fbpx

Се „шминкала“ градбата спроти „Холидеј Ин“ иако тече постапка во Обвинителството

Општина Центар одобрила нов идеен проект за објектот спроти „Холидеј Ин“ иако Јавното обвинителството сè уште води предистражна постапка за овој случај. На овој простор е планирана изградба на висококатници според детален урбанистички план (ДУП) што неколкукратно ги надминува параметрите на Генералниот урбанистички план (ГУП). Архитекти бараат суспензија на планот за да се корегираат недостатоците.

Se sminkala gradbata sproti Holidej In iako tece postapka vo Obvinetelstvoto 1На локацијата се планира изградба на станбено-деловен објект иако е во тек предистражна постапка којашто треба да утврди дали е легална продажбата на државното земјиште

Општината сега е со став дека такво нешто може да и‘ нанесе финансиска штета на локалната самоуправа.

„По анализа на законските одредби со кои е предвидена суспензија на урбанистички планови, утврдено е дека таквата „алатка“ ја поставува Општината во позиција на неизвесност во однос на исходот од процесот и неможност за проценка колку ќе ја чини таквиот чекор, бидејќи Законот за урбанистичко планирање општо предвидува дека Општината би ги плаќала евентуалните штети коишто ќе настанат од неспроведување на планот за време од неговата суспензија доколку не се донесе нов план во предвидениот рок, кој што е реално премногу кус. Не е пропишана методологија за проценката на штети од неспроведување на план“, велат од Општина Центар.

Se sminkala gradbata sproti Holidej In iako tece postapka vo Obvinetelstvoto 2Архитекти и урбанисти предупредуваат дека на овој простор нема инфраструктура за изградба на објект со голем габарит

Од друга страна, еминентни архитекти укажуваат дека суспензијата е алатка којашто треба да се искористи за да се исправат неквалитетните решенија. Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска – Циги која е дел од Партиципативното тело за поголемо учество на јавноста во урбанистичкиот развој на Центар, смета дека градоначалникот Горан Герасимовски треба да преземе таков чекор за да се корегираат лошите планови.

Локалната и централната власт долго време играа пинг-понг со суспензијата. Претходната администрација на градоначалникот Саша Богдановиќ направи обид со елаборати да изврши суспензија ама стручната комисија при Министерството за транспорт и врски, предводена од професорот Мирослав Грчев и министерот Благој Бочварски ја уверуваа јавноста дека Општината ги утнала елаборатите и не докажала штета по јавниот интерес.

Тоа практично значеше и зелено светло за реализација на планот на инвеститорот „МГ ФЕШН“. Првата кула од комплексот „Гранд“ е станбено-деловен објект и треба да биде на три нивоа со подземја за паркирање, приземје плус 20 ката и потковје,за потоа да се продолжи со уште една кула од 20 ката и деловен центар од 16 ката. „МГ ФЕШН“ ја гради првата зграда со МПЦ- ОА којашто е сопственик на земјиштето.

Se sminkala gradbata sproti Holidej In iako tece postapka vo Obvinetelstvoto 3Жителите во старите објекти од оваа маало нема да можат да градат бидејќи со изградбата на деловно-станбениот објект на „МГ ФЕШН“ се исцрпува капацитеттот за нови градби на овој простор

Од Општината тврдат дека инвеститорот досега не побарал дозвола за другите две кули ама откриваат дека е одобрен нов идеен проект.

„Одобрен е нов идеен проект со кој има промена во однос на бројот на фазите во коишто би се реализирала градбата на објектот. Дополнително, има и незначително намалување на вкупно предвидената бруто површина на објектот.“, велат од Општина Центар.

Обвинителството побарало вештачење за предметот

Случајот „Холидеј Ин“ се најде пред Јавното обвинителство откако Антикорупциската комисија достави Иницијатива за кривично гонење поради злоупотреба на службената положба и овластување на поранешните градоначалници Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, раководител на секторот за урбанизам во Општината, но и за вработени во Министерството за транспорт и врски, во Град Скопје, против планерите и одговорното лице на фирмата којашто го изработи планот. И по неколку месеци, предметот е сè уште заглавен во предистрага. Обвинителството се правда дека материјалот е преобемен.

„Заради утврдување на релевантни факти е донесена Наредба за градежно архитектонско - урбенистичко вештачење која е доставена до Бирото за судски вештачења. Предметниот обвинител сè уште сослушува лица во својство на сведоци за кои цени дека ќе бидат од корист за расчистување на случајот. Со оглед дека се работи за обемен материјал и период од 8 години што подразбира два мандати на двајца различни градоначалници, потребно е време за сериозно и аналитичко постапување како би се испитале сите околности врз основа на кои јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од Јавното обвинителство.

Токму бавноста на целата постапка беше причина, првата антикорупционерка Билјана Ивановска да се посомнева во непристрасноста на Обвинителството.

Se sminkala gradbata sproti Holidej In iako tece postapka vo Obvinetelstvoto 4„Сме биле сведоци за случаи кога Обвинителството реагирало многу побрзо. Но, зошто токму сега се завлекува постапката, кога знаеме дека станува збор за исклучително важен предмет со кој треба да се одлучи за прашање поврзано со јавниот интерес на граѓаните?“, праша Ивановска.

Тула по тула, цела кула

Случајот „Холидеј Ин“ ја покажа целата немоќ на институциите да ги почитуваат правилата на игра. Напротив, очигледно е дека правилата се менуваат за да се задоволат градежните апетити, а притоа не се води сметка дали се почитуваат документите коишто ги донеле самите институции.

Па така, сега на дело се спроведува ДУП што за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители определени со актуелниот ГУП на Град Скопје. Случајот „Холидеј ин“ покажа и колку лесно и евтино институциите го отуѓуваат државниот имот, откако Министерството за транспорт и врски, тогаш предводено од Горан Сугарески го продаде земјиштето за само 312 евра за квадратен метар, иако се работи за исклучително атрактивна локација и за простор за којшто доколку се почитуваше мислењето на стручната фела, ќе се распишеше јавен конкурс за да се стигне до најдоброто решение.

Se sminkala gradbata sproti Holidej In iako tece postapka vo Obvinetelstvoto 5Наместо нов парк, ќе има нови згради спроти „Холидеј Ин“

Планот за зградите во овој дел на Скопје е донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ продолжи со постапката, овозможувајќи да се дооформи парцелата. Сега, наместо објекти од јавен интерес, му се остави простор на инвеститорот да гради гломазни приватни објекти со што по којзнае кој пат се потврди дека во земјава, приватниот е секогаш пред јавниот интерес.

 

Ова содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

 

Повеќе на темата:

Висококатници кај „Холидеј Ин“ по „скратена постапка“
Новомаалци ќе останат со празни раце со висококатници спроти „Холидеј Ин“
Се тактизира со спорниот ДУП кај „Холидеј Ин“, Обвинителството го проучува случајот
Намалениот габарит не е оправдување за висококатници кај „Холидеј Ин“
Масовен одзив на петицијата против висококатници кај „Холидеј Ин“
Лажна битка за враќање на мораториумот за градење во Центар
Исчезнува последниот слободен простор во строгиот центар на Скопје

Тагови: