
- Европската финансиска асистенција на Западен Балкан е можеби најдискутираната тема, како во Брисел, така и во владите на нашиот регион, но економистите многу често ја користат мантрата дека не постои „бесплатен ручек“.
- Вообичаено е во земјите од Западен Балкан да постои вознемиреност кај некои кругови дека со влезот во орбитата на ЕУ, државите изгубија дел од сувереноста во носењето на одлуките.
- Барем засега, Балканот си останува Балкан повеќе отколку што тоа го посакува Европа.
- Во балканските политички кулоари е позната изреката за морковот и стапот што го применува Европската Унија кон Западен Балкан.
Европската финансиска асистенција на Западен Балкан е можеби најдискутираната тема, како во Брисел, така и во владите на нашиот регион. Почнувајќи од 2007 година, ИПА-грантовите обезбедија неповратна финансиска помош вредна милиони евра за да се подобри владеењето, социоекономскиот развој и имплементирање на стандардите на ЕУ.
Но, економистите многу често ја користат мантрата дека не постои „бесплатен ручек“. Или преведено на разбирлив јазик, парите што ги добивате ви создаваат обврски кон оној што ви ги дава. Нашиот сиромашен регион, бездруго, не може да дише без европската помош, што пак води кон прашањето што доби ЕУ за возврат од испратените милиони на земјите од Западен Балкан?
Симонида Кацарска од Институтот за европска политика во Скопје посочува дека честопати кога го велиме она „Европа дома“, не постои држава што сама направила европска трансформација.
„Примарниот инструмент преку кој Европската Унија ја поддржува Македонија од периодот на обезбедување кандидатски статус е инструментот за Претпристапна помош односно ИПА којашто се конфигурира во циклуси на периодот на буџетот на Европската унија односно 2007 – 2013, 2013-2020 и сега сме во циклусот 2020-2027 година. Овие три периоди се во принцип некаде околу 600, 650 милиони евра за тие периоди“, вели Кацарска.
Кацарска појаснува дека Европската Унија, како што рече, ни даваше моќ како држава да управуваме со дел од тие средства доколку се квалификуваме. За некои токму зборот „квалификуваме“ означува дека средствата од ЕУ се всушност размена во стилот јас тебе-ти мене или ќе добиете пари ако направите одредени чекори.
„Ние во голем дел од мерките се квалификувавме кога е направен патот Демир Капија-Смоквица, кога на поинаков начин се креираше европската помош. Од 2013 година имаше еден тренд на повлекување од тој метод на децентрализирано управување кон управување на средствата од Европската Унија, дали тоа би било преку Делегациите, дали директно преку Брисел и иако можеби тоа е техничко прашање за многумина, всушност, во голема мера во тој случај, интересите на ЕУ и на државите членки можат да бидат многу поголеми“, истакна нашата соговорничка од Институтот за европска политика во Скопје.
Иако никој не може да повлече линија меѓу парите и влијанието што се остварува преку нив, за Балканот може да се каже дека тоа влијание во голема мера е позитивно. Хрватска, која на 1 јули одбележа 12 години членство во ЕУ можеби е добар пример во нашето регионално опкружување за „меката“ моќ на Унијата и што значи тоа за земјата консумент на тие политики. Според извештаите на хрватските медиуми, најголемите инвестиции финансирани од ЕУ во последните дванаесет години го вклучуваат мостот Пељешац (350 милиони евра), модернизацијата на железничката линија Риека-Будимпешта (над 1 милијарда евра), надградбата на аеродромот во Дубровник (250 милиони евра), програмата за рурален развој (2 милијарди евра), помошта по земјотресот за Петриња (1 милијарда евра) и разни други форми на финансиска поддршка.
Влијанието на ЕУ финансирањето врз Хрватска (2013–2023)
| Година | Проект / Инвестиција | Финансиска поддршка (евра) | Област | ЕУ Влијание |
| 2013 | Хрватска влегува во ЕУ | – | Политика / економија | Почеток на пристап до ЕУ фондови |
| 2015–2022 | Пељешачки мост | 350 милиони | Инфраструктура | Поврзување на територијата, туризам |
| 2018–2025 | Железничка линија Риека–Будимпешта | Над 1 милијарда | Транспорт / Трговија | Подобрување на регионална поврзаност |
| 2019 | Аеродром Дубровник | 250 милиони | Туризам / сообраќај | Зголемен капацитет и безбедност |
| 2014–2020 | Програма за рурален развој | 2 милијарди | Земјоделство / рурален развој | Развој на села, аграрна модернизација |
| 2021 | Помош за Петриња (земјотрес) | 1 милијарда | Катастрофи / реконструкција | Брза ЕУ реакција, солидарност |
| 2023 | Економски индикатор | 70% од просекот на ЕУ | Економија | Забрзан раст |
| 2013–2023 | Нет-бенефит од ЕУ буџет | +10,74 милијарди | Финансии / развој | Повеќе добиени средства отколку уплатени |
Ефектот од пристапот на Хрватска до ЕУ фондови во различни сектори: инфраструктура, транспорт, земјоделство, туризам и економска стабилност.
Според владини податоци, членството во ЕУ помогнало во забрзувањето на економскиот развој на Хрватска. Додека пред десет години нивото на развој на Хрватска беше на 59% од просекот на ЕУ, сега е над 70%. Процесот на црпење средства од средствата на ЕУ, исто така, значително се подобри – во првите десет години, Хрватска доби 10,74 милијарди евра повеќе од средствата на ЕУ отколку што придонесе во заедничкиот буџет на ЕУ.
Добро е тие паралели да се знаат во посиромашните земји на Балканот кои уште патуваат кон ЕУ. Или подобро речено, плусовите и минусите од европските пари. Одета Барбулуши, поранешна заменичка министер за надворешни работи на Албанија и шефица на кабинетот на министерот за европски и надворешни прашања од 2015 до 2019 година, потенцира дека главниот инструмент за финансирање на ЕУ за земјите кандидатки како што е Албанија е она што се нарекува Инструмент за претпристапна помош, познат и како ИПА.
„Седумгодишниот пакет за претпристапно финансирање за периодот 2021–2027 година, од кој има корист и Албанија, природно вклучува неколку приоритетни области насочени кон подготовка на земјите кандидатки за членство“, вели Барбулуши.
| Година | Сектор | Износ (€ милиони) | Удел од вкупниот пакет (%) |
| 2014–2020 | Демократија и добро управување | 220 | 34% |
| 2014–2020 | Земјоделство и рурален развој (вкл. ИПАРД II) | 136 (92 од ИПАРД II) | 21% |
| 2014–2020 | Владеење на правото и фундаментални права | 97 | 15% |
| 2014–2020 | Образование, вработување, социјална политика | 69 | 11% |
| 2014–2020 | Животна средина, климатски промени, енергија | 68 | 10% |
| 2014–2020 | Транспорт | 56 | 9% |
ЕУ во Албанија најмногу инвестирала во подобрување на демократијата и владеењето на правото, што ја покажува стратешката цел – градење институционални капацитети за членство.
Податоците велат дека демократијата и добро управување е секторот кој добил 220 милиони евра или 34 проценти од средствата од ИПА во периодот 2014-2020 година. Тоа може да значи само едно – дека првенствениот интерес на ЕУ во Албанија бил насочен во најважниот сегмент на државата – демократијата и практикувањето на власта. Се разбира, како што посочува таа, и други области добиле финансиска помош во наведениот период како на пример земјоделството и руралниот развој 136 милиони евра, вклучувајќи 92 милиони евра за ИПАРД II, владеењето на правото и фундаментални права – 97 милиони евра, образованието, вработување и социјални политики – 69 милиони евра, животната средина, климатски промени и енергија – 68 милиони евра, како и транспортот – 56 милиони евра. Но, тоа што најмногу ја интересира ЕУ е демократијата и доброто владеење.
Балканските практики контра ЕУ
Нашата соговорничка од Албанија, Барбулуши, за периодот што го анализира дополнува дека првиот столб за финансирање е посветен на демократските институции, демократијата и владеењето на правото. Втората област е поврзана со помош и поддршка за усогласување со ЕУ, првенствено со законодавството на Европската заедница, а ова вклучува и аспекти поврзани со доброто управување. Третата област се однесува на одржливиот транспорт и зелената агенда.
„Друг столб каде што се фокусирани претпристапните фондови е подобрувањето на конкурентноста на земјата. Конечно, тука е прекуграничната соработка, која ги вклучува сите програми поврзани со билатерална или трилатерална соработка, како што се Албанија – Северна Македонија, Албанија – Црна Гора или Албанија – Косово и така натаму“, вели таа.
Можеби нема посликовит пример, од овој последен што го спомнува Одета Барбулуши, за моќта што ја применува Брисел за да ги упати земјите од константно зовриениот Балкан на меѓусебна соработка и разбирање. Моќта на парите некогаш е посилна од моќта на политиката.
Според граѓанската активистка Дина Бајрамспахиќ од Црна Гора, во претходните 10 години, државата морала да воспостави огромен број институции и бројни процедури. Сепак, како што вели, она што не се променило во изминатите 10 години се областите каде што се наоѓаат лостовите на моќта.
„Политичките елити, ниту пред 10 години, ниту денес, не покажуваат сериозност и одговорност за подобрување на системот во тие многу специфични области. Европеизацијата донесе многу промени, но сепак не донесе доволно промени во одредени области, особено кога станува збор за владеењето на правото“, рече Бајрамспахиќ.
Таа ги издвојува формирањето на Специјалното државно обвинителство и Агенцијата за спречување на корупција како особено важни. Но и додава: „Црногорската администрација дури и по толку години преговори со ЕУ, бара начин секогаш да си задржи доволно простор за да продолжи со своите „балкански практики“. „А тоа е она што е лошо“, вели нашата соговорничка.
Во балканските политички кулоари е позната изреката за морковот и стапот што го применува Европската Унија кон Западен Балкан. Брисел тоа не го ни крие. На мајската турнеја на еврокомесарката Каја Калас во Северна Македонија, Србија и Косово таа даде изјава во која посочи на двете страни на паричката.
„Западниот Балкан е од стратешко значење за Европската Унија. Проширувањето на ЕУ во овој регион е наш најзначаен геополитички проект, а воедно и мој личен приоритет“, рече Калас. Во клучните пораки што таа ги упати на секој од состаноците во земјите Калас нагласи дека ЕУ очекува пристапување – но дека патот е поплочен со јасни обврски.
А тие обврски можат да се сведат на два клучни збора: „Менувајте се“. ЕУ од своја страна ги помага тие промени. „Тоа од една страна ги јакне капацитетите, од друга, честопати е предмет на критика затоа што тоа се средства кои се враќаат во државите на земјите членки бидејќи експертите се најчесто од таму. Но, имајќи ја предвид таа критика, од државните капацитети зависи колку ќе ја искористиме финансиската помош. Не може да кажеме дека ништо немаме бенефит. Напротив, тој трансфер на експертиза е најзначајниот за да може да ги трансформирате голем број од областите“, вели соговорничката од Македонија, Симонида Кацарска.

Кацарска го истакнува Планот за раст во кој средствата се добиваат само откако земјите ќе приложат остварлива реформска агенда.
„Прашањето е колку државите ќе успеат да испорачаат во реформските чекори во сите области во коишто се обврзале – дигитализација, владеење на право, животна средина и слично за да може ЕУ да отклучи односно да даде дел од грантовите. Вредноста на тие инвестиции во наредниот период односно 2024-2027 за Македонија е околу 750 милиони евра. Оваа тема е многу значајна за да се креира притисок врз домашните институции за да може за наредниот период да се посвети многу повеќе внимание на планирањето на овие стратешки инвестиции“, предочи таа.
Европските пари ја сменија Албанија
Албанија добива околу 17% од ова финансирање (вкупниот фонд за сите земји од Западен Балкан е 6 милијарди евра), но тамошните власти велат дека тоа е многу корисна инјекција, особено за одредени приоритетни области. Тие вклучуваат слободно движење на стоки, слободно движење на услуги и пристапување на земјите од Западен Балкан кон она што се нарекува договор за европлатежна зона. Друга приоритетна област е енергетиката и Зелената агенда, како и поддршката за приватниот сектор и за поволна деловна клима. Последната стратешка приоритетна област која важи за сите земји е човечкиот капитал.
Според Државната агенција за координирање на стратешко програмирање и помош на Албанија за програмскиот период 2021–2027 година, државата има корист од Инструментот за претпристапна помош, ИПА III.
„Програмската рамка на ИПА III, како што е опишана во член 7 од Регулативата за ИПА III, е стратешки документ на Европската комисија за програмирање на средствата од ИПА III за време на повеќегодишната финансиска рамка 2021–2027 година. Таа ги заменува упатствата на Националната стратегија, кои служеа како основа за програмирање на финансиската помош од ЕУ во рамките на претходниот инструмент, познат како ИПА II“, велат оттаму.
Но, она што е значајно за темата што ја обработуваме е дека една од иновациите воведени со ИПА III е тоа што распределбата на средствата повеќе не се базира на сектори, туку според постигнувањата во владеење на правото, фундаментални права и демократија, добро управување и усогласување со законодавството на ЕУ, стратешка комуникација и добрососедски односи, зелена агенда и одржлива поврзаност и конкурентност и инклузивен раст.
Според официјалните податоци Албанија од 2007 до сега добила 1,4 милијарди евра помош од ЕУ.

Што се однесува до Македонија, заменик- министерката за европски прашања Викторија Трајков вели дека Владата оди во чести теренски посети во општините, каде нуди помош за поголема искористеност на европските фондови. „Европските фондови се користат за поддршка во повеќе области, не би можела да издвојам некоја посебно бидејќи сите се важни. Тука би ги споменала и прекуграничната соработка, поддршката на земјоделците, инфраструктурните проекти, реформите во одделните области кои се неопходни за нашето придвижување напред кон ЕУ“, ни изјави Трајков.
Во таа насока, додава заменик-министерката, Македонија е првата земја во регионот која ги доби средствата од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ за земјава во вредност од 52, 4 милиони евра, односно седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која за нашата земја изнесува 750 милиони евра.
„Во март годинава, до ЕК во предвидениот рок го доставивме првото барање за ослободување на дополнителни средства во износ од 17,1 милиони евра за имплементација на реформските чекори. Од овие средства, 7,96 милиони евра се за директна буџетска поддршка, а останатите 9,11 милиони евра за инвестициски проекти преку заедничкиот фонд на Инвестициската рамка за Западен Балкан“, вели таа.
Инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан“, инаку, го поддржува социо – економскиот развој и пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан преку обезбедување на финансии и техничка помош за стратешки инвестиции, особено во инфраструктурата, енергетската ефикасност и развој на приватниот сектор.
Но, дали ЕУ ја менува и Македонија низ парите со кои и помага?
„Ние се усогласуваме со ЕУ од 2001 година и имаме бенефит од тоа усогласување бидејќи и Европската комисија потврдува дека нашата држава е усогласена слично како Црна Гора која предничи во процесот формално. Иако нас не фрустрира тоа што сме повеќе усогласени од позицијата во која се наоѓаме формално во преговорите. Постојат области како што се на пример, безбедноста на храната и царината кои се многу високо усогласени со европското законодавство. Тоа се поглавјата кои имаат многу добар напредок уште од 2005 година“, посочува Симонида Кацарска.
Меѓутоа, барем засега, Балканот си останува Балкан повеќе отколку тоа го посакува Европа. Црна Гора се соочи со голем број предизвици на патот кон ЕУ. Според најновите наоди на Европската комисија, сè уште има работи што треба да се поправат во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, кои што се клучни услови на ЕУ. Иако е постигнат напредок во борбата против корупцијата, сè уште постои ризик од симулирање реформи без реални резултати, што ја намалува довербата на граѓаните во самиот процес. Црна Гора се соочува и со недостаток на стручен кадар и недостаток на независни и професионални луѓе на чело на институциите што треба да спроведат реформи и да го усогласат домашното законодавство со европските стандарди.
Аналитичарите од Црна Гора го сметаат за позитивно европското влијание.
„Добро е да имате на располагање администрацијата на ЕУ, која во моментов е најразвиена на ниво на човештвото, да работи со вас, за подобрување на состојбата во дури 33 области што вклучуваат разни работи од индустрија, рибарство, економија, даноци итн. Значи, тоа е неизмерен придонес за нас и не може да се оспори на никаков начин“, истакнува Дина Бајрамспахиќ.
Секако, како што дополнува, останува проблемот со европеизацијата и попустливоста на ЕУ кога станува збор за некои од клучните реформи што ги содржат лостовите на моќ, како што се полициската реформа, реформата на разузнавачкиот сектор, судската реформа, што е формално дел од тој процес, но сепак на државите им е оставено сами да одлучат како да решат одредени прашања.
Вообичаено е во земјите од Западен Балкан да постои вознемиреност кај некои кругови дека со влезот во орбитата на ЕУ – државите изгубија дел од сувереноста во носењето на одлуките. Експертите кои поблиску се занимаваат со таа тема велат дека определбата да се биде член на европското семејство значи и да се прифатат европските правила.
„Мора да бидеме свесни дека нашата поставеност во тој однос е како држава која аспирира да стане членка на ЕУ и во тој контекст со таа стратешка ориентација ние всушност преземаме обврска да ги браниме интересите на Унијата. Тоа мислам дека на сите треба да ни биде јасно. Каков е нивниот интерес, може да го гледаме на ниво на ЕУ. Повторно ќе се навратам на коридорите, интересот е секако да се поврзат државите коишто се на периферијата на ЕУ, Грција, Бугарија. Постои интерес на самите фирми во државите членки на Европската Унија“, вели соговорничката од Македонија, Кацарска.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска и Катерина Ѓуровски (Македонија), Александра Мудреша Крачковиќ (Црна Гора), Јона Плумби (Албанија)
Сниматели: Наке Батев, Слаѓан Фатиќ
Монтажа: Ристо Душковски
Фотографии: Дарко Андоновски, Влада и приватна архива

