Одговара Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Во моментов, Министерството за дигитална трансформација работи на три поединечни проекти коишто се меѓусебно поврзани. Едниот е подготовка на Националната стратегија за сајбер безбедност, за којашто државата нема стратегија повеќе од три години. Ние активно работиме на оваа стратегија која што се надеваме дека во периодот на октомври и ноември веќе ќе биде предложена и на јавна расправа и на донесување во Владата. Паралелно на тоа, работиме на изработка на првиот Закон за сајбер безбедност во Македонија којшто ќе се базира на најновите европски директиви и ќе ги воспостави стандардите за заедно да работиме на сајбер заштитата во сите институции, но и ќе предвиди одговорност на институциите за непостапување по соодветните стандарди во законот.
И третиот елемент којшто е многу значаен е дефинирањето на минимум безбедносни стандарди на институциите кои што тие ќе мораат да ги следат. Тоа значи дека ако имате безбедносен стандард кој што е воспоставен на ниво на државата, секоја институција ќе мора да го исполни барем тој минимум безбедносен стандард, што ќе значи навремено лиценцирање на софтверите коишто ќе се користат, обнова на хардверот, соодветно поврзување на хардверите, максимално искористување на потенцијалите коишто ги има во институцијата и непреклопување на потребните податоци од една во друга институција, што ќе значи целосна заштита на податоците.