fbpx

Семејства на починати од КОВИД: Потплатувавме портири за да им дадат вода на хоспитализираните

„Кога останав сега природно трудна, со ќеркичката што се роди, го носи името на дедо ѝ, татко ми беше пресреќен. Ме боли моментот што не ја дочека. И ме боли целата оваа голгота во државава, што никој не ги погледнува“, вели Христина Симеска-Топовска, ќерка на починат од Ковид-19.

„Платив, водата е во 11 часот донесена, во 15.30 е качена, со 500 денари на портирот... Имам порака каде што напишав: платив, ќе ти ја качат. Не ги жалам парите, не се жалам ни себеси, го жалам него таму, кој лежи гол и бос“, вели Сунчица Трендафиловска од Куманово, сопруга на починат од Ковид-19.

Повеќе од седум илјади семејства ги загубија најблиските во корона-кризата во земјата. Во дневните статистики тие се само бројка. Во реалноста тоа се семејства чиј живот веќе никогаш нема да биде ист.

Секој од нив со своја приказна, со своја голгота - со голем револт од здравствениот систем во земјата, некои од нив раскажуваат низ што поминале за да ги спасат своите блиски, но не успеале. Дел од нив се разочарани од третманот на болните, дел од матичните лекари, а некои од тешкотијата да се најде место во болниците.

Semejstva na pocinati od Kovid Potplatuvavme portiri za da im dadat voda na hospitaliziranite 1„Верувате во доктори, верувате во целиот систем. Сега да се вратиме назад, верувајте, никогаш не би го однеле во болница“, вели Христина.

Таткото на сестрите Јована и Христина од Маврово, Санде Симески, почина на 60-годишна возраст од Ковид-19 лани во ноември.

Semejstva na pocinati od Kovid Potplatuvavme portiri za da im dadat voda na hospitaliziranite 2„Дента кога татко ми го доби тестот дека е позитивен, беше испратен да му се испитаат Д-димери, меѓутоа тогаш немало реагенси. И татко ми е вратен дома и покрај тоа што матичната самата знаеше дека тој пред 5 години имаше инфаркт“, вели Јована.

По денови поминати дома во лоша состојба, со матичен лекар што едвај комуницирал со нив, Симески завршува во гостиварската болница.

„Како што стигнува болничкото возило, стигнува само со шофер, ниту сестра ниту доктор. Татко ми не можеше да стане од креветот, мајка ми го носеше долу до возилото. Татко ми падна пред возилото и не можеше да се качи, мајка ми го качи, а шоферот си стоеше на страна. Ни беше кажано - дехидриран е, ќе го чуваме три дена, па ќе го пуштиме, не секирајте се, ништо не е“, вели таа.

Но, тоа не се случува. Д-димерите се покачени речиси 20 пати над нормалата, а сатурацијата му паѓа на 65. Сето ова се случува за само шест дена.

„Не беше татко ми тој што беше пред да биде примен во болница... Целиот беше модар“, вели ќерка му.

Семејството дава сè од себе за тој итно да биде префрлен на Инфективната клиника во Скопје.

„Докторот што го водеше татко ми, не беше во моментот тука кога требаше да се отпушти, друг беше тука, и ни вели, слушајте, ако не ви го примат во Скопје, немојте да ми го вратите тука, ќе го оставам по ходници“, вели Јована.

Нејзиниот татко конечно е примен на Инфективната клиника, но починува наредниот ден.

Semejstva na pocinati od Kovid Potplatuvavme portiri za da im dadat voda na hospitaliziranite 3

Во речиси исто време на Клиниката е хоспитализиран и Зоран Трендафиловски од Куманово. Неколку дена по неговиот 58. роденден, тој ги добива првите симптоми на Ковид-19. Ситуацијата почнува да се влошува и од кумановската болница бараат место на Инфективната клиника.

Ви се верува ли дека до 12 часот никој не се јави. Во 12 часот викавме брза помош, а кога стигнавме пред Инфективна клиника во Скопје и заѕвонивме на вратата, сестрата ја отвори вратата и ни кажа со дрски зборови: ‘зошто сте дошле ненајавени, тука се најавува влез во Скопје’. До 14 часот никој не излезе. Тој остана надвор, два часа, во болничко возило, надвор во пижами. И знаете како влеговме, излезе една личност, а ние ја ставивме ногата на вратата, таа не нè виде и кога таа отиде подалеку, јас, лекарката од брзата помош и сестрата влеговме внатре“.

На семејството им е даден број на кој тие ќе може да се информираат за неговата состојба.

„Од тој ден вртев 129 пати и никогаш никој не ми се јави. На 076 ми се јавија два пати, тоа било во амбуланта и многу лошо поминав. Лекарот или болничарот ми рече: ‘што се замислуваш ти, зошто вртиш во амбуланта, цела Македонија ни е на врат, а ти сакаш да му качиме на Зоран вода’?!“

Во меѓувреме, Сунчица останува во контакт со својот сопруг преку пораки, кои сè уште ги чува, каде што тој очајно моли за вода.

„Ми прати фотографија од ставени кеси на прозорецот со вода и ми напишал: ‘осум инфузии примав, едвај ги симнав кесите од прозорецот. Значи, сам станал, си го тргнал кислородот...“, раскажува Сунчица.

На 7 ноември 2020 го добиваат кобниот повик дека Зоран починал иако седум дена претходно тој бил негативен на ПЦР-тестот.

Semejstva na pocinati od Kovid Potplatuvavme portiri za da im dadat voda na hospitaliziranite 4Сунчица Трендафиловска секој ден го посетува гробот на сопругот Зоран

Дилемите на семејствата остануваат, дали нивните блиски биле лекувани како што треба, дали ја добивале редовната терапија, дали добивале соодветна нега, зошто не им било дозволено да си ги видат своите блиски и достојно да ги испратат.

„Нема да се смирам додека не ги подигнам документите и да видам како Зоран е лекуван. Можеби е исправно. А ако не е?“, се прашува таа.

Од Министерството за здравство велат дека здравствениот систем соодветно одговорил на сите предизвици во пандемијата.

Од почетокот на пандемијата со Ковид-19, здравствените работници од јавното здравство, се во целосна мобилизација и ротација и се вклучени во лекување на пациентите со коронавирусот. Министерството по потреба ангажираше здравствен персонал и од приватните здравствени установи. Од почетокот на кризата здравствените работници непрекинато работат, а здравствениот систем соодветно и професионално одговора на предизвикот со пандемијата“, тврдат од Министерството.

Во екот на третиот бран на пандемијата кон крајот на 2020, речиси сите клиники беа претворени во ковид-центри. Најмногу пациенти имаше на Инфективната клиника – речиси 6.000 од почетокот на пандемијата. Директорката Милена Стевановиќ вели дека секој пациент е третиран со иста нега и со исто внимание.

„Не постои идеално подготвен здравствен систем, било каде, кој може да одговори на вакви пандемиски размери на ширење на болест, кога капацитетите и потребата од здравствени услуги и персонал, лекови, дијагностика е многукратно поголем од она што се случува во нормални услови“, вели Стевановиќ.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат од почетокот на пандемијата има извршено 106 вонредни инспекциски надзори за починати пациенти помлади од 40 години поврзани со Ковид-19 или по поднесени претставки од членови на семејства на починати пациенти од коронавирусот. Поднесени се 77 иницијативи за стручен надзор до Министерството за здравство, а во тек се 10 вонредни инспекциски надзори.

 

Автор: Мери Јордановска

Оваа содржина ја изработи порталот А1.он во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје

Тагови: