укажува на опасноста од валкана кампања преку дезинформации.

Партиите се обидуваат да постигнат одреден трансакциски дил, вие нам гласовите, ние вам одредени законски предвидени, но често и непредвидени видови помош и зделки со групи гласачи. Негативната кампања е секогаш присутна, во различен интензитет зависно од специфичните околности и настаните, но редовно таа изобилува со лични напади, навреди, етикетирања, нетолерантна комуникација, говор на омраза, и секако со лажни информации. Некои теми, како на пример мигрантите, патриотизмот, партизацијата, мешање во правосудството, се неизбежни теми за пропаганда и дезинформации во текот на изборите, па веројатно ниту овој пат нема да бидеме поштедени од нив, смета тој.

Денот кога Словачка слушна лажен телефонски разговор

На минатогодишната конференција насловена како „Демократијата во ризик: Избори во ерата на дезинформации“ одржана по повод 2 Април - Меѓународниот ден за проверка на факти, беше споделен пример кој најдобро илустрира на што се спремни креаторите на лажни вести за време на избори.

Случајот се однесува на Словачка, а го раскажа Јан Цингел поранешен водач на програмата за европско соседство на организацијата ГлобСек, кој кажа дека пред изборите во оваа земја се појавил аудио запис генериран од вештачката интелигенција, на кој се слушал гласот на многу позната истражувачка новинарка од Словачка, како да зборува со лидерот на партијата Прогресивна Словачка.

„Разговорот беше за тоа како да се купат гласовите на Ромите во Словачка. Тоа беше прилично сериозно. Овој наратив одеше низ целата изборна кампања и тоа беше нивниот адут, но за среќа се докажа дека видеото е генерирано од ВИ“, рече Цингел.

Локалните избори полека се искачуваат на врвот на политичката агенда на државата. Атмосферата сѐ повеќе зоврива а партиите ги вадат тајните списоци со таканаречени „ботови“ кои служат за ширење дезинформации и пропаганда против партиските ривали. Најсвеж пример е случајот со вицепремиерот Александар Николоски за кого на социјалните мрежи кружеше фотошопирана фотографија од наводен бугарски пасош, што се покажа како манипулативна содржина. Темата со Бугарија, со оглед на поврзаноста со евроинтеграциите на Македонија, ќе биде критичната точка околу која ќе се прекршуваат (дез)информациите што налага крајна внимателност при користење на изворите.

На неодамнешната тематска средба во Собранието, организирана од Институтот за комуникациски студии и собраниската Комисија за одбрана и безбедност, гостинот Конрад Блејер-Симон од Европскиот универзитетски институтот во Фиренца изнесе податок дека на годишно ниво во Северна Македонија има од еден до пет напади и нагласи дека најважно е мерките за справување со странското мешање и манипулирање со информациите да ги предложат независни агенции.

Под странско мешање и манипулација со информации се подразбира и хидбридна војна и затоа е потребна  соработка на институции од различни полиња, од одбранбен, безбедносен и медиумски аспект“, рече тој.

Северна Македонија се соочува со бројни предизвици, како што се слабиот медиумски пазар и неефикасната регулатива. Важно е да се одговори на овие предизвици, бидејќи независните медиуми може да дадат ефикасни лекови за дезинформации и странско манипулирање со информации.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Снимател: Наке Батев

Фотографија: Наке Батев

Поврзани стории:

Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации

Брејер – Симон: Социјалната нееднаквост ја отвора вратата за странско мешање

Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите