Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ речиси четири месеци не постапува по задолжението на Советот на Општината за суспензија на спорниот детален урбанистички план за градската четврт Ц 08 – Ново Маало 2 според кој е предвидена изградба на висококатници на парцелата спроти „Холидеј Ин“.
И покрај тврдењата од Општина Центар дека барање за суспензија е испратено, од Министерството за транспорт и врски за „Само прашај“ велат дека до нив не е пристигнат никаков елаборат за суспензија, ниту за овој ДУП, ниту за другите спорни планови кои беа ставени под мораториум пред конечната одлука на Уставниот суд за укинување на оваа мерка.
„До овој момент до Министерството за транспорт и врски нема доставено елаборати за суспензија“, ни одговори Министерството.
На локацијата се планира градба на станбено-деловни објекти коишто се планирани според ДУП кошто не е усогласен со Генералниот урбанистички план на Скопје
Измислени образложенија за непостапување
Богдановиќ во интервју за МИА изјави дека од Министерството и од други иинституции треба да им се „дообјаснат одредени методологии како да пристапат“.
„Вие сега имате можност да ставите план под суспензија, но во рок од траење од шест месеци за дел од план или година дена, но морате јасно и прецизно да ги нагласите и да бидете подготвени, бидејќи секоја штета која може да настане треба да ја претрпи Општината. Ние испративме до Министерството за транспорт и врски уште во декември. Моментот е што таму и од дел од институциите треба да ни се дообјаснат одредени методологии како да пристапиме. Бидејќи елаборат е општ поим, значи дали е тоа елаборат за нарушување на животната средина или за јавниот интерес. Што е јавен интерес, кога најголем дел од парцелите има и приватен, треба тоа јасно да ни се дефинира“, изјави Богдановиќ за МИА.
Вчера, на нашето прашање, тој не сакаше да даде конкретен да одговор дали е поднесен елаборат за суспензија.
Богдановиќ пред два дена за „Само прашај“ тврдеше и дека една од пречките за стопирање на предвидените градби кај „Холидеј Ин“ е што од Министерството за транспорт и врски чекаат да биде објавен тарифник за изработка на урбанистички планови за да почне јавниот повик за нов детален урбанистички план.
Тој изјави дека добиле насоки од Министерството за транспорт и врски во однос на барањето за суспензија, но дека чекале да биде објавен тарифникот за да почне јавниот повик за нов детален урбанистички план.
„Новите планови согласно законот за урбанистичко планирање се спроведуваат со јавен повик не со јавна набавка како што беше порано“, вели Богдановиќ.
Сепак, од Министерството велат дека тоа нема никаква врска со можноста за суспензија.
Од Министерството јасно кажуваат дека едната постапка со тарифникот и другата со суспензијата не се поврзани, бидејќи првата се однесува на нов, а втората на постоен план.
„Министерството за транспорт и врски изготви тарифиник. За да биде функционален се чека усогласување на Законот за урбанистичко планирање со Законот за јавни набавки. Нена поврзаност меѓу тарифникот и суспензијата“, велат од Министерството.
Нејасно е зошто Општината не ја користи можноста за суспензија иако Советот на Центар уште во декември лани го задолжи Богдановиќ да почне постапка за суспедирање на спорните ДУП-ови, согласно член 23 од Законот за урбанистичко планирање.
Законот е прецизен
Член 23 од Законот за урбанистичко планирање дава можност одреден урбанистички план, негов дел или планска одредба да може да биде суспендиран од примена ако се докаже несомнена штета по јавниот интерес.
Општина Центар веќе утврди дека параметрите во ДУП-от за градската четврт Ц 08 – Ново Маало 2, не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.
Ќе извисат жителите на Ново Маало
Проблематично е што според ДУП-от Ц08 2012 кој е на сила на останатите две парцели 1.2 и 1.3 се‘ уште се предвидува изградба на шеесеткатници
Еден од клучните проблеми со ДУП-от за оваа локација е што со проектот за изградба на високатници спроти „Холидеј Ин“ ќе се акумулираат најголем дел од дозволените 1.250 жители со ГУП. Така што, во заблуда се донесени жителите на куќите во Ново маало кои сметаат дека со изградбата на високатниците ќе можат да градат станбени објекти на нивните парцели. На овој проблем вчера укажаа група граѓански организации и професори од повеќе факултети во јавниот повик до премиерот Зоран Заев и надлежните институции да се спречи ново урбанистичко дивеење.
„Ако целосно се искористи за домување таа би одговарала на 2.738 жители (стандард 32.5 м2/жител) и двојно би го надминала ГУП-от, а ако половина се искористи за домување, а половина за деловни и трговски дејности, само една парцела целосно би го акумулирала домувањето дозволено за целата четврт. Имајќи предвид дека изградбата на парцела 1.1. е целосно на територијата на паркингот, таа би привлекла нови жители, а жителите на Ново Маало (во остатокот од четвртта) би останале извисени. Ова од причина ако оваа парцела го исполни ограничувањето за жители на ГУП, на парцелите 1.2. и 1.3. ќе може да се реализираат само деловни и трговски намени според член 38 од ГУП 2012-2022. Со тоа, тие се ставени во многу незавидна положба и начелата за рамноправен третман на граѓаните се нарушени, a новите жители ќe имаат поголеми права на домување од староседелците.
Жителите на Ново Маало ќе бидат обесправени доколку се реализира планираниот проект на локацијата спроти Холидеј Ин
И покрај тоа што ДУП-от за оваа локација очигледно има повеќе спорни моменти, наместо да се бара суспендирање и изработка на нов план, сега Општина Центар од неразумни причини е на чекор да дозволи изградба на мега станбено-деловен комплекс наречен „Гранд“ за кој идејниот проект е изработен со селективна примена на урбанистичките параметри, што лесно може да предизвика нов хаос во центарот на градот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Мартин Пушевски Фото-репортер: Томислав Георгиев