fbpx

Постојат две државни тела против врсничко насилство кои никогаш не сме ги слушнале

  • Податоците од институциите покажуваат дека меѓуврсничко насилство има, има и мерки за заштита, но никој не реагира.
  • Родител на дете во основно училиште во една скопска општина кое е жртва, раскажува дека ни скршен заб ни завршување во болница не е доволна причина за училиштето да преземе нешто.
  • Во Државниот совет за превенција на детското престапништво има 7 члена од разни институции избрани од Собранието, а во Националното координативно тело за заштита на децата жртви на злоупотреба, запоставеност и насилство има 13.
  • Кога ќе се случат настани на меѓуврсничко насилство, родителите прво бараат помош преку медиумите.
 

Трагедијата што ја предизвика ученик во основно образование во Белград одново отвори дебата за едно прашање за кое се разговара само кога во јавноста ќе се појави таков случај – меѓуврсничко насилство. Министерството за образование и наука веднаш објави дека се додадени нови мерки и се надополнети постоечките механизми за спречување на овој вид  насилство за кое впечатокот е дека е во пораст. Но, како и обично на хартија секогаш состојбата изгледа под контрола, но реалноста е всушност она што се случува на терен.

Во нашиот обид да видиме што се случува меѓу малолетниците, дојдовме до искуството на еден родител чие дете е жртва на врсничко насилство. Тој се охрабри да говори и во камера, но за да не се изложи неговото дете на дополнителни трауми, неговиот идентитет ќе остане скриен.

Нашиот соговорник, чиешто дете е ученик во основно училиште во една скопска општина раскажува како скршен заб и санирање на повреди во болница не се причина да се вклучи алармот, иако министерот за образование Јетон Шаќири ги охрабри родителите, учениците и училиштата да пријавуваат насилство.

„Наставниците ги прикриваат работите. Сега имаше еден друг случај, каде што дете на дете му скршило заб. На родителот му беше кажано дека неговото дете е повредено и дека родителот на другото дете што беше агресивно е информиран и да преземе мерки. Родителот на повреденото дете се јавил кај родителот на повреденотот дете и тој всушност кажал дека не бил информиран дека неговото дете на другарчето му го скршил забот. Така што, самите наставници ги прикриваат некои од случаите“, раскажува нашиот соговорник.

Нашиот соговорник е татко на дете кое е тепано и малтретирано од соученик од одделението. Вели, одделенските наставници, педагошко – психолошката служба, директорот само ги забележувале настаните. И толку.

„Првото интервенирање беше во склоп на самиот клас. Тука видовме дека наставниците едноставно креваат раце, ние не можеме, тоа е тоа. Ние еве го пријавуваме, го кажуваме, го праѓаме кај педагогот. Имаше неколку инциденти, се надевавме дека ќе се заврши сето тоа, детето ќе се пасивизира, ќе се смири, додека да се адаптира во средината. Но, подоцна инцидентите почнаа да се зголемуваат, да стануваат посериозни, дури едно дете од класот мораше да оди во болница од таквата агресија на тоа дете“, раскажува нашиот соговорник.

Следувале состаноци во училиштето, но крајниот одговор бил дека не можат да го решат проблемот.

„Проблем  сега  е родителот на детето. Родителите на детето не сакаат да комуницираат со службите во училиштето. Училиштето е тука немоќно и не може да оди чекор понатаму за да го реши проблемот. Јас и сопругата комунициравме со родителите, воспоставивме некаков контакт. Се обидовме да им укажеме дека е за доброто на нивното дете, па и општо за целиот клас, да преземат мерки и да видат што е проблемот со детето. Тие после тоа почнаа да соработуваат и ги преземаа тие мерки на психолошки евалуации, кај стручни служби, за да се одреди дијагноза за детето како да се постапува. Така всушност со наша интервенција како родители го решивме проблемот“, изјави родителот.

Со години триесетина луѓе земаат хонорари во две државни тела

Пензионираниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски, вели дека вакви ситуации како овој со нашиот соговорник не смее да има и дека сите во училиштето се одговорни и треба да го решат проблемот.

„Тоа е избегнување на самите наставници, на самите класни раководители и на службите, педагози и психолози. Тие се должни да го повикаат родителот. Ако родителот не доаѓа, има педагошка служба, за жал само теоретски, во Министерството за образование и наука којашто треба да се повика. Ако не може да се добие родителот се соработува со МВР, да се најде телефон, да се најде адресата, каде е човекот, каде е родителот, да се седне, да се дискутира. Бидејќи тоа е најважната работа“, дециден е Илиевски.

Во врска со реакцијата на министерот за образование и експертското тело за превенирање на меѓуврсничко насилство по настанот во Белград, Илиевски вели дека е несериозна.

„Во што е таа несериозност? Тој вели дека ќе бараме да се ангажираат државните совети за малолетничка деликвенција и превенција. Господинот министер треба да знае дека таков државен совет постои. Државен совет за превенција на детското престапништво, коешто е составено од 7 меѓуресорски министерства и во тој државен совет којшто го предлага Министерството за правда има претставници од Министерството за правда, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Министерство за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Врховен суд и Адвокатската комора. Му поставувам прашање на министерот: Дали тој знае за ова и што прават неговите претставници во овој државен совет, дали го информираат што се презеле?“, вели Илиевски.

Осумте други претставници се избрани по јавен оглас. Тие се истакнати научни работници, експерти коишто се занимаваат со проблематиката со ваквите деца, додава Илиевски.

Овие претставници се избрани по предлог на Министерството за правда, а ги гласа Собранието. Според него, службите во министерството не само што не го известиле за Државен совет за превенција на детското престапништво, туку и за Национално координативно тело за заштита на децата жртви на злоупотреба, запоставеност и насилство со кое претседава Министерството за труд и социјална политика, а има членови и од Министерство за образование. Во него се опфатени 13 институции кои имаат свои претставници и заменици.

„Што работат? По се ова што гледаме поставени се луѓе кои што работат на некои проекти и земаат пари, немаме ништо во практиката. Што овие претставници сработиле? И сега несериозно е ова да не го расправа ни Владата. И затоа велам несериозно е што се прави, ни Собранието, од каде што се издвојуваат пари од буџетот за овие личности. Едноставно не сме организирани како држава“, вели Илиевски.

Но, универзитетската професорката Весна Јаневска вели дека постоењето на ваквите комисии, не се клучен елемент во решавањето на проблемот. Во Македонија постојат институции, тргнувајќи од училиштето, па сè до центрите за социјална работа, кои, ако се добро вмрежени и управувани, може да се справуваат со овој вид проблеми. Но, онаква каква што е состојбата сега, тоа не се прави.

„Во Македонија постојат изготвени документи, правилници и упатства за справување со проблемите на меѓуврсничконо насилство и дел од нив може да се најдат на вебстраницата на Министерството за образование. Според мене, МОН не е институција која може и треба да се справува со конкретни случаи на меѓуврсничко насилство, МОН е одговорна институција која треба да обезбеди функционирање на системот, односно функционирање на бројните чинители вклучени во решавање на проблемот. Пред некоја недела МОН изготви документ, а потоа и Владата издаде документ архивиран приближно во ист период, а доставен до училиштата многу подоцна. Двата документи упатуваат на разговори на класен час, родителски средби, разговори со учениците, дури и ‘дебрифинг’, но во ниту еден од нив не се понудени конкретни чекори кои училиштето со своите стручни служби треба да ги преземе за успешно решавање на проблемот. Од тука произлегува дека од овие документи и други активности кои ги презеде МОН, во врска со врсничкото насилство, не може да се очекува подобрување на состојбата, децидна е Јаневска.

Пријави има, реакција нема

Министерството за образование отвори електронска адреса за да ги охрабри граѓаните да пријават насилство. За еден месец има дваесетина пријави. Министерот за образование Шаќири, откри дека знае за два- три случаи каде што ученици се жалеле на насилство, но училиштита не преземале ништо, бидејќи така процениле. На нашето прашање до МОН дали ќе бараат одговорност од училиштата, од МОН кусо одговорија дека не се работи за прикривање.

За еден месец на електронската адреса на МОН има дваесетина пријави за насилство во училиштата

Не станува збор за прикривање на врсничко насилство, туку процена дека за конкретна ситуација нема потреба од понатамошно постапување.  Досега на новоотворената адреса [email protected] пристигнати се 20-тина пораки, дел се сугестии како да се подигне безбедноста во училиштата и позитивни примери за справување со врсничко насилство, а дел се пораки од ученици кои претрпеле одреден вид на насилство и за истите надлежноста е на Државниот просветен инспекторат“, се вели во одговорот од МОН.

Државниот просветен инспекторат нема статистика за случаи на булинг во училиштата. Велат секој случај го третираат поединечно според спецификата на истиот.

„Согласно Законот за основното образование директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон. Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на било која од формите на насилство,злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт - упатство, предложен од БРО, а донесен од министер“, ни одговорија од Државниот просветен инспекторат.

Со Упатството се уредуваат видовите на насилство, начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата. Составен дел од Упатството се Формулар за евиденција на насилството и Формулар за план за заштита на жртвата од насилство.  Стручната служба во училиштата е должна да постапува и да го заштити интересот на ученикот, објаснуваат од инспекторатот.

Помош од медиумите

Кога родителите се очајни и не гледаат начин да си го заштитат детето, бараат помош од медиумите. Новинарката Убавка Јаневска прва го објави случајот на меѓуврсничко насилство во основното училиште во Градско, кога ученик со месеци беше малтретиран од двајца соученици коишто имале поддршка од дел од одделението. Состојбата ескалирала кога на момчето му ја искинале долната облека во соблекувалната на спортската сала. Таткото побарал помош од новинарката Јаневска од Велес и ѝ раскажал дека малтетирањето трае цела година, дека на неговото дете му го кршеле училишниот прибор, му ги газеле и му ги кинеле учебниците, но дека службите во училиштето не успеале да го запрат малтретирањето.

„Откако го снимив таткото, се обидов да стапам во контакт со педагошко – психолошката служба и се разбира со класниот раководител во училиштето. Нормално тука имаше непријатни ситуации, во смисла дека случајот е преувеличен од страна на родителот. Но, кога ги побарав официјалните документи за да видам како таа постапка била внесена во службените белешки на педагошко-психолошката служба и по разговорот со класниот раководител, сфатив дека детето навистина доживеало неколку пати траума, за којашто ниту училиштето, ниту институциите од кои што родителите се обидувале да побараат помош не реагирале навреме“, вели Јаневска.

Таа случајот го објавувала во пет продолженија на порталот Дума.мк и ги контактирала сите одговорни институции. На крајот директорката на училиштето беше разрешена. Јаневска вели дека има забелешка на работата на Центарот на социјални работи во Велес кои не постапиле соодветно односно не пружиле соодветна помош и поддршка на малтретираниот ученик. По сторијата почнале да ѝ се јавуваат и други родители.

„Имаше реакции од родители во Велес и тие ми кажуваа за секојдневни случаи во кои што се наоѓаат нивните деца како ученици кои доживуваат трауми од свои врсници. За жал, никој од нив не сакаше за тоа јавно да проговори, не сакаше да биде снимен и тие случаи беа забележани кај мене во моите извештаи, но не обработени соодветно“, вели Јаневска.

Според неа, белградскиот случај е страшен, но и она што го има кај нас не е за занемарување. Пред седум месеци беше случајот во Градско, пред две години на социјалните мрежи беше објавено видео од Велес на кое се гледаше како 12 годишно девојче тепа соученичка, додека други деца снимаат и навиваат, наместо да ги реагираат. Иако целата јавност беше згрозена, никој не вклучи аларм.

Професорката Весна Јаневска, пак смета дека кога институциите би биле подготвени да се справат со врсничкото насилство, родителите не би имале потреба да се обраќаат до новинари и целата јавност. Некои училишта успеваат да ги решат проблемите, но некои не.

„Префрлањето на ученикот кој врши насилство во друго училиште, во ретки случаи може, но генерално не е решение на проблемот. На тој начин само група на повредувани деца и нивните родители ќе бидат заменети со друга група на деца кои ќе бидат повредувани и други родители ќе бараат решение. Стручњаците треба проблемот да го решат кај самиот ученик, во семејството или во средината во која се случува. Во одреден процент насилникот и сам бил жртва на насилство. Како и да е, процесот е комплексен и долготраен и побарува ангажман на сите надлежни со обврзно вклучување на семејството во него“, вели професорката Јаневска.

Помалку настава, помалку насилство

За да видиме каква е состојбата по ошштини, по случаен избор упативме прашања до неколку општини: Аеродром, Велес, Битола и Куманово, но одговор добивме само од Куманово и од Битола.

„Во периодот од јануари 2022 година до мај 2023 година, директори на три средни училишта до Секторот за образование при Општина Куманово, пријавиле вкупно 4 случаи на меѓуврсничко физичко насилство и 10 случаи на меѓуврсничко психичко - емоционално насилство. Во истиот период од година и половина директори на 12 основни училишта до општинскиот Секторот за образование, пријавиле вкупно 9 случаи на меѓуврсничко физичко насилство и 67 случаи на булинг како психичко-емоционално насилство, како и мал дел на сајбер насилство. Од страна на училиштата направени се разговори, советувања, формирани се тимови за поддршка на жртвите и сторителите, свикани се совети на родители, организирани се дебати“, ни одговорија од Општина Куманово.

Во Куманово регистрирано е префрлувања на ученици од едно основно училиште во друго, а причините се различни. Само во три случаи на префрлувањата се поради булинг во основно образование.

Најмал број случаи има во 2020 и 2021 година во време на пандемијата, кога наставата беше онлајн

Во две основни училишта во општина Битола и едно средно училиште евидентиран е по еден случај на меѓуврсничко насилство и во сите три случаи преземени се соодветни мерки.

Во останатите училишта, според одговорот, нема случаи на булинг или меѓуврсничко насилство, освен некои мали несогласувања помеѓу учениците, при што се преземаат мерки како разговори и советувања со учениците, нивните родители и наставници со цел надминување на тие појави, велат од Општината.

Според податоците на МВР во периодот од 11 години, од 2012 година до 30 април 2023 година регистрирани се вкупно 1.189 случаи на насилничко однесување меѓу учениците. Најголем број се пријавени во текот на 2013 година-184, а најмал број е во текот на 2020 и 2021 година, кога всушност е и пандемијата, кога наставата се одвиваше онлајн.

Според евиденцијата на МВР, минатата година и првите четири месеци од оваа година, најмногу случаи на насилничко однесување меѓу учениците има во Скопје и во Тетово. Така, во Скопје од 1 јануари до 30 април оваа година има 16 вакви настани, додек во Тетово 8. Лани пак, за цела година во Скопје имало вкупно 26 случаи, додека во 2022 година 24.

Народниот правобранител ,пак, во текот на 2022 година постапувал во девет случаи за меѓуврсничко насилство во училишта, сите во основни училишта. Во текот на 2021 година постапувале во 10 случаи за меѓуврсничко насилство во училишта, седум во основни училишта, три во средни.

„Паралелно со барањето да се преземат мерки за заштита на детето-жртва, бараме да се постапува и кон детето- насилник, при што неспорно, ва вакви услови од големо значење се подготвеноста и едукацијата на стручните служби за препознавање на насилството и преземање мерки за превенција и заштита од меѓуврсничко насилство, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Врсничкото насилство не е проблем кој може да се реши само со констатирана состојба, туку потребна е континуирана и долготрајна работа. Тоа не е проблем кој може да го реши само еден психолог или педагог во училиште со стотици ученици. Дополнително, стручните служби и наставниците имаат потреба од доедукација и прилагодување на новонастанатите состојби и во училиштето и во општеството. Но, на самиот почеток мора да признаеме дека тој постои, да го препознаеме и навреме да реагираме.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Марјан Петковски
Фотограф: Дарко Андоновски
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ