fbpx

20 години исти ветувања: Македонија останува непристапна за лицата со попреченост

  • За некој ден стартува предизборната кампања, која повторно ќе се базира на ветувања, а меѓу нив ќе има и такви кои се дадени пред 10-15 години, а ништо од тоа не е реализирано.
  • За жал многу избирачки места се на втори, на трети кат, има премногу скалила, каде што за лицата со колички целосно се непристапни.
  • Пред 20 години е донесен Законот за пристапност, а никој не се заложил да биде спроведен, ниту пак некој е казнет затоа што не е спроведен.
  • До Народниот правобранител изминативе 5 години имало речиси 200 претставки за кршење на правата на лицата со попреченост.
  • Основно училиште во скопска Кисела Вода ги има сите услови за ученици со физичка или интелектуална попреченост и е пример за сите институции.
 

На претходните избори граѓанин се жалеше за прекршено право. Владата и Државната изборна комисија, се виновни, пресуди судот - извршиле директна дискриминација на лице со попреченост, не можело да го оствари избирачкото право. Ги мрдна ли ова институциите од мртва точка? За некој ден стартува предизборната кампања, која повторно ќе се базира на ветувања, а меѓу нив ќе има и такви кои се дадени пред 10-15 години, а ништо од тоа не е реализирано. Со Горан Спасов, сертифициран обучувач на Државната изборна комисија на терен проверивме каква е пристапноста до институциите за лицата со попреченост.

Горан не беше изненаден, вели рампите  ги ставаат само на влезовите да се задоволи законската регулатива, но во најголем број објекти не е функционални.

„За жал многу избирачки места се на втори, на трети кат, каде што се непристапни, има премногу скалила, каде што за лицата со колички тотално е непристапно. Според законите на Државната изборна комисија, односно според Законот избори,  избирачиот одбор не смее да го напушти избирачкото место за да му излезе во пресрет на лицето коешто дошло до објектот, а не може да влезе во просторијата за гласање, не смее да го напушти објектот и не може да му дозволи да го изврши гласањето“, вели Спасов.

За да нема непријатни ситуации, вели многу работи кои ѝ се сугерирани на  Државната изборна комисија се преземени.

„Избирачкиот одбор доколу не може да се разбере со лицето со оштетен слух и говор има опција да го повика знаковниот толкувач за да можат да воспостават некаква комуникација, да му ги објаснат правата на лицето при процесот на гласање. За слепите лица исто така се преземени мерки, испечатени се брајови шаблони за читање на гласачките ливчиња“, објаснува Спасов.

ДИК направила скрининг на избирачките места, на сајтот може да се провери дали избирачкото место е пристапно. Направивме проверка, ги внесовме моите податоци.

На страницата на ДИК може да се провери дали некое гласачко место има пристапност за лица со попреченост

Дојдовме до заклучок дека на избирачко место 2491 во Гази Баба, Културен дом нема податоци дали е пристапно или не е пристапно.

Процесот на гласање ги открива проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост во образовните институции, Државната комисија ги амортизира во рамки на своите можности, но оние кои се на листите со години не ги решаваат. Непристапни училишта, непристапни, амбуланти, болници, клиники.

„Како што можете да видите и тука во оваа здравствена установа просториите за прегледи се долу, а лабораторијата е горе на кат. Така што ова е многу голем проблем за лицата со попреченост. Тука вработените излегуваат во пресрет, доаѓаат во ходник да земат крв и да направат анализи, но тоа не е соодветно за една здравствена установа“, вели Спасов.

Заедницата без попреченост не сака лицата со попреченост да се мотаат околу нивниот двор

Според податоците, во земјава само во четири медицински центри има столови за гинеколошки преглед на жените со попреченост. Проблем е и што право на електромоторна количка имаат лица до 26 години и над 65 години, но не и во период кога се работоспособни. Не се дава ниту едно трајно решение за мобилност, нега, пензии се даваат на 6 месеци или најмногу на две години, на пациенти кои имаат трајни дијагнози. Комисии за пензии и мобилност има само во Скопје.

До Народниот правобранител за 5 години стигнале 200 претставки од лица со попреченост

До Народниот правобранител изминативе 5 години имало речиси 200 претставки за кршење на правата на лицата со попреченост. Карактеристично е тоа што поднесените поединечни претставки всушност се однесуваат за поголема група граѓани, па и за цела заедница на лица со определен вид на попреченост. Непристапноста, обезбедувањето асистенти и асистивна технологија во улилиштата и факултетите и инклузијата се најчестите нивни проблеми.

Едноставно заедницата без попреченост не сака лицата со попреченост да се мотаат околу нивниот двор. Очекувам барем и на овие избори да видиме повеќе лицата со попреченост на списоците за пратеници коишто ќе имаат можност да бидат, да ги едуцираат своите колеги без попреченост за тоа како треба да изгледа една политичка кампања којашто ќе се однесува за сите граѓани со и без попреченост, а сепак да држат некое достоинствено ниво“, вели Елена Кочоска, експерт за правата на лицата со попреченост, која две децени се бори за своите права и правата на зедница, чии припадници според неа се третираат како граѓани од втор ред.

Проблемот е тоа што во нашата држава не се прави разлика помеѓу оневозможеноста и попреченост.

„Најголем дел од популистичките мерки и во програмите на претходните избори исклучиво се фокусирани во областа на социјалната заштита, меѓутоа проблемот е повторно посуштински и посистемски, бидејќи лицата со попреченост коишто стекнуваат одредена попреченост, којашто се продлабочува е тоа што ние во нашата држава нашите права, граѓанските права не се препознаени, ние  сè уште сме третирани од заедницата без попреченост, од центрите на власт како луѓе коишто немаат вредност. И оттука државата смета ако даде одредена одреден додаток на пример за попреченост дека со тоа всушност ја исчистила државата совеста и им помогнала лицата со попреченост“, објаснува Кочоска.

Закон стар 20 години – проблемите исти

Пред 20 години е донесен Законот за пристапност, а никој не се заложил да биде спроведен, ниту пак некој е казнет затоа што не е спроведен.

„Ветувањата се секогаш ќе биде подобро, ова ќе направиме, тоа ќе направиме, затоа и напомнав претходно, секогаш сме оставени последни ако има, ако нема, па ќе видиме, битно не викаат дека нема да се направи, дека ќе се направи тоа, ама кога како, здравје“, вели Гоце Миновски, претседател на „Мобилност“ – Скопје.

Законот за пристапност е донесен пред 20 години но никој не го спровел

Ќе имаат ли политичарите смелост да ги погледнат лицата со попреченост и да им ветуваат нешто што требало многу одамна да го направат за нив?

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека политичарите нема да се двоумат воопшто, не само да бидат дрски, туку да ги употребат сите средства за да дојдат до гласови.

И тоа за жал се смета за нормално во нашето општество, но не, нè е во ред. И навистина во политичката комуникација и во политичката кампања и во политичката реторика мора да има ред. А тој ред се нарекува почит кон сопствените граѓани, кон тие што те гласаат и тие што ве плаќаат“, вели тој.

Индициите и од Светската здравствена организација, но и од анкетата на Заводот за статистика се дека околу 20 до 30 проценти од населението во Македонија има некаков облик на попреченост. Треба да се работи многу и системски, за да се унапредат правата на лицата со попреченост.

Ѓоко Велковски, министер за труд и социјална политика за Само прашај објаснува дека има работи коишто години наназад од инвалидските организации биле давани како предлози, пред сè да влезат во програмите на Министерството за труд и социјална политика.

„Тоа е во делот на пристапни рампи, да се направи и систем за лицата со оштетен слух, глувонемите лица, каде што ќе има електронски уреди каде што ќе се обраќаат, ќе им биде полесна комуникацијата. И сите тие, верувајте ги има многу, да не ги набројувам сите, тие финансиски се многу евтини за државата и може да ги реализира, буквално само со промена на некои законски основи и тоа да влезат во брза имплементација и лицата со попреченост да ги имаат како корист“, вели Велковски.

Заменичката министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска иако прашана, не ни даде одговор што е направено изминативе 7 години за оваа заедница.

Последното истражување на барометарот за перцепцијата кон различностите и дискриминацијата покажува дека покрај политичката и етничката дискриминација, на трето место е дискриминацијата на лицата со попреченост.

„За жал во оваа наша држава како и секогаш имаме закони коишто не се почитуваат делумно или воопшто не се почитуваат. Доколку би се почитувале онака како што треба за брзо време би се решиле сите проблем“, вели Миновски.

Позитивен пример

Дека е потребна добра волја, доказ е ова основно училиште во скопска Кисела Вода кое ги има сите услови за ученици со физичка или интелектуална попреченост.

Училиште во Кисела вода е пример за сите институции

Во ова училиште кај што сме сега моментално пристапноста е секаде прилагодена, значи има првин тоалет направено за инвалидизирани лица, има внатрешни лифтови, онака како што треба да изгледа едно училиште и сите други јавни објекти што се на ниво на Македонија.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка:Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Наке Батев
Монтажа:Мајда Бошњак Атанасовска