На неколку дена до официјалниот почеток на изборната кампања веќе е јасно дека Македонија е одамна во кампања, иако неформална. Партиите ја засилуваат реториката, јавноста е наелектризирана, па и поларизирана. Ова, помалку или повеќе, е нормално за една демократија во којашто се гласа на претседателски и на парламентарни избори, сѐ до моментот кога ќе почне да се прекршуваат правилата на игра, без разлика дали станува збор за злоупотреба на државни средства во партиски цели, неовозможување на избирачкото право или ширење штетни наративи.
Државата да не се меша со партијата
За потребите на изборната кампања, забрането е користење канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи. Мора да се почитува Кодексот за етичко однесување, зашто секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени. Забрането е државни средства да се користат за приватни или партиски цели.
„Секое одговорно лице, избрано и именувано лице, е одговорно економично и ефикасно да се грижи за ресурсите кои се сопственост на државата и да направи разграничување на партиските активности од државните активности за кои е избрано или именувано лице. Согласно Законот, исто така, имаме обврска за електронски пристап до трансакциските сметки на учесниците во изборната кампања што подразбира дека ќе ни биде овозможено следење на финансирањето, односно на дозволените извори на финансирање, приватни или јавни“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на комисија Татјана Димитровска.
„Како предупредување испративме пред извесно време отворено писмо до јавноста, до сите политички субјекти, без разлика на тоа на кое ниво на власт се, дека треба да водат сметка за јасно разграничување на партиските и државните активности и да нема злоупотреба на државни ресурси и капацитети за време на политичка кампања“, изјави вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска.
Обвинителството најавува дека нема да му прости никому
За најтешките дела против изборите е задолжено Обвинителството. Како пред секое гласање, таму е веќе формирана Комисијата за следење евентуални нерегуларности и извршување кривични дела против изборите и гласањето. На чело на оваа Комисија, повторно е обвинителот Џелал Бајрами. Во неа членуваат обвинители од сите Виши јавни обвинителства и еден од Основното јавно обвинителство - Скопје. Сите нерегуларности може да се пријават на [email protected].
„Сите ќе можат да пријавуваат евентуални изборни нерегуларности. Освен граѓаните, тоа можат да го сторат политичките партии, невладините организации, медиумите итн. Откако ќе добиеме пријава, било на електронската адреса или во основните обвинителства, ние даваме предност на постапување по тие предмети, што значи дека веднаш се процесира, се формира предмет и се проверуваат наводите што стојат во пријавата. За денот на изборите ќе има дополнителни дежурства во сите јавни обвинителства и евентуално ако некоја пријава стигне кај нив, ќе имаат предност тие предмети во однос на другите предмети што се работат во основните јавни обвинителства. Доколку имаме доволно аргументи, доколку има доволно докази и обвинителот успее во релативно брзо време да обезбеди доволен број докази за одредено кривично дело, тоа веднаш се процесира и се изготвува обвинителен акт до надлежниот суд“, најавува обвинителот Џелал Бајрами.
Од поткуп, фотографирање гласачки ливчиња до полнење кутии - низ годините сме се изнагледале сѐ и сешто. Но, обвинителот Бајрами вели дека се намалува бројот на сторители на вакви кривични дела зашто веќе има примери на изречени ефективни казни затвор и повеќе од три години.
„Имаше и некои атрактивни предмети за јавноста, каде што, за жал, уште не се до крај завршени, меѓутоа нашата работа како Обвинителство во тој дел сме ја завршиле со тоа што сме подигнале обвинителен акт, сме собрале доволен број докази пред да се одлучиме да изготвиме обвинителен акт и првостепено имаше изрекување на ефективна казна затвор, па второстепениот суд одлучи да го врати на повторно одлучување. Меѓутоа, ставот на Обвинителството е ист и очекуваме да бидат изречени ефективни казни затвор и за тие што беа интересни за јавноста. Веќе и граѓаните сфатија дека се казнуваат сите сторители на кривични дела поврзани со изборите. Се казнуваат, веќе нема простување кон никого. Обично се пријавува поткуп при гласање. Доколку ние цениме дека има елементи за наше постапување, односно има елементи коишто содржат и спаѓаат во тоа кривично дело, секако дека ние ќе постапуваме. Исто така се пријавува фотографирање на гласачите ливчиња, спреченост на граѓаните во нивното избирачкo право итн.“, додава Бајрами.
Неостварувањето на избирачот право го надгледува и Комисијата за спречување дискриминација
Со измените на Изборниот законик барем малку се бајпасираше проблемот со издавањето лични документи, па на изборите ќе може да гласаат и оние чијашто лична карта или патна исправа истекла во период од 9 месеци до денот на гласањето. Исто така, во Избирачкиот список треба да бидат впишани и сите полнолетни. Сепак, постои голем знак прашалник во колкава мера ова ќе се почитува и како овие луѓе кои имаат 18 години, а не можат да извадат личен документ, ќе бидат идентификувани за да го остварат гласачкото право. Од друга страна, има и други категории граѓани кои потенцијално можат да останат покуси за нивното право на глас.
„Нас нè интересира материјалната, не формалната еднаквост. Кога гледаме колку време се чека за лична карта, пасош и за каков било документ, ќе биде тешко да се верува дека некој кој ќе наполни 18 години помеѓу двата круга ќе има каков било личен документ за да може да го докаже идентитетот, дека има престојувалиште во државава, а со тоа и фактички да му биде овозможено правото на глас. Граѓаните кои престојуваат во болници за време на гласањето, немаме регулација за нив како ќе гласаат. Или, имаме тешкотии кај лица кои се стари, изнемоштени или болни, проблематично е да ги извадите сите документи и да ги доставите. Едноставно, може едно лице да е немоќно само, да е доволно старо, да нема конкретна дијагноза и да не може да гласа. Можно поле на проблем се лицата кои согласно деинституционализацијата се згрижени во нова форма на заштита - живеење со поддршка во станбени единици, а беа сместени во заводите за рехабилитација, како што се „Бања Банско“, „Скопје“, „Демир Капија“, и тоа се лица кои по своите лични документи сѐ уште се водат на адресите на заводите, а де факто можат да живеат со поддршка во Скопје“, предупредува претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Игор Јадровски,
Во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација може да се реагира и за недоволната пристапност на гласачките места.
Нерегуларности во изборната кампања и во медиумите и социјалните мрежи
Пред почетокот на кампањата, Институтот за комуникациски студии (ИКС) почна да ги следи јавните настапи на политичките партии и на претендентите за функции. Забележано е ширење штетни наративи.
„Клучните наоди од „Штетна“ досега се дека најголемите политички партии, односно ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Левица најчесто шират штетни наративи. Особено предничат најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои во политичката комуникација шират штетни наративи, како поткопување на довербата во институциите, шират непроверени наоди, ги напаѓаат своите политички противници без да понудат докази за тие обвинувања, а се наоѓаат и случаи на говор на омраза и напади кон личност наместо аргументирана критика на политичките противници. Во предизборниот период очекуваме да се зголеми таа динамика на ширење на штетни наративи. За жал, во последниве шест месеци, колку што ја следиме политичката комуникација, не забележуваме намалување на штетните наративи. Напротив, гледаме и благо зголемување коешто очекуваме да продолжи и во наредните неколку месеци“, вели Бојан Георгиевски од ИКС.
Црната кампања веќе ја забележа Координативното тело кои следи колку се почитува Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборниот процес. Иако тоа не може да изрекува санкции кон оние кои ги прекршуваат правилата, сепак, ги става на ѕидот на срамот, без разлика дали станува збор за политичари, партии, медиуми или луѓе кои се влијателни на социјалните мрежи.
„Гледам дека почна кампања прво врз жените, независно кои се кандидати. Дури и додека се собираа потписите, во голем дел се наѕираше едно родово-базирано насилство на Фејсбук и на останатите социјални мрежи, од типот „време им е да седат дома, да бидат во кујна, да чистат итн.“, нешто што е недозволиво во една демократија. Секој има право да биде избран, да бира итн. и секое исмејување, потсмевање, правење карикатури во оваа смисла, беа класично нарачани текстови што не водат никаде. Дури и да има проблем во одредени датуми, бројки, букви кај кандидатот, доволно е само да се провери информацијата. Очекувам многу дезинформации, многу напади на верска, етничка и полова еднаквост. Ќе гледаме и ќе работиме колку што можеме да ги извадиме на виделина сите прекршувања. А тоа ако понатаму не им е доволен укор и ако не им служи на чест да влезат во професионализмот, ние навистина со сила не можеме да им земеме ништо, бидејќи ова тело не е тело кое може да изрече санкции. Јавната опомена и ѕидот на срамот се механизмите за корекција“, вели Саше Димовски од Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборниот процес.
Ова тело е составено од претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на професионалните новинарски и медиумски организации. Граѓани или правни лица можат електронски да поднесуваат претставки до ова тело на [email protected] во врска со злонамерни информации, говор на омраза, дискриминација или други форми на неетичко однесување на политичките кандидати, партиите, медиумите или инфлуенсерите.
Казни за неправилности во избирачкиот процес предвидени во Кривичниот законик
|
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска