Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации

Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
  • Во Собранието се одржа тематска дискусија на тема „Странско мешање и манипулирање со информации (СММИ)“, организирана од Комисијата за одбрана и безбедност во соработка со ИКС.
  • Беа презентирани две студии кои укажуваат на институционални слабости, недостаток на координација и ниско ниво на медиумска писменост, што ја прават земјата подложна на хибридни закани.
  • Професорот Методиј Хаџи-Јанев ја истакна потребата од градење на национален капацитет и поголема координација меѓу институциите, академската заедница и граѓанското општество.
  • Конрад Блејер-Симон од Институтот при Европскиот универзитет во Фиренца, потенцира дека одговорот на овие закани е преку транспарентност, јакнење на медиумите и медиумска писменост, а не преку казни.
  • Преку проектот поддржан од Британската амбасада, ИКС ќе работи со институции, медиуми, студенти и ранливи категории граѓани за да бидат подобро информирани во носењето одлуки.

Пред македонските институции е долг процес на трансформација за да се превенира странското мешање и да се минимизираат штетите од манипулирање со информациите. Од сегашната позиција, која е на почетно ниво на заштита, без систематизиран пристап треба да обликува систем отпорен на ризици. Овој процес вклучува и креирање на респонзивни институции за брзо откривање и разобличување на странското манипулирање и координирана акција за нејзино спречување. Темата добива на интензитет со развојот на новите технологии и употребата на сè пософистицирани напади преку дезинформации, сајбер криминал и хибридни закани кои потешко се препознаваат, а се ризични за демократијата, ги нарушуваат меѓуетничките односи, ја намалуваат довербата во институциите и ја нарушуваат општата безбедност.

Во Собранието беа презентирани двете студии што истакнати експерти ги подготвија за ИКС

Кампањата што ја започнува Институтот за комуникациски студии (ИКС) има за цел преку сеопштествено делување, односно со вклучување на сите инволвирани страни (од безбедносен, одбранбен, медиумски и цивилен сектор) да се засили капацитетот на институциите за агилно откривање на овие закани и препознавање на дезинформациските кампањи пред тие да предизвикаат штета.

Теменугова: Битно е да изградиме отпорност како општество

„Нашиот фокус е да ја кренеме темата за малициозното и наменско манипулирање со информации кое доаѓа пред сè од надворешни актери – тоа е клучното во сите различни дезинформациски кампањи, странското мешање секогаш подразбира вклучување на актер државен или недржавен надвор од земјата. Целта ни е заеднички да укажеме на штетните последици од ваквите софистицирани тактики и техники кои тешко се препознаваат, иако многу вешто го запоседнуваат јавниот простор, влегуваат во нашите домови преку мобилните телефони, влегуваат преку културата, во религијата, ги подриваат меѓуетничките односи, влегуваат во бизнисот. И пак ќе речам, бидејќи тешко се препознаваат, битно е да ја изградиме таа отпорност како општество“, рече Александра Теменугова од ИКС.

Македонија е, исто така, изложена на странското мешање и манипулирање со информациите од повеќе причини - таа е геостратешки важна на Балканот, членка е на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Според Европската служба за надворешна акција (EEAS) годишно во земјава има напади, но не толку колку што има на пример во Украина, Полска и Германија.

Во следење на овие процеси одговорност меѓу другите институции има и собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

Првата од тематските среди се одржа во вид на дебата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност

На панел-дискусијата за СММИ, организирана од оваа Комисија во соработка со ИКС, претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност Павле Арсоски ја нагласи важноста од комплексен приод на повеќе сектори.

„Овие закани бараат координација и интегрирано делување — институционално, законодавно, медиумски и општествено. Во таа смисла, Комисијата за одбрана и безбедност и Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање имаат одговорност да ги следат и анализираат овие процеси, но и да ги вклучат во пошироката дебата за безбедноста на државата. Работата не се ограничува само на традиционалните теми поврзани со армијата или физичката безбедност – туку и на новите, нетрадиционални закани, меѓу кои токму информативната и комуникациската дестабилизација добива сè поголема тежина“, рече Арсоски.

Хибридните закани бараат паметен одговор – а не само закони

На настанот, кој собра пратеници, експерти, претставници од институции, медиуми и граѓанскиот сектор, беа презентирани двете аналитички студии на ИКС – „Странско мешање и манипулирање со информации во Република Северна Македонија“ и „Справување со странско манипулирање со информации во контекст на европските регулативи“.

Наодите од двете студии укажуваат на сериозни институционални и законски слабости во справувањето со координирани дезинформациски кампањи поттикнати од странски државни и недржавни актери. Недостатокот на стратешка координација, нефункционални правни механизми, ранлив медиумски простор и ниско ниво на медиумска писменост ја прават земјата подложна на хибридни закани и манипулативни наративи.

Хаџи-Јанев: Македонија на почетно ниво во борбата со хибридни закани

„Кога зборуваме за националната подготвеност, македонските институции би рекле дека се на почетно ниво на целосно разбирање и ефикасно справување со овој проблем, наративно постои свест за тоа, кога ќе ги прашате носителите на јавни функции постои како дел од хибридните закани, реално многу малку преку што може да се измени свеста за тоа дека навистина всушност постои свест или разбирање за капацитетите. Единствен документ којшто на некој начин го третира ова е Стратегијата за справување со хибридни закани која има голем број на цитати кои нецелосно и стручно се направени а кога би го анализирале текстот би рекле дека тој е солиден со висок академиски тон меѓутоа има многу малку оперативен речник во него што ќе каже дека или е добар препис на некој документ што постои или претставува компилација на трудови коишто веќе се објавени за зададената област“, рече Методи Хаџи Јанев, универзитетски професор и автор на студијата „Странско мешање и манипулирање со информации во Република Северна Македонија“.

Регулативите против странското мешање и манипулирањето со информациите во Европа беа донесени уште пред десетина години, но во нивната суштина не е казнувањето. Имајќи предвид дека содржините кои се продуцираат преку СММИ не прекршуваат закони, приодот кој Европа го избра како заштита од дезинформациите и хибридните закани е нагласување на транспарентноста и јакнење на независните медиуми.

Блејер-Симон: Не забрани, туку отпорност

Важно е исто така да се нагласи зашто влијае врз регулативите и одговорите против СММИ е дека СММИ не е нужно нелегално. Многу од содржината која е продуцирана од СММИ и многу активности не се против ниту еден закон меѓутоа се сè уште штетни и затоа треба да најдеме начин да се справиме со нив не со тоа што ќе ги забраниме туку со создавање на општество кое е отпорно на овој тип на комуникациски закани. Пристапот на ЕУ е да се заштити слободата на изразување односно да нема воопшто или што е можно помалку санкции за луѓето коишто комуницираат. Наместо тоа политиката треба да се фокусира на самите платформи кои ги шират дезинформациите, да се нагласи транспарентноста, ублажување на штетноста и употребата на меките пристапи како што е медиумската писменост и проверката на факти, вели Конрад Блејер-Симон, од Институтот при Европскиот универзитет во Фиренца и автор на студијата „Справување со странско манипулирање со информации во контекст на европските регулативи.

Долга е листата на задачи кои земјава треба да ги штиклира за да ги засили капацитетите за брзо пресретнување и справување со странско мешање и манипулирање со информации. Меѓу приоритетите се институционалното зајакнување и координацијата, усогласувањето на законските и регулаторните мерки со прописите и препораките на НАТО и ЕУ водејќи сметка за заштитата на медиумската и слободата на изразување, јакнењето на медиумската отпорност и транспарентност преку поддршка на независните медиуми и центри за проверка на факти и јакнењето на меѓународната соработка со активно учество во мрежи и иницијативи на ЕУ и НАТО против странско мешање и манипулирање со информации, размена на информации и искуства со други земји за справување со оваа закана и пристап до алатки, методологии и тренинзи преку меѓународни партнери и програми.

Арсоски: Слободата на говор мора да се разграничи од манипулација и омраза

Претседателот на собраниската Комисија за одбрана ги поддржа препораките и ја нагласи потребата од транспарентно објавување на начинот на кој се финансираат медиумите и политичките партии кое ќе овозможи откривање на евентуално скриени агенди.

„Треба да направиме разликување на слободниот говор од штетната манипулација или говор на омраза, надзорот на онлајн платформите и особено откривање на изворите односно либерализација на податоците на изворите на финансирање на медиумите, па и на политичките партии. Ние денес во Македонија сè уште немаме комплетен приказ за тоа кои се сопственици на медиумите и начинот на финансирање, што може да доведе до одредени сознанија, импликации дали нивното делување е во рамките на законите, во рамките на слободата на говор или има некакви други агенди. Понатаму, ова за медиумската отпорност и транспарентноста навистина се добри препораки. На крај, како кандидат за членство во ЕУ околу тоа како преку усогласување на нашата законска регулатива, а и колешката Петрушевска спомена, ние во реформската агенда имаме дел од законите од одредени министерства кои се во тек дали ги исполнуваме целосно потребите на државата за да преземеме активни мерки за заштита, но и меѓународната соработка којашто ни се нуди во рамките на ЕУ и овие институции коишто се формирани во ЕУ и во НАТО каде што сме веќе членка“, рече Арсоски.

Пратеници прашуваа, експерти објаснуваа

Во дебатата се вклучија и дел од членовите на македонскиот парламент. Пратеничката Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ праша како се препознава изворот на нападот односно која земја стои зад него.

„Колку ние како земја, особено институциите, сме подготвени во делот на хармонизација на европската регулатива со сајбер безбедноста? Имено, во Собранието влегуваат нов пакет на закони, четири закони коишто се однесуваат на дигитализацијата. Тие се директно поврзани со реформската агенда, па за нас е исклучително значајно дали тие закони се усогласени со она што значи сајбер безбедност или заштита од некое трето мешање“, рече Петрушевска.

Професорот Хаџи - Јанев рече дека новите законски решенија и тоа како ѝ се потребни на државата и треба да пополнат соодветен вакуум, но истакна дека дури и регулативите не мора да значат дека секогаш ќе треба да ги примениме буквално, онака како што се напишани, бидејќи одредени прашања се оставени да се регулираат во рамки на секоја земја посебно.

„Пост-легислативната контрола е феномен којшто недостига кај нас, а тоа значи дека откако ќе се донесат законите, Велика Британија има многу добра развиена пракса, овие закони да се ревидираат и собранието заедно со граѓанскиот сектор преку дебати да ги воочи кои се недостатоците, дали законот и законските решенија генерираат некои негативни импликации, бидејќи вие не можете да предвидете се на почетокот и посебно зашто во ера на дигитализација работите се менуваат со квантни скокови“, рече Хаџи-Јанев.

Пратеничката Петрушевска имаше конкретно прашање до експертот Конрад Блејер-Симон: Како се разликува дали дали станува збор за руско или кинеско влијание?

„Има различни методи да се открие како на пример во некои случаи кога има големи кампањи и хакерите прават грешки и оставаат траги на активноста која ја правеле и така истражувачите ја утврдуваат земјата на потекло на нападот или ќе најдат одредени луѓе или институции коишто стојат зад нападите или пак можете да откриете многу преку методите коишто ги користат бидејќи вообичаено една земја користи ист метод меѓутоа не е 100 проценти прецизно“, одговори Блејер-Симон.

Во дебата се вклучи и пратеникот Илир Демири од Европскиот фронт кој констатираше дека во дел од медиумите се води кампања против ЕУ.

„Нешто што сум забележал како проблематика и се креира во континуитет од страна на телевизиите, а тоа е анти ЕУ политика, дека ЕУ е пред распаѓање, дека не е добро да си членка на ЕУ и се дава медиумски простир  на Додиќ и на Орбан и на милијардата која се позајми, а не се даваат информациите за неповратните грантови кои Македонија ги добива од ЕУ. Говорам за неповратни грантови мислам дека се 700 милиони евра“, рече Демири.

За да се постигне крајната цел – општество отпорно на ризици, Институтот за комуникациски студии во следниот период ќе работи со различни страни. Покрај соработката со институциите, регулаторните тела и агенции, ќе се вклучат и медиумите и ранливите категории на граѓани студентите и пензионерите. Идејата е во следниот месец-два да се формира работно тело во форма на меѓуинституционален експертски совет за координација на политиките – кое ќе обезбеди координиран пристап за справување со странско манипулирање со информации и ќе даде инпут за да може да се развиваат информативни и едукативни алатки на самите институции, медиуми и граѓани да бидат подобро информирани во носењето одлуки.

Проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, е со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Ристо Душковски

Фотографии: Собрание на СРМ, ИКС