fbpx

Три државни рецепти за распродажба на Македонија

Владата на СДСМ и ДУИ продолжува да распродава државно земјиште по багателни цени користејќи коруптивни закони напишани по диктат на бизнис групи коишто веќе со децении ги користат партиите на власт како параван за лично богатење. Тоа го потврди случајот со приватизација на државно земјиште во строгиот центар на Скопје во кој Министерството за финансии, предводено од министерот Фатмир Бесими дозволи компанијата „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми да стекне сопственост на државна парцела од 663 квадрати по цена од седум евра за квадрат.

Две недели по објавата на нашата приказна од Министерството за финансии и од Владата сè уште молчат на прашањето колку државно земјиште е приватизирано на овој начин во изминативе пет години. Молкот потврдува дека е лажна транспаретноста што ја декларира власта, како и дека наместо да биде чувар на државниот имот, актуелната Влада, исто како и претходните креира и имплементира закони со кои на наша сметка се „раѓаат“ милионери.

Фамозна Уредба

Приватизацијата на земјиштето спроти поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“ на Фатмир Етеми му е дозволена согласно тарифа дефинирана во Уредба за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост која датира од 2011 година.

Оттогаш до денес власта се промени. Зоран Заев го замени Никола Груевски на премиерското место, а Димитар Ковачевски дојде на местото на Заев. Уредбата остана иста. Со неа, државно земјиште во строгиот Центар на Скопје сè уште може да се приватизира за само седум евра од квадрат ако намената е за комерцијално-деловни објекти или за само едно евро, ако на пример, сакате да градите станбена зграда. Парадоксите во овој документ се дотолку поголеми што исти цени важат за сите општини во Скопје и за други поголеми градови, што е не случај кога се во прашање пазарните цени.

Три рецепти за раскрчмување

Уредбата е подзаконски акт на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост кој прв пат е донесен во 2005 година кога премиер е Владо Бучковски, а претседател на државата Бранко Црвенковски. Всушност, тоа е еден од најстарите „рецепти“ со којшто се овозможува поединци да се стекнат со државен имот.

Следна регулатива којашто на многу луциден начин и спротивно на основните правила за конкуретност овозможува дограбување до државен имот е Законот за градежно земјиште. Со него, се овозможува инвеститор кој се стекнал со сопственост на 30 отсто од одредена парцела да бара откуп на државно земјиште до 70 отсто заради окрупнување. На ваков начин беше продадено атрактивното државно земјиште спроти хотелот „Холидеј Ин“ каде што спротивно на јавниот интерес сега ќе се градат висококатници.

Законот за постапување со бесправно изградени објекти или популарно за легализација на дивоградби којшто се роди за време на поранешната Влада на Груевски, а со свои епизоди го продолжува и актуелната власт е следен на листата на закони коишто овозможуваат грабеж на државно земјиште.

Освен што законот е спротивен на основните правни начела, континуираното продолжување на роковите до кога би важеле законските одредби буквално поттикнува криминално однесување меѓу населението односно понатамошно градење дивоградби.

Системот раѓа корупција

Македонија има проблем со законската регулатива која отвора простор за коруптивно дејствување, вели адвокатот и долгогодишен правник, Александар Новаковски. Според него, кога се во прашање урбанизмот и атрактивните локации во политиката нема позиција и опозицијата бидејќи нивните интереси се исти.

Дивна Пенчиќ, универзитетски професор и советник во Општина Центар вели дека практиката покажува дека законските решенија од областа на урбанизмот претставувани како помош за социјалните категории граѓани всушност се пишувани за големите инвеститори. Таа додава дека во Македонија има „инвеститорски урбанизам“.

Во услови кога Македонија се задолжува за да преживее како држава, законски решенија коишто овозможуваат продажба односно приватизација на државно земјиште по цени од 1 до 7 евра за квадрат е рамно на лудило за кое ќе плаќаат нашите поколенија.

Единствен начин да се запре грабежот на државно земјиште е да се сменат законите и да се донесат нови коишто ќе ги изработат стручни лица без партиски багаж и коишто потоа ќе бидат ставени на долгорочна јавна дискусија пред да стапат на сила. Наместо нова регулатива, актуелната Влада не мрдна со прст да ја промени спорната Уредба која дава можност по багателни цени да се раскрчмува државен имот и реши да продолжи со легализацијата на бесправно изградените објекти. Сè додека власта не се одважи на силни чекори против системската корупција, може да очекуваме дека „ловот“ по државно земјиште по багателни цени ќе продолжи.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

 

Повеќе на темата:

Министерството за финансии продало државно земјиште во Центар за 7 евра од квадрат
Тајна е колку државно земјиште е приватизирано по багателни цени

Тагови: