Одговара д-р Антонио Антоновски од Градската општа болница „8-ми Септември“ – Скопје.
Постои една заблуда дека најголема можна штета во менопаузата кај жените е карциномот на дојката. Во реалноста не е така. Најголема можна опасност од намалената продукција на женските хормони е токму оштетувањето на кардиоваскуларното здравје. Тоа е така затоа што намаленото создавање на хормоните доведува до директни промени на крвните садови, односно се менува внатрешната обвивка на крвните садови, ендотелот ја губи еластичноста и станува крут, се зголемува можноста од пораст на крвниот притисок заради задршка на сол и други директни и индиректни влијанија на хормоните и поради тоа пораст на крвниот притисок. Сето тоа ги менува крвните садови, а тие буквално се патишта коишто водат до сите органи и внатре во органите, така што нивните промени доведуваат до нарушена функција на органите. Па така, имаме срцев удар, мозочен удар и други форми на срцеви заболувања.