fbpx

Најголемите закупци на државно земјоделско земјиште останаа тајна

За нацрт-законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост ќе има јавна расправа, но власта никако јавно да ги објави податоците кои се најголемите закупци или кои се оние кои потенцијално можат да се излезат како најголеми добитници од предложеното решение. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа уште на почетокот на јуни, во интервју за „Республика“ јавно вети дека ќе ги дадат податоците, но еден месец подоцна останаа само празните зборови.

„Апсолутно не криеме никој. Минатата недела ние сме пратиле до сите подрачни единици да ни доставуваат договори за закуп на сите по општини, односно по подрачни единици и тоа јавно ќе се објави. Тие податоци се од јавен карактер, нема што да криеме, ќе ги дадеме на јавноста да види кој е, по колку хектари имаат, но тука ќе се видат и тие индивидуални земјоделци со што ќе се побие темата за она што се кажува дека нема да добие индивидуалниот земјоделец“, изјави министерот Хоџа во јуни за „Республика“.

„Само прашај“ пред еден месец, веднаш по интервјуто на министерот Хоџа испрати барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Министерство со кое тој раководи. Во барањето имаше едно едноставно прашање:

„На кои компании во моментов им е дадено земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, за колкава површина за секоја компанија станува збор, на колку години и по кои цени?“

Одговор не добивме, ниту Министерството ги објави податоците коишто ги најави Хоџа. Првично од ресорот тврдеа станува збор за голем број активни договори со различни субјекти и оти податокот секојдневно се менува, па затоа и не можат да ни го дадат. Според последните информации, договори за закуп има за околу 130 илјади хектари државно земјоделско земјиште.

Можноста за пренамена, можност за злоупотреби

Предлог-законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост отвори низа дилеми, особено околу можност за пренамена на земјоделското во градежно земјиште откако ќе изминат 10 години од денот на склучувањето на договорот за продажба. Од Министерството за земјоделство за „Само прашај“ информираат во кои најчесто се бара пренамена на земјоделско во градежно земјиште.

„ Пренамена на земјоделско во градежно земјиште најчесто се бара од страна на Општина Чучер Сандево и Општина Сопиште. Пренамената на земјоделско земјиште во градежно земјиште најчесто се врши за изградба на објекти со намена Г2 лесна и незагадувачка индустрија“, велат од МЗШВ за „Само прашај“.

Najgolemite zakupci na drzavno zemjodelsko zemjiste ostanaa tajna 1Дури 41 отсто од вкупната обработлива земја сега во државна сопственост

Министерот Хоџа тврди дека пренамената не е едноставен процес, а ако инвеститорот не се придржува до договорот за купопродажба, да не инвестира или слично, договорот ќе се раскине, а земјиштето ќе му биде одземено.

„Во овие 130 илјади хектари што веќе се под закуп, до оваа година се инвестира и се работи земјоделство. Сметајте дека некој треба сосема да се тргне од оваа гранка за да не работи на тој дел. За да направи некој барање за пренамена или за некој друг вид бизнис надвор од земјоделството треба да ги следи постојните закони“, изјави Хоџа за „Республика“.

Но, Националната федерација на фармери во својата анализа постави оправдана дилема.

„Дали може да дојде до изигрување на целиот концепт во кои домашни физички и правни лица би купувале земјиште во име на други (домашни или странски) кои сега не ги исполнуваат условите, за после осум години да им го преведат во нивна сопственост“, прашаа оттаму.

Низа проблематични прашања

Нацрт-законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост уште од самото објавување ги разбранува духовите. Прво, затоа што се планира да се продадат огромни површини по „багателна“ цена од максимални евро по квадрат, и второ, затоа што со законот се протнува можноста и странци да се стекнат со македонска земја, преку акции и удели во домашна компанија кои ги стекнале при „реализација на стратешка инвестиција“. Ова ги загрижи агроекспертите.

Najgolemite zakupci na drzavno zemjodelsko zemjiste ostanaa tajna 2„Давањето под закуп, како што е во моментов управувањето со државното земјоделско земјиште е начин на којшто државата секогаш ќе има контрола. Доколку го продаде тоа земјиште, државата веќе нема контрола, тоа е веќе приватен имот на којшто тие си воспоставуваат право коешто може во многу работи да ја ограничи државата“, објасни професорот Драги Димитриевски.

Najgolemite zakupci na drzavno zemjodelsko zemjiste ostanaa tajna 3„Тие велат дека ќе го продаваат земјоделското земјиште на земјоделците. Меѓутоа, кога ќе се задлабочите во текстот на законот, гледате дека всушност ниту еден земјоделец нема да може да купи земјиште, напротив, ќе можат да купат транзициски олигарси и странци со сомнително потекло на парите и со сомнителни намери“, истакна Јордан Трајков од иницијативата „Граѓански фронт“.

Жестоко реагираа и невладините организации.

„Ова е сценарио со кое ќе бидеме кираџии во сопствена земја, каде нема да може да се има контрола врз производството на храна. Во време на климатски промени, каде нашата земја ќе биде силно погодена, веќе сме сведоци на тоа, поради негативното влијание на променливата клима врз земјоделското производство, поради измрзнување, град, поројни поплави, високи температури и суша, Владата планира распродавање на земјоделско земјиште на ангро за џабе“, предупредија од О2 Иницијатива.

Najgolemite zakupci na drzavno zemjodelsko zemjiste ostanaa tajna 4Лесно може да дојде до дополнително згаснување на животот во руралните средини со погрешни политики за експлоатација на земјоделското земјиште

Федерацијата на фармери предупреди дека државното земјиште кое е со најконсолидирани парцели мора да се чува и со него домаќински да се управува. Продажба е проблематична поради повеќе причини и може дополнително да го згасне животот во руралните средини.

Имено, се укажува дека при продажба на земјоделското земјиште државата ќе нема можност да влијае на деловните одлуки во производството. Ќе се наруши балансот на производството и поседот на земјиштето (и на приватното), во насока на покрупните стопанства, со што ќе се менува и социо-економската структура на руралните средини, со напуштање на земјоделството од малите семејни стопанства, сè до нивно напуштање на овие средини.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

Тагови: