fbpx

Градежниците преку Уставен суд бараат укинување на мораториумот во општина Центар

Уставниот суд на утрешната седница ќе ја оценува уставноста на одлуките на Советот на општина Центар за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови односно таканаречениот мораториум за градба. Од судот информираат дека подносители на иницијативата за оценување на уставноста се Градежната комора на Република Македонија - Скопје и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Оттаму не откриваат по кој основ е поднесена иницијативата и повеќе детали најавуваат за утре по изнесувањето на судиите по ова прашање.

Под притисок на јавноста од неконтролираното градење, Советот на општина Центар прв пат донесе одлука одлука за запирање на спроведувањето на 31 детален урбанистички план на 27.12.2017 година. Оттогаш, мораториумот беше пролонгиран уште пет пати и сѐ уште е на сила.

„Само прашај“ веќе пишуваше дека и покрај тоа што има мораториум, на територијата на општина Центар има големи градежни активности. Од општината тогаш објаснија дека мораториумот не важи за постапките кои се започнати пред 27.12.2017 година, односно дека процедурите за издавање одобрение за градење продолжуваат за сите барања кои биле поднесени пред одлуката. Оттаму информираа и дека мораториумот не важи за ДУП-овите за Градска четврт ЈО7, (кој опфаќа локалитети во Капиштец, Старо Водно, Долно Водно, Мало курило...), за Градска четврт-Француски гробишта (кој опфаќа локалитети во околината на Француски гробишта и Кале) и Дуќанџик, (кој опфаќа локалитети во Старата скопска чаршија и се наоѓа меѓу Куршумли Aн и Музејот на современа уметност од едната страна и булеварот Александар Македонски и Новопроектирана улица од другата страна).

„За овие ДУП-ови не важи мораториумот бидејќи се донесени по генералниот урбанистички план и ги поминале сите потребни фази. Останатите 31 ДУП кои се под мораториум, најголем дел се донесени пред ГУП-от и затоа ние како општина решивме дека треба да бидат повторно донесени односно ревидирани за да бидат усогласени со ГУП-от и со некои политики кои што општината сака да ги спроведе“, изјави тогаш градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Експертите вклучени во евалуацијата на 31 ДУП во општина Центар открија низа недостатоци при нивната изработка меѓу кои и дека не се почитуваат Законот за просторно урбанистичко планирање и правилниците, не се почитуваат ниту со закон пропишаните стандарди и нормативи за заштита и спасување, за заштита на животната средина, за сообраќај и безбедност во сообраќајот, за комунални услуги, за заштита на културно наследство и сите останати аспекти на квалитетното живеење.

И покрај ваквите наоди градежниците го оспоруваат мораториумот пред Уставен суд иако тој се однесува за ДУП-ови кои зафаќаат мала и „пренатрупана“ територија од централното градско подрачје на Скопје, но каде што профитите од изградба на станбено-деловни објекти се најголеми.

Тагови: