fbpx

Висококатници кај „Холидеј Ин“ по „скратена постапка“

Се прави ли обид преку законски измени да се овозможи изградба на висококатниците спроти „Холидеј Ин“ е прашање што заслужува внимание откако Министерството за транспорт и врски до Собранието испрати предлог за измени на Законот за урбанистичко планирање. Во него, се предвидуваат исклучоци кога би можело да се гради според детален урбанистички план (ДУП) којшто не е усогласен со генерален урбанистички план (ГУП). Таков е случајот со ДУП-от „Градска четврт Ц 08“ во кој е опфатен и паркингот спроти „Холидеј Ин“ каде што е предвидено да никнат висококатниците. Таму планот за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители определени во актуелниот ГУП за Град Скопје.

Visokokatnici kaj Holidej In po skratena postapka 1Со изградба на висококатници спроти „Холидеј Ин“ може да се очекува нов сообраќаен хаос во центарот на Скопје

Со предложените измени, власта меѓудругото остава простор ДУП, донесен согласно ГУП кој престанал да важи да може да се применува кога намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план.

Visokokatnici kaj Holidej In po skratena postapka 2Извадок од предлог-законот за измени на Законот за урбанистичко планирање

Архитектите препознаваат алиби за планот за „Холидеј Ин“

Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска – Циги вели дека е евидентно оти со ова се олеснува спроведувањето на ДУП за паркингот пред „Холидеј Ин“. Таа предупредува дека е тоа јавен простор и важен дел уште од времето на Кензо Танге, па затоа мора да има референдум за Градот да добие нова додадена вредност. За неа е загрижувачки што воопшто и не се споменува конкурс, што укажува дека политичарите не го препознаваат моментот и бара да не се повторат грешките од проектот „Скопје 2014“.

„Таму постои дефинитивно констатирана неусогласеност на ДУП со ГУП. Таа неусогласеност не смее да се толерира, во смисла е неопходна, затоа што се работи за основа на еден хиерархиски систем. Е, сега, во оваа измена и дополна  на Законот за урбанистичко планирање се предвидува измена на членот 35 и се предвидува исклучок и кажува дека ДУП, иако не е усогласен со ГУП, ако е намената слична, иста или слична, може да се спроведува. Мислам дека е таквото нешто е пред сè неодговорно, многу површно и неконзистентно, тоа не е став којшто треба да се спроведува, таков исклучок не може да се предвиди“, вели Даница Павловска-Циги.

Таа укажува дека Законот за урбанистичко планирање е донесен минатата година, па нејасно е како толку брзо се детектирани слабости за кои е оценето дека треба да се отстранат со законски измени кои се ставени во скратена постапка и без јавна или стручна расправа.

Власта негира дека измените се поврзани со Центар

Власта во образложението на измените се правда дека иницијативата дошла од дел од општините за поедноставување на постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови и за поголема флексибилност во улогите на учесниците во постапките. Од Министерството за транспорт и врски негираат дека измените се носат за конкретните случаи за Центар.

„Оваа одредба за примена ќе важи само за ДУП-ови кои практично се во согласност и со новиот ГУП, односно за тие плански опфати каде просторниот развој, намената на земјиштето и сообраќајните услови се во согласност и со новиот ГУП. Целта на оваа одредба не е да уреди поединечни случаи содржани во деталните планови во Општина Центар. Напротив, третира прашања кои ги засегаат сите општини, додека прашањето за усогласеност на деталните планови во општина Центар со Генералниот урбанистички план и понатаму ќе се разгледува во согласност со важечкото законско решение. Во делот на законски уредената постапка за суспензија на урбанистички план не предлагаме никакви измени“, велат од Министерството.

И Општина Центар негира дека решението се „турка“ во интерес на инвеститорот кај „Холидеј Ин“.

Visokokatnici kaj Holidej In po skratena postapka 3Повеќе архитекти, здруженија и невладини организации побараа да се спречи незаконска изградба на висококатници на парцелата спроти “Холидеј Ин’

Општина Центар побара суспензија за целиот ДУП за парцелата спроти „Холидеј Ин“

Општина Центар ги достави првите елаборати за суспензија на спорните детални урбанистички планови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Од Министерството за транспорт и врски за „Само прашај“ потврдуваат дека се примени и дека е формирана комисија што треба да ги разледа. Меѓу поднесените елаборати е и оној за парцелата спроти „Холидеј Ин“, потврдува Министерството. „Општина Центар до МТВ поднела вкупно 11 елаборати за суспензија на ДУП. Во овој момент не можеме да знаеме дали се усогласени со ГУП или не. Дел од елеборатите се за суспензија на цели планови, дел за одредени делови и тие ќе се разгледуваат во наредните денови. За локацијата спроти „Холидеј Ин“ е поднесен елаборат за суспензија на цел план“, велат од Министерството.

Дали градежните машини ќе „забревтаат“ и на последниот отворен дел во центарот на Скопје ќе се знае многу наскоро.

„Доколку нема суспензии на одредени делови, тогаш нема никаква формално правна пречка било кој да биде спречен да добие било каква дозвола, доколку истото го предвидува деталниот урбанистички план“, велат од Општина Центар.

Според последната одлука на Советот, Општината селективно може да избира за кои делови од деталните урбанистички планови ќе се бара суспензија, што според дел од советниците отвора простор за субјективизам при носењето на одлуката.

„Селективен пристап и определување суспензија на делови од план, а без дефинирани критериуми (како што се параметрите од ГУП користени при мораториумот), ќе остават простор за субјективизам при одлучувањето“, изјави за Дојче Веле поранешната претседателка на Советот и актуелна советничка, Јана Белчева - Андреевска.

Архитектката Павловска-Циги не исклучува можност за манипулации, но според неа, суспензијата дава можност да се расчистат работите на овој потег од круцијална важност за градот.

„Да, тоа е нож со две острици, меѓутоа и истовремено е алатка со којашто може да се продолжи реализацијата на предвиденото оти има навистина сегменти, независни сегменти од плановите кои може да се реализираат и не се конфликтни. Таквото нешто внимателно треба да се подвои и затоа во овие 20 дена, колку што има рок градоначалникот, јас не знам дека може да се подготват елаборати за прочистени делови од плановите коишто можат да се спроведуваат и оние што не можат. Тоа е многу тешко, тоа е една мала научна студија, но добро, еве се сложиле и да кажеме со оглед дека елаборатите се подготвени од поодамна во Општина Центар по однос на суспензијата на цели планови, најверојатно ќе го користат тој материјал и ќе се уточни што е тоа што може да се реализира, а што не. А, дека се можни манипулации тоа е факт“, вели Даница Павловска – Циги.  

Времето забрзано истекува. Комисијата при Министерството за транспорт и врски треба да даде мислење за поднесените елаборати за суспензија на спорните ДУП-ови во Општина Центар во рок од 15 работни дена, односно до 17 јуни, по што на потег е Советот на Општината.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски Монтажер: Ристо Душковски Фоторепортер: Томислав Геогриев

 

{loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}

Тагови: