fbpx

Државата нема механизам да спречи продажба на живи бубачки како лек преку социјалните мрежи

  • Од македонската Царина со недели не одговараат како кутија со живи бубачки од Шведска ја поминала границата за да се продаваат тука како лек.
  • Социјалните мрежи отворија нови канали за сива економија, но она што се продава понекогаш е опасно за здравјето.
  • Државниот пазарен инспекторат може да постапи само ако електронскиот трговец е регистриран од Централен регистар како и сите останати фирми.
  • Бидејќи закони нема, остануваат само добронамерните совети граѓаните да бидат внимателни.
 

Од Шведска до Македонија, најмалку пет држави поминал камионот на нашиот продавач на бубачки за да ги донесе и да ни ги продаде. Како поминале пет граници живите инсекти складирани во пластична кутија од сладолед? Има ли правила за внес на вакви бубачки преку македонската граница? Постои ли казна? Овие прашања останаа да лебдат откако ни по повеќе од еден месец, ниту во камера, ниту на писмено не добивме одговор од Царина.

Како онлајн се продаваат овие бубачки како лек за хронични болести, ја прашавме и претседателката на Асоцијацијата за е- трговија Нина Ангеловска. Прв пат го виде огласот за ваков производ кај нас, но не е изненадена од инвентивноста на трговците кои сакаат на лесен начин да заработат.

„Генерално, ова е пандан на сѐ што се случува во традиционалниот свет, се случува и во дигиталниот свет на социјалните медиуми. Едноставно, има нови канали каде да просперираат ваквите работи. Не е ова дека случајот со бубачките не постоел и пред 5, 10, 20 години и други тнр. бабини лекови или се работи за некој друг производ или што и да е. Едноставно, сега има нов канал каде тоа да циркулира, да се продава и како да стигне до поширока маса преку нови средства за комуникација и промоција“, вели Ангеловска.

И во традиционалниот и во дигиталниот свет, ова спаѓа во сива економија. Но, тоа не е парче облека кое може да го купите и да не добиете производ како на фотографијата, туку се работи за живи инсекти кои треба да ги пиете за да се излечите од дијабетес, карцином или псоријаза. Притоа лекарите се децидни дека наместо да се излечите, можете да си пресудите.

„Дел од нив можат да содржат и различни вируси, внатре во организмот. Знаете еве, последно сега, ковид- пандемијата“, вели ендокринологот д-р Танер Хасан.

ДПИ има надлежност само за регистрирани трговци

Кој и како може да ги заштити граѓаните од луѓе што продаваат сѐ што ќе им дојде при рака? Откако неколку институции се прогласија за ненадлежни, одговор побаравме и од Државниот пазарен инспекторат. Александра Котели во емисијата „Само прашај“ посветена токму на оваа тема, посочи дека и тие немаат надлежност да ги заштитат граѓаните од лажни трговци на интернет.

„Ние како институција можеме да постапиме само ако електронскиот трговец е регистриран од Централен регистар како и сите останати фирми. Што значи регистриран трговец? Тоа значи да има истакнато име, име на фирма, видливо, секој потрошувач да може да го прочита, адреса, контакт телефон, електронска адреса. Да може потрошувачот контактот да го остварува постојано и непречено со продавачот во електронската трговија. Тој трговец во електронска трговија треба да има финансиски импликации, што значи дека треба да издава фискална сметка, како и секој друг трговец, треба да издава фактура, што значи дека потрошувачот кога ќе го купи производот, без разлика на каков начин е доставен мора да има доказ од каде го купил тој производ. Затоа треба многу да се внимава, особено кај Фејсбук кој што го споменавте или Инстаграм продажбите кои што се во овој период, во пандемијата, во овие три години многу актуелни и многу развиени, да внимаваат од каде купуваат купувачите, бидејќи многу е голем бројот на не регистрирани трговци“, објаснува Котели.

Закони нема, па затоа остануваат само добронамерните совети граѓаните да бидат внимателни.

„Во таква ситуација прво, мислам дека е нормално нивото и свеста на едукацијата и проверувањето на релевантноста и изворите за каде се клика, каде се купува, генерално ако зборуваме за какви било нарачки. Понатаму, купувачите што го прават ова, на пример нарачуваат било што. Велат, човек кога е во мака верува во многу работи, меѓутоа, истото се однесува и ако ова вам ви го продаде некој и на улица и на пазар, улични продавачи или каде било. Значи, различен е само каналот како ќе допре до вас таа информација“, вели Ангеловска.

Огласот за продажбата на овие бубачки како лек е сѐ уште активен на Фејсбук. Граѓани во мака очајно бараат чаре и во пиење живи инсекти, ризикувајќи го сопствениот живот. Државниот систем сѐ уште нема механизам за да ја спречи ваквата продажба и да ги заштити граѓаните поради што сѐ останува на сопствената совест и знаење.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова
Сниматели: Марјан Петковски
Монтажа: Давид Милошевски