fbpx

Општина Центар може да ја одземе парцелата кај „Холидеј ин“ од МПЦ и Зоран Антиќ

Договорена ли е судбината на градежната парцела спроти „Холидеј ин“ подолг период пред јавноста да дознае за продажбата на државното земјиште од 9.048 квадрати во непосредна спогодба по цена од 19.200 денари е прашање кое заслужува сериозно внимание.

Начинот на продажбата на атрактивното државно земјиште предизвика негодување кај јавноста

Министерството за транспорт и врски повикувајќи се на член 68 Законот за гредежно земјиште склучи договор за продажба на ова државно градежно земјиште со фирмите „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и „Обновители“ на МПЦ откако тие претходно се стекнале со над 30 проценти од градежната парцела откупувајќи 4.605 метри квадратни од физички лица. Оттаму информираа дека овие фирми на 21 август годинава поднеле барање за дооформување на парцелата од над 13.640 квадратни метри и дека Државното правобранителство издало позитивно мислење, а цената на продажбата била утврдена согласно Уредба на Владата за за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија. Јавноста регираше дека таа е многу ниска односно под пазарната вредност.

Продажбата е реализирана врз основ на можноста за дооформување на парцела со намена „колективно домување со деловни објекти“ предвидено со детален урбанистички план на општина Центар за Голем ринг исток – јужен дел, кој е предмет на ревизија согласно мораториумот прогласен од општината од декември, минатата година.

dupot 1
Продадено е државно земјиште кое потпаѓа под ДУП кој е предмет на ревизија

Тоа ја отвара дилемата како се извршило дооформување на парцела врз база на ДУП кој нема важност односно може да доживее промена. Имено, од Министерството за транспорт и врски ја префрлаат топката во општина Центар во однос на иднината на оваа локација повикувајќи се токму на фактот дека постоечкиот ДУП не важи.

„Деталниот урбанистички план во кој се наоѓа градежната парцела за која прашувате моментално е под мораториум на градба. Се додека не се донесе нов ДУП, на тоа место нема да се одвиваат никакви активности поврзани со градежништво“, велат од општината.

Сега општината на некој начин е пред свршен чин и единствен начин да се сузбие каков било сомнеж за оваа зделка е во новиот детален урбанистични план за оваа локација, да се предвидат објекти од јавен интерес, како што бараат граѓаните, наместо изградба на високи деловно-станбени објекти со што во иднина целосно би се закочил сообраќајот и протокот на воздух во централното градско подрачје.

Постојат механизми со кои општината може да спречи нов урбан хаос во центарот на градот, но прашање е дали е подготвена да ги искористи.

zakon dupot

Во Законот за експропријација е предвидено дека општините можат да експропоираат земјиште доколку тоа претставува јавен интерес од локално значење, а меѓу другото како јавен интерес е посочена изградба на објекти за општа употреба какви што се јавни паркови, плоштади, пазари итн.

Индикативно е што во овој закон се вели дека за експропоирано земјиште следува праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност, која се утврдува според методологија, правила и стандарди согласно законот за процена.

Тоа значи дека двете фирми кои купија земјиште во непосредна спогодба по цена од 19.200 денари за квадрат најверојатно би заработиле солидна сума пари при евентуална експропријација ако се земе предвид дека медиумите веќе објавија документ од кој се гледа дека оваа парцела уште во 2010 година била проценета двојно повеќе отколку што ја продаде државата.

Во случај на експропријација надоместот ќе треба да го плати општина Центар, а не Министерството за транспорт и врски односно Владата. Прашање е колку општина Центар е финансиски моќна да одвои неколку неколку милиони евра за да плати надомест за евентуална експропријација на овој имот.

Од општина Центар потврдуваат дека може да покренат постапка за експропријација на земјиште и најавуваат дека за оваа локација последен збор ќе имаат граѓаните.

„Општината може да покрене експропријација на земјиште, а изгледот на тоа место ќе биде онаков каков што жителите ќе одберат да биде во процесот на јавна презентација и јавна анкета“, велат од општината.

Сепак, на прес-конференција одржана пред три недели градоначалникот Саша Богдановиќ изјави дека лично смета дека на оваа локација треба да има изградба на објекти, но никако шеесеткатници.

„Имаше прашање во текот на летото односно имаше изјава за градење и таму беа оцртани тие познати шеесеткатници, такво нешто нема да се гради бидејќи истиот тој план е под мораториум. Кога ќе се донесе детален урбанистички план, точно ќе се знае што е предвидено и што е можно да се гради или да се прави таму. Не можам да кажам уште сега што ќе има во планот.

Таму има приватна сопственост и дел од објектите се приватни куќи и има луѓе кои што сакаат да си го решат прашањето односно нормално да функционираат бидејќи долго време не е донесен план.

Мое мислење е дека треба да се даде развој на тоа место, но нормален и контролиран развој, да не бидат шеесеткатници, да не бидат четири или пет, туку да бидат два или три објекти. Повеќе да се практикува новиот закон, а на да се оди по стариот каде што се ограничуваат одредени градби, употреба на зеленило итн.

Ама пак ќе кажам, ние можеме да го видиме нацртот, што е и како е, тоа ќе си го каже и комисијата, Градот треба да каже дали тоа се усогласува со генералниот урбанистички план, но далеку од тоа дека ќе се дозволат такви висини. Сепак, мора да се има предвид што било планирано претходно и тоа да се прилагоди кон политиката за која мислите дека е правилна“.

Според последните најави од инвеститорите на парцелата тие сакаат да градат една висококатница од 30 ката и неколку помали објекти и сега останува да се види дали ревизијата на ДУП-от за оваа локација ќе оди во насока на барањата на граѓаните, на инвеститорите или пак ќе биде некаков компромис што би требало да ги задоволи двете страни.

Јавен или нечиј друг интерес

trendafilТрендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд вели дека има спорни моменти околу овој случај. Тој додава дека доколку централната власт и локална самоуправа имаат воља да го чујат гласот на граѓаните и да одговорат на нивните реакции за изградбата на висококатници кај „Холидеј ин“ имаат механизми во законска постапка да го вратат земјиштето и таму да се направи нов детален урбанистички план во кој би се предвиделе содржини од јавен интерес. Тој вели дека освен со Законот за експропријација, државата има моќ со усвојување посебни закони да го заштити јавниот интерес.

-Прво, сметам дека е голема глупост што некој дозволил на оваа локација да се планира изградба на висококатници. Второ, начинот на кој е извршено окрупнување на земјиштето врз кои потоа е извршена продажба на државната парцела согласно ДУП, кој е оспоруван е сомнителен. Трето, стана тренд со деталните урбанистички планови да се прекршуваат основните уставни начела за заштита на животната средина и со нив се почесто се прави диверзија на хуманиот живот – вели Ивановски.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии Новинар и фоторепортер: Владимир Николоски {loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}

Тагови: