fbpx

Запалена зградата на поранешен „Технометал“

Речиси една година жителите пријавуваат во полиција, во Општина Центар, Град Скопје, Инспекторатот за животна средина и кај сопствениците дека групи луѓе се во зградата, го корнат лимениот покрив, потоа преостанатата дрвенарија во зградата, вратите и прозорците.

Вечерва после 17 часот запалена е зградата на поранешен „Технометал Вардар“ во центарот на Скопје во непосредна близина на Министерството за труд и социјална политика и партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Жители од становите во непосредна близина велат дека пред пожарот во зградата, во која речиси нема ништо освен голи ѕидови, имало група од десетина луѓе, кои корнат остатоци од лимови и прозорци. По пожарот тие веднаш избегале.

Речиси една година жителите пријавуваат во полиција, во Општина Центар, Град Скопје, Инспекторатот за животна средина и кај сопствениците дека групи луѓе се во зградата, го корнат лимениот покрив, потоа преостанатата дрвенарија во зградата, вратите и прозорците.

Засега освен полицијата никој не реагира, но ниту полицијата не може да ги спречи групите кои обично навечер изнесуваат нешто што е останато во зградата.

На почетокот на годинава беше објавено дека фирмата „Буши фешн“ ја купи зградата на „Технометал Вардар“ во строгиот центар на градот, но не се знае каков објект е планиран.

„Буши фешн“ поседува дуќани за злато, како и хотелот „Буши ресорт и спа“ во Старата скопска чаршија.

Зградата на „Технометал Вардар“ е изградена во 1980 година и е со површина од 8 000 метри квадратни. Беше ставена на продажба откако во 2019 беше отворена стечајна постапка. Но, поради обврски кон Комерцијална банка објектот беше одземен од банката, а потоа ставен на продажба, по што зградата беше купена од „Буши фешн“.

„Технометал Вардар“ беше основана пред 60 години и во времето на поранешна Југославија беше водечка фирма во трговија со мермер, челик, обоени матели и неметали, опрема, машини и друго.

Сега зградата и просторот околу неа се целосно запуштени. Околу неа има  измет, обрасната е со трева и расфрлено е ѓубре. Пред околу еден месец, дел од ѓубрето околу беше исчистено, но ништо друго не е преземено – групи луѓе и натаму навечер влегуваат во зградата, бидејќи никој не ја обезбедува.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии

Тагови: