Се жртвуваа ли здрави дрвја за полесно да помине реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ во скопско Дебар Маало е прашање на коешто побаравме одговор по сечата којашто предизвика револт и протести на граѓаните. Град Скопје по наше барање достави оскудна документација за овој случај коишто покажуваат дека Општина Центар побарала, Град Скопје ги донел решенијата, а ЈП „Паркови и зеленило“ им пресудило на дрвјата. Од доставените документи лесно може да се заклучи дека одлуката за тоа дали едно дрво ќе биде исечено се носи од око, без да се консултираат експерти кои би направиле соодветна фитопатолошка анализа.
Од барање до егзекуција – масакрот на дрвјата е извршен по оценка од око
Од администрацијата на градоначалникот Петре Шилегов велат дека пет лица вработени во Град Скопје биле вклучени во изготвувањето, контролирањето и одобрувањето на сечата. Според нив, дрвјата биле суви, со трули стебла и гранки.
Во документите што ни ги пратија од Град Скопје нема оценка за секое дрво посебно, иако оттаму тврдат дека се одлучувало индивидуално за секое дрво. Нема образложение за тоа каква методологија е користена, односно како се оценува дали некое дрво е болно и треба да се сече или може да се третира за да се спаси.
„Секое дрво е оценето индивидуално (затоа впрочем не е пресечен цел потег, туку индивидуални дрвја кои помеѓу себе имаат сè уште постоечки здрави дрвја). Сите од нив се фотографирани претходно и сите од нив се маркирани за сечење. Проценката ја направил секторот на градот за комунални работи, а по барање на Општина Центар“, велат од Град Скопје за „Само прашај“.
Повеќето исечени дрвја имаа здрави стебла и разеленети крошни
Увидот на терен за потребата од сечење на дрвјата го направиле Марија Стојановска од Секторот за комунални работи на Град Скопје и Здравко Трајковски од „Паркови и зеленило“ на крајот на мај. Има две решенија. На едното е потпишан раководителот на Секторот за комунални работи, Кочо Стојчески и тоа е за сечење на 9 јавори и една смрча на потегот од „Рузвелтова“ до „Ленинова“, а второто решение е со потпис на раководителот Зоран Папевски за сечење на пет јавори и на една липа на „Орце Николов“.
Правилници само на хартија, експерти не се консултираат
Скопје има „Зелен катастар“, но не се ажурира. Во 2018 година е донесен правилник за урбано зеленило којшто предвидува потреба од изработка на катастар, како попис на урбаното зеленило.
„Тој „Зелен катастар“ којшто во моментов Град Скопје го има е застарен, треба редовно да се ажурира и согласно правилникот, за секое дрво треба да има идентификационен број, типологија на видот утврдено со неговото латинско и народно име, треба да се определи висината, ширината на крошната, староста и состојбата, здравје или индикација за болести, потоа потребните интервенции на дрвото, кастрење или сечење во краен случај и друго, во зависност од карактеристиките. Овој правилник ги пропишува сите елементи на „Зелениот катастар“, Град Скопје треба да го одржува овој „Зелен катастар“, а јавноста треба да има пристап до овие информации. Недозволиво е ако се утврдила некаква болест на некое од овие дрвја што се исечени да не е внесено во катастарот на урбано зеленило“, вели директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска.
Деканот на Шумарскиот факултет, Кирил Сотировски за „Само прашај“ вели дека постфестум е тешко да се каже дали некое од исечените дрвја можело да се спаси. Тој вели дека градските власти не се обврзани да побарат мислење од факултетот, но по вакви „грешки“ е јасно дека работите треба да им се остават на стручните лица. Сега, настанатата штета тешко ќе се надомести.
„Дури и да преживеат сите садници, ќе им треба 20 и повеќе години да достигнат големина и вредност, односно значење за сите тие корисни функции коишто ги што ги прават дрвјата. Им треба многу време. Не не консултираа. После два или три дена е лесно да тврдиш дека дрвото било болно, а во моментот на тргање само тие тврдат дека било болно и треба да се тргне. Лошо е тоа што го прават, најверојатно затоа што е полесно еден таков поголем потег да го реновираш ако сè тргнеш, потешко е стебло по стебло да чистиш“, вели професорот Сотировски.
Активистите бараат транспарентност
Граѓанските активисти кои во неделата излегоа на протест испорачаа серија барања до надлежните. Клучна цел е да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени. Тие повикаа да запре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможи „масакрот“ на улицата „Орце Николов“. Бараат транспарентно да се објават сите документи кои треба да содржат стручни аргументи врз основа на кои Град Скопје донел решение за сеча и јавноста да биде вклучена при носењето одлуки. Исто така се бара редовно да се ажурира „Зелениот катастар“, а ЈП „Паркови и зеленило“ да овозможи професионална нега и лечење на болните дрвја, пред да се носат одлуки за сеча.
„Град Скопје и општините во Град Скопје да воведат статутарни одредби за задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста“, повикаа активистите.
Лажни ветувања
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богданович во февраури 2019 година при најавата за реконструкција на улицата „Орце Николов“соопшти дека „во проектирањето на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето.
„Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.“, рече градоначалникот Богдановиќ.
И додека Центар најавува дека ќе посади нови дрвја, активистите посочуваат дека тие не растат „преку ноќ“, бидејќи станува збор за процес што трае со години, што значи дека направената штета со „масакрот“ на улицата „Орце Николов“ не може да се надомести. Граѓанските здруженија воопшто и не веруваат во тврдењата на Општината дека се сечеле само болни дрвја, бидејќи повеќе од нив имале здрави стебла и разеленети крошни.
„Да престанете да си ја префрлате вината на претходната власт. Нема да престанеме да ги толерираме овие компензации што ги правите вие, едно старо дрво не може да биде зaменето со ново, тоа го гледаме од пред неколку години улица „Илинденска“, „Климент Охридски“, Автокоманда – целото тоа зеленило што беше исечено еве ден денес, години подоцна не може да биде заменето со млади дрва“, порача Мила Јовановска, претседателка на „Гоу Грин – Биди зелен“.
Се бара ревизија на проектот за реконструкција на улицата „Орце Николов“
Активистите кои викендов излегоа на протест побараа итна, независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата „Орце Николов“, објавување на проектантот и на ревидентите на проектот.
„Само прашај“ го побара проектот од Општина Центар, но оттаму не упатија на официјалната веб-страница на локалната самоуправа. Таму е наведено дека проектниот документ зафаќа површина од околу 2,4 хектари, на која треба да се воведат физички мерки за смирување на сообраќајот, да се стимулираат пешачки токови со приоритет на пешаците и да се воведат велосипедски патеки.
Општина Центар има објавено само скица од проектот од кој не може да се заклучи како ќе се третира постоечкиот дрворед
Повеќе детали за проектот нема, но сепак, од Општината ветија дека деновиве ќе ни овозможат увид. Универзитетската професорка Дивна Пенчиќ има сериозни забелешки , особено за делот на поставувањето на новата инсталација којашто повторно ќе минува под дрвјата што треба да се посадат, што укажува дека ваков „масакр“ може да ни се повтори.
Таа укажува дека е проблематична и нивелетата на поплочувањето, па водата ќе тече кон подрумите на околните згради, а нема соодветно решение ниту за олуците, па при обилни дождови ќе и‘ тече по фасадите.
„Мислам дека решението и понатака е многу лошо и тоа беше тоа за коешто ние реагиравме многу одамна и еве го сега резултатот. Лошото решение доведе до сечење на дрвја, ќе доведе до уште поголеми проблеми, така да треба да се бара одговорност кај сите што потпишале ваков лош проект“, вели професорката Пенчиќ за „Плусинфо“.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Мартин Пушевски