„Бајати“ наративи го разгоруваат македонско-бугарскиот спор

  • Македонско-бугарските односи често се цел на дезинформации и историски митови кои се шират во медиумите.
  • Понекогаш се вмешуваат политички и економски интереси, создавајќи дополнителни тензии меѓу двете држави.
  • Странски актери, особено Русија, преку медиуми и дипломатски канали се обидуваа(т) да поттикнат раздор и влијание.
  • Истражувањата покажуваат дека и двете страни се ранливи на повторувања на веќе познати наративи и манипулативни информации.
  • Овие напади го прават дијалогот меѓу двете држави потежок и ја загрозуваат стабилноста на Балканот.

Коските на речиси 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна се уништени на две парцели на гробишта поради изградба на пат во близина на Кавадарци. Ова е објава пред четири години на бугарскиот весник „Труд“ , заедно со фотографија на која се гледа трасиран пат и раскопана земја во близина на споменик. Весникот пишува дека на таа локација постои и спомен обележја, две камени пирамиди, за вечно сеќавање од бугарската држава подигнати во 1916 година. Но, како што подоцна ќе се покаже, воени гробишта на тоа место никогаш не постоеле.

По медиумските написи, реагираше дури и државниот врв на Бугарија, а тогашниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски за наводниот инцидент ја предупреди и Европската Комисија. Подоцна и бугарски новинарски екипи ја истражија локацијата и објавија дека таму нема бугарски гробишта и дека двата споменика се недопрени.

Текстот во весникот „Труд“ се покажа како лажен и манипулативен

Ова е само еден од примерите за дезинформации околу македонско-бугарскиот спор кои ги издвојува Владимир Петрески, главен уредник на „Вистиномер“. Тој вели дека ваквата атмосфера особено се вжешти пред неколку години, кога спорот го достигна својот зенит.

„Имаше и примери на дезинформации од македонската страна. Изјава на бугарски политичар дека за дојавите за бомби во бугарски училишта ќе биле апсени Македонци. Изјавата не се однесуваше на тоа, тоа беше чиста дезинформација. Постоеше и многу говор на омраза. Познат случај на видео објавено на социјалните мрежи од палење на бугарско знаме, кое одекна силно во Бугарија. Тоа беше многу лошо сфатено. Говорот на омраза е она што нѐ кочи. Многу е тешко вие да дискутирате објективно и со добра намера, ако секаде околу вас има говор на омраза“, објаснува Петрески.

Професорот Владимир Пивоваров, поранешен шеф на македонското военото разузнавање, смета дека политиката се мешала во многу ситуации каде не ѝ е местото - во бракоразводни парници на државјани од двете држави или во случајот со тепачката во Охрид, во 2023 година, кога Христијан Пендиков тврдеше дека е нападнат затоа што се чувствувал како Бугарин. Тој подоцна и доби бугарско државјанство.

„Постојат луѓе од интерес кои така се однесуваат за да создадат немир во државата. Тие се финансирани и поддржувани од највисоките државни органи. Видете го случајот со момчето Пендиков, прво беше примено од претседателот на државата, потпретседателот, па колку се даде публицитет во јавноста и од една тепачка се направи меѓунационален спор“, вели тој.

Пивоваров додава дека во центарот на дезинформациските кампањи во македонско-бугарскиот спор се историските теми, бидејќи тоа е „болната точка“, но иронично забележува дека, кога е во прашање бизнисот, пак, тој си тече без никаков проблем, како ваков спор воопшто да не постои.

Спорот во сенка на штетни странски влијанија

Она што дополнително ја потпалува и онака жешката атмосфера помеѓу двете држави, се штетните влијанија од странски недемократски фактори. Петрески објаснува дека кога македонско – бугарскиот спор се вжештувал, Русија свесно се обидувала да додаде масло на огнот.

Русија преку профилите на социјалните мрежи на своите амбасади манипулираше за да креира раздор, омраза, поделби и бес меѓу Македонија и Бугарија. Меѓу Македонците и Бугарите. Тоа се правеше многу подло. На пример, ние имаме револуционери кои и Македонците и Бугарите ги сметаат за свои. И кога доаѓа годишнина поврзана со тие револуционери, таа годишнина се честита само на едната страна. Исто е и со празниците, кои се слават и во едната и во другата земја. Русија, преку своите дипломатски претставништва ѝ ги честиташе само на едната страна“, објаснува Петрески.

И професорот Пивоваров смета дека во позадина на спорот може да се насети и руска вмешаност.

„Нормално е Русија да има свои интереси. Меѓутоа, имаат свои сателити, имаат и во парламентот во Бугарија свои партии кои јавно го поддржуваат рускиот наратив и тие поделби. Нормално, се знае кој ги финансира со цел да создадат раздор за да нема стабилен Балкан“, смета Пивоваров.

Билатералните спорови меѓу Бугарија и Северна Македонија создаваат ранливост која Русија ја користи за странско мешање и манипулација со информации. Ветото на Бугарија за евроинтегративниот процес и нејзиното инсистирање на историски и лингвистички отстапки создаваат наративи кои природно имаат силен одек во јавната дебата во Македониија, а руски поврзаните медиуми и актери ги засилуваат тие наративи преку границите, се посочува во Студијата на случај што на тема за руското влијание во македонско-бугарските односи ја изработи Институтот за комуникацики студии.

Во студијата се наведува дека споровите со Грција и Бугарија овозможија совршени влезни точки за дезинформациски кампањи кои нагласуваат предавство, понижување или поделба.

И Македонија и Бугарија покажуваат ранливост кон дезинформации и штетни странски влијанија. Истражувања во Бугарија покажуваат дека бугарските граѓани се поранливи на дезинформации во однос на останатите жители на ЕУ, бидејќи постои длабока недоверба во институциите и подложност кон теории на заговор.

Бугарија излегува од долготрајна политичка криза, обележана со седум национални избори во последните три години и чести промени на влади и во овој вакуум дезинформациите се шират неконтролирано, а земјата е ранлива на странски влијанија и проруски наративи, се вели во анализа на Балкан Инсајт. Авторките наведуваат дека хроничната нестабилност на Бугарија ја направила земјата канал за странско влијание и оти минатата година групата „БГ Елвс“ откри мрежа од 51 бугарска компанија поврзани со кампањи финансирани од Русија на социјалните мрежи, насочени кон минатогодишните избори. Слични тактики биле забележани во Романија, во изборниот циклус во 2024-2025 година.

Дека и Македонија не е имуна на дезинформации и странски влијанија се нотира и во Извештајот на Европската Комисија, во кој се наведува дека „изборните дезинформации, манипулацијата со странски информации и заканите за влијанија остануваат предизвици кои треба да бидат ефикасно адресирани“.

„Хибридните закани остануваат ризик за Северна Македонија, најмногу преку злонамерно странско мешање, користење на економски инструменти на моќ, користење на инструменти во информацискиот сектор и сајбер напади на ИТ - инфраструктурата“, се наведува во извештајот.

Во документот се потенцира дека се потребни дополнителни напори за да се затвори просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучувајќи ги дезинформациите, како и да се изгради општествена отпорност против овие и останатите форми на хибридни напади.

Пивоваров потсетува на изјавите на македонскиот државен врв кои минатото лето објавија дека Македонија е цел на хибридна војна од центри на моќ во и надвор од државата по серијата пожари ова лето. Според професорот, овие сериозни наводи во меѓувреме како да се заборавија.

„Минаа три месеци истите тие луѓе ги нема да ни кажат дали навистина има такви напади. Најлесно е да измислите фиктивен непријател и тоа да го продавате како лажна информација на вашите идни гласачи, дека ќе ги браните од него. Од тоа нема ништо, меѓутоа не е проблем во тие што тие изнесуваат такви вести, проблем е во тие што ги примаат без да се направи проверка, а македонскиот народ е некако молчелив да праша до каде е со таа ситуација, кој е тој странски центар на моќ и која му е целта“, вели тој.

Наративите стануваат бајати

Петрески смета дека интензитетот на дезинформациските кампањи ќе зависи од развојот на настаните и реториката на политичките лидери во двете држави.

После извесно време наративите стануваат бајати, вие само одреден број пати може да кажете дека Бугарите се нацисти и дека Европа е нацистичка, тоа не може да го повторувате во недоглед. Сега не гледам остра реторика, има несогласувања, ама без остра реторика, сепак гледаме голема резервираност. Има исклучоци и од нивна и од наша страна ама кога станува збор за највисоките лидери не гледам некоја остра реторика и нешто ново, нови дезинформации во голем број, дури ни во мал број, туку само повторување и преџвакување на нешто што веќе сме го виделе“, вели тој.

Петрески додава дека е тешко ситуацијата меѓу двете земји да продолжи да се развива по надолна линија, но, и дека тоа многу ќе зависи од пошироката состојба во однос на војната во Украина и доколку таа прекине, можно е спорот да се релаксира.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Маја Блажевска Евросимоска

Снимател и фото: Наке Батев

Монтажа: Ристо Душковски

Поврзани стории

Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание