Две години по пандемската изолација Собранието продолжува да работи како „тврдина“ тешко достапна за граѓаните. Последниот обид во комисијата за европски прашања да се замолчи експертската јавност покажува дека и покрај декларативните фалби за партиципативност, јавноста се третира повеќе како набљудувач наместо како активен учесник во работата на комисиите.
Апсурдна забрана за учество на експерти во дебатата за предлог законот за инспекциски надзор во животната средина / Извор: Собрание
Со таков однос се соочија двајца експерти. Иако поканети од претседателот на комисијата Арбер Адеми да учествуваат во дебатата на ова собраниско тело, во својата мисија беа оневозможени од неговата заменичка Арта Билали Зендели. Таа одлучува дека ним местото им е во галеријата, а не на форумот, и покрај фактот дека комисијата всушност води расправа за амандманите кои тие ги имаат изготвено. Тема е Законот за инспекциски надзор во животната средина. На него се работи цели осум месеци, а во дефинирањето на одредбите од самиот почеток се вклучени и низа еколошки организации.
Кирил Ристовски, експерт од Граѓански инспекциски совет вели дека со ваквата постапка е е суспендирано правото да се дискутира и да се елаборира по поднесените предлози во фаза на амандманската расправа. Тој смета дека станува збор за пропуст на заменикот претседател.
Потребни се мислења од страна
Своите искуства со минатите собраниски состави ги сподели и актуелната пратеничка Гордана Силјановска. Апсурдно е да се забранува говорење на експерти, кога тоа е пракса својствена за работата на собранието уште во 90-тите години. Таа вели дека како професор и експерт, активно учествувала во работата на комисиите за уставни прашања, политички систем и за локална самоуправа, каде со своите експертски ставови помагала да се донесат законите.
И екипата на ИКС, беше сведок на непријатна случка кога граѓанин беше вратен од собраниските служби и беше оневозможен да се сретне со својот претставник во законодавниот дом иако имаше закажано средба. Според насоките кои ги имаат службите, забрането е да пуштат посетители во ден кога во собранието има седница, освен ако се среќаваат со пратеник – координатор на пратеничка група. Ако пратеникот не е координатор, средбата не може да се оствари. Ваквите нелогични услови за средби на граѓани со пратеници и широкиот начин на интерпретација на деловникот само дополнително придонесуваат на перцепцијата во јавноста за непристапност на законодавниот дом кој е репрезент на граѓаните.
Затворен Парламент
И јавноста смета дека Парламентот не е доволно отворен за граѓанските органиизациии.
Истражувањето на јавното мислење од 2021 година на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ покажа дека речиси половина од испитаниците (49%) сметаат дека пратениците се затворени за забелешките на јавноста и граѓанските организации при изработката на законите. Од нив, 32% сметаат дека ретко се вклучуваат забелешките, додека 17% сметаат дека тие целосно се игнорирани од страна на пратениците. Повеќе од две третини (77%) од испитаните граѓани се согласуваат дека здруженијата на граѓаните треба повеќе да бидат вклучени во работата на Собранието.
Доминантен дел од испитаниците – 80% одговорија дека не се информирани како може да учествуваат во работата на Собранието, додека 20% одговорија дека се информирани. Дури 93% од испитаните граѓани досега не се обиделе да учествуваат во работата на Собранието, што меѓу другото се должи и на релативно ниското ниво на информираност (20%) за тоа кои се механизмите за учество.
Експертите ги има во собранискиот деловник, но не и на собраниските комисии
Учеството на експертската јавност во работата на собраниските комисии е регулирана во собранискиот Деловник. Тоа е уредено во членот 122, став 2 каде што јасно пишува дека Работно тело на Собранието може на седницата да поканува научни, стручни и јавни работници и други заради изнесување на мислења по прашањата што се разгледуваат на седницата на телото.
Овој член го цитираат и од комисијата за европски прашања, и во неговата непрецизност бараат оправдување за својата одлука. Од Комисијата се повикуваат и на собраниската пракса, според која невладините организации и експертите учествуваат во работата на комисиите додека трае јавната расправа. На седницата на комисијата на која се разгледуваат амандмани, тие можат да присуствуваат, но не и да се вклучат во дебатата, велат оттаму.
„Во наведениот член на Деловникот не е содржано во која фаза од разгледување на предлог закон, може да се поканат стручни лица да учествуваат на седница на комисија. Во однос на предлог законот за инспекциски надзор во животната средина, тој беше разгледан во прво читање на 2 февруари 2022 година, при што немаше дадено предлог од пратеник кој е член на комисијата или заменик член, во однос на овој предлог-закон да се одржи јавна расправа. Согласно одредбите на Деловникот, во второ читање на предлог на закон, работните тела водат претрес по амандманите поднесени од овластени предлагачи (пратеници и работното тело), согласно одредбите на Деловникот на Собранието. Барањето за присуство на комисијата беше испочитувано и поради бројноста и ковид протоколите на седница беа присутни двајца претставници на невладините организации и тоа Лилјана Поповска од „Зелен Институт“ и Кирил Ристовски од Граѓанскиот инспекциски совет“, пишува во објаснувањето од Комисијата за европски прашања.
Од Институтот за демократија велат дека овој деловнички член нуди можност да се поканат експерти, доколку има политичка волја. Влора Речица од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, апелира на попрецизно дефинирање на учеството на експертите во комисиите.
„Проблематично е што учеството на граѓанските организации е оставено на волја на претседателот на работно тело и дефинитивно е потребно подобро дефинирање на начинот на учество на стручната јавност во работата на Собранието. Целта е учеството да биде формализирано и да не се чека на покана од страна на комисиите, покана, која најчесто зависи од волјата и спремноста на пратениците кои се дел од тоа тело“, вели Речица.
Таа додава дека освен подобро дефинирање на начинот на вклучување во Деловникот, потребно е да се креира собраниски регистар на организации и експерти.
„Тој регистар би овозможил на Собранието на посреден начин да има увид во тоа кои организации на кое поле работат и полесно да стигнат да нивната експертиза, од друга страна организациите и експертите ќе можат да бидат дел од овој регистар преку кој полесно ќе стигне до нив информација доколку се одржува комисиска седница на тема на која имаат експертиза и секако да учествуваат на таа седница“, вели Речица.
Има простор за подобрување
Од Собранието велат дека се овозможува учество на надворешни експерти во работата на комисиите. Оттаму додаваат дека јавните расправи не се регулирани со постојниот Деловник, но тие се одржуваат.
„Од 2008 до сега 2022 се одржани 160 јавни расправи и 3 јавни дискусии“ одговараат од Собранието на прашањето дали и колку се овозможува учество на надворешни експерти во работата на комисиите.
Не може за учеството на експерти и граѓански организации во работата на Собранието пресудна да биде политичката волја / Извор Собрание
Оттаму додаваат дека секогаш може подобро.
„Во тек се предлозите за изменување на собранискиот Деловник, во рамките на Жан Моне процесот, и тоа пред сè за регулирање јавните расправи, што во сегашниот деловник не е регулирано“ одговараат од Собранието на прашањето дали има простор да се подобри состојбата и дали би поддржале ваква иницијатива, чија цел е поширока и стручна дебата во рамки на собраниските тела.
Дебатата за Законот за инспекциски надзор во животната средина е прекината. Продолжението не е закажано. Експертите очекуваат на следната комисиска сесија да бидат поканети да учествуваат, но не само како декор, туку како активни дискутанти во расправата. Овој случај покажува дека наместо конструктивна дебата и инклузивност, се сервира партиско вербално надмудрување, а законот се става во втор план и на чекање, иако се работи за одредби кои имаат исклучителна важност за заштитата на животната средина. На крајот на денот, остана чувството дека „храмот на демократијата“ падна на испитот на партиципативност.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Соња Петрушевска Снимател: Иван Поповиќ Монтажер: Ристо Душковски