Големиот пожар што во петокот, на 14 април изби во кругот на поранешната фабрика „Треска“ ги разгоре сомнежите во македонската јавност дека огнот е подметнат. Главна причина за тоа е што станува збор за атрактивна градежна локација за којашто подолг период се води отворена битка меѓу застапниците на приватниот и на јавниот интерес. Уште една голема причина за ваквите сомнежи се бројните пожари на стари објекти и бараки на атрактивни градежни локации во строгиот центар на Скопје во изминатава година.
Надлежните органи сè уште работат на откривање на причините за пожарот во поранешната фабрика Треска.
„На 14.04.2022 во 14.12 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во кругот на фабриката „Треска“ во Скопје. Веднаш се упатени полициски екипи на терен, како и екипи од противпожарната единица на град Скопје. Повредени лица нема. Денеска во 05.45 часот било пријавено дека пожарот повторно се активирал, по што се преземени соодветни мерки и огнот е изгаснат. Се работи на расчистување на случајот.“, соопшти МВР во дневниот билтен на 15 април.
Пожари во кругот на фабриката Треска имало во неколку наврати и во минатото
Ова не е прв пожар во кругот на фабриката Треска. Претходно, На 25.09.2021 во 18 часот и 40 минути, во скопската противпожарна бригада е пријавен пожар во бараките на стара машинска работилница кај поранешната фабрика и истиот е изгаснат за 10 минути. На 28.09.2021 и на 30.09.2021 се случиле помали пожари, односно гореле кабли во бараки исто така во кругот на поранешната фабрика „Треска“, но немало потреба од поголема пожарникарска интервенција. Сомнежите се дека некој ги запалил каблите. За овие пожари во бараките кај „Треска“ нема официјални информации околу тоа дали настанале како резултат на кривично дело и дали е доставена кривична пријава.
Ќе се испитува денационализацијата на земјиштето кај „Треска“
Од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека по барање на Државното правобранителство отвориле предистражна постапка за земјиштето кај поранешната фабрика „Треска“. Обвинителката Вилма Русковска за ТВ 24 изјави дека се прибира документација од пред Втората светска војна за да се утврди кои објекти постоеле на оваа локација и како била извршена денационализацијата. Во однос на пожарот, таа рече дека тоа не е надлежност на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корпуција и додаде дека од првичните сознанија од колегите од Основното јавно обвинителство Скопје во бараките на оваа локација биле сместени бездомници и дека најверојатно таму треба да се бараат причините за пожарот.
Симптоматично е што во текот на минатата година имаше уште два пожари на стари стари бараки на атрактивни локации во центарот на Скопје.
Пожар лани имаше во бараките на „Улици и патишта“ лоцирани зад трговскиот центар Буњаковец
На 22 декември, минатата година се запалија бараките на ЈП „Улици и патишта“ во строгиот центар на Скопје, зад трговскиот центар „Буњаковец“. Настанот во полиција бил пријавен во 1 часот и 15 минути по полноќ, а огнот го зафатил објектот откако претходно гореле две патнички моторни возила „Нисан Џук“ и „Шкода Карок“.
Во пожар изгореа бараките каде што порано се наоѓаше Судот за прекршоци
На 26 октомври, минатата година целосно изгореа бараките каде што порано беше сместен Судот за прекршоци во Градски парк. Пепел остана од старата документацијата на судот, но пламнаа сомнежите дека некој решил по брза постапка да направи пустош на таа локација.
Истрагите сè уште без епилог
Пожарите кај ЈП „Улици и патишта“ и кај поранешниот Суд за прекршоци беа предмет на интерес за надлежните органи, но сè уште нема епилог на истрагите.
„Што се однесува до пожарот во бараките на Судот за прекршоци, веднаш по настанот дежурен јавен обвинител издаде насоки за утврдување на фактите. Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје достави и писмено известување за настанот, по што јавниот обвинител издаде наредби за прибирање докази и за вештачења за да се утврди причината за настанатиот пожар. По наредбите се постапува. Во однос на бараките на ЈП „Улици и патишта“, Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје достави известување за настанот, по што јавниот обвинител издаде наредби за прибирање докази и за вештачења. По наредбите се постапува.“, соопшти Основното јавно обвинителство.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека поднеле писмени известувања до Основното јавно обвинителство за двата поединечни случаи.
„Во врска со пожарот во кој изгореа бараките на поранешниот Суд за прекршоци, Ве известуваме дека настанот во СВР Скопје е пријавен на 26.10.2021 година во 15:50 часот по што веднаш е излезено и обезбедено местото на настанот. Од страна на полициски службеници обавени се разговори со лицата кои го пријавиле пожарот како и со лица сопственици на зафатени објекти од пожарот, додека од страна на ЕУМНА извршен е увид. Од настанатиот пожар целосно се опожарени бараките на поранешен Суд за прекршоци, делумно оштетени апартман, кров и симс на У.О.„Томче Софка“ како и фасадата на салата за гимнастички спортови Партизан. Од страна на БППЗ пожарот за кратко време целосно е локализиран. Во врска со овој настан од страна на Единицата за насилен криминал до Основното Јавно Обвинителство поднесено е писмено Известување со бр.22.21.14.2/02-816 од 28.10.2021 година. Во врска пожарот во кој изгореа бараките на ЈП „Улици и патишта“, настанот во СВР Скопје е пријавен на 22.12.2021 година во 01:15 часот по што веднаш е излезено и обезбедено местото на настанот. Од страна на ЕУМНА извршен е комплетен увид. За овој настан, Единицата за насилен криминал до Основното Јавно Обвинителство поднесе писмено Известување со бр.22.21.14.2/02-979 од 23.12.2021 година.“, информираа од МВР.
Какви се плановите за овие локации?
Деталните урбанистички планови за сите горенаведени локации се донесени од поодамна и во тек е постапка за донесување на нови планови. Но, што е вцртано на хартија во моментов, на конкретните точки?! Секаде се предвидени објекти. Кај „Треска“ од поодамна е јасно дека планот предвидува голем број згради и од Општина Центар потврдуваат дека за таа конкретна локација има огромен притисок од страна на инвеститорите и приватните сопственици на парцели кои се засегнати околу тоа како ќе се продолжат процедурите понатаму, додека се обидуваат да приграбат уште некое парче земја за да ги реализираат сите замисли. Земјиштето кај поранешниот Суд за прекршоци е во сопственост на државата, а за тој дел во планот се нацртани објекти од јавен интерес. Бараките на ЈП „Улици и патишта“ кај Буњаковец се наоѓаат на две парцели – едната во сопственост на претпријатието, а другата во сопственост на државата. Од „Улици и патишта“ веќе изразиле интерес самите да направат деловен простор во рамки на својата парцела.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски објаснува какви се плановите за овие локации.
Безбедноста на животот и имотот на жителите секогаш треба да е на првото место за институциите, но фаворизирањето на профитот на поединци придонело за недоследности во деталните урбанистички планови низ годините.
Јане Димески, советник во Советот на Општина Центар и началник на штабот за заштита и спасување смета дека приоритет на Општината треба да биде исправање на грешките во овој домен на делување.
Противпожарните возила денес имаат потешкотии да поминат во голем број од тесните улички во Дебар Маало. И покрај тоа инвеститорите коишто се жедни за брз профит инсистираат што побрзо да се спроведат деталните урбанистички планови за територијата на Општина Центар, иако не се усогласени со Генералниот урбанистички план и ќе го влошат квалитетот на живот на граѓаните. Сè додека нема конкретен епилог од истрагите за зачестените пожари на овие атрактивни локации оправдан ќе биде сомнежот на јавноста дека причините за огнените јазици се случајност.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Петар Догов Снимател: Зоран Догов Фотограф: Дарко Андоновски