fbpx

Со урбан хаос и неизградена бензинска станица може да „точи“ милиони

Кој ќе сноси одговорност доколку Општина Карпош по судски пат биде принудена да исплати мултимилионска штета на „Пуцко петрол“ за неизградена бензинска станица во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“ откако инвестицијата на компанијата била стопирана поради тоа што Уставниот суд го укинал деталниот урабнистички план за оваа локација?

Уште поважно за овој случај е како воопшто се родила идејата да се врши продажба на државно земјиште за бензинска станица иако во Генералниот урбанистички план на Град Скопје не била предвидена ваква намена на оваа локација. Нашето истражување покажа дека всушност начинот на кој е поставено урбанистичкото уредување на градот дозволува при разработката на ГУП-от да се додефинираат намените на земјиштето што отвора простор за овозможување корист за приватниот на штета на јавниот интерес.

Мала парцела, големи чуда. Атрактивното парче земја во скопски Карпош кое ги „зближи“ советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Земјиштето во непосредна близина на СЦ „Борис Трајковски“ за првпат се актуелизираше пред шест години. Тогаш, додека во градоначалничката фотелја седеше сегашниот градоначалник, Стевчо Јакимовски склучен е договор за продажба на градежно земјиште за изградба на бензинска станица. Според информациите од Општината, договорот е постигнат после јавно наддавање на кое се јавиле шест фирми. Победил „Пуцко петрол“, а по наддавањето немало жалба.

So urban haos i neizgradena benzinska stanica moze da toci milioni 1Од Општина Карпош информираат дека на наддавањето била постигната цена од 2,6 милиони евра

Подоцна, во 2018 година, деталниот урбанистички план со одлука на Уставниот суд е укинат поради недоследности во процедурата. Откако се укинал планот, инвеститорот по судски пат си ги побарал назад парите со кои го купил земјиштето како и изгубената добивка.

So urban haos i neizgradena benzinska stanica moze da toci milioni 2ДУП-от е укинат бидејќи не била објавена одлука за спроведување односно неспроведување стратегиска оцена за животната средина на општинската веб-страница иако тоа било законска обврска

Новиот ДУП изгласан по итна постапка на вонредна седница

На прсти се бројат прашањата за кои „ЗА“ заеднички гласале заколнатите противници од таборите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во исто време. Тоа се случи на 3 март, годинава во 9 часот на вонредна седница на Советот на Карпош. Се одлучуваше за една единствена точка на дневен ред – предлог-одлука за донесување на Деталниот урбанистички план кој ја опфаќа и парцелата кај СЦ „Борис Трајковски“.

So urban haos i neizgradena benzinska stanica moze da toci milioni 3Главен мотив за изгласување на ДУП-от за градска четврт З 04, Блок 5 е парцелата на која треба да никне бензинска станица на „Пуцко петрол“

За донесување на планот гласаа советниците од СДСМ, кои претходно бараа да се свика седницата и итно да се донесе овој ДУП, како и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ. Против беа советниците од Независни за Kaрпош како и од Левица, партијата од каде што доаѓа претседателот на Советот. Ставовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа речиси идентични. Милионските штети на касата на општината ќе се чувствуваат со години, бидејќи 15 милиони евра колку што ќе треба да се плати на инвеститорот ако не се гради бензинската пумпа, се огромен товар за eдна од најразвиените скопски општини.

Актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски го објаснува случајот и вели дека барале од советниците да го изгласаат ДУП-от за оваа локација за да се избегне исплаќање огромна отштета кон „Пуцко петрол“.

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев, кој на должноста беше од 2017 до 2021 година, потенцира дека носењето на ДУП-от не е во интерес на инвеститорот. Недвосмислено оценува дека повисок интерес на инвеститорот е да добие огромна отштета на суд.

 

Државното правобранителство се жали на пресудата во корист на „Пуцко петрол“

Од Државното правобранителство информираат дека донесена е првостепена пресуда со која се усвојува тужбеното барање на „Пуцко петрол“ и дека против истата пресуда Државното правобранителство и Општина Карпош имаат поднесено жалби.

На прашањето зошто било од круцијална важност да се донесе ДУП-от, од Државното правобранителство велат дека секој е должен да превземе разумни мерки за спречување и остранување на штета согласно член 255 ст.4 во врска член 256 од ЗОО, а доколку не ги превземе истиот со своето непостапување сам на себе си нанесува штета и не може да му се досуди побаруваниот износ.

„Согласно член 79 од Закон за градежно земјиште нормирано е дека анекс на договор се склучува ако е настаната промена на предмет на договор како последица на измена на детален урбанистички план. Во текот на постапката неспорно се докажа дека нема променливи околности кои се причина за раскинување на договор.

Во услови кога нема променливи околности согласно Закон за облигациони односи, а имајќи предвид дека одлука на Уставен суд е со укинувачко дејство, значи одлуката нема повратно дејство на договор за отуѓување на градежно земјиште со јавно наддавање, па исполнети се сите законски услови да се донесе детален урабанистички план и да се заклучи анекс кон договор и да се острани ненадоместлива штета и да се избегнат последици од секаков вид“, велат од правобранителството.

Спорни повеќе моменти во новиот план

Од Независни за Карпош не само што се против бензинска станица, туку и против сите други компоненти предвидени со наведениот детален урбанистички план.

So urban haos i neizgradena benzinska stanica moze da toci milioni 4„1. Локацијата е во трета заштитена зона на Бунарскиот систем Нерези-Лепенец, каде во забраните за градење се наведува и бензинска станица и доколку се гради треба да се гради под одредени построги критериуми отколку на друга локација.

2 Жителите на Карпош воопшто немаат потреба за бензинска станица на таа локација.

3. Поминува гасоводна траса.

4. Ова е спортско-рекреативен комплекс и додавање бензинска токму во ваков комплекс нема никаква логика. Единствена причина за нејзино постоење во првобитниот ДУП кој е укинат е да се продаде државно земјиште и да се дојде до прилив на средства во општинската каса - бидејќи стана нормално детални урбанистички планови да се носат заради пари, а не заради интереси на жителите.

5.Во ДУП 304 блок 05 освен парцелата за бензинска станица која е иста како во претходниот План има и една измена, а тоа е сервисната улица - која сега е гранична за овој блок и е поместена кон спортскиот центар. Единствена нејзина потреба е соседниот блок во кој доминираат објекти со станбено-деловни намени и за кои се обезбедува сервисна улица. Бидејќи апсолутно сме против нови вакви објекти посебно не во тој дел, сметаме дека воопшто нема потреба тука од сервисна улица.“, вели Георгиевска.

So urban haos i neizgradena benzinska stanica moze da toci milioni 5Во близина на парцелата продадена на „Пуцко петрол“ веќе има три бензиски станици

Ставот на Георгиевска всушност го отвора и главното прашање за овој случај - како се родила идејата на оваа локација да има бензинска станица, а посебно ако се земе предвид дека во блиската околина веќе работат три бензиски станици?

Со додефинирање на ГУП-от до повеќе пари за општинските каси?

Во Генералниот урбанистички план за Град Скопје во оваа градска четврт во Општина Карпош не е предвидена намена комунална супраструктра во којашто спаѓаат и бензински станици.

So urban haos i neizgradena benzinska stanica moze da toci milioni 6Во делот за комунална супраструктура во ГУП стои бројката 0

Одговори на прашањето како се родила парцела за изградба на бензинска станица побаравме од Агенцијата за планирање на просторот и од Град Скопје, коишто се надлежни за ГУП-от на Град Скопје.

Од Град Скопје велат дека ГУП-от не е менуван за утврдување на ваква намена, имајќи предвид дека во ГУП-от не се определуваат конкретни локации за бензински станици, туку само генерални параметри.

„Регулацискиот план е план од пониско ниво од ГУП-от и служи за негова разработка, согласно параметрите утврдени во ГУП-от. Локацијата за бензинска пумпа утврдена во регулацискиот план З 04 е по барање на општина Карпош, во време на градоначалникот Стефан Богоев, заради што е потпишан и концепт за Регулациски план помеѓу Град Скопје и Општина Карпош. Регулацискиот план е изработен по приватна иницијатива, а донесен во време на претходниот градоначалник Петре Шилегов“, велат од Градот.

Од Агенцијата за планирање на просторот објаснуваат дека законската процедура дозволува при допрецизирањето на ГУП-от со таканаречен Регулациски план и со „пониските“ планови долж примарната сообраќајна мрежа и долж сервисните улици да се утврдат градежни парцели за бензински пумпни станици.

„Планираните содржини „бензински пумпни станици“ може да се планираат согласно ГУП на Град Скопје 2012-2022г. За предметниот план нивното планирање е побарано од страна на надлежните институции (Град Скопје и општина Карпош) во соодветна законски пропишана постапка преку доставените податоци, информации и мислења. Планските решенија се потврдени со дадено позитивно мислење од страна на Комисијата за урбанизам на Град Скопје и одлука за одобрување на Регулациски план на ГУП за градска четврт З 04 (тех.бр. К10118) од страна на Советот на Град Скопје.

После оваа постапка на барање на општина Карпош извршена е измена на Регулациски план на ГУП за градска четврт З 04 за која Агенцијата за планирање на просторот нема информации“, велат од Агенцијата.

Што ако Уставниот суд повторно го укине ДУП-от?

Сега пред Уставниот суд повторно има иницијатива со којашто се оспорува новодонесениот ДУП за околината околу СЦ „Борис Трајковски“.

„Оспорена е Одлука на Советот на Општина Карпош бр.09-1656/3 од 03.03.2022 година за донесување на ДУП за градска четврт 3. 04, Блок 3 04.05 како спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 9 и член 51 од Уставот. Според подносителот со овој ДУП се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” во општина Карпош на дел од сообраќајната инфраструктура. Подносителот смета дека Одлуката не е во согласност со Уставот и членовите 108 и 110, Законот за урбанистичко планирање, ГУП за Град Скопје и Правилникот за урбанистичко планирање. Подносителот предлага времена мерка забрана за градба на објект до донесување на конечна одлука на Уставниот суд“, информираат од Уставниот суд.

Од одговорите на надлежните станува јасно дека бензинска станица на оваа локација можело, ама и не морало да има, но Општина Карпош и Град Скопје сметале дека треба да има. Јасно е и дека ГУП-от всушност не е гаранција за иднината на градските четврти во Скопје бидејќи постои доволно простор преку таканаречените доработки и прецизирања во „пониските планови“ да се игра со намените на земјиштето. За целиот овој галиматијас на крајот ќе платат граѓаните, а сите одговорни се покриени со закони и процедури коишто овозможуваат инвеститорот секогаш да биде во право.

  Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Петар Догов Снимател: Зоран Догов Фотограф: Дарко Андоновски Монтажа: Ристo Душковски

Тагови: