Случајот од Аеродром што го тестираше системот: Едно дете без поддршка, триесет без заштита

Случајот од Аеродром што го тестираше системот: Едно дете без поддршка, триесет без заштита
  • Три години институциите не најдоа решение за ученик со агресивно однесување, додека десетици деца беа изложени на насилство.
  • Родителите алармирале, а дел од учениците биле испишани поради страв и трауми.
  • Работна група препорача ученикот да се премести, но до крајот на учебната година тоа не се случи.
  • Училиштето, општината, МОН, ЦСР – сите се „вклучени“, но никој не признава институционален пропуст.
  • Иако беа обвинети, медиумите го заштитија идентитетот на детето и отворија простор за јавна дебата.

Случајот со третоодделенецот од основното училиште „Лазо Ангеловски“ од скопската општина Аеродром изминатата учебна година ја алармираше јавноста и го стави под лупа функционирањето на целиот образовен и социјален систем. Долго траеше институционалната постапка за справување со агресивното однесување на ученикот, за време на кој повеќе од 30 деца беа изложени на различни форми на насилство. Иако учебната година заврши, работната група што ја формираше Министерството за образование даде мислење, но одговорот на прашањето што ќе се случува од септември останува нејасен. Ќе добие ли ова дете поддршка соодветна на неговите потреби, а останатите ученици – безбедно училишно опкружување? И дали конечно ќе има одговорност за пропустите?

Заврши учебната година, но проблемот не е решен

Третоодделенецот да ја смени училишната средина, односно да се префрли во друго училиште, е заклучокот на работната група формирана од Министерството за образование и наука, која го следеше однесувањето на проблематичниот ученик од ООУ „Лазо Ангеловски“ од скопски Аеродром. Информациите што ги добивме од Народниот правобранител се добиени во службен разговор со претставник од МОН на 30 април годинава. Но, додека не се случи префрлањето, детето ќе следи настава во истото училиште и треба да е придржувано од стручни лица од други училишта во општина Аеродром.

Ставот на работната група е дека детето треба да ја промени училишната средина, но тоа не е едноставна постапка, бидејќи за тоа потребен е ангажман од страна на општината, да пронајде училиште каде ќе биде префрлен ученикот, при тоа да ја земе предвид екипираноста на стручната служба во училиштето, бројот на паралелки и бројот на ученици по паралелки, со одредување на раководител на паралелка кој поседува добри компетенции кои би можеле најдобро да се поддржи ученикот како и останатите ученици со цел нивна интеграција.

За случајот во ООУ „Лазо Ангеловски“ се дозна три години од почетокот на проблемите

Последен пат кога од канцеларијата на Народниот правобранител оствариле телефонски разговор со заменик- директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“ пред крајот на учебната година им било кажано дека биле забележани извесни подобрувања во однесувањето, поточно детето не манифестира физичка агресија, но не и вербално. Секојдневно ги напаѓал другите ученици, наставниот кадар и стручните лица, користејќи пцости и навредливи зборови. За ова редовно бил информиран Центарот за социјални работи.

Проблем стар три години

Сооучениците на детето со проблематично однесување во изминативе три години претрпеле некој облик на насилство, иако за случајот јавно се проговори при крајот на 2024 година. Клопчето почна да се одмотува откако родителите од основното училиште „11 Октомври“ во општина Центар ја бојкотираа настава, противејќи се ова дете да биде префрлено во ова училиште пораади неговото проблематично однесување. Тогаш почнаа дебатите каде треба да учи детето, родителите од старото училиште кои со години барале решение од надлежните, го кренаа гласот и не сакаа пак да учи со нивните деца, по целата голгота низ која поминале. Овој случај ја отвори Пандорината кутија, надлежните си ја префрлаат одговорноста, но не побараа одговорност во своите редови - дали некој од нивните вработени затаил?

Советот на родители на основното училиште „Лазо Ангеловски“ со отворено писмо и се обрати на министерката за образование и наука, барајќи од неа решение, кое, како што велат ќе ги заштити нивните деца. Прашуваа до кога ќе се става акцентот на еден ученик наспроти 1.510 ученици и до кога ќе бидат заплашувани од позиција на моќ на едните родители преку нивните познаници во системот, исполнувајќи ги нивните желби?

Реагираа и родителите на третоодделенецот, кои се пожалиле дека нивното дете е жртва, па претставки поднеле до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и од Народниот правобранител.

Општината три години работела на случајот, но вината ја гледаат во државните институции

Но, како е можно еден ваков случај да постои три години и никој да не најде решение? Од училиштето не добивме одговор. Од Општината Аеродром под чија капа е училиштето и која го поставува директорот и го вработува во персонал, одговорија дека тие немаат никаква вина. Веќе неколку години заедно со стручните служби на училиштето работеле на изнаоѓање решение за посочениот случај во рамките на своите ингеренции. Прстот го вперија во институциите од централната власт, кои велат дека не покажале никаков интерес.

Но, сега имаат надеж, бидејќи добиле поддршка од новите раководства на Министерството за образование и наука и Министерството за социјална политика.

Од Државниот просветен инспекторат, пак, велат дека нема вина и кај нив, и во случајот се преземени повеќе мерки во согласносат со законските прописи, кои за жал не дале ефект. Затоа е формирана интердисциплинираната комисија во МОН и направен е план како да се постапува.

Дали вината е во службата во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје?

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади ни одговорија дека меѓуопштински центар за социјални работи Скопје постапувал по предметот на малолетното дете во согласнот со своите надлежности и со Закон за правда на деца. Спровел мерки на помош и заштита со родителите и детето, а по извршена репроценка е определена е и мерка за надзор над вршење на родителско право.

И покрај одговорот што ни го дадоа, сепак откако случајот беше откриен во јавноста во декември минатата година, стручниот тим што го водел предметот е сменет. Тоа го забележале и од канцелијата на Народниот правобранител, па прашале која е причината.

„Едно од нашите прашања во најновото обраќање до институцијата минатата година беше да ни ги образложат причините дали е тоа бидејќи можеби, условно кажано, утврдиле дека нецелосно е постапено, односно не се преземени сите мерки за да се превенира таквата ситуација до којашто е дојдено. Меѓутоа, добивме одговор дека тоа нема никаква врска со случајот, туку поради организациски причини во институцијата, настанало преместување, односно ангажирање на стручниот тим на некои други работни задачи, формиран е нов стручен тим кој за волја на вистината барем од одговорите коишто ни ги доставија, а се обемни, утврдивме дека случајот го испитува од многу порано, почнувајќи од односот во средината додека бил во детска градинка, во училиште, во средината каде што живее“, вели Васка Бајрамовска – Мустафа- заменик народен правобранител.

Бајрамовска – Мустафа потврдува дека пред Нова година кај нив е стигната претставка од родителите на третооделенецот, но таа за овој случај знае од пред три години, кога тргнал во прво одделение и кога всушност почнале да пристигнуваат првите претставки од родители на негови соученици за агресивното и асоцијалното однесување. Според одговорот од училиштето немало провокација од страна на други ученици за ваквото однесување на детето.

Голем број од децата се испишале од паралелката, а речиси нема дете без терапија поради стравот

Со докази, доставени до институцијата Народен правобранител, советувалишно е работено со родителите, направена е проценка, односно увид во семејната средина, стапено е во контакт со училиштето, добиени се сознанија за односот со стручните служби. Утврдиле дека станува збор за семејство коешто се грижи за детето, грижливи родители, нема занемарување, нема евентуално насилство коешто би предизвикало такво однесување, и дека, имајќи ја предвид неговата возраст, тогаш беше 6 - 7 години дете, на почетокот на учебната година, во соработка со училиштето со стручните служби, ќе се следи случајот и ќе се преземаат мерки за решавање на сите проблеми во чекор. Согласно ваквите одговори, нормално училиштето постапуваше, ги преземаше соодветните мерки во контактите со родителите, не навлегувам во тоа колку се соработливи, имајќи предвид дека едната страна даваше еден одговор, втората страна поинаков одговор итн. Ситуацијата заврши со испишување на голем број ученици од паралелката и она што последно го добивме од страна на загрижените родители, секако алармира дека таквото однесување предизвика меѓу другото и страв, паника кај учениците, бидејќи нема ученик без терапија, без дијагноза, поради таквото однесување. Тоа е алармантно и секако укажува на потребата од поинаков пристап. Затоа што не можете да кажете дека сè е преземено нема никаков проблем, а да имате случај којшто пројавува проблем, прави проблем. И нема логика и нема оправдување дека навистина може да се потврди дека органите ги презеле сите мерки во однос на ученикот“, објаснува Бајрамовска - Мустафа.

За министерката за образование Весна Јаневска, не е проблематично детето, туку системот кој не е подготвен да се справи со проблемите коишто се појавуваат во него. Од МОН сметаат дека нивните ингеренции во овој случај се најмали, односно дека тука многу поголеми ингеренции има училиштето, општината, социјалните служби.

МОН смета дека има најмали ингеринции во вакви случаи

Ѓорѓи Илиевски, поранешен инспектор во Државниот просветен инспекторат вели кога има проблем, а никој не е виновен, е случај во корумпирани држави. Тој не само за конкретниот случај, туку за сите немили настани со малтретирање во училиштата во земјава, вели дека образовните институции за справувањето со врсничкото насилство можат да добијат двојка.

„Треба да се спречи, да не доаѓа до такви катастрофални работи. А вака ако продолжиме ќе ни се случуваат исто така, ќе затајат институциите и тогаш ќе бараме кај е проблематиката - зошто овој директор така постапил, па сега ќе го повикуваме, наместо кога викам да го казниме, за неговиот непрофесионален однос, да се разреши. Без разлика дали е тоа директор, дали е тоа педагог, психолог, дали е тоа наставник, дали е тоа некој министер. Во нормални правни држави за вакви нешта што се случуваат под итно си оди министерот за образование и наука или за труд и социјала или си одат и други високи функционери. Ние ќе се зафатиме и на крајот виновен бил хигиеничарот. Не се знае кај е вината ако добро не се организира. Не сме добро организирани, теоретски сме добро поставени, но немаме добра имплементација, практичноста ни е запоставена. И тогаш доаѓаме до една ситуација во којашто нема излез“, вели Илиевски.

Улогата на медиумите

За случајот стар три години се дозна дури откако за тоа објавија медиумите. Поради тоа, една од работите на која укажале родителите на детето е дека тоа е жртва токму на медиумите. Но, Катарина Синадиновска, новинарка и поранешна претседателка на Советот за етика во медиумите вели дека медиумите во конкретниот случај, како ретко кога беа на ниво на задачата, со тоа што го заштитија идентитетот на малолетникот.

„Сепак, тука се работи за дете, таа сензитивност мора да биде застапена, неговите права исто така треба да бидат уважени. Апсолутно дека тука треба да има сензитивно известување, но тоа сензитивно известување не значи извртување на вистината или покривање на некои факти. Јас разбирам дека како родители сите сме чувствители за нашите деца и никој не би сакале од нас да се најде во таква ситуација, но мислам дека јавниот притисок може да биде и од помош да се искористи за целосно да се расветли случајот, на дедето да му се помогне, другите родители да бидат смирени, мислам дека една комуникација е апсолутно потребна и медиумите тука можат дури и да помогнат“, истакнува Синадиновска.

Случајот со третоодделенецот од „Лазо Ангеловски“ е повеќе од изолиран инцидент – тој е огледало на систем кој не препознава проблеми навреме, не реагира координирано и не презема одговорност. Додека институциите си ја префрлаат вината, последиците ги чувствуваат и детето и неговите соученици. Со завршена учебна година, останува клучното прашање – што понатаму од септември, и дали конечно ќе има јасен план, конкретна поддршка и одговорност за серијата институционални пропусти.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски

Снимател: Слаѓан Милошевски

Монтажа: Давид Милошевски

Поврзани стории:

Жртвите на врсничко насилство се изложени на напади и кога јавно ќе проговорат за тоа

Врсничко насилство: Сеопфатна стратегија наместо ад хок мерки

Училиштата не добиваат поддршка од институциите за заштита од врсничко насилство

Постојат две државни тела против врсничко насилство кои никогаш не сме ги слушнале

Каде може да се пријави врсничко насилство?

Како да препознаам дали моето дете е жртва на врсничко насилство?

Дали можам да пријавам врсничко насилство во училиштето?

Што претставува врсничкото насилство или булинг?

Со доследно применување на Законот за правда на деца до намалување на деликвенцијата

Како можеме да одбраниме дете од мобинг од други деца во училиште?