fbpx

Во Бугарија и во 21 век македонското малцинство е закана за националната безбедност

Во Бугарија секое изразување на македонскиот идентитет се смета за закана. Во пресудите на бугарските судови за забрана за регистрација на македонските здруженија пишува дека се закана за „единството на нацијата“, затоа што со тоа се декларира постоење на Македонци во Бугарија. А тоа е „антибугарско“. И тоа е така од времето на Тодор Живков (од 1954), кога почна „традицијата“ на дискриминација и прогонување на македонското малцинство во Бугарија, па сѐ до денес и по падот на комунистичкиот режим на Живков. Само тоа е константа.

Vo Bugarija i vo 21 vek makedonskoto malcinstvo e zakana za nacionalnata bezbednost 1Македонци пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград

Според пописот на населението во декември 1946 година, во Народна Република Бугарија од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија, 160.541 лице, односно 70%, се изјасниле како етнички Македонци. На пописот во 1956 година таа бројка е 187.789. Наеднаш, во 1965 година, за само 9 години, бројот на Македонците паѓа на неверојатни 9.632. Тоа е периодот кога во Бугарија почна политиката на класична асимилација на македонското население, политички прогон на активистите за „македонски национализам“, класичен прогон на луѓето што се изјаснувале како Македонци, а таа политика трае и денеска во разни облици.

Бројот на Македонците во Бугарија според пописот од 1992 година е 10.803. Тогаш во регионот на Сандански и Петрич 30 отсто од населението се изјасниле како Македонци, а 3.000 од нив рекле дека мајчин јазик им е македонскиот. Но овие бројки во Бугарија официјално воопшто не постојат.

Vo Bugarija i vo 21 vek makedonskoto malcinstvo e zakana za nacionalnata bezbednost 2

Веќе во 2001 година бројот на припадниците на македонското национално малцинство во Бугарија изнесува 5.071, а во 2012 година оваа бројка е 1.500.

Овие податоци само ја потврдуваат вистината за Македонците во Бугарија, за бугарската политика, податоци што Бугарија вешто ги прикрива и ги манипулира.

Сонот на Тодор Живков е македонската нација да биде редефинирана на пробугарска основа и да се погребе прашањето за македонското малцинство во Бугарија, вели за МКД.мк и Республика Стојко Стојков, копретседателот на ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија.

Vo Bugarija i vo 21 vek makedonskoto malcinstvo e zakana za nacionalnata bezbednost 3Стојко Стојков

Девизата на бугарските политичари денес е сега или никогаш. И навистина, тие никогаш нема да имаат друга шанса во таа насока. Пред осум децении, исплашена дека ќе загуби дел од својата територија, комунистичка Бугарија реши дека единствениот пат за неа е да ги асимилира своите малцинства во една ‘обединета, социјалистичка, бугарска нација’. Ова беше направено преку таканаречениот ‘процес на обнова’, чија цел во разни периоди беа сите малцинства што традиционално живеат во Бугарија - Турците, Ромите, Помаците, Македонците и другите. Живков прогласи дека македонско малцинство не постои и не може да постои во Бугарија, по што испрати стотици луѓе во затвори и во интернациски кампови. Асимилирањето на Македонците во Бугарија продолжи и по падот на комунизмот. Од геополитички причини (желбата да го извлече регионот подалеку од руското влијание) ЕУ ја прими Бугарија за членка без да бара од земјата да ги исполни критериумите за заштита на малцинствата. Пред Советот на Европа се дури 14 пресуди донесени од Европскиот суд за човекови права, кој пресудуваше против Бугарија, во полза на Македонците, но ни тоа не ја смени состојбата. ЕУ продолжува да се амнестира себеси по прашањата на човековите права, особено на малцинствата, кои се оставени на милоста на земјите-членки. Сѐ е оставено на ‘добрата волја’ на земјите-членки. Во Бугарија, ова е со зла заднина. Малцинствата се третираат како непријатели на државата, како ‘закана за националната безбедност’, како проблем за ‘единството на нацијата’ и ‘опасност за територијалниот интегритет’. Ова е секојдневната реалност на припадниците на македонското малцинство во Бугарија. Софија официјално сака негирањето на постоењето на македонското малцинство да стане услов за прием во ЕУ, и тоа го наметна како официјална причина за ставањето вето во почетокот на преговорите со Македонија“, вели Стојков.

И како членка на ЕУ, Брисел ѝ дозволува на Бугарија дискриминацијата да ја претвори во европска вредност. Така е и со Грција во односот кон македонското малцинство.

Европската слободна алијанса (ЕФА), алијанса на партиите и организациите на малцинствата во Европа, која има претставници и во Европскиот парламент, протестира и бара и од Бугарија и од Грција да го признаат македонското малцинство. За жал, мнозинството европратеници повеќе се загрижени за геополитиката отколку за правдата и човековите права. Предлогот на ЕФА не доби мнозинство во Европскиот парламент. Во декларацијата на ЕФА се повикуваше ЕУ да ги охрабри Бугарија и Грција да ги поддржат самоопределувањето и културниот идентитет на своите граѓани од македонско потекло. Според ЕФА, Македонците ги исполнуваат критериумите за малцинство, лојални им се на државите во кои живеат и се силно мотивирани за нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ги нивната култура, нивните традиции и нивниот македонски јазик. Со оглед на долгорочните антимакедонски политики на Бугарија и на Грција, од 19 век наваму, Европската слободна алијанса повикува Бугарија и Грција да најдат решение за македонското прашање и да ја признаат својата одговорност кон македонското малцинство на нивна територија и со тоа да почнат да водат европска политика за малцинствата и да им го дадат на Македонците целокупното право предвидено со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и други релевантни стандардни документи за малцинствата.

Оваа декларација не се усвои. Не се спроведуваат ни пресудите на Европскиот суд за човекови права против Бугарија во однос на правата на Македонците во оваа земја.

Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа е мултилатерален и правно обврзувачки документ за земјите што го потпишуваат, го ратификуваат и го имплементираат. Република Бугарија Рамковната конвенција ја потпиша на 9 октомври 1997 година, ја ратификуваше на 7 мај 1999 година и таа влезе во сила на 1 септември 1999 година. Овој документ, освен потписот и ратификацијата, подразбира и обврска за примена на одредбите од Конвенцијата, периодично известување за тоа како тече имплементацијата, примање забелешки, препораки, преземени мерки... Во извештаите на Бугарија за примената на оваа Конвенција нема ни збор за постоењето на „македонско национално малцинство“, „македонска етничка група“, „бугарски Македонци“ или „Македонци во Бугарија“. Ова само го илустрира системот поставен од страна на бугарската држава во однос на Македонија, Македонците, македонскиот идентитет... денес новата пречка за македонската евроинтеграција со бугарското вето.

Ако досега на оваа бугарска и грчка стратегија се гледаше со толеранција и премолчана согласност за неотворање на сензитивните билатерални прашања во име на добрососедството, таквата рамнодушна политика ни се врати како бумеранг со потпишувањето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и со актуелните преговори со Бугарија за нивното вето на македонското барање за членство во ЕУ.

Професорката Фросина Ременски, чија докторска дисертација беше токму за македонското малцинство во Бугарија, вели дека сето ова нефункционирање на системот на заштита на човековите слободи и права во земја-членка на ЕУ, на Македонија ѝ дава право да го оценува и да бара спроведување на европските вредности од држава-членка што го условува македонскиот почеток на преговорите со ЕУ, со забелешки што се однесуваат на заштитата на човековите слободи и права.

Vo Bugarija i vo 21 vek makedonskoto malcinstvo e zakana za nacionalnata bezbednost 4Фросина Ременски

И Македонија и Бугарија ја ратификуваа Рамковната конвенција, но фактите говорат дека Македонија во сите мониторинг-циклуси за оценка на имплементацијата е во предност во афирмативните права за заштита на правата на националните малцинства и етничките групи без да има никаква забелешка за непочитување на тие колективни права. А тоа не е случај со Бугарија. Тоа дава право да ги истакнуваме аргументите што одат во насока на деблокирање на нашиот европски пат од страна на Бугарија и градење односи засновани на добрососедски развој и почитување на етнокултурните разлики што се очигледни и треба да се почитуваат“, вели Ременски во изјавата за МКД.мк и Республика.

И покрај ваквата предност и можност за аргументација пред меѓународната јавност, и покрај македонскиот успех во процесот против Грција во случајот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, македонската надворешна политика само сервилно се смешка на ваквите постапки на нашите соседи, убедувајќи ја македонската јавност дека националниот идентитет е бетониран, дека македонската историја е наша, а не заедничка, дека македонскиот јазик е заштитен, дека никој не смее да чепне во македонскиот идентитет.

Новинар: Александар Дамовски

Истражувањето го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Тагови: