Заборавени во здравствената реформа: Зошто заминуваат медицинските сестри?

Заборавени во здравствената реформа: Зошто заминуваат медицинските сестри?
  • Македонските болници се соочуваат со хроничен недостаток на кадар, застарена опрема, долги листи на чекање и лоши услови за пациентите и вработените, нереновирани објекти и здравствен систем кој е под континуиран притисок.
  • Во Македонија има само околу 9.200 медицински сестри – половина од бројот што е потребен според европските стандарди.
  • Медицинските сестри немаат своја комора, не добиваат лиценци и не се вклучени во креирањето здравствени политики. Законот за сестринство со години е заглавен.
  • Многу медицински сестри работат со договори на дело, без платени придонеси, со мали плати и без можност за напредување.
  • Според здружението „За нас“, во една година заминале околу 2.000 медицински сестри.
  • Без доволен број сестри, здравствената заштита станува неефикасна, особено во одделенијата со најголеми потреби, а без лиценцирање, нема системска одговорност, професионален развој и правна заштита.

Македонскиот здравствен систем е една од најболните точки на општеството - болници со премалку вработени, медицинска опрема која малку или воопшто не се користи, долги листи на чекање за операции, прегледи, скенирања, снимања, недостаток на материјалии, стари, нереновирани објекти кои ги мачат и пациентите, но и сите што работат во нив. Една од клучните алки во системот се медицинските сестри. Тие секојдневно се борат со недостатоците на системот, но и водат битки за нивните, основни права и за регулација на професијата.

Во Македонија има едвај половина од потребните медицински сестри за нормално функционирање на здравствениот систем. Тие, покрај со лошите услови за работа, долги години се борат и со државата која не им овозможува лиценцирање, а со тоа им го ускратува правото да се организираат во Комора преку која ќе ги добиваат лиценците, но и која би била контролно тело за нивната работа.

Медицинските сестри работат заедно со лекарите кои се лиценцирана професија и велат дека е апсурдно што тие ја немаат оваа можност која ќе донесе суштинска регулација, но пред сè, правилно прецизирање на нивните права и обврски.

Лиценцата ја одредува одговорноста за работата. Речиси сите професии се лиценцирани, дури и занаетчиските. Да не сте лиценцирани е многу недостоинствено, вели Гордана Бешлиоска, претседателката на Здружението на сестри, акушерки и медицински сести „За нас“. Потенцира дека клучниот проблем е што државата нема слух за да обезбеди законска регулатива за оваа професија, а и при носењето одлуки, сестрите се исклучени без да имаат право да кажат што им е потребно и на кој начин треба да им биде регулирана професијата.

Да не сте лиценцирани е многу недостоинствено, велат медицинските сестри

Кога медицинските сестри не се таму каде што се носат одлуките и кога не се инволвирани во здравствените политики имате ваква континуирана борба од ваква позиција како што ја има Унијата и Здружението на медицински сестри. Она што е многу важно е дека ние мора да бидеме онаму каде што се носат одлуките, ние мора да бидеме имплементирани во тие структури каде што се носат одлуките, медицинските сестри најдобро знаат што им е потребно. Еве и последните проект во Министерството за здравство, каде што за нас одлучуваат профили на луѓе коишто се несоодветни и неадекватни и коишто се во самиот порцес поради сопствени, лични хирови и некои индивидуални активности коишто одат на штета на сестринската професија. Едни исти индивидуи се тие кои што се инволвирани, кои се во не знам какви позиции инволвирани во законодавните структури“, објаснува Бешлиоска за Само прашај.

Таа смета дека мора да има еден сектор за сестринство во Министерството за здравство којшто ќе ги сублимира податоците и ќе помогне во тој регистар каде што сестрите конечно еднаш ќе се избројат.

Срамота е да зборуваме за тоа дека не сме изброени. Кога не сте изброени, не можете да ги направите проекциите колку сте потребни. Кога не знаете колку сте потрбени, не можете да зборувате за вашата застапеност и задоволување на потребните на здравствениот систем. Ако не сте застапени како што треба и не ги исполнувате стандадрите значи вие имате неефикасни здравствени институции“, вели таа.

Законот за сестринство, главната болка на медицинските сестри треба да биде донесен и поради прекршочните одредби. Лиценцата значи и одговорност и можност при спорни случаи да се реагира согласно пропишаната регулатива. Политизацијата на здравствениот систем, пребројувањето по национална основа, медицински сестри кои со години работат со договор на дело конечно да имаат регулиран статус, непризнаено образование, ниски плати. Сето ова е товар за медицинските сестри покрај секојдневниот стрес од работата.

Да не се поставуваат сестри по политички насоки, да се поставуваат професионално, да се поставуваат врз основа на нивните искуства, да им се признава образованието во болнците. Да не не бројат по национални пребрпојувања. Во нашите ходници во кои ние согоруваме секојдневно сите заедно, никаде не можете да приметите која е со средно која со висока образование, која од каква националност е или кој од каква партија е. Суштината на нашето постоење се пациентите, немаме ние време да размислуваме  во дадени моменти и во континуираната работа дали сме и од каде сме. Меѓутоа, кога го немате законот, кога не ви е регулирана професијата, многу е лесно да ги манипулирате вака медицинските сестри во болниците“, вели Бешлиоска.

Полудивите училишта произведуваат неквалитетен кадар

Честата промена на министрите во секторот здравство - од 2011 сме имале седум министри, некои со неколкумесечен, некои со едногодишен мандат, ги заглавува сите почнати реформи и промени. Така се загуби и Законот за сестринство. Во периодот кога министер за здравство беше Беким Сали тој стаса пред крајната фаза, но, потоа настанаа политички промени и целата постапка се врати од почеток. Медицинските сестри добиваат објаснувања дека за да биде донесен законот за сестринство треба подолг период за да се поминат сите законски фази, па затоа преку здруженијата се обидуваат да издејстуваат измени на Законот за здравствена заштита кој во голем дел ја уредува лекарската професија додека медицинските сестри се споменуваат само во три члена во кои стои дека одат во сменска работа, дека не дежураат и дека се сестри со средна и висока стручна спрема. Бараат интевенција со проширување и надополнување на Законот за здравствена заштита за да се дадат  јавни овласувања.

Во Законот за здравствена заштита кој во голем дел ја уредува лекарската професија медицинските сестри се споменуваат само во три члена

Ова требаше да го завршиме уште пред десетина година, но како и сè друго во Македонија и ова се развлекува, вели д-р Нико Беќаровски од Клинката за Токсикологија.

„Ако во еден тим има лекар кој е лиценциран и кој мора на секои седум години да ја обновува лиценцата преку разни настани, многу логично е да инсистираме, да поддржуваме и да бараме иста таква одговорност, иста таква лиценца да имаат сестрите кои се покрај нас. Мислам дека имаат апсолутна поддршка. Секако дека има и меѓу нас лекарите суетни коишто ќе речат ‘што ќе им е тоа, нивната работа е само да делат терапии’, меѓутоа една спремна стручноедуцирана и лиценцирана сестра прво е гаранција за докторот којшто работи до неа, а секако пред сè и најмногу за пациентот“, дециден е д-р Беќаровски.

Евидентниот недостаток на медицински сестри е надополнет со очаен недостаток на квалитетни медицински сестри, вели тој, посочувајќи на како што вели неуспешениот обид со отворањето на „полудиви“ училишта на секој чекор од каде што излегуваа медицински сестри.

„Тие не изнесоа квалитет туку напротив придонесоа тие стручните, едуцирани и квалитетни сестри да ја напуштат државата. Каде го наоѓам излезот? Излезот е едноставен - вредувајте ги сестрите за тие да ви возвратат и да не заминат од оваа држава“, порачува д-р Беќаровски.

Само Македонија во регионот нема лиценцирани сестри

Искуствата од другите држави, особено од европските, но и сите од регионот покажуваат дека секаде сестринството е регулирано преку лиценци.

„Еден од основите предуслови за развој на регуларана професија е законската основа. Она што е важно за медицинските сестри во Македонија е да биде донесен законот за сестринств, да се основа комора на медицински сестри која ќе го спроведува стручниот надзор и лиценцирањето. Тоа е наша обврска кон пациентите затоа што ние кога ќе завршиме образование почнуваме да работиме, но медицината и здравството се менуваат. Ние мораме да одиме во чекор со времето и мора да им создадеме обврска на медицинските сестри дополнително и континуирано да се усовршуваат. Затоа е важно лиценцирањето. Кај нас во Хрватска, Комората одредува дека лиценцата е со важност од шест години, во тие шест години мора да стекнете 90 поени кои треба да бидат рамномерно распоредени што значи дека секоја година мора да остварите по 15 бода“,  вели за Само прашај Адриано Фригановиќ, претседател на Европската организација на медицински сестри - ESNO.

Панајота Цикала е медицинска сестра од Грција која има искуство работејќи во неколку држави во Европската унија. Таа објаснува дека лиценцата е таа која и отворила врата да работи надвор од Грција, каде се образувала и каде ја добила лиценцата. Потоа заминала на Кипар, па во Ирска, па во Австрија.

„За нас сестрите навистина е важно да имаме лиценца, да имаме регистрација за нашата работа бидејќи кога ќе размислите подобро, ние сме најголемиот дел од секој здравствен систем. И ние секогаш сме тука за пациентите. Навистина треба да бидеме признаени. Ние многу често остануваме подоцна, го работиме најголемиот дел од работите и ова прашање мора да биде решено“, вели таа.

Во јавните здравствени установи има медицински сестри кои и повеќе години работат со договори за дело. Актуелната владејачка гарнитура, набрзо по преземањето на власта, вети вработување на сите медицински лица со нерегулиран статус. Почна процесот за приватните специјализанти, додека за сестрите, болничарите и техничарите објаснувањето беше дека треба да се чекаат новите систематиазации и потоа да се распишат конкурси. Нема гаранции дека сите оние кои долго време работат со договори ќе ги добијат работните места.

„Се соочивме и со ситуација да видиме дека медицинските сестри кои работат со договор на дело воопшто не биле планирани во систематизациите. Во законот има црвени линии за ангажмани на професиналци по договор на дело, конкретно за медицинските сестри, во неколку болници, вклучително и во гостварската, каде ни се случи дека има многу повеќе ангажирани со договор на дело и мораше да се скрати бројката, па најмногу настрадаа медицинските сестри. Тие беа први коишто си заминаа во здравствени институции каде што останаа советници, советници на советниците кои со анекс- договори веднаш беа вработувани преку ноќ“, објаснува Бешлиоска.

Докторите те едуцираат, па не ти го признаваат статусот

Покрај сите наведени проблеми, медицинските сестри се соочуваат и со „сопки“ дури и кога завршуваат високи школи и специјализации, бидејќи систематизациите во здравствените установи не го препознаваат нивното образование, а има и апсурни ситуации кога директорите на болниците се предавачи во школите за сестри, а во институцијата не им го признаваат образованието.

„Сега ние ‘никнуваме’ осма образовна висока медидицинска институција, а не ги признаваме сестрите, а во болниците имате доктори, менаџери од болниците, кои се професори и предаваат. Факултетите станаа ‘тезги’ за докторите. И кога ќе се вратите во болниците, истите тие кои ве школуваат и ве едуцираат, ако се на позиции на менаџери, не ви ги признаваат факултетите. Нели е тоа доволна причина да размислите да си заминете ако веќе имате можност да се се остварувате во кариерниот развој како медицинска сестра и да напредувате со образованието?“, прашува Бешлиоска.

Проблем е и статусот на ангажман со договор на дело.

„Секој ден сте во ситуација да не знаете дали утре договорот ќе ви биде продолжен, да работите со сите исто, да имате исти одговорности, а на први да добиете плата од 22 илјади денари без платени придонеси за здравствено и пензиско осигурување. И се случувале со години нанзад конкурси, и вие сте тие ‘сигурните’, што сте тука во болницата и ќе се вработат од надвор други медицински сестри. Вработувањето на крајот е ексклузивно право на менаџерите и затоа потоа се пластат сестри со по седум-осум години на договор. Систематизацијата е една конфорна зона и еден параван на менаџарите. Ние тоа го гледаме со години. Се соочивме со случаи кога медицински сестри беа ангажирани во ковид-кризата, а кога заврши беа вратени дома“, објаснува Бешлиоска.

Според податоците на здружението „За нас“, само во претходната година, од земјава си заминале 2.000 медицински сестри

Но, дури и кога ќе им се признае образованието и специјализациите, се отвораат нови „дупки“.Медицинските сестри на кои им се признава високото образование немаат право на дежурства и сменска работа. Бешлиоска објаснува дека во колективните договори има правило кое одредува дека соодносот на платите и додатоците на лекарите и сестрите треба да бидете два спрема еден, но кај нас соодносот доаѓа и до три спрема еден кога ќе се земат во предвид платите, дежурствата и додатоците. Таргет на последното покачување беа медицинските сестри со средно образование, што донесе одлепување од државниот минимум.

Ние континуирано се боревме во колективните договори да бидат внесени нашите специјализации и нашите високи школи и препознаени преку коефициенти. Ако во колективните договори немате коефициент по образование, тоа не може да се преслика во систематизациите во болниците. Најжално е што во сите болници, систематизациите не ги препознаваат медицинските сестри кога ќе завршат високо образование и специјализација затоа што секогаш недостасуваат буџетите за сестрите. Во болниците има категории каде има медицински сестри со високо образование без платени придонеси. Па имавме со паушални плаќања дополнителни, па имаме медицински сестри за кои ги чекаме новите систематизации каде што треба да си ги добијат позициите. Потоа имаме медицински сестри на кои им го признаа високото образование, а не им даваат да одат во сменска работа и не им дозволуваат да одат на дежурства. Тоа е еден парадокс кој е многу срамен и тоа е нешто за кое ние многу гласно ќе зборуваме“, вели Бешлиоска.  

Дека не зборува на памет, Бешлиоска како примери ги наведува Општата болница во Прилеп, болницата во Демир Хисар, во Геријатрија.

Тоа е поделба, дискриминација, непофесионалност, непрофесионален пристап кон медицинските сестри затоа што доколку одат на дежурства на први ќе имаат исплата поголема за дежурства“, децидна е таа.

Според податоците на здружението „За нас“, само во претходната година, од земјава си заминале 2.000 медицински сестри. Според анкетите што ги правеле, висината на личните доходи е трета по ред причина за заминувањата. Пред сè, во странство се оди заради добрите работни услови, здравата средина за практикување на професијата, можностите за кариерно напредување и усовршување.

Во Македонија, според едниствениот податок кој го има Институтот за јавно здравје има 9.200 медицински сестри, што е недостаток од 50 проценти во овој момент. Европските стандарди велат дека на еден милион жители треба да има од 7,500 до 8.000 сестри или на 100 жители од 750 до 800, а кај нас има од 300 до 400 што е далеку од стандардите. Овие бројки го блокираат здравствениот систем, со оглед дека во одделенијата за интензивна нега, на пример, една медицинска сестра треба да има два пациенти. Кај нас ситуацијата е далеку од овој стандард. Од друга страна, во некои институции има поголем број медицински сестри, но здравствените власти не преземаат речиси ништо за да се разреши оваа ситуација. Значењето на медицинските сестри за системот го потенцира и Европската Унија. Со ова ќе се соочиме при отворањето на поглавјата во преговрите затоа што ЕР - регулативата предвидува прецизни бројки за тоа колку и какви медицински сестри - колку со високо образование, колку со специјализации - треба да има во една здравствена институција.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски

Снимател: Наке Батев

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Фото: Дарко Андоновски