Одговара Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Планот со Стратегијата и со новиот закон ќе биде да имаме два центри за одговор на сајбер инциденти. Едниот центар за одговор ќе биде Националниот центар за одговор којшто ќе биде сместен во Агенцијата за електронски комуникации и ќе одговара за мапирање и следење на состојбите во приватниот сектор, исто така во институциите врз коишто Агенцијата за електронски комуникации има надлежност. И ќе имаме еден владин CIRT или Владин центар за одговор на компјутерски инциденти, којшто ќе ја мапира и ќе ја следи состојбата којашто е во државните институции и институциите коишто се под Владата на Македонија. И сметаме дека вториот владин CIRT ќе може да одговори на потребите на државните институции затоа што врз нив ја има надлежноста.
Идејата е да се воспостават стандардите, да се следи дали институциите ги следеле и ги почитувале тие стандарди, да се следи состојбата со сајбер нападите и да може да се планира соодветен одговор. Се надеваме дека во соработка со овие институции, но и сите институции коишто се вклучени во изработка на Стратегијата – тука ќе ги спомнам Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, агенциите, сметам дека со еден сеопфатен напор ќе успееме да имаме координиран пристап во оваа насока и навистина да ги заштитиме податоците и системите.

