fbpx

Во темелите за кулите кај „Холидеј Ин“ погребана довербата во државата

Политичката и институционална фарса за преќутно одобрување на незаконитост за случај со урбанистичко дивеење во Скопје, којшто се провлекува речиси десет години дојде кон крајот. Почнува изградбата на висококатниците спроти хотелот „Холидеј Ин“ што ќе го претвори центарот на Скопје во огромно градилиште. Деталниот урбанистички план (ДУП) за оваа локација што беше донесен во 2012 година во времето на ВМРО-ДПМНЕ се реализира во време на СДСМ и покрај предупредувањата дека не е усогласен со Генералниот урбанистички план и дека новите градби ќе предизвикаат влошување на квалитетот на живеење во Скопје. Епилогот на овој случај е доказ дека партиите ги користат институциите за намерно одолговлекување и непостапување за да се реализира проект на штета на јавниот интерес.

Околната инфраструктура не дозволува на оваа локација да никнат висококатни станбени објекти со 1.200 жители и деловен центар со многубројни посетители

Имено, институциите „замижаа“ иако ДУП „Градска четврт Ц 08“ за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители определени со актуелниот ГУП на Град Скопје.

Vo temelite za kulite kaj Holidej In pogrebana doverbata vo drzavata 1Графички приказ на несогласувањата помеѓу ДУП Ц 08, 2012 и ГУП на Град Скопје, 2012 – 2022

Машините на инвеститорот „МГ Фешн“ веќе го подготвуваат теренот за првата кула од комплексот „Гранд“ на парцелата 1.1. Станбено-деловниот објект ќе биде со три нивоа подземја за паркирање, приземје плус 20 ката и поткровје, за потоа да се продолжи со уште една станбена кула од 22 ката и деловен центар од 16 ката.

Vo temelite za kulite kaj Holidej In pogrebana doverbata vo drzavata 2Инвеститорите тврдат дека значително е намалена катноста на објектите предвидени со ДУП-от и дека ќе има доволно зеленило

Од компанијата не ги кријат намерите целосно да се реализира комплексот.

„Ги повикуваме сите жители на Ново Маало кои имаат имот на територијата на ДУП Ц08, а со кои досега не се склучени договори за обесштетување, да нè контактираат или да дојдат во нашите деловни простории како би биле во можност да склучиме соодветни договори за обесштетување со цел изградба на целиот станбено-деловен комплекс предвиден со ДУП Ц08“, соопшти компанијата-инвеститор.

Ќе се гради иако Обвинителството води предистражна постапка

Единствена институција којашто не остана „слепа“ за спорните моменти за изградбата на висококатниците беше Државната комисија за спречување на корупцијата. По нашите написи и реакциите на граѓанските активисти оттаму побараа Јавното обвинителство да преземе истражни дејствија околу начинот на којшто е донесен ДУП за просторот спроти „Холидеј Ин“, бидејќи постои сомнеж за извршени злоупотреби на службената положба и овластување.

Антикорупционерите го вперија прстот кон поранешните градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Центар во периодот 2012, раководителот на Секторот за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, помошникот-раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот на Град Скопје, планерите и одговорното лице на фирмата „Билд“ што го изработиле планот.

Структурни промени во МВР ги пролонгирале роковите

„Само прашај“ побара одговори од Јавното обвинителство. Оттаму велат дека постапката сè уште е во фаза на предистрага, иако помина половина година откако ДКСК ја поднесе иницијативата. Од Обвинителството велат дека материјалот е обемен, а МВР во два наврата побарало продолжување на роковите дадени во наредбата на ОЈО поради структурни промени во надлежната единица. Обвинителот дал наредба за прибирање и анализа на докази, а се сослушуваат и сведоци.

„Со оглед дека се работи за обемен материјал и период од 8 години што подразбира два мандати на двајца различни градоначалници, потребно е време за сериозно и аналитичко постапување како би се испитале сите околности врз основа на кои јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од државното Јавно обвинителство, од каде укажуваат дека постапуваат за да утврдат дали е нанесена штета врз Буџетот.

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска смета дека Обвинителството ја одолговлекува постапката.

Vo temelite za kulite kaj Holidej In pogrebana doverbata vo drzavata 3„Сме биле сведоци за случаи кога Обвинителството реагирало многу побрзо. Но, зошто токму сега се завлекува постапката, кога знаеме дека станува збор за исклучително важен предмет со кој треба да се одлучи за прашање поврзано со јавниот интерес на граѓаните? Ова прашање за жал, од една страна отвора уште низа други прашања и фрла сомнеж за непристрасноста на Обвинителството, а од друга страна ненавременото донесување на одлуката дополнително ќе ја усложни целата ситуација“, смета Ивановска.

Утнати елаборати или игнорирање на незаконитост?

По неколку месечна партија пин-понг околу надлежностите за суспензија на спорниот ДУП, обидот на Општина Центар преку елаборати да се изврши суспензија на спорните ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план помина неуспешно. Стручната комисија при Министерството за транспорт и врски предводена од професорот Мирослав Грчев и актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски откако конечно ги добија елаборатите ја уверуваа јавноста дека Општина Центар ги утнала, не ја докажала штетата по јавниот интерес и не побарала суспензија само за спорните делови, туку за целите планови. Општина Центар во последниот елаборат напиша дека „детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од Генералниот урбанистички план, НЕ МОЖЕ да се применува“.

Vo temelite za kulite kaj Holidej In pogrebana doverbata vo drzavata 4Општината во елаборатите предупреди дека процентот на изграденост е надминат за 2,67 пати, на искористеност за 6,3 пати, просечната катност за 2,42 пати

Оттаму укажаа дека дозволената густина на население според ГУП-от е 805 жители на хектар, а со ДУП-от се предвидуваат 2.400 жители, доволно за центарот на Скопје да го претвори во еден од најгусто населените делови во светот. Локалната власт предупреди дека експанзијата на домувањето и растот на бројот на населението не се правопропорционални на планирањето намени за јавни дејности и институции, како и за јавни простори, па максималистичкото урбанистичко планирање предизвикува низа проблеми: недоволна комунална, водоводна, канализациска, електрична, топловодна, сообраќајна и друга инфраструктура, недоволен и необезбеден простор за пешаци, а нема ниту соодветна заштита од непогоди и катастрофи. Целата приказна на крајот заврши со уплатени комуналии и издадено одобрение за градба на 13 април 2021.

Референдумот останува единствена шанса?

Од иницијативата „Шанса за Центар“ остро реагираа на почетокот на изградбата на висококатниците и ги повикаа сите надлежни институции да застанат на страната на јавниот интерес и да ја спречат изградбата на висококатниците. Оттаму побараа Обвинителството конечно да постапи по претставката од Антикорупциската комисија, а градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски да издаде привремена забрана за градење сè додека ОЈО не го расчисти случајот.

„Градоначалникот може да ги врати уплатените комуналии за овој објект на инвеститорот, а кои сè уште стојат резервирани на сметка на Општината токму со намена да бидат вратени доколку тоа е потребно. Сето ова е можно, но вистинското прашање е дали се сака! Градоначалникот да се зафати сериозно со обврската за суспензија, како законска можност за ревизија на останатите две парцели од „Холидеј Ин“, кои секако ќе се изградат ако не се реагира“, укажаа од „Шанса за Центар“.

Архитектите децидни дека ГУП-от мора да се почитува

И по почетокот на изградбата на висококатницата кај Холидеј Ин, Асоцијацијата на архитекти на Македонија остана на ставот за доследно почитување на Генералниот урбанистички план, со предупредување дека просторот е необновлив ресурс и со него треба да се ракува внимателно и со почит.

„ААМ е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Ние како архитектни не сме против градење, ниту против личните и бизнис интереси на поединци, доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро“, велат од ААМ.

Од друга страна, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски тврди дека нема ингеренција да издаде привремена забрана за градење, освен ако инвеститорот не преземе активности во спротивност на одобрението за градба, па во таков случај, инспекторите можат да постапуваат.

Vo temelite za kulite kaj Holidej In pogrebana doverbata vo drzavata 5„Уплатените средства за уредување на градежното земјиште можат да бидат вратени само доколку се раскинат договорите склучени со Градот Скопје и Општината Центар со кои се регулира надоместокот и обврските во однос на уредувањето на градежното земјиште. До раскинување на договорите може да дојде под различни околности, но само спогодбеното раскинување нема да произведе и оштетни побарувања од страна на договорните страни“, вели Герасимовски.

Од „Шанса за Центар“ сметаат дека доколку продолжи молкот на институциите, на граѓаните како единствена шанса им останува да се иницира референдум за враќање на парите од комуналиите на инвеститорот со цел запирање на градбата и носење нов ДУП за вистински развој на оваа централна градска локација.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

{loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}

Тагови: