fbpx

Трка за откуп на државно земјиште кај „Треска“

Ќе се примени ли за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ во Скопје сличен рецепт како во случајот со просторот спроти хотелот „Холидеј Ин“ е прашање кое заслужува внимание откако инвеститорите на адреса на Општина Центар до 7 јуни, годинава поднеле 20-тина барања за окрупнување парцели преку откуп на државно земјиште. Сопствениците на приватното земјиште сакаат да градат според детален урбанистички план кој беше прогласен за незаконски, а според постоечката регулатива можат да бараат окрупнување на парцели доколку поседуваат над 30 отсто од земјиштето. Општина Центар одлучува дали тоа ќе им се овозможи.

Trka za otkup na drzavno zemjiste kaj Treska 1Инвеститорите брзаат да го откупат државното земјиште на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“

Од локалната самоуправа информираат дека барањата за окрупнување на парцелите биле доставени без дополнителни документи.

„Прво, треба да ги отвориме предметите за да видиме дали ги исполнуваат основните критериуми за дали воопшто можат да поднесат барање, па отпосле ќе знаеме каква управна постапка ќе треба да се води, односно дали таа постапка ќе треба да се води во Општина Центар или во Министерството за финансии“, велат од Општината.

Од Министерството за транспорт и врски за „Само прашај“ велат дека топката е во рацете на локалната самоуправа.

„Општината ги има сите надлежности во делот на градежното земјиште, а не Министерството за транспорт и врски“, велат од Министерството.

Се планираат градби според ДУП кој беше под мораториум

Инвеститорите за „Само прашај“ тврдат дека поседуваат повеќе од 90 отсто од градежното земјиште во рамки на градежните парцели. Поднеле барања за дооформување со преостанатиот дел и не гледаат проблем уште сега да добијат одобрение за градба.

Trka za otkup na drzavno zemjiste kaj Treska 2Монтажа на 3Д-модел од ДУП Буњаковец 2 во реални позиции

Се планира да се гради според стариот детален урбанистички план што долго време беше ставен под мораториум, а со кој се предвидени триесетина згради наредени една до друга, коишто иако неизградени во јавноста станаа познати како „наполитанки“.

Trka za otkup na drzavno zemjiste kaj Treska 3Според деталниот урбанистички план, на површината кај фабриката „Треска“ е предвидено да се градат објекти со основна намена домување А2. Висината која е предвидена варира помеѓу приземје + 4 или + 5 ката со поткровје (П+4/5+ПК).

„Секој од инвеститорите настапува согласно соодветниот дел од сопственоста којашто ја има во рамки на градежните парцели. Проектите се изработени согласно параметрите коишто се предвидени со важечките детални урбанистички планови, каде што како основна класа на намена е предвидено домување“, вели Ивица Јакимовски, претставник на инвеститорите.

Кој е кој на просторот на поранешна „Треска“?

Просторот кај поранешната фабрика „Треска“ е исклучително атрактивна локација. Станува збор за простор од речиси 63.000 квадратни метри. Пребарувањето во системот на Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека дел од парцелите се во приватна, дел во државна, а дел во мешана сопственост.

Па така, на пример кај една од најголемите катастарски парцели на овој потег со број 10912, кај големите фабрички хали на „Треска“, имотните листови покажуваат дека дел од имотот е сопственост на Македонија, а во пребарувањето се појавува името на Предраг Виќентијевиќ кој според податоците на Катастарот располага со имот од илјадници квадратни метри во овој дел. Tрет дел од оваа катастарска парцела и припаѓа на градежната компанија „Голден Арт“ која изминативе години интензивно гради низ Аеродром, а уште еден дел од оваа парцела е под капата на битолската градежна компанија „Пелистер“ на битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски.

Семејството Викентијевиќ, фирмите „Голден арт“, „Мега“, „Акустик“, „Пелистер“ и државата се јавуваат како сопственици на парцелите кај поранешната фабрика „Треска“

Слично е и кај другата голема катастарска парцела со број 10920. Тука во игра се кумановската фирма „Мега“, скопската фирма „Акустик“ и повторно „Голден Арт“, а дел од имотот е државен. Истата комбинација сопственици се јавува и кај соседните катастарски парцели со број 10919, 10918 (без „Голден Арт“), 10917, 10916 (без „Голден Арт“). Предраг Виќентијевиќ и „Голден арт“ се главни и кај катастарската парцела со број 10911/1, а сите претходно наведени се главни и на спротивната страна кај големата катастарска парцела 10900.

Центар најавува конкурс, инвеститорите се против

Случајот „Треска“ повторно се актуелизираше деновиве откако советници од Општината се пожалија на притисоци од инвеститорите кои се заканиле со кривични пријави против советниците и градоначалникот Саша Богдановиќ ако ја продолжат постапката за тендер за конкурсно решение за локацијата и ако ги суспендираат постојните урбанистички планови.

Trka za otkup na drzavno zemjiste kaj Treska 4Неизграденоста на овој блок ја поттикна идејата за распишување конкурс за идејно решение за оваа целина што би било своевиден пресврт во однос на досегашното парцијално планирање на градот

„Се надеваме дека во наредните неколку денови што претстојат ќе биде распишан конкурсот“, велат од Општината.

Инвеститорите тврдат дека преку адвокат испратиле опомена поради незаконско функционирање на Советот и стручните служби, но негираат дека вршеле притисок. Тие се против каков било конкурс за „Треска“.

„Инвеститорите изразија спремност да учествуваат во конкурсната комисија за изработка на конкурсна програма, но од страна на општината повеќе од една година немаше никакви активности што беше сигнал до инвеститорите како сопственици на земјиштето дека целта е само одолговлекување на целата постапка на штета на сопствениците како инвестирори, па оттука истите веќе не се согласни со изработка на какво било конкурсно решение на приватен имот“, вели Ивица Јакимовски, претставник на инвеститорите.

Како се продаде парцелата кај „Холидеј Ин“?

По дописот од Антикорупциската комисија, Обвинителството отвори предистражна постапка за ДУП спроти хотелот „Холидеј Ин“. Двајца поранешни градоначалници, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски се сомничат за злоупотреба на службената положба, а антикорупционерите се сомневаат дека повреди има и од страна на планерите, вработени во Центар, во Град Скопје и во Министерството за транспорт и врски кои замижале пред пропустите.

Овде парцелата за висококатниците беше оформена според Законот за градежно земјиште, кој предвидува дека градежното земјиште во сопственост на државата може да се отуѓи со непосредна спогодба за оформување градежна парцела доколку лицето има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежната парцела.

Земјиштето спроти „Холидеј ин“ беше продадено во октомври 2018 година, по цена од 19.200 денари (312 евра) за квадратен метар. Тогаш Министерството продаде 9.048 квадрати, кои заедно со земјиште во приватна сопственост, добиено по пат на денационализација овозможија оформување на парцела од над 13.000 квадратни метри.

Сега се прави обид преку сличен рецепт, но на друга локација во Центар и со нови инвеститори да се „протурка“ и продажба на државното земјиште кај „Треска“.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски Фотографии и графички решенија: МАРХ

Тагови: