fbpx

Нема криза за нови вработувања во администрацијата

Не запира бранот вработувања во јавниот сектор и покрај тоа што Македонија се соочува со сериозна економска криза поради зголемувањето на цената на енергенсите и пролонгирањето на пандемијата од Ковид-19. Во време кога секој денар на граѓаните е важен, државните институции продолжуваат да вработуваат нови кадри. Агенцијата за администрација, којашто пред крајот на минатата година излезе со наплив нови огласи за вработувања, деновиве ја продолжи серијата. Институциите се правдаат дека вработувањата се предвидени со годишните планови и оти се пополнуваат испразнети места.

Педесет нови вработувања во Центарот за управување со кризи

Ако минатиот пат, апсолутен рекордер по огласите за вработување на дури 166 лица беше Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците што го предводи Артан Груби, во новата серија огласи „шампион“ е Центарот за управување со кризи, каде што директорува Стојанче Ангелов.

Nema kriza za novi vrabotuvanja vo administracijata 1

ЦУК на 5 јануари објави оглас за вработување 50 извршители на 12 работни места. Огласот беше активен до 24 јануари, а според она што е наведено во него, вработувањата се потребни за новиот систем Е – 112 оти државава треба да стане дел од европскиот систем за итна помош. ЦУК бара советник за контрола на квалитет, советник за одржување на базите на податоци, систем инженер, оператори за примање повици. Нето платите се движат од 18.648  до 33.907 денари. Институцијата предводена од Ангелов не одговори на поставените прашања кога ќе почнат со работа овие луѓе, дали тоа ќе биде комплетниот тим што ќе работи во Е-112 и колку средства годишно ќе се одвојуваат за овие нови вработени.

УЈП вработува 40 лица

На 6 јануари, односно на Бадник, оглас за вработување 40 лица објави и Министерството за финансии, односно Управата за јавни приходи.

Во огласот на УЈП се бараа помлади асистенти за модернизација, за управување со ризик, за персонален данок на доход, за данок на добивка, даночен референт, систем администратор, даночни оператори и агенти, асистенти, референти, контролори, инспектори. Нето платите се движат од 13.851 денар до 33.332 денари.

Од Управата тврдат дека за новите вработувања има функционална анализа и оти тие се прават за пополнување на работните места со цел остварување на функциите на институцијата

„Пополнувањето на огласените работни места треба да обезбеди одржливост на институцијата, имајќи предвид дека две години не се реализирани нови вработувања, како и бројката од 70-ина испразнувања на работни места на крајот на измината година најмногу поради природен одлив (старосна пензија) и планираните 110 испразнувања по истиот основ кои ќе се случат до крајот на оваа година, но исто така и зајакнување на капацитетите главно во рамки на даночните функции“, велат од УЈП.

Nema kriza za novi vrabotuvanja vo administracijata 3

Она што е интересно во огласот на Управата е дека најголем дел од позициите се за кандидати од немнозинската заедница. Од УЈП појаснуваат дека Годишниот план за вработување содржи и План за распределба на бројот на нови вработувања по припадност на заедница.

„Распределбата е прашање на моментална состојба поврзана и со прилив и со одлив на кадар која треба да придонесе кон постепено намалување на негативната или позитивната разлика во застапеноста во институцијата“, информираат од Упрвата.

Огласи за вработување по 19 лица распишаа Собранието и Општина Тетово

 Законодавниот дом во огласот бара раководител на одделение за поддршка на Генералниот секретар, други раководители, советници за лекторирање, јавни набавки, за толкување од македонски на албански јазик и обратно, преведувач. Нето платите за овие огласи, распишани од Собранието на државава се движат од 19.615 денари до 39.338 денари.

Од Општина Тетово, пак, каде што има вкупно 351 вработен (заедно со Противпожарната единица) тврдат дека станува збор за вработувања предвидени со Годишниот план.

„Овие административни службеници ќе бидат ангажирани според опис на работните места во Правилникот за систематизација на работните места каде што се наведени задачите за секое работно место. За нив на годишно ниво ќе се одвојуваат 4.617.864 денари“, велат од Општината.

Огласи за вработување на вкупно 13 луѓе, на 31 декември и на 3 јануари распиша и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Nema kriza za novi vrabotuvanja vo administracijata 4

ПИОМ бара соработник за внатрешна контрола, референт за човечки ресурси, технички секретар, оператор за архивирање документи, соработник за јавни набавки, раководители на филијали и деловници, па и дактилограф. Предвидените нето плати се движат од 18.821 денар до 32.570 денари. Од ПИОМ, каде што во моментов работат 635 лица, тврдат дека се пополнуваат испразнетите места.

„Објавените огласи се согласно Планот за вработување што беше одобрен од министерствата за финансии и за информатичко општество и администрација. Во Планот за вработување се предвидуваат нови вработувања согласно бројот на пензионирања за тековната година. Имајќи предвид дека станува збор за пополнување на испразнети работни места новите вработувања не повлекуваат дополнителна фискална импликација“, одговорија од ПИОМ

„Само прашај“ веќе пишуваше дека пред и по Нова година беа објавени десетици огласи за вработување стотици луѓе во администрацијата. Нови кадри влегуваат во министерствата, фондовите, инспекторатите, агенциите, општините, но и во Владата. Образложенијата од институциите беа слични – флуктуација на кадар и пополнување на испразнетите места. 

Брисел ги нотираше слабите точки на македонската администрација

Слабите точки на македонската администрација се нотирани и од Европската унија во последниот извештај за напредокот на земјава од 2021 година. Во него е наведено дека е постигнат само одреден напредок. Македонија останува умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација.

Од Брисел посочија дека Антикорупциската комисија дава препораки за елиминирање на непотизмот, клиентелизмот и кронизмот и укажаа и дека овие препораки не се вметнати во соодветното законодавство. И додека ЕУ наведува дека се дадени препораки за ново организирање на органите на државната управа со подобрени нивоа на отчетност, во Македонија се‘ уште владее перцепцијата дека администрацијата главно се користи за „згрижување“ на политички подобни кадри.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

Vnatre lecat nadvor razboluvaat intro 500x281

Дедо Мраз донесе стотици предновогодишни вработувања во администрацијата

Vnatre lecat nadvor razboluvaat intro 500x281

Дедо Мраз донесе стотици предновогодишни вработувања во администрацијата

 

 

Тагови: