fbpx

Тајна што може да ја чини Македонија над милијарда евра

Тајна што може да ја чини Македонија над милијарда евра
  • „Само прашај“ успеа да дојде до дел од имињата на компаниите и поединците што ја тужат земјава, при што пресметката е од над милијарда евра.
  • Последна во низата тужби против Македонија е онаа што се води за раскинатиот договорот за изградба на новата штипска болница, додека италијанската „Инсо системи“ тужи за раскинувањето на договорот за изградба на нов Клинички центар во Скопје.
  • Артем Скубенко и други тужители за раскинатиот договор за рудникот Казандол, а против Македонија тужба има и за неоснованата експропријација на рудникот „Саса“.
  • Од минатата година земјава е соочена и со тужба за прекршување на договорот за управување со „Дрисла“.
  • Дали има политички структури во Македонија кои свесно ги злоупотребуваат своите функции за да им овозможат на одредени правни субјекти да заработат пари преку арбитражни постапки за проекти кои никогаш не се реализирале?

Владата на една од последните седници одржана на 10 декември годинава разгледувала информација во врска со доставено известување од страна на адвокатската куќа „Fenwick Elliott“ за ангажирање на експерти во арбитражната постапка која произлегува од раскинување на договорот за изведба на Клиничката болница Штип. Меѓутоа, Владата не ѝ соопшти на јавноста какви биле насоките по оваа точка од владината седница односно каква била владината одлука по ова прашање. Тоа не мотивираше да побараме одговори од Владата на прашањата: Зошто постои арбитражна постапка за овој случај? Колку арбитражни постапки се водат против Македонија? Колкав е износот на штети кои би можело да се исплатат?

Владата не открива каков заклучок е донесен по информацијата за арбитражата за Клиничката болница во Штип разгледувана на седница на Владата одржана на 10 декември 2024 година

Од Владата на овие прашања добивме резервиран одговор.

„Согласно со правилата на арбитражните постапки, сите информации во врска со тековните постапки, вклучително и износот на тужбените барања се доверливи со цел да се избегне предизвикување каква било дополнителна штета на интересите на Република Северна Македонија“, велат од Владата.

Меѓутоа, „Само прашај“ успеа да дојде до дел од имињата на компаниите и поединците што ја тужат земјава. Од јавно достапните информации и изјави за постапките, лесно може да се стигне до пресметка од над милијарда евра. Тоа дополнително нè мотивираше да истражиме дали има политички структури во Македонија кои свесно ги злоупотребуваат своите функции за да им овозможат на одредени правни субјекти да заработат пари преку арбитражни постапки за проекти кои никогаш не се реализирале.

Тужби за неизградени клиники, рудници, хотели

Последна во низата тужби против Македонија е онаа што се води пред Меѓународната трговска комора во Париз, поднесена на 7 декември 2023 година од страна на компанијата „Интракат техникал и енерги пројектс социете аниниме“ преку нејзината скопска подружница. Станува збор за грчката компанија со којашто на 29 јуни 2023 година беше раскинат договорот за изградба на новата штипска болница. Тогашната Влада на премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека биле активирани банкарските гаранции зашто до последниот рок 30 јуни биле реализирани само 30 проценти од градежните работи на објектот. Но, сега новата влада ќе се соочува со арбитражата откако веќе добила известување од адвокатската куќа „Fenwick Elliott“ за ангажирање експерти во постапката. Владата не открива колку пари бара „Интракат“. Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски деновиве најави дека разговара со влади на западноевропски земји за доизградба на болниците во Штип и Кичево.

Во спорот за раскинувањето на договорот за изградба на нов Клинички центар во Скопје се побаруваат околу 8 милиони евра оштета.

Уште една од компаниите-тужителки е италијанската „Инсо системи“ (Инсо Системи пер ле Инфраструтуре Социали С.П.А ин аминистрационе страординариа). Компанијата има поведено спор против македонското Министерство за здравство пред Меѓународната трговска комора во Париз пред две години, односно на 9 декември 2022 година. Овој случај можеби е и најекспонираниот во јавноста и се однесува на раскинувањето на договорот за изградба на нов Клинички центар во Скопје. Екс-министерот за здравство Беким Сали тогаш откри дека од земјава се побаруваат околу 8 милиони евра оштета.

Имаме еден документ кој што е побарување од осум милиони евра. На нашето барање за состанок за условно кажано за докажување на долгот, колку е за кој дел и зошто го бара тој износ, не сме имале никаков одговор“, рече Сали кој го замени Венко Филипче на министерската функција.

Токму Филипче и владата на СДСМ беа оние кои го раскинаа договорот за нов клинички центар, најавен од Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година како проект вреден 72 милиони евра.

Постапка против Македонија во 2019 година покренаа и Артем Скубенко и други тужители пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициони спорови во Вашингтон. Иако името на Скубенко веројатно не ѝ е познато на пошироката јавност, сепак, и овој случај е познат, бидејќи се однесува на раскинатиот договор за рудникот „Казандол“ што го потпиша Владата на Никола Груевски во 2015 година.

Тужбеното барање на „Сардич“ за Казандол е во вредност од 380 милиони евра (Фото извор Спас за Валандово)

Но, следната Влада на Зоран Заев во март 2018 година одлучи да го раскине договор. Тогашниот премиер Заев рече дека компанијата „Сардич“ не го исполнила условот во рок од две години од добивањето на концесија да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар. Компанијата „Сардич“ се жалеше и пред Управен суд, но поднесената тужба беше отфрлена, бидејќи судот одлучи оти одлуката за раскинување на договорот била законска. Против отворањето на овој рудник се организираа и локални референдуми во Валандово, Дојран и во Богданци. Јавно достапните информации покажуваат дека тужбеното барање на „Сардич“ е во вредност од 380 милиони евра.

Против Македонија тужба има поднесено и словенечкиот бизнисмен со македонско потекло, Блажо Тасев за неоснованата експропријација на рудникот „Саса“. Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи откри дека Тасев побарува 492 милиони евра. Тужбата е поднесена пред Постојаниот арбитражен суд.

Дел од листата најнови тужби против Македонија

Од минатата година земјава е соочена со нова тужба. Италијанската компанија „ФЦЛ амбиенте“ покрена арбитражна постапка пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови. Случајот се однесува на прекршување на договорот за управување со најголемата депонија „Дрисла“. Италијанците во 2013 година беа избрани да ја модернизираат и развиваат „Дрисла“ и да го менаџираат отпадот на 600 илјади домаќинства. Договорот со нив беше раскинат во 2019 година. Нема достапни информации колку пари побаруваат Италијанците.

Во 2023 година против Македонија е поднесена тужба пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициони спорови во Вашингтон и од „Амадеус Гроуп“ и „Амадеус Девелопмент“.

Информациите се дека во овој спор од земјава се побаруваат 110 милиони долари. Албанската компанија тужи, бидејќи смета дека не ѝ било да реализира проектот „Шпански скали“ на скопскиот плоштад предвиден со проектот „Скопје 2014“, со кој требаше да изгради хотел во барокен стил и трговски центар.

Случајот „Шпански скали“ заврши и пред суд за незаконска продажба на парцелите пред зградата на ЕВН во центарот на Скопје. Еден од обвинетите е екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Какви податоци презентираше Координативното тело за арбитражни постапки?

Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи во август минатата година соопшти дека против Македонија се водат арбитражни постапки со проценета вредност од 1,365 милијарда евра. Според него, сите постапки се за периодот пред 2017 година, кога се настанати наводните прекршувања на меѓународните договори за заштита на инвестиции.
Фатмир Битиќи беше претседавач на Координативното тело за арбитражни постапки во минатата Влада (Фото извор Влада на РСМ)
Тогаш, тој информира дека има пет активни арбитражни постапки што се водат против државата, а две се завршени во наша корист и нема штета. Битиќи, кој беше и претседавач на Координативното тело за арбитражни постапки, нагласи дека се преземени сите правни дејства и навремено се почнати сите процеси за соодветна заштита на правните интереси на државата и јавните добра. Тој укажа дека ненавременото преземање правни дејства ќе значи евентуално губење спорови пред арбитражните судови. Токму затоа, како што додаде, во 2017 година е формирано Координативното тело за следење арбитражни постапки произлезени од меѓународни договори. Битиќи наедно посочи дека пред државните органи треба да одговараат тие што предизвикале или придонеле да се изгуби арбитражна постапка.

Владино „пу, пу не важи“ за можна нова тужба од „Еуромакс рисорсес“?

Компанијата „Еуромакс рисорсес“ подолг период пред македонските судови води правна постапка за реализација на проектот „Иловица-Штука“ којшто предвидува отворање на рудник за бакар и злато на истоимената локација. Компанијата бара спојување на доделените концесии за оваа локација. „Дома“ неодамна пишуваше дека минатата Влада, во стилот на „Доктор Џекил и господинот Хајд“ за кус период направи лупинг од 360 степени во постапката за овој случај.

Првата контроверзна одлука за спојување на концесиите како информација не беше доставена до медиумите, но беше објавена во Службен весник и предизвика бурни реакции и протест во Струмица. Само што слегна прашината од неа, премиерот Димитар Ковачевски и неговиот тим направија чекор назад и ја повлекоа одлуката којашто самите ја донесоа со образложение дека не добиле доволно информации од Министерството за економија преводено од тогашниот министер Крешник Бектеши.

Тоа отвори многу прашања: Зошто првично беше донесена одлука за спојување на концесиите, за што отпосле министри во Владата тврдеа дека не биле доволно информирани кога одлучувале? Дали и какви информации доставил министерот за економија Крешник Бектеши кои влијаеле врз промена на владината одлука? Врз база на кои аргументи е одлучено дека спојувањето на концесиите треба да биде поништено? Дали министерот за економија треба да понесе одговорност за овој ролеркостер за „Иловица“?

Паралелно со правната постапка пред домашните судови, од „Еуромакс“ стануваат сè погласни со заканите за меѓународна арбитража за Иловица

Но, наместо раскинување на договорите за концесии, од Министерството за економија за ДОМА тогаш потврдија дека „Еуромакс“ поднел ново барање за спојување на двете концесии, што претставува клучен предуслов за инвеститорот да може да го реализира проектот за рудникот за бакар и злато.

Во меѓувреме, паралелно со правната постапка пред домашните судови, од „Еуромакс“ стануваат сè погласни со заканите за меѓународна арбитража.

Плаќаме, а никој не одговара?

Македонскиот буџет во неколку наврати веќе беше олеснет за мултимилонски суми евра кои беа исплатени како отштета за компании со кои биле склучени контроверзни договори. Добар пример за тоа е одлуката на Арбитражниот суд во Париз којшто во 2022 година донесе пресуда против нашата земја во спорот во кој грчката компанија „Хеленик петролеум“ ја тужеше државата, поради непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА.

Тогаш, судот пресуди дека Македонија треба да и‘ исплати 21.478.800 евра на грчата компанија. Грчката нафтена компанија ја тужеше Македонија за непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор на рафинеријата „Окта“ склучен во 1999 година во времето на Владата на Љубчо Георгиевски, во врска со набавка на минимално договорените количини од 500.000 тони мазут.

До денес, никој не одговарал за оваа штета нанесена на државниот буџет односно на македонските граѓани.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски