fbpx

Системот за поддршка на иновациите има „фалинки“

Од идеја до производ и успешен бизнис. Звучи убаво, но патот е долг и мачен, а македонскиот систем за поддршка на младите иноватори и на креативните решенија има „фалинки“ што оневозможуваат кога ќе се стигне до одредена фаза да се добијат поголеми финансии за развој на решението. Од друга страна, недостига и поголема соработка помеѓу образованието и реалниот сектор, па домашните компании постојано се жалат на недостиг од кадар.

Кај младите има креативен потенцијал што треба да се искористи

Клучот за успехот на една економија е компаниите да бидат иновативни, а работната сила да одговара на нивните потреби. Токму тука Македонија со години потфрла. Стопанството одамна се жали дека не може да го најде потребниот стручен кадар, иако податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека повеќе од 130 000 луѓе во земјава се водат како невработени. Постои голем јаз на пазарот на труд меѓу вештините на оние кои бараат работа и вештините што им требаат на фирмите. Ваквата „дупка“ треба да се надоместува со средното стручно образование и со соработка помеѓу високообразовните установи и приватниот сектор.

Во „Само прашај“ ја посетивме лабораторијата на Машинскиот факултет во Скопје, наречена „Паметна фабрика за учење“. Таму, теоретските знаења кои студентите ги стекнуваат од нивните професори се имплементираат во индустријата за усовршување на производството и зголемување на продуктивноста.

„Вработени сме во приватна компанија во која одиме на терен три дена, а два дена сме во факултетската лабораторија. Во трите дена на терен треба да го имплементираме сето тоа што го учиме и постапката по која понатаму ќе се движат сите процеси. Имаме голема поддршка од таа компанија. Но, за жал, не сите компании и во недоволен број го препознаваат тоа што е потребно за да се направи симбиоза помеѓу индустријата со факултетите, односно со високото образование. Би било многу подобро ако тоа се усоврши, за да можат младите тоа што го учат да го имплементираат во реалниот свет и едноставно тоа да тече како непрекинат процес од кој ќе бидат задоволни и работодавците, и производството и лицата во високото образование“, објаснува Дамјан Василевски, магистранд и проектен асистент во „Паметна фабрика за учење“.

Компаниите мора да бидат подготвени за новото време, бидејќи новите технологии комплетно го менуваат производствениот процес. Луѓето се заменуваат со роботи онаму каде што може да се постигнат подобра ефикасност, помали трошоци и поголемо производство и профит, па доколку навреме не се инвестира, лесно се испаѓа од игра.

„За жал, кај нас со голема скепса настапуваат работодавците. Роботиката не треба да нѐ заплашува, роботиката е иднината на светот во секоја индустрија. Кај нас допрва доаѓа индустријата 4.0, а во светот е веќе започната индустријата 5.0. Тоа што ќе се воведат роботи во фабриките не значи дека ќе се избркаат работниците. Напротив, ќе се зголеми продуктивноста и ќе се подобрат процесите. Онаму каде што е потребно ќе бидат донесени роботи за да го усовршат процесот, а операторите ќе бидат пренасочени во други области, да работат на други сегменти“, додава Василевски.

Младите кои работат на факултетите имаат иновативни решенија со апликативна примена во реалниот сектор. Но, компаниите треба да го препознаат потенцијалот, да ги поддржат да развиваат креативни концепти и да преминат кон дигиталната трансформација.

„Дигитализацијата ги забрзува процесите во фабриките. Во странство, бидејќи имам соработка со германска компанија и работиме на многу проекти, дигитализацијата е многу популарна, но во Македонија сѐ уште треба време за фабриките да се подготват да преминат кон дигиталната трансформација. Кога процесите ќе станат многу долги, тогаш ќе им текне дека треба да преминат кон дигитализација“, смета Михаела Златеска, која е дипломиран машински инженер и постдипломец.

Иновираат и студентите на индустриски дизајн

 Студенти по индустриски дизајн на хакатон понудија дигитално решение против климатските промени. Нивната креативност беше препознаена и добија финансиска поддршка и учество во акцелераторска програма за развивање на проектот.

„Нашата идеја е апликација што ќе ги мотивира граѓаните да покренат иницијатива да го исчистат ѓубрето во градот и да се освестат за големиот проблем со отпадот што го имаме во нашата држава. Со оваа апликација би се натпреварувале во собирање на пластични капачиња, кои потоа ние со инвестиција во опрема што ќе ја преработуваа таа пластиката, ќе креираме нов производ што може да се пласира и продава на пазарот. Ова е еден од малите чекори што можеме да ги покренеме за да се подигне свеста на граѓаните, меѓутоа и да се поттикне тимски и натпреварувачки дух со тоа што граѓаните кои ќе ги соберат овие капачиња ќе можат да ги заменат нивните добиените поени за реални награди, односно попусти или купони за различни институции, театри, храна, тротинети... Искрено се надеваме дека компаниите ќе го препознаат ова, бидејќи не сме толку насочени кон да оствариме приход, колку кон општественото влијание и резултатите што може да се постигнат со оваа идеја“, објаснува Мила Андонова, студентка на Индустриски дизајн на Машинскиот факултет.

„Професорите нѐ мотивираат да размислуваме поразлично и да креираме нови материјали. Во последниот семестар, во предметот Еко-дизајн имавме задача да креираме или да измислиме материјал што е биоразградлив, не би ја загадувал природата и што може да се рециклира и искористи за друга намена“, додава Јана Величкова, студентка на Индустриски дизајн на Машинскиот факултет.

Луѓето кои се занимаваат со индустриски дизајн се исправени пред два големи предизвика - прво, да ги прилагодат производите на потребите на човекот, и второ - да ги исполнат барањата на пазарот и економичноста на производството.

„Мора постојано да се иновира. Во последните 20 години дизајнот е повеќе насочен кон креирање работи што ќе помагаат во околината. Тоа најчесто не се опипливи предмети, како апликации или услуги. Ние како индустриски дизајнери не сме лимитирани на една професија, бидејќи индустрискиот дизајн е широк опсег. Државата преку вакви проекти ќе ни додаде на вештините, тоа ни го полни портфолиото, не прави повешти, попаметни, поискусни. Искуството ни е најважно, како студенти ни фали искуство“, смета Горјан Атанасов, студент на Индустриски дизајн на Машинскиот факултет.

Како идејата да се преточи во бизнис

Игор Арсовски е млад претприемач и основач на стартап бизнис. Тој има платформа за менаџирање на летни туристички аранжмани и за продажба на регионално ниво, преку која се дигитализираат соби што не се достапни за резервирање преку глобалните платформи. Така, и за нив е можна онлајн резервација и разгледување на понудите од регионот на едно место, за со еден клик да си го испланирате одморот. Неговиот бизнис поминал низ акцелераторот на УКИМ. Тоа било клучно за да можат решението кое претходно го развивале неколку години да го лансираат на пазарот.

„До одреден момент сите сме спремни да жртвуваме нешто што е лично, заштеди, наследства, комфор зоната, да сработиме онолку колку што можеме и знаеме. Меѓутоа, кога некоја институција ве поддржува – во мојот случај Акцелерагторот на УКИМ, бизнисот добива легитимитет, што нам особено ни помогна кај крајните корисници кои резервираа минатото лето. Добиваме трансфер на знаења, вмрежување и поврзување со други инвеститори кои се заинтересирани за раст на решението“, вели Арсовски.

Бројот на успешни млади кои се етаблираа надвор од земјава, без разлика дали станува збор за академската средина или во реалниот сектор, покажува дека имаме креативен потенцијал што засега не успеваме да го задржиме дома. Една од причините е што нашиот систем за поддршка на младите луѓе кои се иновативни и со претприемачки дух има „фалинки“, што претставуваат препрека за развој на бизнисите.

„За да имаме поголема апсорбција на нашите таленти треба да имаме целосно функционален систем, односно доволно инкубатори што ќе им обезбедат на иноваторите безбедна средина во фазата на средно и факултетско образование, за да ги истражат своите потенцијали и да ја увидат мотивираноста за развој на одреден производ. Низ тој процес тие ќе стигнат до првиот прототип. Понатаму стануваат клиенти на Акцелераторот на УКИМ, а понатаму и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) треба да продолжи да ги поддржува стартапите во прва фаза и во фаза на комерцијализација. Меѓутоа, недостасуваат средства што ќе им овозможи на компаниите да го постигнат нивото на развој. За жал, сите сме свесни за одливот на мозоци од Македонија, кои секогаш успеваат да станат еминентни професори на светските универзитети или завршуваат во големи корпорации. Тоа ни е клучната валидација дека создаваме таленти, меѓутоа отсуството на целосно функционален систем за иновации ги обесхрабрува македонските иноватори да ја продолжат својата патека во Македонија“, објаснува првиот човек на Бизнис акцелераторот на УКИМ, Александар Стамболиев.

Бизнис акцелераторот на УКИМ функционира од 2018 година и спровел повеќе од 15 акцелераторски програми во кои биле вклучени над 150 тимови. Тој овозможува спојување на знаењето на Универзитетот преку пристапноста до лабораториите, професорите и студентите со инвеститорите. Досега биле поддржани многу проекти на различни начини, а биле инвестирани пари во 10 високотехнолошки македонски стартапи кои понудиле иновативни решенија и кај кои бил препознаен потенцијалот за раст и развој. Во зависност од идејата и нејзиниот потенцијал, финансиската поддршка се движи од 5 000 до 100 000 евра.

„Ме радува што младите генерации се навистина похрабри и се обидуваат со најразлични идеи. Ние анализираме и за одредени стартапи гледаме дека им фали финансиска писменост или стратегија за излез на пазарот или за продажба, така што во таа насока подготвуваме менторство или едукативни програми за да им помогнеме да бидат подготвени за презентација пред глобалните инвеститори. Кои се клучните елементи при евалуација? Прво, колку идејата е иновативна. Каков вид на проблем решава продуктот и колку тој продукт е различен во однос на тоа што во моментот се нуди на пазарот на таргетираната група? Многу битен елемент е и финансиската проекција. Од тој аспект гледаме колку по одреден период таа идеја и тој стартап можат да остварат профит, не само на македонскиот пазар, туку и на регионалниот и меѓународниот пазар. И на крај, една од важните евалуации е тимот бидејќи тој што треба да го донесе продуктот на пазарот. Затоа ги гледаме членовите на тимот - колку имаат меѓусебна кохезија, каков вид на професионална експертиза имаат, каква е нивната енергија и колку навистина веруваат во продуктот“, вели Никола Огненовски, портфолио менаџер во Бизнис акцелераторот на УКИМ.

Според евиденцијата, лани, во Државниот завод за индустриска сопственост се поднесени 667 патентни пријави. Само 19 се национални, а 648 се европски. Вкупно е издадено 581 решение за признавање патент. Барање за патентирање може да поднесе правно или физичко лице, од земјава или странство, а постапката е едноставна и евтина. Треба да бидат исполнети три критериуми: новина, инвентивност и индустриска применливост. Знаење и потенцијал има, но треба да се препознае и добрите идеи да се комерцијализираат.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска