fbpx

За здравје и живи бубачки би јаделе

  • Во затворени групи на социјалните мрежи се промовираат „лекови“ за сериозни хронични болести за кои нема медицинска потврда дека се помагаат, ниту предупредување дека можеби се штетни по здравјето.
  • За 100 евра купивме бубачки донесени од Шведска кои се промовираат како лек против дијабетес, псоријаза и карциноми.
  • Проверката во лабораторијата на Природно-математичкиот факултет покажа дека се работи за популарните брашнари кои не потекнуваат од ова тло.
  • Пациенти во очај консумираат живи инсекти кои можат да предизвикаат сериозни заболувања на црниот дроб и панкреасот.
 

Живиот човек има илјада желби, болниот само една – да оздрави. Во едно случајно прелистување по социјалните мрежи, забележавме невообичаена дискусија. Во Фејсбук група, со скриен идентитет, некој прашува за повеќе информации за лек со бубачки. Дискусијата се води во крајности, од згрозеност дека некој се лекува со бубачки, до убедување дека познаваат луѓе кои се излечиле од дијабетес, псоријаза и рак пиејќи живи бубачки. Побаравме контакт и се јавивме.

Побаравме објаснување како овие бубачки може да излечат една ваква хронична болеста.

„Првиот ден ќе пиеш едно од овие, наутро, жива, во чаша вода! Ќе ги ставиш во малку вода или најдобро во јогурт или во сок, за да не ги чувствуваш зашто после се зголемува бројката. Значи првиот ден едно, вториот ден две, така оди до 40 и потоа од 40 наназад“, ни ја објасни „терапијата“ нашиот соговорник.

На овој начин, трговецот вели дека, ако при претходно мерење шеќерот во крвта бил 15, по две недели конзумирање на живите бубачки вредностите паѓаат на 6-7 единици и проблемот се решава засекогаш.

„Лекувањето“ со пиење живи бубачки се промовира и на веб-страници во текстови без автор

Тој има и „теорија“ како овој „лек“ помага. Како што ни рече, од кажување.

„Тие кога изумирале, во желудникот испуштале некои токсини. Тоа било лековито за телото. Така ми кажаа, така ви кажувам“.

На наше инсистирање дали може да ни „гарантира“ дека оваа „терапија“ не е штетна, тој ни испрати неколку веб-страници каде се промовира ваквото „лекување“.

Го анализиравме објавеното на една од нив. Она што се забележува веднаш е дека текстот е полн со недоследности и нема автор. Ниту порталот што го објавува нема импресум. На страницата има објавено и други текстови поврзани со медицината кои исто така немаат автор ниту пак извор од каде се препишани или реобјавени.

Љубопитност која чини 100 евра

Нашиот продавач не знаеше за какви  бубачки се работи, ниту каде се одгледуваат. „Нашите“ дошле од Шведска и за нив соговорникот платил 200 евра кои потоа ги размножил, но не ја оствариле нивната употребна вредност, бидејќи човекот кој требало да се „лечи“ не можел да пие живи бубачки. Нас нè уверуваше дека нема од што да се плашиме.

„Значи не е ништо да се плашиш дека можат да ти наштетат, тоа е најмалку што може да биде. Нема што да ти наштетат“, вели нашиот соговорник.

На нашето прашање дали се консултирале со медицинско лице, рече дека разговарал со луѓе што ги знае во Шведска кои ги пиеле и според него се излечиле од повеќе болести.

Овој профитабилен бизнис цвета и во соседството, за што нашиот продавач ни испрати и линк од телевизиска емисија од Бугарија од 2016 година, во која човек раскажува како одгледува и продава бубачки кои се пијат живи за да лечат хронични болести.

Нашата љубопитност чинеше 100 евра. Истиот ден ги нарачавме, а веќе следниот бубачките стасаа.

За да ги провериме тврдењата прво отидовме во Одделението за анимална екологија при Институтот за биологија на Природно математичкиот факултет во Скопје. Професорката Александра Цветковска – Ѓоргиевска ги набљудуваше и направи идентификација:

Се работи за бубачки од видот tulomoides dermestoides кои припаѓаат на фамилијата тenebrionide или меѓу народот познати како брашнари.

Се работи за бубачки меѓу народот познати како брашнари

Примероците од овој вид конкретно, барем засега, не се евидентирани на територијата на Македонија и пошироко. Поради тоа, професорката Цветковска – Ѓоргиевска вели дека ваквото „шверцување“ на овие бубачките за ова поднебје е многу опасно.

„Ова е вид кој што потекнува некаде од Азиските земји, претпоставувам Кина, јужноазиските земји, така што неговото присуство кај нас може да повлече низа проблеми од аспект на зачувувањето на биолошката разновидност бидејќи секој интродуциран вид, доколку пак, уште полошо е инвазивен вид, може многу лесно да заземе еколошка ниша на нашите автохтони видови со тоа настанува голем дисбаланс во поглед на синџирите на исхрана и нормално сето тоа се рефлектира и врз целокупното функционирање на екосистемите“, вели професорката Цветковска – Ѓоргиевска.

Коцкање со здравјето

Овој вид инсекти во стомакот има абдоминални жлезди кои лачат секрет кој има извесен антиоксидативен и антиинфламаторен ефект. Оттаму се претпоставува дека е верувањето оти можат да имаат позитивен ефект во лекувањето на низа болести. Но, дали тие навистина се лековити и што е поважно - може ли да бидат штетни по здравјето на оние што ги консумираат? Ендокринологот, д-р Танер Хасан со години лекува пациенти од дијабетес во болницата „8 Септември“ и тврди: Дијабетесот е хронична болест и кога еднаш ќе се дијагностицира – продолжува цел живот.

Првата контрадикторност дојде при медицинското дефинирање на дијабетесот. Трговецот тврдеше дека за 80 дена пиење живи бубачки ќе се излекувате целосно! Доктор Хасан вели дека не постојат научни докази кои укажуваат на тоа дека инсектите можат да користат како метода за лечење дијабетес, уште помалку дека болеста може со што било целосно да се излечи!

Тој објаснува дека инсектите содржат токсини, кои ги има и во лековите, но предупредува дека поради тоа што не се истражени тие можат да бидат и исклучително штетни за здравјето.

„Може да делува, да ја наруши целата функција на црниот дроб, а тоа да се одрази со скратување на животот на пациентот. Исто така да се наруши функцијата на панкреасот, бидејќи овие токсини можат да делуваат и врз функцијата на бета -клетките кои што лачат инсулин, наместо позитивно да делуваат како што мислат луѓето, може спротивно на тоа, обратно, да има нус ефект кај пациентите и да делува штетно, да ги изгубат своите животи од овие токсини“, вели др-р Хасан.

Доктор Хасан, пак, објаснува дека не е прв пат да слушне дека пациенти на своја рака, во очај консумираат живи инсекти, но потешкиот дел доаѓа доколку дојдат до степен на хоспитализација, тогаш секоја секунда е драгоцена, а тие мораат да бараат која бубачка каков токсин содржи за да можат да му помогнат на пациентот. Во најчести случаи, резултатот од истражувањата доаѓа предоцна!

Продолжува...

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова
Снимател: Марјан Петковски
Монтажер: Борче Крстевски