- Од нашите прашања упатени до Министерството за правда и до Министерството за труд и социјална политика, не дознавме што работат двете државни тела кои треба да се занимаваат со оваа проблематика.
- Во праксата на Независниот синдикат за образование и наука досега нема ниту еден успешно решен проблем преку користење на овие комисии.
- Треба да има поригорозни казни за родителите кои нема да се грижат за сопствените деца.
- Во процесот е многу важно кога учениците одлучуваат да зборуваат за проблемот да знаат дека не се сами во ситуацијата.
Што работат Државниот совет за превенција на детско престапништво и Националното координативно тело за заштита на децата жртви на злоупотреба, запоставеност и насилство? Дилемата ја отвори пензионираниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој во изјава за сторијата на Само прашај во која сакавме да ги лоцираме слабите точки во системот, поради кои се замижува пред случаите на врсничко насилство, јавно праша: Зошто двете тела кои имаат надлежност за превенција и реакција на вакви случаи, иако постојат со години, не беа во првите редови со конкретни мерки за спречување на идни и за решавање на постоечките проблеми со меѓуврсничко насилство, особено по белградската трагедија?
Одговори на овие прашања побаравме од министерствата под чија надлежност се двете тела – од Министерство за правда и од Министерството за труд и социјална политика.
Државниот совет за превенција на детско престапништво е формиран во 2007 година согласно Законот за малолетничка правда. Функцијата и надлежностите на Советот произлегуваат од членот 156 од Законот за правда на децата. Сите активности и извештаи за работата на советот се на официјалната веб страница dspdp.com.mk.
Како што може да се дознае од страницата, Државниот совет е составен од 15 члена кои ги избира Собранието со мандат од пет години, а целта е правна заштита, грижа за децата и образованието.
Во делот на правната заштита стои дека Советот е самостоен и независен во вршењето на работите и има надлежности за пошироко запознавање на граѓаните со правата на малолетниците. Во него има Концепт за зајакнување на општинските совети за превенција на малолетничко претстапништво од 2012 година. Како и извештај од Заклучок на Собранието на РМ за Годишниот извештај на Државниот совет за 2011.
Активности на Државниот совет за превенција на детско престапништво
Во новостите, може да се види дека Државниот совет за детско престапништво одржал седница на 9 мај годинава на којашто се дискутирало во однос на Протокол за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица донесен од страна на МТСП.
На седницата еден месец пред тоа, на 18.04.2023 година, се расправало во однос на новините предвидени во Предлог - Законот за средното образование. Два месеци пред тоа, на 14.02.2023 година, избран е нов претседател на Државниот совет, а на крајот на јануари годинава одржана е тематска расправа во однос на правата на децата во рамките на скрининг процесот.
Така се редат активности назад за претходната година. Во прелистувањето не наидовме на било каква расправа која се однесува на врсничкото насилство. Кога од Министерството за правда побаравме одговор за активностите на ова тело, и конкретно, дали досега имало нешто поврзано со овој проблем, само нè упатија на она што е наведено на вебстраницата.
Но, и тоа може да се смета за некаков одговор, ако се има предвид дека од Министерството за труд и социјална политика,пак, воопшто не одговорија на нашите прашања за работата на Националното координативно тело за заштита на децата жртви на злоупотреба, запоставеност и насилство, иако тоа го побаравме во повеќе наврати и во период од неколку недели. Во отсуство на информации за неговата работа, единствено што е познато е дека во ова тело има 13 претставници и исто толку заменици.
Казни за родителите поради негрижа
Следно каде што побаравме одговор за работата на овие тела е Независниот синдикат за образование и наука. Неговиот претседател Томислав Гиевски, го прашавме дали досега имале помош од овие тела за решавање на проблем со врсничко насилство. Вели, во пракса досега тој не сретнал, ниту пак некој од членовите го информирал дека преку користење на овие комисии успешно се решил некој проблем. Тој апелира до колегите да бараат помош од сите тела кои постојат за превенција и решавање на меѓуврснички конфликти за да видат дали навистина ќе им помогнат или постојат само на хартија. Негов став е дека за превенција и решавање на меѓуврсничко насилство не се потребни две, три тела или совети, туку потребно е едно, но ефикасно.
„Во училиштата многу често се случува оваа појава булинг. Во досегашната пракса сме имале ситуации каде што колегите пријавувале насилство кај работодавецот, кај стручната служба. А пак од колегите од стручната служба што работат како педагози или психолози, имаме многу често поплаки дека институциите кои што се грижат за детското престапништво несоодветно се однесуваат. Знаат и по три, по шест месеци да не им одговорат. Тоа е многу критична точка. Сега имаме ситуација каде што одредено дете се однесува несовесно, каде што се исцрпени сите методи кои што му стојат на располагање на просветниот работник, како што се укор, советување на родители и од кога ќе се исцрпат сите методи, се префрла топката на стручни лица, кои се имаат насочено кон изучување на оваа проблематика. Тогаш доаѓаме во ситуација да не вратат на и-мејл три до шест месеци, да ѕвонат на телефон, да не можат никого да добијат“, вели Гиевски.
Тој не се сомнева во работата на колегите во училиштата, но смета дека немаат механизми за да ги решат проблемите. Вели, парична казна за родители кои не доаѓаат на советување е една од мерките која се користи во многу држави. Исто така, во нашиот закон мора да се направат измени, родителот да биде ослободен од работа кога ќе биде повикан во училиште.
„Покана од училиште како во многу држави мора да биде исто како покана од суд, мора да се присуствува. Родител, старател да присуствува на средби за советување, а ако не сака да присуствува, тогаш мора да следуваат парични казни. Доколку се исцрпи и тој метод дека со разговори не може да се постигне ништо, тогаш треба да има казни и треба да има поригорозни казни за родителите кои нема да се грижат за сопствените деца. На тој начин сметаме дека многу лесно може да се надмине несаканата појава“, предлага Гиевски.
Гиевски смета дека меѓуврсничкото насилство се крие и поради тоа што директорите не сакаат да зборуваат за булнигот во нивните училишта, бидејќи се плашат да не бидат сменети. Затоа, тој апелира дека ако се сака да се направи нешто, и директорите и наставниците мора да зборуваат отворено.
Децата сами да пријавуваат
И додека едни молчат, со надеж дека проблемите ќе исчезнат ако се стават под тепих, има и такви кои гласно говорат за проблемите со кои се соочуваат децата и се обидуваат да ги решаваат.
Елена Темелкоска е психолог во основното училиште „Кирил и Методиј“ во скопското село Стајковци, со подрачно училиште во село Страчинци, во кое учат 400 ученици, кои наставата ја следат на македонски и албански јазик.
Темелкоска години наназад се обучува за решавање на конфликтите помеѓу учениците. Објаснува дека, според упатство на Министерство за образование направиле измени дополнување на Статутот на училиштето, имаат интерен акт за забрана на насилство во вид на протокол, по кој постапуваат во случај на какво било насилство детектирано или пријавено од страна на учениците, родителите или вработените во училиштето без разлика каде се има случено. За учениците да бидат охрабрени да пријават насилство, во училиштето каде што работи поставено е сандаче за анонимно пријавување на насилство.
„За успешно решавање на проблемите помеѓу учениците во досегашното мое работење се покажало дека лежи во довербата слободно да влезат во мојата канцеларија и отворено да зборуваат за своите проблеми. Потребно е децата активно да се слушаат за да ја стекнат сигурноста и довербата и на тој начин да научат слободно и отворено да зборуваат за проблемите. Најважно е кога учениците одлучуваат да зборуваат за проблемот да знаат дека не се сами во ситуацијата и решавањето на проблемот зависи од нивната подготвеност да го дадат својот максимум за да го решат проблемот. Заедно бараме решение пред да кулминираат проблемите, пред да дојде до физичка пресметка. Во зависност од тежината на проблемот, исто така важно е во процесот на решавање да се вклучат и родителите и наставниците, а кога е потребно и соучениците за да се даде меѓуврсничка поддршка“, вели Темелкоска.
Од нејзината досегашната работа како психолог, родителите секогаш соработувале доаѓале на закажаните термини. Таа истакнува дека соработката на училиштето со родителите игра важна улога во социо-емоционалниот развој на учениците и нивниот позитивниот став кон училиштето и советува:
„Меѓуврсничко насилство може да се превенира ако на време се детектираат проблемите. Со брзо делување и интервенција може да се спречи појава на насилство и да се промовира добросостојба меѓу учениците“, истакнува Темелкоска.
Во нашата сторија претходно објавивме сведочење на родител на дете кое е тепано и малтретирано од соученик од одделението. Тој го потврди она што го кажа и Гиевски - дека одделенските наставници, педагошко – психолошката служба, директорот само ги забележувале настаните. И толку, додека проблемите ги решаваат самите родители меѓусебно.
Според податоците на МВР во периодот од 11 години, од 2012 година до 30 април 2023 година регистрирани се вкупно 1.189 случаи на насилничко однесување меѓу учениците. Најголем број се пријавени во текот на 2013 година-184, а најмал број е во текот на 2020 и 2021 година, кога всушност е и пандемијата, кога наставата се одвиваше онлајн.
Според евиденцијата на МВР, минатата година и првите четири месеци од оваа година, најмногу случаи на насилничко однесување меѓу учениците има во Скопје (26 лани и 16 годинава) и во Тетово (24 лани и 8 годинава).
Народниот правобранител, пак, во текот на 2022 година постапувал во девет случаи за меѓуврсничко насилство во училишта, сите во основни училишта, а во 2021 година во 10 случаи - седум во основни училишта и три во средни.
Психологот и психотерапевт Снежана Андреева, експерт за работа со семејно и родово насилство во интервју за Республика, говорејќи за коренот на семејното насилство, ја истакнува и изложеноста на булинг.
„Недостатокот на вештини за решавање конфликти, кај поединците овозможува тие потешко да управуваат со гневот и се повеќе се склони кон прибегнување кон насилство како средство за решавање спорови“, вели Андреева.
Без дилема дека правата на детето треба да се почитуваат. Притоа, сепак, мора да се внимава, штитејќи го правото на едно дете да не се загрозат или ускратат правата на други деца - правото на непречено образование, на слободно движење, нормално функционирање на училиштето. Но, од сето ова може да заклучи дека иако на хартија постојат, просветните работници во пракса немаат доволно механизми за решавање на меѓуврсничко насилство.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.