fbpx

Водиме битка против Ковид-19 во полумрак, власта должи одговори

Недостигот од навремени и комплетни информации, базирани на детални статистики, доведе до безброј забуни во јавноста во однос на ковид-кризата во земјава. Немањето сериозен пристап за аналитика, од каде навремено би се црпеле податоци и од кои ќе можат да се вадат заклучоци, да се прават споредби и истражувања, донесе конфузност за дел прашања. Па така, сè уште не е познато со кои вакцини се вакцинирани лицата кои се заразиле со Ковид-19 и кои се хоспитализирани или кои починале, нема прецизни одговори за лицата кои се реинфицирани, каква била нивната клиничка слика, дали биле хоспитализирани и сл. Во меѓувреме, во неможност да се направи комплетна анализа на корона-состојбата во земјава, граѓаните бараат помош од социјалните мрежи, вршат лабораториски проверки на своја рака и се консултираат на „Фејсбук“ со лица кои ја делат нивната судбина и со достапните доктори.

„А1он“ во соработка со Институтот за комуникациски студии се обиде да добие детален одговор на прашањата во однос на вакцинацијата во земјава, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Баравме прецизна аналитика за тоа колку лица со примени две дози вакцини против Ковид-19 биле хоспитализирани или починале, според типот на вакцината и според старосните групи. Прашањата се однесуваа и на процентот на смртност кај реинфицираните лица, како и на заразените лица од Ковид-19 кои примиле една доза вакцина, почнувајќи од 1 април 2021 година (со оглед на тоа што вакцинацијата почна во февруари 2021) до 30 август 2021 година, кога и ги поставивме прашањата.

Vodime bitka protiv Kovid 19 vo polumrak vlasta dolzi odgovori 1Барањето за пристап до иинформации од јавен карактер до Министерството за здравство беше испратено на 30 август, а одговори сè уште нема

И покрај изминувањето на сите законски рокови и жалбата поднесена до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, одговорите се чекаат 37 дена. Од лицето надлежно да одговара на барањата за пристап до информации од јавен карактер при Министерството за здравство, Стојанчо Стојковски, на 20 септември годинава добивме одговор дека „по истото се постапува и по добивањето на информациите ќе нè известат за истите“. И по 17 дена, тоа повторно не се случи, што значи дека сè уште недостига комплетна слика за лицата со примени две дози вакцини од одреден производител, а биле заразени, хоспитализирани или починале од Ковид-19 – кои се причините за тоа, дали лицата имале коморбидитети, како и податоци за старосните групи.

За разлика од Македонија, во Бугарија, на пример, статистичките податоци за Ковид-19 на дневна основа се објавуваат многу подетално. За секое лице коешто починало наведени се полот, возраста, но и сите хронични заболувања, доколку ги ималo.

Vodime bitka protiv Kovid 19 vo polumrak vlasta dolzi odgovori 2

Објавувајќи пресек за бројот на вакцинирани, а хоспитализирани лица во Србија, д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија на својот профил на Фејсбук напиша: „Се надевам дека во најкратко време Министерството за здравство ќе излезе со наша слична статистика“. Тој сподели фотографија на која јасно е претставен пресекот колку лица вакцинирани со „синофарм“, „спутник“, „астразенека“ и „фајзер“ со две дози биле хоспитализирани во Србија.

Vodime bitka protiv Kovid 19 vo polumrak vlasta dolzi odgovori 3

Најмалку вакцинирани има во Арачиново, најмногу во Вевчани

Според досегашните достапни податоци во земјава, а во однос на корона-кризата, „А1он“ и Институтот за комуникациски студии изработија анализа врз основа на јавно достапните податоци од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје.

Според тие податоци, „фајзер/бионтек“ е вакцината која најмногу се користи во Македонија, против Ковид-19. Смртноста кај мажите, за разлика од жените, е видно повисока. Смртноста и хоспитализацијата кај лицата кои се вакцинирани со две дози вакцини е многу пониска отколку кај лицата кои немаат примено вакцина против Ковид-19, но, сепак, се покажува дека вакцината не штити 100 проценти од хоспитализација и од смрт, како што претходно беше најавувано.

Во државата сè уште нема податок со кои вакцини биле вакцинирани лицата кои починале како последица на вирусот, а како причина за смртност надлежните постојано повторуваат дека лица со две или повеќе хронични болести, најчесто кардиоваскуларни заболувања и дијабет, имаат поголеми шанси да ја загубат битката со Ковид-19.

Податоците од Институтот за јавно здравје говорат дека најголем број аплицирани вакцини во земјава се од американските, „фајзер/бионтек“ - 579.909 дози, понатаму следува кинеската „синовак“ - 475.385 дози, кинеската „синофарм“ со 299.927 дози, британската „астразенека“ со 123.477 дози, а од руската „спутник“ аплицирани се 45.456 дози.

Vodime bitka protiv Kovid 19 vo polumrak vlasta dolzi odgovori 4

Најмногу вакцинирани лица со две вакцини има во Вевчани (72.3 отсто), Охрид (61 отсто), Кавадарци (61.8 отсто), Неготино (62.1 отсто).

Во источниот дел од земјава, според интерактивната мапа што ја изработивме, во општините процентот на вакцинирани лица е претежно под 50 отсто.

Во некои општини процентот на вакцинирани е дури и под 20 отсто. Така е во Арачиново (15.5 отсто), Пласница (17.2 отсто), Центар Жупа (18.7 отсто) и Студеничани (18 отсто).

Заклучно со 5 октомври, според Министерството за здравство, 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Во овие статистики сè уште не се внесени нашите граѓани кои се вакцинираа во други држави, најчесто во Србија или во Бугарија, а станува збор за десетици илјади луѓе. Откако двете држави не ги испратија списоците до македонското Министерство за здравство на македонските граѓани вакцинирани кај нив, сега Министерството бара самите граѓани да одат на вакциналните пунктови и да пријават дека се вакцинирале во друга држава, за да бидат внесени во системот.

Податоците и процентите на вакцинирани лица, пак, се базираат на стариот попис, во 2002 година, но во секој случај, Македонија е далеку од 70-процентната вакцинација која се смета за потребна за да се стекне колективен имунитет.

Најчесто се заразуваат лицата кои примиле некоја од кинеските вакцини

Министерството за здравство од 6 август годинава почна да објавува сумарни податоци во однос на тоа колкав број од заразените, хоспитализирани и починати лица од Ковид-19 биле вакцинирани со две дози вакцини, а колку од нив не биле вакцинирани. За претходниот период, податоци сè уште нема, иако вакцинацијата во Македонија почна во февруари 2021 година, а ревакцинацијата во април. Ова значи дека недостигаат сумарни податоци за уште четири месеци.

Според достапните податоци, може да се заклучи дека коронавирусот полесно допира до лицата кои не се вакцинирани. Бројот на хоспитализирани и на починати исто така е видно поголем кај популацијата што не е вакцинирана или, пак, има примено една доза вакцина (овие лица влегуваат во статистиката како невакцинирани).

Vodime bitka protiv Kovid 19 vo polumrak vlasta dolzi odgovori 5

Мал е бројот на лицата кои по вторпат се заразиле со коронавирус, односно 591 луѓе се реинфицирале од почетокот на пандемијата досега. Од пријавените случаи на реинфекција, 5 завршиле со смртен исход. Во текот на минатата недела, според ИЈЗ, пријавени се вкупно 39 реинфекции, што е зголемување од 21,9% во однос на претходната недела.

Ова разви и големи дебати во јавноста во однос на тоа дали лицата кои прележале Ковид-19 треба да примат вакцина, особено што актуелните рестриктивни мерки се однесуваат на сите кои не се вакцинирани - и на оние кои никогаш не го прележале и на оние кои го прележале вирусот пред повеќе од 45 дена, а имаат антитела.

„Факт е дека ако човек прележал Ковид-19, тој прележан имунитет е потраен. Но, тоа важи само за оние кои имаат антитела. Има и многу асимптоматски случаи кои дошле во допир со вирусот, но никогаш не развиле антитела, и тие имаат некој клеточен имунитет, но сепак вакцина е потребна оти вирусот сепак може да ја пробие бариерата и да создаде инфекција“, вели епидемиологот Драган Даниловски.

Со сличен став е и д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија.

Vodime bitka protiv Kovid 19 vo polumrak vlasta dolzi odgovori 4„Јасно е дека прележувањето болест остава имунитет. Имуниот одговор е варијабилен кај различни луѓе и генерално зависи од текот на болеста, оние со посериозен тек имаат посолиден и подолготраен имунитет. Од друга страна, имуниот одговор на вакцините кај речиси сите е предвидлив, прилично униформен и многу силен. Исто така, потврдено е дека имунитетот што го добиваат индивидуите кои примиле вакцина по прележување на Ковид-19 е убедливо најефикасен, а притоа нема некој значаен ризик поврзан со вакцините. Од таа причина препораките за вакцинирање ги вклучуваат и оние кои ја прележале болеста“, вели тој.

Но, податоците покажуваат дека и лица кои се вакцинирани со две дози вакцина не развиваат антитела, па оттаму се поставува прашањето колку и вакцинираните се безбедни и заштитени од вирусот.

„Освен за кинеските вакцини, за останатите, дури и да нема антитела, се развива клеточен имунитет. За кинеските вакцини, човек треба да се крсти во антителата, а можно е и воопшто да не се развие клеточен имунитет. Бројот на антитела не значи дали вирусот потешко или полесно ќе ја пробие бариерата. Бројот на антитела е важен да се знае само во однос на тоа дека колку повеќе антитела имаме, толку побавно ќе ги изгубиме“, смета д-р Даниловски.

И д-р Петличковски, според досегашните сознанија во државава, но и во регионот, вели дека вакцинираните лица со кинеските вакцини („синофарм“ и „синова“к), полесно се заразуваат со Ковид-19.

„Од нашите податоци, но и од оние во околината, најчесто се заразуваат луѓе кои имаат примено две дози од вакцините базирани на инактивиран вирус, т.е. од вакцините на кинеските производители. Ефикасноста на овие вакцини во спречување инфекција уште во клиничките испитувања беше нешто пониска од ефикасноста на вакцините кои се базираат на нови технологии, но мора да се потенцира дека по прашање на спречување тешка болест и смрт сите вакцини имаат споредлива ефикасност“, вели тој.

Мажите и жените еднакво заболуваат од Ковид-19, но смртноста кај мажите е повисока

Кардиоваскуларните заболувања, дијабетот, угоеноста се посочуваат како едни од најголемите ризик-фактори за развојот на болеста предизвикана од коронавирусот. Статистиката покажува дека над 60 отсто од починатите од Ковид-19 во земјава страдале од кардиоваскуларни заболувања.

Vodime bitka protiv Kovid 19 vo polumrak vlasta dolzi odgovori 7

„Првично ковидот се сметаше за респираторно заболување. Но факт е дека тој удира на крвните садови, тоа е воспаление на крвните садови и на циркулаторниот систем. Затоа и кардиоваскуларните болни развиваат потешка форма на болеста, особено ако се под терапија. Кај угоените лица, пак, има една генерална компромитација на имунолошкиот систем и поголеми се шансите за цитокинска бура. Се случува и кај лицата со добар имунолошки систем, кај спортистите, непушачите, да се развие тешка форма на болеста, и ова е затоа што често знаеме да го јакнеме имунолошкиот систем со најразлични суплементи на своја рака. Затоа потенцирам дека нам не ни треба силен имунолошки систем, туку балансиран“, тврди Даниловски.

Она што е специфично во однос на корона-кризата кај нас е дека мажите и жените речиси подеднакво се заразуваат од коронавирусот, но смртноста кај мажите е видно повисока.

„Постојат некои биолошки разлики помеѓу мажите и жените кои делумно ги објаснуваат разликите во статистиката поврзана со смртноста од Ковид-19. Имуниот систем, особено инфламаторниот одговор се разликува во нијанси помеѓу мажите и жените. Хормоните имаат дополнителна улога во модулација на имуниот одговор. Сепак, клучната разлика на која може да се должи поголемата смртност од Ковид-19 кај мажите може да биде потврденото повисоко ниво на ACE2 молекули во плазмата кај мажите. Оваа молекула е најважната влезна врата на вирусот и логично, колку повеќе влезни врати има домаќинот, толку заразата полесно и побрзо ќе се шири“, вели Петличковски.

Заклучно со 6 октомври годинава, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 193.458, бројката на оздравени пациенти е 175.881, на починати е 6.758, а бројот на активни случаи изнесува 10.819.

Најголем број активни случаи има во Скопје (5217), Куманово (961) и во Тетово (836). Во овие градови највисока е и стапката на смртност. Според податоците на ИЈЗ, 2.222 жители на Скопје починале како последица на Ковид-19, 453 од Куманово, 499 од Тетово и 453 од Прилеп.

 

Новинарка: Мери Јордановска

Оваа содржина ја изработи порталот А1.он во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје

 

{loadposition poveke-tema-kovid19-a1on}

Тагови: