- Изминатите пет години вложени се значителни средства во програми за поддршка на младите, преку промена на образовниот систем и преку директна помош за да се вработат или да почнат со свој бизнис и да останат да работат во Македонија.
- Освен од државата и од Европската Унија во последните пет години се слеале 19,4 милиони евра за подобрување на состојбата на младите во земјата.
- Сепак, трендот на иселување на младите расте, а бројот на вработени млади за пет години е намален за скоро 25.000 луѓе.
- Тоа значи дека или парите не се вложуваат како што треба или стратегиите не ги одразуваат реалните потреби на младите.
Вложувањето во нови програми и планови за поддршка на младите за тие да останат и работат во Макекедонија, според истражувањата на невладиниот сектор, не го даваат саканиот резултат, бидејќи поголем дел од нив сепак сакаат да ја напуштат земјата и „место под Сонцето“ да бараат во некоја од поразвиените земји.
Истражувањето „Балкански барометар 2023“ покажува дека дури 44 отсто од испитаниците од регионот сакаат да ја напуштат својата земја, што е за пет отсто повеќе од претходната година. Дури 71 отсто од младите од регионот, според истото истражување, сакаат да ја напуштат земјата на потекло и да живеат и работат во странство.
Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) смета дека во Македонија состојбата е уште позагрижувачка. Тој посочува дека бројни истражувања покажуваат дека скоро 90 отсто од младите имаат желба да се иселат од земјата.
„Мене, а верувам и секоја друга личност, она што најмногу нè загрижува е одговорот на следното прашање на некои од анкетите кои им се поставуваат на младите луѓе: Дали откако ќе ја напуштите земјата, би размислиле да се вратите и да живеете или да работите во својата татковина? Тука одговорот од младите испитаници е речиси сто процентно јасно – не“, вели Кордалов.
Изминатите пет години вложени се значителни средства во програми за поддршка на младите, преку промена на образовниот систем и преку директна помош за да се вработат или да почнат со свој бизнис и да останат да работат во Македонија.
Оваа помош доаѓа како од државата преку Националната стратегија за млади и владините програми за поддршка на младите, така и од Европската Унија, која во последните пет години има одвоено 19,4 милиони евра за подобрување на состојбата на младите во земјата. Голем дел од младите оваа помош и поддршка ги искористиле за да се стекнат со подобро образование или пак да најдат работа и да останат во Македонија. Сепак, трендот на иселување на младите расте, а и покрај сите вложувања од државата бројот на млади кои се вработени се намалува.
Лидери во песимизмот дека може нешто да се смени на подобро
Според податоците од Државниот завод за статистика бројот на вработени млади од 15 до 24 годишна возраст и од 24 до 29 годишна возраст за период од пет години се намалил за 24.729. Во 2019 година вкупно вработени млади на возраст од 15 до 29 години според, статистичките податоци, е 172.654, а веќе следната 2020 година тој број е намален на 171.083. Во 2021 година е забележано најголемото намалување на вкупно вработените млади за 20.584 луѓе, или вкупно биле вработени 150.499 млади. Во 2022 година се забележува благо зголемување на вкупно вработените млади и тој број изнесува 151.461, а веќе следната 2023 година е намален на 147.925.
Извор: Државен завод за статистика
Официјалните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека и покрај овие вложувања и напори трендот на иселување на младите од Македонија расте и секоја година е сè поголем. Иако официјалните бројки за иселени млади од 2018 до 2022 година не се големи и за овие пет години официјално се иселиле 1.697 млади лица на возраст од 15 до 29 години (од кои 387 биле странци), сепак гледано по години, ако во 2018 година се иселиле 84 млади во 2022 година оваа бројка е 586. Но, сепак ова се бројки на оние кои официјално го пријавиле иселувањето, а неофицијалната бројка е веројатно многу поголема.
Извор: Државен завод за статистика
Од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) велат дека не треба да изненадува желбата на младите да ја напуштат државата и дека тоа не се должи само на потрага по подобар животен стандард.„Според бројките, 59 отсто од населението не е задоволно од животниот квалитет, 70 отсто не се задоволни од економската состојба, 43 проценти не се задоволни од финансиската состојба на нивното домаќинство, а 49 отсто не се задоволни од безбедносната состојба. Генерално сме лидери во песимизмот дека 2024 година ќе има позитивни промени по нашата финансиска состојба“, велат од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Бројот на млади кои својата иднина ја гледаат надвор е само се зголемува
Од Младинскиот образовен форум (МОФ), пак, сметаат дека мотивацијата за барање на можности во странство генерално не се должи само на животниот стандард, туку е комбинација на повеќе фактори.
„Тоа е комбинација на експериментирање со образовниот систем, кој не ги рефлектира реалните потреби за едукација на младите, отсуство на поддршка на младински ентузијазам, нормализирање на корупцијата во секоја општествена пора, преобемна бирократија, ниско ниво на вклученост на младите во процесот на одлучување на локално и национално ниво, немање можности за вработување“, велат од МОФ.
ЕУ: Над 13.000 млади луѓе успешно нашле вработување преку младинската гаранција
Доколку се разгледаат програмите наменети за млади, може да се забележи дека голем дел од парите доаѓаат и од ЕУ. Се обративме до Делегацијата на ЕУ во Скопје за тоа колку точно средства дсега се слеале во нашиот буџет, каде фокусот се младите. Од нив дознаваме дека главната иницијатива преку која ги поддржуваат младите во Македонија е „ЕУ за млади“, која се спроведува со буџетска поддршка, а средствата се исплаќаат во буџетот на земјата по постигнување резултати. Со програмата се вложени 15 милиони евра за стручно оспособување, вештини и подготвеност на младите за влез на пазарот на труд. Но, исто така оваа програма поддржува и зголемување на образовните центри за обука за стручно образование во регионалните ценатри за стручно образование во Куманово, Охрид и Тетово, а целта е обезбедување модерни практики за учење базирани на работа и квалитетно образование.
Програмата дополнително, како што објаснуваат од ЕУ, го поддржа непречениот премин од училиште на работа, преку спроведување на шема за младински гаранции за младите луѓе, во три неразвиени региони – североисточен, полошки, југозападен плус Преспа.
Преку програмата „ЕУ за млади“ се вложени 15 милиони евра за стручно оспособување, вештини и подготвеност на младите за влез на пазарот на труд
„Досега во националниот буџет се префрлени над 11,7 милиони евра за успешно достигнување на индикаторите. Програмата поддржа вклучување на повеќе од 36.000 млади луѓе во младинската гаранција, а над 13.000 млади биле успешни во наоѓање вработување или учество во работата како практиканти, стажирање или дополнителни обуки кои се во согласност со потребите на пазарот на трудот. Преку програмата поддржано е реновирање на четри центри за вработување, а продолжува поддршката на реконструкцијата и опремување на три регионални центри за стручно образование и обука, подобрување на капацитетите на наставниците за стручно образование и обука и проширување на учењето засновано на работа“, објаснуваат од Делегацијата на ЕУ.
Од Делегацијата на ЕУ уште велат дека дополнително го поддржуваат развојот на младите преку неколку помали интервенции, како што се Социјалното претприемништво за развој на младите, кое е имплементирано од Националниот младински совет на Македонија (НЦМСМ) со буџет од 200.000 евра, поддржани се 10 социјални претпријатија и програми за обука на младите за тоа како да се развиваат и да управуваат социјално претпријатие.
„Друг пример на активности за младите луѓе што ЕУ ги поддржува во Северна Македонија е проектот наречен ‘Младински агенти на промени’, чија цел е да ја зголеми инклузивноста и влијанието на младите врз општеството преку граѓански младински иницијативи, активизам и волонтирање во општините. Проектот е наменет за млади луѓе од 15 до 29 години кои се средношколци и студенти, младински активисти, млади со посебни потреби, претставници на локални младински совети, кој е имплементиран од Центарот за меѓукултурен дијалог, со буџет од околу 260.500 евра“, објаснуваат од Делегацијата на ЕУ.
Исто така, на долгата листа се и поддршката за имплементација на неколку програми за подобрување на образованието, преку подобрување на квалитетот на предучилишното образование и инвестиции во изградба на нови градинки, потоа подобрување на стручното образование и обука, подобрување на Националната рамка на квалификации и развој на нов информациски систем за управување со образованието.
Македонија е дел од програмата „Еразмус+“ за поддршка на индивидуална и групна мобилност, размена и надградба на академски програми
Тука, треба да се спомене и дека Македонија е дел од програмата „Еразмус+“ рамноправно со земјите-членки на ЕУ, која поддржува индивидуална мобилност, групна мобилност, размена меѓу училишта и универзитети, универзитетски наставници, надградба на академски програми. Така, во 2022 година, околу 2.000 наставници и повеќе од 8.000 студенти од Македонија учествувале во проекти во странство, додека околу 1.300 странски наставници и речиси 6.000 странски студенти дошле во Македонија.
Друга програма е онаа на Европскиот солидарен корпус, која исто така е насочена кон младите Европејци, вклучително и граѓаните на Македонија, која им помага на младите да учествуваат во проекти од корист на заедниците, било во странство или во нивната земја.
Над 1.700 млади ја искористиле државната помош да почнат со земјоделско производство
Но, да се вратиме сега на домашните програми. Владината програма во делот за поддршка на млади, освен што е наменета за поддршка во образованието, таа предвидува и финансиска помош за млади да отпочнат свој бизнис или, пак, да станат земјоделци, потоа помош за компаниите кои ќе вработат млади, како и помош за млади лекари кои би работеле во рурални подрачја. Поради тоа се обративме до повеќе институции кои се надлежни за спроведување на овие мерки, за да видиме колку млади ја искористиле оваа помош и колку од нив се вработиле или самостојно почнале со производство. Но, одговор добивме само од министерствата за образование и наука и за земјоделство и од Фондот за здравствено осигурување, додека од Министерството за економија, Агенцијата за вработување и од Владата ги игнорираа нашите прашања.
Според она што го добивме од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за период од 2020 до 2023 година, добиле 1.366 млади земјоделци на возраст до 40 години, во вкупна вредност од 1,104 милијарда денари.
Младите од државата добиваат под наем државно земјоделско земјиште и првите три години се ослободени од плаќање закупнина
Најмногу средства од оваа програма Министерството за земјоделство доделило лани - над 512 милиони денари на 359 млади земјоделци. Во 2022 година вкупната сума за поддршка на млади земјоделци е помала, но ја искористиле повеќе млади. Така, 507 млади земјоделци од државата добиле помош од 321,3 милиони денари. Во 2021 година 154 милиони денари се доделени на 236 млади земјоделци, а во 2020 година оваа помош од државата ја искористиле 264 млади земјоделци за што се одвоени 116,7 милиони денари.
Освен оваа помош, младите кои сакаат да се занимаваат со земјоделство, од државата добиваат под наем државно земјоделско земјиште и првите три години се ослободени од плаќање закупнина. Тоа е овозможено со измените на Законот за земјоделско земјиште со кои на јавен оглас или повик се доделува закуп на физичко лице на возраст до 40 години или на трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години.
„По оваа измена од Законот, досега, по јавните огласи за давање земјоделско земјиште во државна сопственост за површина над три хектари по пат на електронско наддавање склучени се 345 договори со физички лица на возраст до 40 години или со трговски друштва чиј управител или директор е на возраст до 40 години“, покажуваат податоците што ги добивме од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Овие договори се за подигање и одгледување оранжерии и долгогодишни насади како што се лозја, овоштарници, хмељ, потоа за насади со лешници, маслинарници и за други земјоделски култури и пчелни семејства, ливади, за одгледување брзорастечки дрвја на надморска височина над 700 метри и за рибници.
МОН: Го слушаме гласот на младите
Од Министерството за образование ни одговорија дека со развивање нови наставни програми, подобрување на условите во училиштата, и поддршка и развој на наставниот кадар придонесуваат за развој на квалитетно образование за сите.
Меѓудругото, ги истакнуваат наставните програми во основното образование кои за првпат се изработени врз основа на национални стандарди базирани на компетенции и кои се фокусираат на резултати од учењето. Односно, базирани на знаења, способности, вештини и ставови, се очекува да стекнат учениците за време на основното образование, а наставникот добива целосна автономија да ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи за целосно постигнување на очекувањата и потенцијалот на ученикот. Паралелно, се организираат и континуирани обуки за јакнење на професионалните капацитети на наставниците и стручните соработници за поквалитетен воспитно-образовен систем, објаснуваат од МОН.
Како еден од „успесите“ посебно ја истакнуваат популаризацијата на стручното образование која е ставена во фокусот на средното образование во изминатите неколку години, како поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот. Потоа, концептот на дуално образование базиран на учење преку работа, каде уписните политики се креираат заедно со локалните самоуправи и бизнис заедницата која пак, учествува во реализацијата на практичниот дел од наставата.
МОН смета дека младите се поттикнуваат да бидат дел од процесите за креирањето образовни политики
Во однос на високото образование, пак, во одговорот од МОН се истакнува дека се работи на четири нови стратешки документи чија цел е да го подигнат квалитетот на наставно – научната дејност. Станува збор за нова национална програма и уредба за финансирање на високо образование, како и национална програма и уредба за финансирање на научно-истражувачка дејност, кои треба да бидат изработени до 2025 година. Паралелно се работи и на поттикнување на вклучувањето на младите во процесите и активностите поврзани со креирањето образовни политики кои одговараат на нивните потреби. Како успешни резултати од ова се наведуваат субвенционираниот студентски оброк и зголемувањето на стипендиите.
„Врз основа на аргументираните барања на студентите беше зголемен износот на студентскиот оброк. Во рамки на Министерството формирана е работната група МОН-МЛАДИ, во која учествуваат претставници на младинските организации, Универзитетско студентско собрание и Сојузот на средношколци, основана со цел сите законски решенија, политики и мерки да поминуваат низ неа како филтер за поефикасни решенија прилагодени на потребите на младите“, велат од МОН.
Потребни се дополнителни средства за стимулација за младите лекари
Од Министерството за здравство не ни одговорија колку млади лекари ја искористиле државната помош да отворат амбуланта во рурална средина. Се обративме и до Фондот за здравство, од каде посочуват дека за да се овозможи дополнителна стимулација на младите лекари, треба да се направи финансиска анализа, како и да се промени Правилникот со кој ќе се овозможи дополнителна стимулација за младите лекари. Но, посочуваат дека независно од стратегијата на Владата и досега преку ФЗОМ е обезбедена стимулација на младите лекари да отворат амбуланта во рурална средина.
„Со Правилникот за начинот на плаќање во примарна здравствена заштита, предвидено е стимулативно пресметување на капитацијата и се обезбедуваат 60.000 денари, во времетраење од најмногу година ипол, на секоја нова здравствената установа или веќе постоечка здравствена установа што ќе вработи лекар кој прв пат склучува договор со Фондот и за прв пат му е издадено одобрение за број на факсимил или има издаден број на факсимил од страна на Фондот кој не е активен повеќе од пет години“, објаснуваат од ФЗОМ.
МЗ не одговори колку млади лекари ја искористиле државната помош да отворат амбуланта во рурална средина
Податоците од Фондот за здравствено осигурување покажуваат дека во моментот вкупно 93 лекари преку ПЗУ или ординации имаат договори за работа во рурална средина, но нема податок колку се за млади лекари и се новоотворени.
Факт е дека обезбедувањето квалитетно образование за сите млади е клучен елемент на стратешките заложби за развој на секоја држава. Исто така, голем удел во тоа се и разните програми кои потоа би ги задржале да работат во својата земја. Иако, од институциите велат дека унапредувањето на македнското образование е во согласност со европските стандарди и е насочено кон зголемување на конкурентноста на меѓународно ниво, како и дека им се овозможува на младите од различни социјални и економски средини да ги остварат своите потенцијали, училниците секоја година стануваат сè попразни, а бројката на оние кои својата иднина ја гледаат во Македонија е сè поголема.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Поврзани стории: