fbpx

Неподготвени чекаме катастрофа

Денови, недели поминати во борба со огнената стихија, во мигови кога секоја секунда е важна. Пожарникарите најдобро знаат за тежината на справувањето со пламените јазици коишто изминатиов период најчесто се ширеа и се исправуваа над богатите крошни на старите и големи дрвја – во беровско, кочанско, кумановско, делчевско и пехчевско. Состојбата на терен е разбирлива дури и за најголемите лаици – има ли ветар, суво е, ни трага ни глас нема од дождови – пожарите лесно можат да се разгорат.

За службите ова е потполно јасно, но колку се подготвени и што можат да направат околу сето тоа?!

Nepodgotveni cekame katastrofa 1Огромни зелени пространства беа проголтани од летните пожари, а изгореа и неколку домови/ Извор: ДЗС

Надлежностите за управување со кризи во Македонија се поделени, а на врвот се две институции. Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Едните координираат активности, другите фокус ставаат на делувањето на терен, со мобилни тимови распоредени по региони. Нивните надлежности во голем дел се испреплетени една со друга. Истражувавме колку овие институции се подготвени да реагираат на несакани настани.

Механизацијата на ДЗС се сведува на еден трактор

„Функционирањето на системот за заштита и спасување треба да биде примат на државата, поточно национален императив!“ велат од Дирекцијата за заштита и спасување, запрашани околу подготвеноста на државата за управување со кризи.

Оттаму информираат дека не располагаат со никаков вид на механизација во своја сопственост, освен еден трактор кој најчесто се користи при екстракција на неексплодирани убојни средства, а поретко за кревање товар. Имаат склучено и договори со градежни компании низ Републиката, кои по потреба се ангажираат при справување со последици од катастрофи.

Nepodgotveni cekame katastrofa 2Екипи на ДЗС го локализираат пожарот кај село Будинарци во акција од август, 2021 година/ Извор:ДЗС

ДЗС не поседува ниту противпожарни камиони, туку има десет мобилни пумпи за гасење на пожари со резервари од 300 литри вода и пенило од 60 литри. Истите се монтираат на пик-ап возила кои се во сопственост на Дирекцијата. Во однос на човечкиот фактор, ДЗС има формирано 8 тима за гаснење на шумски пожари, составени од по 7 припадници, распоредени во различни делови од државата. Не сите од нив се вработени, дел од нив работат и во приватниот сектор.

„Во делот на подготвеноста организирани се и спроведени бројни симулациски и теренски вежби за ефективно и ефикасно справување со различните видови на непогоди за да се специјализираат капацитетите за одговор како и заради соодветно справување со итни интервенции. Спроведени се бројни специјализирани обуки и вежби за подготвеност за итен одговор инспирирани од различните видови на ризици кои постојат за да се специјализираат капацитетите за одговор и соодветно справување со итни интервенции“, велат од ДЗС.

Оттаму додаваат дека клучна е подготвеноста на службениците за цивилна заштита, цивилната одбрана и другите надлежни субјекти, како и подеднакво учество во организацијата на форуми, семинари и работилници кои придонесуваат за подигање на свеста на граѓаните.

Од ДЗС потнецираат дека за подобра подготвеност е потребно во системот да има учество и вклученост на истражувачи, академската фела и експерти од различни дисциплини.

„И на крај, секако најважна е едукацијата и вежбите спроведени во воспитно-образовните инстиуции: основните и средните училишта со превентивно едукативни содржини за образование и подготвеност на децата.“, велат од ДЗС.

Во двете главни институции 610 вработени

Покрај сличниот домен на делување, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи имаат и една заедничка мака. Реформа или реорганизација на системот, набавка на нови возила и опрема – се само дел од потребите за ефикасно и ефективно функционирање на системот за менаџирање со кризи. Тоа со години им недостасува и на двете институци во кои вкупно над шестотини лица имаат статус на вработени – во ДЗС 280 лица, додека ЦУК има 330 вработени на платен список.

Помошта од Австрија покажа колку сме недораснати во снабденост со опрема/Извор: ДЗС

Првиот човек на Центарот за управување со кризи вели дека тоа што предизвика големи реакции во јавноста – опременоста на австријците и другите странски екипи кои пред еден месец дојдоа да помогнат во опожарените региони е сигнал дека треба да се вложува токму во алати и опрема, затоа што тоа е суштинската разлика помеѓу нив и нашите екипи.

Ремонт е потребен и во општините

Важно е секоја општина постојано да учи и да се развива во насока на превенција на катастрофи, предупредуваат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Оттаму велат дека мора секојдневно да се подготвуваме како нешто да ќе се случи и никогаш не смееме да се водиме по максимата „тоа не може да се случи кај нас“. Затоа, од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје одлучите да им помогнат на општините во развојот на стратегии и планови за превенција и управување со кризи. Преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ ќе се анализира правната и институционалната поставеност на системот за управување со кризи и ќе се идентификуваат системските празнини и предизвици.

Миша Поповиќ вели дека станува збор за проект којшто со помош на Британската амбасада во Скопје се спроведува во осум општини односно осум единици на локалната самоуправа, почнувајќи од градот Скопје, Општина Конче, Општина Карбинци, Велес, Кавадарци, Гостивар, Кичево и Маврово-Ростуше.

„Идејата е да работиме со општините за тие да развијат планови за намалување на ризиците од катастрофи. Тоа е меѓународна обврска на државата која што ја презела со Сендаи-рамката на Обединетите нации. Се работи за стратешки план којшто на едно место ги обединува сите активности коишто општините ги прават или треба да ги прават, сè со цел да се намалат ризиците од појава на различни типови на катастрофи“, вели Поповиќ.

Идентификувани ризици

Токму една од општините е Општина Конче, специфична според повеќе нешта. Се наоѓа југоисточниот дел од територијата на Македонија. Се протега на голема површина од 233,05 км², а има релативно помал број на жители – според кажувањата на локалците, околу пет до шест илјади. Врз основа на анализа на опасностите, случените настани, како и процените на загрозеноста на подрачјата на општината, идентификувани се повеќе ризици.

„Според карактеристиките на територијата и хидрографијата, подрачјето на Општина Конче е изложено на поплави од излевање на реката Крива Лакавица која има големо сливно подрачје, како и од излевање на помалите реки со поголем пад како резултат на поројни дождови (Габрешка река, Пршњево, Радешка река, Скорушка река, Турска река) и со поголема штета на обработливото земјиште. На подрачјето на Општина Конче карактеристични се пожарите на отворено (шумските пожари) и пожарите на објектите, со тоа што првите се најчести и со најголем интензитет. Причините за нивно настанување се различни со човечкиот фактор како најприсутен“, велат од Општината.

Конче се наоѓа претежно на ридско-планински терен со 9,429 ха од вкупната земјишна површина со шума, и се смета дека сама по себе е изложена и ранлива на шумски пожари кои се директна опасност по населението и материјалните добра.

„Подрачјето на Општина Конче со своите релјефни, хидрографски, климатски и други карактеристики е изложено на појавата невреме со град, при што атарите на селата Дедино и Габревци се најизложени. Екстремните временски услови – невреме, последици од град во општината според направените анализи се појавува во текот на пролетно-летниот период и веројатно би се случувало и во наредниот период.“, укажуваат од Општината.

Затоа Конче е и една од осумте општини кои ќе имаат поддршка во развојот на планови, стратегии и процедури за управување со кризи, согласно нивните различни економски, општествени и географски карактеристики. Во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на останатите општини ќе им бидат споделени подготвените планови и стекнатите знаења во процесот, и преку консултативни сесии ќе биде ревидирана нивната подготвеност за управување со кризи. Проектот веќе е во тек, а ќе трае до март 2022 година. Придобивките можат да бидат далекусежни, но општините се надеваат и на видливи резултати во пократок временски период.

Nepodgotveni cekame katastrofa 3Потребна е соодветна опрема за справување со кризи/Извор ДЗС

Намалувањето на ризици од катастрофи да се искачи повисоко на агендата во наредниот период, воспоставување партнерства и соработка со приватниот сектор за креирање на локални политики, како и тоа граѓаните да станат едни од клучните субјекти за отпорност на заедницата од катастрофи – се само дел од очекувањата на локалните власти.

Ваквите првични чекори во подобрување на системот за управување со кризи на локално ниво би требало да бидат проследени со акција од централната власт, којашто има моќ за реорганизација и создавање механизми за соодветен одговор на природни катастрофи.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Петар Догов Снимател: Зоран Догов Монтажер: Ристе Душковски

Тагови: