fbpx

Државата не може да нè заштити од трговци-измамници на социјалните мрежи

  • Фејсбук, Инстаграм и ТикТок се преплавени од понуди преку групи кои немаат основни податоци за продавачот: ниту телефонски број, адреса ниту, пак, регистрирана фирма.
  • Многу често има објави каде некој се жали дека бил измамен од ваквите продавачи, а потоа игнориран или блокиран за да се оневозможи натамошна комуникација.
  • Тогаш кога Пазарниот инспекторат и МВР успеваат да ги затворат овие профили, тие повторно се појавуваат под нови имиња.
  • Со сивата економија има неправилно распределување на средства, заради тоа што со ненаплатени даноци имаме полошо здравство, полоши институции, полоши патишта.
  • Не само што нема помош за граѓаните, државата всушност нема механизам ниту самата да се заштити од овие трговци, бидејќи тие не плаќаат никаков данок.
  • Останува само советот граѓаните да бидат свесни и да не купуваат од нерегистрирани трговци, за да се заштитат, но и за да не придонесуваат во развојот на сивата економија.
 

Од чевли и облека, апарати за домаќинство, техничка стока, делови за автомобили, медицински производи, но и мебел  - сето ова се нуди за продажба преку групи на социјалните мрежи. Фејсбук, Инстаграм и ТикТок се преплавени од понуди преку групи кои ако ги отворите забележливо е дека немаат основни податоци за продавачот - ниту телефонски број, адреса, а никако регистрирана фирма и сè она што е потребно за трговецот да е легален. Преку овие групи се купува со договор преку пораки, најчесто на месинџер. Производот што се нарачува се плаќа при испораката, во готово, при што парите му се даваат на доставувачот.

Исто така, многу често има објави каде некој се жали дека бил измамен од ваквите продавачи – или производот е погрешен и не одговара на она што е прикажано на фотографиите или видеата, или бројот или бојата се погрешни или производите се нефукционални. А кога им се обратиле со забелешка или со барање за враќање, „продавачот“ или се игнорирани или се блокирани со што не може ниту да се побара замена, ниту се вратите производот, иако во описот стои ваквата опција. Или едноставно, ако сте измамени, нема кој да ви помогне. И не само што нема помош за граѓаните, државата всушност нема механизам ниту самата да се заштити од овие трговци кои нудат од „игла до камион“ преку социјалните мрежи, бидејќи тие не плаќаат никаков данок.

На социјалните мрежи често има објави со предупредувања од измамени граѓани

Само прашај се обиде да дојде до одговорите за тоа што прават државните институции во врска со овие продавачи кои ниту плаќаат даноци, ниту имаат некаква одговорност, ниту, пак, граѓаните можат да се зашитат од измами. Овој тип на трговија е класична „сива економија“ и нелојална конкуренција, признаваат од државните институции кои ги контактиравме, но законските рамки во моментов не нудат конкретно решение за овој тип продажба да се спречи и продавачите да одговараат.

Прашавме неколку институции и организации. Управата за јавни приходи нема ингеренции, велат тие се задолжени само за регистрирани даночни обврзници. Државниот пазарен инспекторат и Секторот за компјутерски криминал од МВР едниствени прават некакви обиди, но максимумот што можат да го постигнат е да ја затворат групата за продажба на социјалните мрежи.

Некогаш ниту тоа не им успева. Организациите на потрошувачи и за Е-трговија, пак, советуваат граѓаните да бидат свесни и да не купуваат од нерегистрирани трговци, за да се заштитат, но и за да не придонесуваат во развојот на сивата економија.

„Имаме постојано, секојдневно јавувања од граѓани коишто на некој начин се оштетени при купување на производи преку социјалните мрежи, меѓутоа, она што единствено можеме ние да го направиме е да им дадеме совет или да се обратат до Секторот за компјутерски криминал во МВР за да се испита и да се затвори профилот или да се обратат до Државен пазарен инспекторат, но само доколку имаат фискална сметка. Знаеме дека во случај на вакви продажби најчесто нема фискални сметки. Секогаш има само потврда од доставата, значи од поштенската услуга којашто врши достава дека е извршена, меѓутоа не и од продавницата, бидејќи практично не се работи за легални правни лица регистрирани во Македонија кои би можело на некој начин да издадат фискална сметка и да подлежат на Законот за заштита на потрошувачи, па да може да постапува Државен пазарен инспекторат. Во овој случај станува збор за физички лица коишто на свои профили продаваат одредени производи и не постои начин во овој момент тие да се гонат и каде би можеле да ги упатиме граѓаните. Затоа, од наша страна секогаш останува советот да ги замолиме потрошувачите да проверат дали е легално правно лице, дали е регистрирано во Македонија и потоа да купуваат, бидејќи верувајте дека се случува и поголеми работи да се купуваат и апарати за домаќинство и мебел, па потоа кога ќе се соочат со проблем, потрошувачите немаат начин да го решат. Постојано сведочиме на поплаки од оние кои нарачале од трговци кои имаат ‘продавници’ само на социјалните мрежи“, вели Татјана Тасевска од Организацијата на потрпшувачи.

Токму преписките меѓу граѓаните и продавачите е она што доаѓа како поплака до Државниот пазарен инспекорат. Но, ова не е доволно за ДПИ да преземе нешто, објаснува Милена Цветановска од Државниот пазарен инспекторат. Таа го потврдува она што ни го кажа и Тасевска, дека Пазарниот инспекторат може да реагира само доколку има фискална сметка или фактура. А тоа во 99 отсто од ваквите случаи го нема.

„Во однос на нерегистрираните трговци на социјалните мрежи Пазарниот инспекторат за жал нема надлежност да постапи иако кај нас во Инспекторатот стигнуваат секојдневно голем број претставки коишто се однесуваат на трговци кои продаваат на социјалните мрежи. Пазарниот инспекторат има ингеренции да постапи кај регистрирани онлајн трговци. А, стигнуваат и вакви претставки во Инкпекторатот и кога ќе стигне ваква претставка, ако станува збор за регистриран онлајн трговец, тогаш, во зависност од тоа за што е поднесена преставката, Пазарниот инспекторат може да постапи по Законот за заштита на потрошувачи меѓутоа и по Законот за електронска трговија. Кога ќе стигне претставка за нерегистриран онлајн трговец кој продава на социјалните мрежи е навистина исклучително тешко да се постапи затоа што сè уште нема изнајдено механизам врз основа на која Пазарниот инспекторат самостојно ќе може да наоѓа од каде функционираат оние трговци кои на нелегален начин функционираат односно продаваат на социјалните мрежи. Генералниот проблем е тоа што стигнуваат само преписки меѓу потрошувачот и трговецот, а не стигнува до нас ниту локација од каде што функционира трговецот ниту пак мобилен телефонски број, ние немаме никаква индикација за да знаеме од каде да тргнеме во суштина, од каде да почнеме да постапуваме. Кога се соочуваме со такви претставки, Пазарниот инспекторат ги препраќа до МВР, до Секторот за компјутерски криминал“, објаснува Милена Цветановска од Државниот пазарен инспекторат.

Трговци од „странство“

Според можностите што ги нудат постоечките закони, кога Пазарниот инспекторат добива ваков тип на поплаки, ги испраќа до МВР, до Секторот за компјутерски криминал. Оттаму праќаат барање до Јавното обвинителство кое издава налог врз основа на кој Секторот за компјутерски криминал ќе треба да ја најде IP адресата преку која се добиваат податоците кои му се потребни на Пазарниот инспекторат.

Како да пријавиме онлајн измама

„Жртвите на ваков вид на криминал делото имаат можност да го пријават во МВР со лично присуство во полициска станица, отсеците за компјутерски криминал при СВР, Сектор за компјутерски криминал или преку официјалниот е-маил [email protected] или на онлајн платформата црвено копче – ‘Red button’ на веб страницата на МВР. Во врска со онлајн закани и измами доколку се во можност пријавителите потребно е и да обезбедат и притскрин од заканите/измамите или соодветен url-линк од некоја јавна објава на социјални мрежи која содржи закана“, вели Гоце Андреевски од МВР.

Но, тука не завршува проблемот. Нов предизвик е што некои од овие „трговци“ многу често се регистрирани во друга земја. Тогаш социјалните мрежи како што се Фејсбук и и Инстаграм не ги даваат податоците, со образложение дека нашата земја нема надлежност да врши надзори во други земји. Исто така, и во Законот врз основа на кој функционира Пазарниот инспекторат, прецизно стои дека ДПИ не може да врши надзор над меѓународниот пазар кога станува збор за електронска трговија поради тоа што не сме опфатени со ниту една регулатива.

И уште, во случаи кога некои страници се затвораат по постапките од ДПИ и Секторот за компјутерски криминал, истиот продавач повторно се појавува на социјалните мрежи, но со ново име на групата или страницата за продажба.

Освен измамата на граѓаните, ваквите нелегални продажби значат и избегнување даноци. Институција која е задолжена за даноците е Управата ја јавни приходи, но оттаму велат дека немаат никакви ингеренции во овие случаи, туку ги препраќаат кај инспекциите. Само минатата година УЈП регистрирала 42 вакви случаи.

Доколку инспекторите или контролорите во текот на извршувањето на контролите утврдат дека се врши промет од страна на нерегистриран субјект веднаш доставува известување до органите на државната управа надлежни за работите на инспекциски надзор. Управата за јавни приходи во текот на 2023 година до Инспекцискиот совет има доставено 42 известувања за вршење на нерегистрирана дејност. Во насока на  формализирање на сивата економија, вклучувајќи ја тука и сивата економија во онлајн трговијата, Владата донесе Стратегијата за формализација на неформалната економија за периодот 2023-2027 година и Акциски план со планирани активности кои се насочени конкретно кон формализација на сивата економија во онлајн-трговијата. Носители на акцискиот план се Министерството за финансии, а во реализацијата на активностите се вклучени повеќе институции  кои заеднички, секоја во рамките на своите надлежности користи различни стратегии и политики за нејзино сузбивање“, објаснуваат од УЈП за Само прашај.

Токму во овој Акциски план спасот го гледаат и од Државниот пазарен инпекторат. Предложиле да се изнајде начин и решение за да се воспостави систем преку кој ќе се зголемат ингеренциите на Пазарниот инспекторат и оваа институција да може самостојно да ги изнаоѓа овие нерегистрирани трговци.

„Да ни се овозможи софтвер и да се обучи дел од тимот на инспекторите преку кои ќе можеме ние како институција самостојно да функционираме, а понатаму доколку има потреба да ги ангажираме и сродните институции, бидејќи во моменталната позиција Пазарниот инспекторат не може самостојно да ги изнаоѓа овие нерегистрирани трговци. Дури и ако се случи кај нас да пристигне адреса на нерегистриран трговец, не зборувам само за оние нерегистрирани трговци коишто се на социјалните медиуми, зборувам и за оние други нерегистрирани тргови кои физички продаваат стоки и нудат услуги, Пазарниот инспекторат во согласност со нашиот материјален закон за Државен пазарен инспекторат, нема ингеренции да постапува во живеалишта, односно на домашна адреса, па затоа тука си ги надополнуваме надлежностите и се координираме со МВР односно организираме координирани акции заедно со нив за да може да постапиме“, објаснува Цветановска.

Како влегуваат производите кај нас?

Производите кои се продаваат преку социјалните мрежи во најголем дел не се од македонско производство. Од тука нова дилема која се отвора е начинот на кој производите или стоката влегува во државава. Со оглед на количините, можно е да се претпостави дека веројатно се работи за некаков увоз. Од Царинската права ни побара конкретни податоци за конретна фирма која го направила узовот за да можат да кажат за колкав и каков увоз се работи. Но, со оглед дека се работи за групи или продавачи на Фејсбук или Инстаграм, нема никакви податоци за фирма, и ваквата проверка не може да се направи.

Често производите не е онакви какви што се рекламираат, а замената е речиси невозможна

Ваквите ограничувања со кои се соочуваат институциите ја комплицираат битката со сивата економија која, според податоците од Стопанската комора, зазема огромен дел од бруто од домашниот производ.

Според последната анализа објавена од Стопанската комора на Македонија, вкупно 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија. Процентот е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е речиси двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската унија, кој изнесува 19, 4 отсто од Бруто домашниот производ. 33,2 проценти од БДП во 2022 година кој отпаѓа на „сивиот дел“ на македонската економија изнесува 4.282 милиони евра, односно 1.280 милиони евра изгубени приходи во државниот буџет.

Дополнително, овие производи во најголем дел се доставуваат до дома и плаќањето е во готовина. Доставувачот, вработениот од брзата помшта, наплаќа и за производот и за доставата. Фискална повторно нема. Се обидовме да прашаме во неколку компании за брза пошта, но никој не сакаше ниту да зборува ниту да објасни за тоа како може доставувачот да наплаќа и за производот и за доставата во кеш и потоа никој не објаснува каде вработениот во поштата ги носи парите и како тие стигнуваат до продавачите преку интернет. Сепак, Управата за јавни приходи, овде има конкретни ингеренции.

Во врска со даночните обврзници кои вршат Дејности за давање на останати поштенски и курирски услуги известуваме дека  за  извршената услуга  која ја наплаќаат во готово  потребно е да издадат фискална сметка. Во 2023 година, Управата за јавни приходи, кај даночните обврзници кои ја вршат оваа дејност за давање на останати поштенски и курирски услуги  насочи 32 контроли по основ на ЗРГП и по основ на даноци. Од нив, 8 од извршените  контроли биле согласно ЗРГП,  во 7 од контролираните, имало 8 даночни обврзници кои давале останати поштенски и курирски услуги се со  констатирани неправилности, додека останатите 24 контроли се по основа на даноци. За сите даночни обврзници кај кои се констатирани неправилности преземени се понатамошни постапки“, објаснуваат од УЈП.

Штетата од сивата економија ја плаќаме сите

Битка со нелегалните продавачи на социјалните мрежи води и Асоцијацијата за е-трговија. Оттаму велат дека ваквите трговци се нелојална конкуренција за трговците кои редовно ги плаќаат давачките кон државата. Затоа што не плаќаат даноци, нерегирстрираните трговци нудат производи кои се со пониска цена дури и до 50 проценти во однос на регуларните продавници кои имаат онлајн продажба, објаснува Виктор Стојкоски од Асоцијацијата за е-трговија.

„Сивата економија во е-трговијата е еден од клучните проблеми којшто го успорува и така големиот раст на е-трговијата односно претставува бариера и на некој начин нелојална конкуренција за оние кои се регистрирани и ги своите даноци. Во однос на сивата економија решенија можат да се планираат на долг рок, на краток рок, секако дека постои можност за намалување и сузбивање на сивата економија. Голем дел извештаи и последниот на Стопанската комора, но и на меѓународни финансиски институции покажуваат дека една третина од БДП е застапена сивата економија и за тоа мора да бидеме свесни сите. И како граѓани на државата и како комори, асоцијации, бизнис сектор дека е навистина штетна и штетноста од сивата економија доаѓа буквално за сите, односно и за оние кои ја користат, но и за оние кои плаќаат даноци, бидејќи со сивата економија имаме многу неправилно распределување на средства заради тоа што со ненаплатени даноци имаме полошо здравство, полоши институции, полоши патишта. Штетата ја плаќаме сите на дневно ниво“, вели за „Само прашај“ Виктор од Асоцијацијата за е-трговија.

Големите светски брендови имаат систем на заштита од нелегалните трговци на социјалните мрежи. Тој функционира во случаите кога се загорезени интелектуалните права на познатите марки. Овие корпорации користат фирми специјализирани за „ловење“ на лажните прозводи кои го користат нивите дизајни и логоа. Овој систем, React функционира и во Македонија.

„React работи како организација за борба против фалсификувањето. Членови се преку 350 светски брендови, како на пример Burberry, Adidas, Apple, Timberland, Louis Vuitton, Puma, Opel, Novartis… од сите индустриски гранки. Ги застапува своите членови, а тоа значи дека е овластен застапник пред локалните органи на власта како што се Царина, Пазарна инспекција и/или полиција, во зависност кој орган е одговорен за одредена акција во одредена држава. Изминативе години се повеќе и повеќе фокусот на нашето дејствување е на интернет, бидејки очигледен е трендот на онлајн продажба. Со интернет  платформите веќе имаме претходно воспоставено соработка со цел поефикасно одстранување на содржината која го повредува правото на интелектуална сопственост на брендот кој го застапуваме“, објаснува Катерина Хаџистојанова од Реакт Балкан.

Без законска рамка, практично без систем преку кој институциите ќе ги откриваат и спречуваат дивите продавачи кои ги користат социјалните мрежи, сивата економија и неказнивоста стануваат критериум на однесување. Без систем на санкции и казни, сивата економија го поткопува владеењето на правото, ја засилува корупцијата и го поткопува финансискиот систем. Кога се толера, сивата економија со нејзината ментална матрица зазема сериозен дел од општеството и го обликува начинот на размислување и делување. Од тука, sивата економија,  не е само економско, туку и длабоко општествено прашање.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка:Катерина Ѓуровски
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
 

Поврзани стории: