fbpx

Колку повеќе згради, толку повеќе пари за општините

Голем дел од приходите на општините во Скопје доаѓаат од таканаречени даноци од специфични услуги во кои спаѓаат комуналиите што се наплатуваат за изградба на нови објекти. Во трката за приходи, општините одобруваат изградба на објекти без да се обезбеди соодветна инфраструктура којашто ќе гарантира квалитетен живот на граѓаните. Можен излез од ваквата состојба е да се оди чекор напред во децентрализацијата односно општините да добиваат повеќе пари од даноците што ги наплатува државата.

Скопје забрзано се гради. Општинските каси се полнат со пари преку надоместоците за уредување градежно земјиште, но просторот неповратно се губи. Има ли излез од сценариото кое градот го претвори во бетонска касаба без никаков ред и урбанистичка логика?

Доволен е само еден поглед врз буџетите на општините за да се сфати дека пристапот е конзумеристички. Локалните самоуправи се зависни од комуналиите за градба, ставка која доминира во нивните каси. Колку поголеми градежни парцели, повеќе згради и катови, толку повеќе пари за покривање на нивните трошоци.

Kolku poveke zgradi tolku poveke pari za opstinite 1

Првиот човек на ЗЕЛС, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека постои политичка волја да се излезе од ваквата состојба. Се разговара со Владата за поголема фискална децентрализација, со што повеќе пари од даноците кои ги плаќаме ќе се слеваат во буџетите на општините. Но, за ова се потребни законски измени.

Kolku poveke zgradi tolku poveke pari za opstinite ps„Станува збор за зголемувања на зафаќањата, на процентот што општините го добиваат од данокот на додадена вредност, што е сега многу малку, 3 проценти од вкупното ДДВ земаме во моментов како општини. Тука треба да имаме еден посериозен исчекор. И дефинитивно, стандард е дека персоналниот данок што го плаќаат граѓаните треба да го добиваат барем во половина единиците на локалната самоуправа, бидејќи и Вие и јас како граѓанин кога го плаќаме нашиот, личниот персонален данок, очекувањата наши се дека онаму каде што егзистираме, онаму каде што живееме, го плаќаме данокот за да ни бидат подобрени условите“, вели Шилегов.

Kolku poveke zgradi tolku poveke pari za opstinite ktПоранешниот градоначалник Коце Трајановски, пак, вели дека тие се обиделе системски и трајно да го подобрат финансирањето на општините; наместо 3 сега добиваат 4,5 проценти од ДДВ, а 80 отсто од парите од продажба на градежно неизградено земјиште и од концесии за експлоатација на минерални суровини одат во локалните самоуправи. Дека приходите од ДДВ на општините ќе скокнат на 7% СДСМ ветуваше во изборната програма уште пред 4 години, но од тоа засега нема ништо.

„Ние и тогаш предлагавме да се зголеми процентот на ДДВ или процентот на персоналниот данок. На пример, 30% од персоналниот данок да биде наменет за општините во Република Македонија, а тој внатре ќе се дели по некоја методологија, по број на жители, распространетост, по површината што ја зафаќаат, по типот на населбите, колку рурални има, колку урбани има и со тоа потрајно би се решиле проблемите со финансирањето на општините во Република Македонија“, вели Трајановски за „Само прашај“.

Што покажуваат буџетите на скопските општини? Дел од нив се транспарентни со податоците, други се скржави со бројките, трети и по неколку години доцнат со јавно објавување на бројките на нивните веб-страници за граѓаните да знаат како со трошат нивните пари.

ОПШТИНА УЧЕСТВО НА ДАНОКОТ НА СПЕЦИФИЧНИ УСЛУГИ ВО ВКУПНИТЕ ДАНОЧНИ ПРИХОДИ БУЏЕТ
АЕРОДРОМ 76,3% 2021 ГОДИНА
БУТЕЛ 56,9% 2021 ГОДИНА
ГАЗИ БАБА 62,5% 2020 ГОДИНА
ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 74,86% 2020 ГОДИНА
КАРПОШ 70% 2020 ГОДИНА
КИСЕЛА ВОДА 54,3% 2020 ГОДИНА
САРАЈ 43% 2018 ГОДИНА
ЦЕНТАР 66% 2020 ГОДИНА
ЧАИР 70,6% 2019 ГОДИНА
ШУТО ОРИЗАРИ 30,9% 2019 ГОДИНА

 

Најголем дел од даночните приходи на општините доаѓаат од таканаречените даноци на специфични услуги. Тука спаѓаат комуналиите или надоместокот за уредување градежно земјиште. Кај некои од нив, како во Аеродром каде градежните машини се најбучни, годинава над 76 проценти од даночните приходи се очекува да влезат токму преку оваа ставка.

Таму даночните приходи годинава се проектирани на 441 милион денари, за 5 милиони повеќе од лани. Над 336 милиони ќе се соберат преку даноци од таканаречените специфични услуги.

Kolku poveke zgradi tolku poveke pari za opstinite a

И Карпош е една од општините каде интензивно се гради. Локалната самоуправа лани проектирала дека ќе земе над 171 милион денари од данок на имот и 375 милиони денари од надоместоци за уредување градежно земјиште. Вкупните даночни приходи на Карпош биле проектирани на 629,6 милиони денари, што само укажува колку и за оваа општина се важни парите од градење.

Во Кисела Вода, од даночни приходи проектирани на 295,4 милиони денари, над 106 милиони се од надоместоци за уредување градежно земјиште, а речиси 117 милиони од даноци на имот.

Во Центар, вкупните даночни приходи лани биле проектирани на 506 милиони денари. 335 милиони се од даноци од специфични услуги.

Kolku poveke zgradi tolku poveke pari za opstinite jb„Општините наследиле некаква пракса на тоа како ќе се финансираат и најлесниот начин е да го распродаваат она што е необновливо, а тоа е или земјиштето или природните ресурси или на крај, да издаваат дозволи за градба како главен извор на финансирање. За жал, во општина Центар од вкупните даночни приходи над 60 и кусур проценти се тие даноци на таканаречени специфични услуги, кои се всушност дозволите за градба“, вели советничката и поранешна претседателка на Советот во општина Центар, Јана Белчева-Андреевска.

 Во просек, комуналиите претставуваат повеќе од 56 проценти од вкупните буџетски приходи на општините, признава првиот човек на ЗЕЛС.

„Имате притисок од граѓаните да ги подобрувате условите на живеење од една страна, а од друга страна имате недоволно средства и во трката за средства кои што се 56 проценти, вие едноставно некои од просторите ги дехуманизирате или биле дехуманизирани, така што јас мислам дека тука некаде е вистинскиот пат да изнајдеме едно сериозно, стратешко решение за финансирање на единиците на локална самоуправа“, вели Шилегов.

„Ако погледнете ќе видите дека општините недоволно ги наплаќаат своите изворни приходи, од данокот на имот, од данокот на промет, данокот на имот најчесто се мисли, а исто така, како што се водовод и останатите комуналии кои што треба да ги наплатат. Има општини кои што имаат и до 30 до 40% од наплата на нивните изворни приходи“, смета Трајановски.

Белчева-Андреевска вели дека за разлика од европските, македонските општини потфрлаат во делот на самофинансирачките активности и сè уште се потпираат на градењето како главен извор на финансирање.

„Општините се релативно сиромашни во оваа наша држава и за да можат да ги испорачаат сите услуги и сервиси кон граѓаните што ги добиле со децентрализацијата немаат секогаш средства. Но, тоа не значи дека треба на сметка на иднината на граѓаните да ги користат оние средства кои сега ќе донесат можност за испорака на некаква услуга или за завршување на некаква работа, а на долги патеки тоа ќе направи поголем проблем“, објаснува Белчева-Андреевска.

Едно е јасно – на скопските општини им е потребен подобар финансиски менаџмент, но и подобра визија за развој, во која во прв план ќе биде интересот на граѓаните. Пристапот мора да се менува, просторот е ограничен ресурс, иако засега како никој да не го поставува прашањето што кога повеќе ќе нема каде да се гради?

  Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии Новинар: Мартин Пушевски Камера: Иван Поповиќ Монтажа: Ристо Душковски

Тагови: