fbpx

Вештачката интелигенција го менува и македонскиот образовен систем

За колку време можете да преведете песна од Шекспир на македонски јазик? За колку време можете да решите сложена математичка задача? Со помош на вештачката интелигенција тоа е многу полесно. Брзиот развој на модерната технологија отвори спектар на можности без граници. Младите се желни и љубопитни, а пречки нема, оти сѐ им е достапно. Вештачката интелигенција може да го промени македонскиот образовен систем, но колку наставниците се снаоѓаат и дали ги користат овие придобивки?

Професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип вели дека се обидува да користи алатки што ќе помогнат за подобра визуелизација, експериментирање или тестирање кога тоа е во интерес за подобар квалитет на наставата. Тој смета дека сите кои работат во образование треба да гледаат позитивно на ваквите алатки што можат да го подобрат начинот на поучување и постигнување на подобри резултати.

„Правилното користење на технологиите на вештачката интелигенција можат да помогнат во делот на креирањето на индивидуален пристап кон ученикот согласно неговите потреби и динамика. Од тој аспект многу образовни системи сериозно пристапуваат во креирањето на образовните политики, подготовката на наставниците и нивниот професионален развој. Не случајно ЕУ ја издвои дигиталната компетенција на наставникот како посебна компетенција, што е многу важна да може да ги следи овие современи тенденции за да дадат дополнителна вредност во квалитетот на учењето“, изјави професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Анис Сефиданис, кој е стручњак за вештачка интелигенција, вели дека веќе се гледаат и првите плодови и заканите на оваа нова технологија во рамки на образовниот процес.

„Ако претходно на Гугл можеа да се пребаруваат на македонски јазик само текстови кои беа во јавен домеин дигитализирани на македонски јазик, сега Chat GPT може цело светско знаење да ни го преведе на македонски јазик. Тоа  го гледам како еден огромен бенефит од многу аспекти. Прв аспект е конзервација на јазиците кои се соочуваат со предизвик на исчезнување, втор е достапноста на светското знаење од сите сфери на свој мајчин јазик и трето, придонесот во ко-креирање на тоа знаење. Chat GPT не е само извор на информации, туку е всушност агрегатор на информации. Тој учи воедно и од она што е запишано колективно знаење и од интеракцијата која секој поединечен корисник ја има“, кажа Сефиданис.

Модерната технологија оди рака под рака со образованието

Употребата на вештачката интелигенција во Европската Унија ќе биде регулирана со првиот сеопфатен закон во светот за вештачка интелигенција. Приоритет на Европскиот парламент е да се осигури дека системите за вештачка интелигенција во ЕУ се безбедни, транспарентни, недискриминирачки и еколошки. За да се спречат штетни исходи и отстапувања, сите процеси треба да бидат надгледувани од луѓе.

Кристин Ван Дам, предавачка и истражувачка на Универзитетот во Гент во Белгија, вели дека модерната технологија оди рака под рака со образованието, но оти мора да се биде внимателен.

„Од технолошки аспект постојат многу иницијативи, софтвери кои се унапредуваат за да им бидат поддршка на професорите или студентите. Но, не е само постоењето на технологијата, туку и начинот на кој ја употребуваме, па така некогаш зависи и од начинот на кој предаваме и како некои теми ги доближуваме до учениците. Технологијата се развива пребрзо, нови идеи постојано излегуваат. Но, образовниот систем е многу бавен и некогаш навистина му треба време за некои протоколи. Сметам дека е добро што образованието е неколку чекори назад зашто не знаеме што ќе се случува, кое ќе биде влијанието. Ние се обидуваме сето ова да го искомуницираме со нашите ученици, но учениците се тие што треба да работат во средината каде што вештачката интелигенција ќе биде присутна, што значи дека тие мора да бидат свесни што можат и не можат да направат. Образованието е лична работа, има социјален аспект и вештачката интелигенција треба само да го поддржи тоа, а не да го замени“, смета професорката Ван Дам.

Анис Сефиданис вели дека многу полесно е да се разликува есеј напишан од Chat GPT од тој напишан од другарче или член на семејството.

„Оваа технологија не е закана во тој дел, всушност може и да помогне да се детектираат бројни измами од многу различни типови. Наставниците треба да знаат како може креативно и етички да се користи оваа алатка и да ги насочат своите студенти или ученици да можат да ја користат на ист начин како што научиле да го користат моливот или пенкалото“, смета Сефиданис.

Потребни се нови политики за користење на вештачката интелигенција во образованието

Chat GPT и вештачката интелигенција не се овде за еден ден и тие нема овде да запрат. Професорот Барбареев посочува дека треба да се скројат образовни политики кои ќе помогнат модерната технологија да се употребува за да се подобри квалитетот на образованието.

„Образовниот систем е глобален систем кој има повеќе од 300-400 илјади активни луѓе - ученици, наставници, професори. Големата динамика на дигитализација, глобализација и поиндивидуализиран свет ги преобмислува нашите животи и начинот на движење на државата и на општеството. Ова се теми за Владата, ова се теми за државата какви политики ќе креира во делот на информатичките технологии. Тоа бара многу сериозен пристап, одговорност, знаење, препознавање на луѓе кои можат да ни помогнат. Погледнете што прават другите земји, како тоа го балансираат и користат во подобрување на резултатите“, вели Барбареев.

Светски консултантски куќи велат дека глобалниот бум на генеративната вештачка интелигенција ќе донесе ера на забрзана продуктивност и поголем просперитет за некои, но и големи проблеми за други, првенствено најобразованите и најплатените работници на знаење. Во Македонија во моментот има само од 100 до 150 професионалци што работат во оваа област. Генеративната вештачка интелигенција, како што е Chat GPT, ќе мора да исполни голем број барања поврзани со транспарентноста. Ќе треба да содржи информации дека содржината е генерирана од вештачка интелигенција и дека е користен модел кој спречува создавање нелегална содржина, а мора да се објави и резиме на податоците заштитени со авторски права што се користат за обука на софтверот.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска