Уништувањето на Водно, што почна од подножјето на планината со изградба на станбени објекти на местата каде што имало шума, ниви и куќи, а продолжи со поставувањето на Милениумскиот крст, телекомуникациската кула и со пробивањето на патот до Сончев град доживува кулминација со градежните работи за националниот гасовод, кој е предвидено да минува преку планината.
Вљубеници во Водно алармираат дека при рамнењето на теренот каде што треба да минува гасоводот многу често се заобиколува регулативата, произволно се поместува трасата и се задира во простор каде што не е дозволено градење.
Започнат од минатата владејачка гарнитура, а аминуван од актуелната проектот за гасоводот предвидува делницата да минува од јужната страна на Скопје и низ повеќе предградија и населби да се искачи до сртот на Водно од каде што по неколку километри се спушта кон долината на реката Треска. Гасоводот навлегува во заштитената зона на изворот Рашче од каде што продолжува накај Полог. Според образложението, политичарите ја избрале оваа рута како поевтина варијанта бидејќи земјиштето на Водно е во државна сопственост, а алтернативните делници би предизвикале дополнителни трошоци за експропријација на обработливо земјоделско земјиште и мал дел урбанизирани средини.
Во обидот да се заштеди и да се забрза постапката очигледно не се водело премногу сметка за непишаното правило дека поевтиното не значи поквалитетно, како и за фактот дека Водно е предел кој е прогласен за ерозивно подрачје уште по поплавите во 1951 година. Ако на тоа се придодаде значењето на името на планината се поставува прашањето што било пресудно за одлуката гасоводната траса да минува тука?Дополнително прашање е дали надлежните при планирањето, но и сега при изведбата на гасоводот на долгорочен план пресметале какви штети може да предизвика овој проект за илјадници граѓани кои живеат во подножјето, но и по ретката флора и фауна во ова подрачје доколку дојде до појава на поголема ерозија на земјиштето кое сега го копаат и газат багери и машини тешки и по неколку тони.
Против узурпацијата на оваа наша природна убавина, која поради близината до централното градско подрачје има посебно значење бидејќи им овозможува на жителите на Скопје да ги проветрат белите дробови од загадениот воздух се борат активистите од групата „Го сакам Водно“. Според нив, освен тоа што на Водно се гради односно се рамни теренот без никаква заштита од ерозија, багерите почнале да навлегуваат во зони за кои се уште не е издадено одобрение за градење.
„Ние многу будно следиме се што се случува околу гасоводната траса низ Водно. Имаме голем број забелешки, но немаме адекватна реакција од соодветните институции. Во овој момент моравме да реагираме до сите институции бидејќи моментално се започнува со градба односно со рамнење на терен како што го дефинираат од Македонски енергетски ресурси(МЕР) на дел каде што се уште нема дозвола за градба.
Нашите информации се дека тие се во процедура на менување на дел од трасата односно тоа беше и одлука на Владата. Таа процедура се уште не е завршена. Се додека не се заврши порцедурата не може да се делува и да се узурпира простор за кој се уште немаат одобрение за градба. Им го нагласивме тоа на МЕР и се прекина со градбата. Веќе неколку дена, можеби десетина, багерите стојат во место.
Но повторно се јавува една ситуација како и минатиот пат кога започнаа со делот од трасата кај бункерите, кога ние инсистиравме багерите да се тргнат додека не се разрешат некои моменти. Тие првично стоеја, но потоа полека си продолжија со градбата.
Во овој случај бидејќи имаме ситуација во која тие законски навистина немаат право да менуваат ништо на теренот, ќе инсистираме не само да не се работи, туку во најбрзо време овие багери да се тргнат се додека не се издејствува добивање адекватна дозвола за да го прават тоа што го прават. Уште повеќе ќе се бориме таа дозвола воопшто да не биде издадена“.
Нашата екипа за ваквите тврдења побара одговори од МЕР, државна компанија која го води овој проект. Директорот Бајрам Реџепи вели дека на Водно во потегот од 18 км до 27 км има измена од 20-тиот до 24-от километар.
-Моментално на тој потег кај што се прави измена на трасата не се работи, бидејќи се чека на одобрението за градба. Во моментов се работи на делницата каде што имаме одобрение за градба. Потреба од друга измена досега не е појавена. Цело време градежните активности се одвиваат на работен појас од 10 метри. Работен појас од 15 метри ќе се користи само на неколку места каде што ќе биде нужно и неопходно. Појас од 25 метри не се користи никаде - вели Реџепи.
На нашето барање да ни испрати копија од конечната траса по која ќе минува гасоводот, Реџепи одговори дека во моментот има траса која што е дефинирана по основен проект.
Одговори околу изградбата на целата траса на гасоводот побаравме и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на Република Македонија. Оттаму велат дека градежен инспектор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам постапуваќи согласно одредбите од Законот за градење извршил инспекциски надзор и увид на градежниот објект од прва категорија „Магистрален гасовод делница 5: Скопје–Тетово–Гостивар без изместување на постојните инсталации и објекти и без приклучени електро водови.
-Сакаме да ве информираме дека овој „Магистрален гасовод делница 5: Скопје–Тетово–Гостивар“ кој е со должина од 76 км се гради со одобрение за градење Бр.27 Уп.- 483/16 Е од 07.12.2016 година со правосилност од 23.12.2016 година и основен проект со технички број 108/2012 изработен од друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар Партнерс“ ДОО Скопје – велат од инспекторатот.
Aктивистите подолг период укажуваат на незаинтересираноста на државните институции да се следи секојдневната работа на терен односно да се внимава дали се применуваат мерки за заштита на работниците и на природата при изведувањето на градежните работи со тешка машинерија.
Тие со право потсетуваат дека не толку одамна во август 2016 се случија фаталните поројни дождови и поплави во Скопје кои однесоа човечки жртви и дека надлежните тогаш одговорноста за несаканите последици и жртвите ја префрлија на природен феномен. Неизбежно е прашањето е кој ќе презеде одговорност доколку ваквата трагедија се повтори и покрај сите предупредувања?Дали тогаш главен виновник ќе биде Водно?