Македонија веројатно е единствена земја во светот кадешто државните институциите толерират изградба на хотел и покрај изречени забрани за градба и судски пресуди со коишто се потврдува градењето на диво. Таков е примерот со изградбата на хотелот „ТЦЦ Плаза“ во центарот на Скопје во близина на полициската станица „Беко“.
И покрај тоа што овластен инспектор при општина Центар и Државната комисија за одлучување во втор степен констатирале дека фактичката состојба на терен отстапува од дозволата, односно дека наместо доградба и надградба се гради целосно нов објект, нешто кое потоа го потврдува и Управниот суд со првостепена пресуда, градежните работи на хотелот „ТЦЦ Плаза“ не запираат.
Нема кој да го спречи градењето на диво кај Беко
Институциите се немоќни да го спроведат она што самите го донеле како одлука – инвеститорот во рок од три дена да ја отстрани градбата (Решение на инспекторот од Центар од 30.11.2020 година), а доколку тоа не го направи, да се пристапи кон присилно административно извршување. Уште еден парадокс е тоа што во самото Решение на градежниот инспектор од Центар е наведено дека жалбата против истото не го одлага извршувањето.
Управен суд – објектот бил отстранет и немало на што да се надградува и доградува
Податоците до коишто дојде „Само прашај“ со помош на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер покажуваат дека Управниот суд на 5 октомври пресудил против инвеститорот Борис Стојменов, односно, неговата жалба ја одбил како неоснована. Инвеститорот „Друштвото за економски консалтинг, услуги и трговија ЕКОНОМСКО БИРО ДОО – Скопје“ барал поништување на Решението на Државната комисија за одлучување во втор степен, којашто се согласила со инспекторот од Центар дека наместо доградба и надградба, во реалноста се гради нов објект и тоа со зголемен габарит.
Образложението на пресудата на Управниот суд со којашто тужбата на инвеститорот се одбива како неоснована на овој ЛИНК
Судот констатира дека тужбата на Стојменов е неоснована, бидејќи, како што е наведено во пресудата – инвеститорот поседувал одобрение за надградба и доградба на објект кој бил отстранет и немал на што да се надградува и доградува, туку се градело целосно нов објект.
Пресуда на Управниот суд
„Тужителот градел целосно нов објект со зголемен габарит на две нивоа под ниво на терен и за истиот не поседувал правосилно одобрение за градење, согласно член 59 и 134 став 1 од Законот за градење, ниту пак доставил основен ревидиран проект за изградба на градежна јама, договор со изведувач, надзор и останата техничка документација. Додека пак со стариот и постоечкиот објект на лице место било само едно ниво под ниво на терен и со тоа издаденото погоре наведено одобрение за доградба и надградба не може да произведе правно дејство од причина што постоечкиот објект бил отстранет“, пишува во пресудата од Управниот суд.
Стојменов на јавната расправа во Управен, којашто се одржала на 28 септември изјавил дека кога се правела надградбата со метална конструкција се покажало дека конструкцијата нема да може да издржи и затоа морале да интервенираат, а со димензиите за градежната јама сакале да ги заштитат објектот и околината. Инвеститорот се жалел дека фактичката состојба била погрешно и нецелосно утврдена, но Управниот суд сметал дека овие наводи на Стојменов се неосновани. Во моментов е во тек жалбена постапка, откако Стојменов на 17 ноември поднел жалба против пресудата до Вишиот Управен суд.
„Само прашај“ побара мислење од правници што значи ваквата пресуда на Управен. Од Здружението на млади правници појаснуваат дека со ова, Судот потврдил дека градежниот инспектор на Центар донел правилно и законито решение.
„Наводите на инвеститорот дека се работело за градба со која се заштитува градежната јама се одбиени како неосновани. Судот положил верба во фактите истакнати во записникот на овластениот градежен инспектор според кој во моментот на надзор се градело целосно нов деловен објект, со зголемен габарит на две нивоа под ниво на терен при што основен ревидиран проект за градежната јама не бил доставен“, вели Гоце Коцевски од Здружението на млади правници.
Какви одлуки носеа институциите?
Пред целиот случај да заврши во Управниот суд, инвеститорот ја загубил битката и во Државната комисија за одлучување во втор степен. Таа, иако еднаш предметот го вратила на повторно одлучување, сепак, втората жалба на инвеститорот против постапувањето на инспекторот од Центар ја отфрлила како неоснована. Такво решение, Комисијата донела на 25 февруари годинава.
„При повторен увид на лица место и дадени упатствија од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, овластен градежен инспектор со записник констатира дека се гради нов објект со димензии 61м x 34,5м, но со зголемен габарит и целосно нова армирано бетонска конструкција, се гради две нивоа под ниво на терен, а согласно стариот и постоечки објект на лице место беше само едно ниво под ниво на терен и во моментот на увидот се бетонираше армирано бетонска плоча над минус второ ниво во подрум и поради тоа што на увид не се доставија правосилно одобрение за градење и ревидиран проект, договор со изведувач, надзор и останата техничка документација се донесе Решение за отстранување, како и Заклучок за дозвола за извршување“, констатираат од Секторот за инспекциски надзор во Општина Центар.
Општината потврдува дека Стојменов имал одобрение издадено на 7 септември 2016 година, но за доградба и за надградба на хотелски комплекс од втора категорија. Потоа е констатирано дека на терен се гради нов објект со зголемен габарит, што е спротивно на дозволата за доградба и надградба, па градилиштето било затворено. Но, и тука не запреа градежните активности. Општината реагираше дека инвеститорот сам ги отстранил знакот и поставената лента и продолжил со градба, иако локацијата се наоѓа на само неколку метри од полициска станица, па му поднесе кривична пријава. Според последните информации од Обвинителството, предметот е сè уште во фаза на предистрага.
Јавно Обвинителство води предистражна постапка
Предметот за кој покажувате интерес е во фаза на предистражна постапка. Надлежниот јавен обвинител интензивно постапува за прибирање на вербални и материјални докази со цел да се утврди фактичката состојба. Извештајот од наредено вештачење пристигна пред два дена (02.12.2021 н.з.), во моментов се анализираат наодите, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување, велат од Јавното обвинтелство.
„Шанса за Центар“ и бизнисменот во клинч, Стојменов се закани со кривични пријави
Целиот случај со поранешно „Беко“ деновиве донесе бура од реакции меѓу иницијативата „Шанса за Центар“, којашто има тројца советници во Советот на локалната самоуправа и бизнисменот Стојменов. За „Шанса за Центар“ е нејасно како градежните работи продолжуваат да се одвиваат.
„Останува нејасно зошто се дозволува продолжувањето на градењето и зошто Обвинителството не носи мерка за запирање на работите, ниту дали Општината или која било друга институција можат да запрат недозволено градење кога инвеститорите тоа го прават на своја рака. Ова е уште еден пример дека граѓаните се оставени на милост и немилост на моќниците и на немоќта или намерното непостапување на институциите!“, велат од Шанса за Центар.
Стојменов, кој неодамна за „Само прашај“ тврдеше дека ги поседува сите потребни документи, и во одговорот до „Шанса за Центар“ остана на ставот дека нема законски пречки да гради.
„Одобрението за градење на нашиот објектот за кој барате да запре градбата е издадено и правосилно на ден 17.09.2016 година. Според тоа инвеститорот на објектот има правосилно одобрение за градење како и решение на Градоначалник од Општина Центар за досегашната изградба на објектот (градежната јама).“, вели Борис Стојменов.
На локацијата на поранешно „Беко“ е предвидено да никне хотелот „ТЦЦ Плаза“ на површина од 20 илјади квадрати, 7 ката плус 3 подземја. Додека надлежните институции постапат по решенијата за прекин на градбата, инвеститорот продолжува со градење и покрај тоа што се констатирани неправилности и има судска пресуда којашто ја потврдува незаконитоста. Тоа само покажува дека државните институции се немоќни или не сакаат да спречат градење на диво во строгиот центар на Скопје.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Мартин Пушевски
{loadposition divogradba-beko-poveke-na-temata}