И по повеќе од две децении од Охридскиот рамковен договор и седум години од Преспанскиот, овие два документа сè уште се наоѓаат во центарот на вниманието на странските претставници кога доаѓаат во Македонија. За меѓународната заедница, тие претставуваат клучни гаранции за стабилноста на државата и за европската перспектива на регионот. Но дома, тие и понатаму се доживуваат со поделени чувства – како предуслов за интеграција, но и како компромиси што дел од јавноста ги гледа како штетни за националните интереси.
Во разговор за Само прашај, поранешниот амбасадор и професор Васко Наумовски објаснува зошто Охридскиот и Преспанскиот договор остануваат на агендата на меѓународните посредници, како влијаат врз евроинтеграциите на Македонија и зошто кај дел од граѓаните тие сè уште будат чувство на неправда.
Зошто и по 24 години од донесувањето на Охридскиот рамковен договор и по седум од Преспанскиот договор, тие сѐ уште се тема за странските претставници кога доаѓаат на средби во Македонија?
Перцепцијата за Балканот во Европската Унија отсекогаш била дека постојат сложени меѓуетнички односи и стабилизацијата на регионот во голема мера зависеше и сѐ уште зависи од одржувањето на тие сложени меѓуетнички односи, како внатре во поединечните држави, така и меѓу соседните држави, што значи дека Рамковниот договор, како еден документ со кој што се заврши таа криза во 2001, се става како еден од условите за одржување на стабилноста на меѓу етничките односи и следствено, стабилноста на државата. Тоа пак, од друга страна, е еден од условите за исполнување на политичките критериуми за членство во ЕУ. Односно политичката стабилност, функционирањето на институциите, како и добрите меѓуетнички односи треба да бидат на едно соодветно ниво, со цел државата да напредува кон полноправното членство. И исполнувањето на Рамковниот договор и одржувањето на придобивките од него се смета дека се еден од условите кои Македонија треба да ги исполни со цел да продолжи напред кон членството во ЕУ.
А за Преспанскиот договор?
Во однос на Преспанскиот договор, соседна Грција е членка и на ЕУ и како и секоја друга држава членка на Унијата, се обидува да го искористи своето влијание таму, со цел да обезбеди дека одредбите од овој Договор ќе бидат почитувани, знаејќи дека Преспанскиот договор беше еден документ со кој што Грција оствари речиси најголем дел од своите барања. Република Македонија треба да продолжи да ги исполнува тие одредби, со цел да не биде жртва на едно ново вето од страна на соседна Грција, односно тој дисбаланс помеѓу една држава членка на ЕУ и држава кандидат, при што тие имале еден спор што завршил со меѓусебен договор, значи дека државата која што е членка на ЕУ ќе продолжи да го користи своето влијание и да потсетува дека сѐ уште постои потенцијал да изврши притисок, кога се работи за интеграцијата на државата -кандидат, во случајов Македонија.
Зошто Македонците сѐ уште се чувствуваат повредени од аспект на национални чувства и дали постојаното истакнување на двата договори од странските претставници е катализатор за одново да се доживее, условно речено, неправдата?
Како и Преспанскиот договор, така и Рамковниот договор беше склучен во специфични услови. Постои едно чувство кај македонскиот народ дека тие договори се склучени на штета на неговите национални интереси, додека во 2001 тоа значеше штета на домашен план, односно овозможување на поголеми права на заедниците, што не се карактеристични за држави членки на ЕУ или пак во држави во соседството, и сето тоа на штета на Македонците. Во однос на Преспанскиот договор, тоа беше чувство на губење на идентитетот и загрозување на националните интереси, како на внатрешен така и на надворешен план. Последиците од ваквите договори се една ситуација кога Македонците се чувствуваат обесправени. Дополнително, знаејќи дека тие договори беа склучени со соодветно охрабрување и дури и притисок од меѓународната заедница, сметам дека тие договори се меѓу големиот број на причини зошто перцепцијата, односно ентузијазмот за членство во ЕУ кај Македонците се намалува во континуитет во изминатите години, знаејќи дека сите тие договори се доживуваат како некакви услови што треба да бидат исполнети, со цел државата да оди напред. Но, и покрај исполнувањето на тие договори и правењето на тие отстапки, Македонците немаат чувство дека продолжиле онаму каде што треба, односно кон полноправното членство во ЕУ.

Дали Македонија е сѐ уште во фокусот на меѓународната заедница како што беше претходно?
Ако зборуваме за ЕУ, сметам дека процесот на проширување беше многу повисоко на нејзината агенда во изминатите децении. И, ако направиме една споредба за значењето на проширувањето на пример во 90-тите години на минатиот век или во почетокот на овој век, и сега, можеме да забележиме дека проблемите со кои што се соочува ЕУ во овој момент го потиснуваат проширувањето, односно не дозволуваат државите членки да се занимаваат со прием на нови членки пред да бидат решени оние внатрешни прашања поврзани со економијата, стабилноста, па дури и би рекол односите со поширокото европско соседство. И, на тој начин, Македонија сметам дека не е во фокусот на ЕУ, ниту пак регионот на Западниот Балкан во овој момент е приоритет. Сметам дека ниту ќе стане приоритет во догледно време. Затоа што ЕУ е соочена со многу прашања кои што го изнесоа на површина оној процес на непостигнување на консензус. Односно различните ставови на државите членки на ЕУ за значајни политички прашања, како на внатрешен план, така и на надворешен план, како на пример војната помеѓу Русија и Украина, енергетските политики, односите со САД, ги извадија на површина оние состојби кои покажуваат дека ЕУ треба уште многу да направи, пред сѐ на внатрешен план за сопствена стабилизација, пред да размислува за прием на нови држави членки. Затоа што, приемот на нови држави членки вообичаено носи и нови отворени прашања и само ќе ја зголеми онаа потреба за постигнување на консензус помеѓу поголем број на држави членки, што секако ќе биде потешко изводливо. Без разлика на сѐ, дали проширувањето е приоритет на ЕУ или не, мислам дека и Македонија и останатите држави во регионот треба да продолжат со внатрешните реформи и добрите меѓусоседски односи, со цел да исполнат што е можно повеќе од копенхагенските критериуми. И откако евентуално ќе започнат тие преговори истите да траат што е можно пократко.
Оваа содржина е изработена од Институтот за комуникациски студии.
Новинарки: Соња Крамарска и Бјанка Станковиќ
Фотографии: Дарко Андоновски


