Зградата на ЕСМ е институционален срам во центарот на Скопје

Зградата на ЕСМ е институционален срам во центарот на Скопје

  • Управната зграда на ЕСМ на Плоштад Македонија со години стои без фасада, со оштетувања и отворена конструкција, што претставува опасност за минувачите и не обезбедува соодветни услови за работа.
  • Иако ЕСМ изгради нова зграда спроти Музејот на Град Скопје уште во 2017, таа сега ја користи новоформираното Министерство за енергетика, а вработените на ЕСМ остануваат во старата, дотраена зграда.
  • Обидот за нова фасада започнат како дел од проектот Скопје 2014 беше стопиран по пожар во 2016 и поради проблеми со изведувачот.
  • По потрошени околу 400.000 евра договорот вреден 4 милиони евра е раскинат.
  • ЕСМ и институциите немаат конкретен одговор за иднината на зградата.
  • Стручњаците предупредуваат на ризици и деградација на објектот.

Во центарот на Скопје, на влезот на плоштадот Македонија речиси една деценија без фасада и со оштетувања на надворешниот дел од објектот стои управната зграда на АД „ЕСМ“ . Вработените во оваа државна компанија исто толку време, во овој објект, кој е стар над шеесетина години, работат во несоодветни услови, бидејќи според градежниците, објекти кои немаат фасада се сметаат за градежно незавршени и таквите не овозможуваат соодветна енергетска ефикасност и изолација.

Долго време на зградата стоеја и градежни скелиња, а таа беше оградена, но потоа тие беа тргнати. Градежниците се децидни дека такво нешто е недозволиво, бидејќи вакви објекти кои се недовршени и според градежните стандарди мора да бидат оградени за да се спречи минувачите и граѓаните да влезат во просторот околу и до зградата, пред сè поради нивната безбедност.

Професор Јосиф Јосифовски, член на Катедрата за геотехника при Градежниот факултет во Скопје за Само прашај објаснува дека во случајов се гледаат и надворешни оштетувања на зградата, која е „соголена“, без фасада и може да се случи, под дејство на атмосферски влијанија оштетените делови да паднат. Тој додава дека според градежните стандарди објектот треба да биде ограден. Проф. Јосифовски нагласува дека и другите незавршени објекти во строгиот центар на градот, како што е и зградата на „Пелагонија“ во близина, која исто така беше дел од овој проект, а остана без фасада мора соодветно да биде заштитена и оградена, како и останатите згради околу плоштадот кои се недовршени.

„Се работи за објекти кои се дискутабилни во делот на нивната безбедност, посебно од аспект на тоа што веќе подолг период на нив не се работи и се оставени на некоја состојба на пропаѓање што само по себе под дејство на атмосферските влијанија на нив ги прават сè понебезбедни. Она што струката укажува е дека има одредени стандарди, кои треба да ги задоволат во смисла на безбедноста. Пред сè тука би ја споменал потребата на заштита на просторот, околу самите објекти, што значи соодветни заштитни огради, со што би се ограничил пристапот на граѓаните до или блиску до тие објекти за да не настанат штети по самите граѓани и можни човечки жртви“, вели проф. Јосифовски.

Реновирањето на фасадата на објектот во кој порано беше сместена и австриската компанија ЕВН, почна уште пред десетина години како дел од проектот на тогашната влада „Скопје 2014“, кој чинеше над 700 милиони евра, а за фасадата на овој објект – од стакло и стиропор, беа предвидени да се потрошат 3,6 милиони евра.

Во февруари 2016 година при изведување на градежните работи дојде до пожар при што беа зафатени и внатрешни простории на зградата. До таа фаза од изградбата на новата фасада на зградата на ЕСМ, според објавеното во медиумите, беа потрошени околу 400.000 евра.

По пожарот обете компаниии ЕВН и ЕСМ се откажаа од довршување на овој проект и најавија дека ќе бараат ново идејно решение за фасада на зградата. Од најавите не излезе ништо, а во меѓувреме австриската ЕВН се исели од објектот, а таму остана само државната компанија ЕСМ.

Зграда без лице, институции без план

Вработените во ЕСМ со години останаа во овој објект, иако со проектот „Скопје 2014“ оваа државна компанија почна да гради и нова зграда спроти Музејот на Град Скопје. Новата зграда на  ЕСМ до јануари годинава остана невселена, бидејќи иако објектот беше изграден уште во мај 2017 година, Министерството за транспорт и врски одбиваше да даде употребна дозвола.

Според досега објавеното во медиумите, Министерството за транспорт и врски одбивало да даде употребна дозвола, поради тоа што во текот на градбата се вршеле измени на проектот и недостасувале соодветни мислења и одобренија.

Но, актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ одлучи во новата зграда што ја градеше ЕСМ, да се всели новоформираното Министерство за енергетика. Со владината одлука таму да се смести новото министерство, дражвната компанија ЕСМ остана во старата управна зграда на плоштадот Македонија, каде условите за работа, во услови за работа како што може да се претпостават. За експертите- нехумани.

„Станува збор за некои нехумани услови за работа со оглед на тоа што, гледајќи го објектот секојдневно, фасадата на одредени делови е целосно отворена и не е според основните услови и стандарди што треба да задоволуваат такви објекти. Зборуваме за работните услови на вработените во ЕСМ. Точно не знам во колкав број и во кој дел од објектот тие работат, тука мора да се оградам. Но, како што кажав веќе, атмосферските влијаниија без тие фасадни елементи во кои што имаме и енергетска заштита, термичка заштита, е несоодветно. Ние во градежна смисла тие објекти би ги сметале за недовршени или неизградени објекти. Во таков објект е проблематично подолготрајно некој да извршува работни задачи“, вели професорот од Градежниот факултет Јосифовски.

Од АД ЕСМ признаваат дека зградата што се наоѓа во најтесниот центар на Скопје, на самиот плоштад е со извадена фасада и дека тоа не е пријатна слика ниту за амбиентот во околината, а не е погодна ниту како работен простор, бидејќи објектот е оставен без изолација. Но, од компанијата не сакаа да коментираат зошто толку години вработените не се преселени во новата зграда.

„Дирекцијата на АД ЕСМ во моментов работи без репрезентативен простор. Со оглед на околностите, со години вработените во Дирекцијата на ЕСМ функционираат во отежнати околности“, одговорија од АД ЕСМ.

Долгогодишниот изглед на зградата е симбол за институционална негрижа

На нашето прашање, дали е планирано довршување на фасадата и санација на зградата, од компанијата одговорија дека, во зависност од финансиските можности, се разгледува можноста оваа година да се направи целосна реконструкција на зградата – и надворешна и внатрешна.

„Преку конкурс освен изведувач, ќе се бара идејно решение за изведба на модерна и енергетски ефикасна фасада“, додаваат од АД ЕСМ.

Но, зошто досега зградата останала без фасада и колку средства се потрошени во претходниот проект за фасадата на зградата, од АД ЕСМ не дадоа конкретен одговор, туку ги опишаа сите досегашни обиди да се реши ова ругло во центарот на Скопје.

„Менувањето на фасадата на сегашната управна зграда на АД ЕСМ е заеднички проект на АД ЕЛЕМ и ЕВН АД, што требало да заврши во септември, 2014 година. Застојот настанал затоа што нарачателот побарал од изведувачот да употреби огноотпорни материјали за фасадата, што било одбиено. Откако договорот бил раскинат, изминативе седум години не се преземени активности за надминување на предизвиците. Според нашите информации, договорот за фасадата изнесувал околу 4 милиони евра, носител бил ЕВН АД-Скопје, а двете компании се согласиле да платат по половина од средствата за предметната намена“, ни одговорија од АД ЕСМ.
Од ЕВН Македонија, пак, кои беа претходни станари на оваа зграда, кој е еден од белезите на Скопје од поодамна, на прашањето, зошто фасадата на оваа зграда по пожарот не е довршена, иако имаше најави и од двете компании дека ќе се бара ново идејно решение, велат дека објектот веќе не е во нивна сосптвеност и дека не се надлежни за изработка на нови идејни решенија.

„Договорот за реконструкција и доградба на фасада е раскинат поради непочитување на одредбите од договорот од страна на изведувачот.Објектот веќе не е во сопственост на ЕВН Македонија АД Скопје и оттука компанијата не е надлежна за изработка на нови идејни решенија“, ја кажаа својата страна од приказната од ЕВН Македонија.

Ниту Владата, до која се обративме за одговори, не кажаа децидно дали и кога ќе се направи нова фасада и санација на штетите на зградата на ЕСМ. Ни рекоа дека ги истражуваат можностите за финансирање на нова и модерна фасада.

zgradata na esm e institucionalen sram 4
Од Владата уште ги истражуваат можностите за финансирање на нова и модерна фасада

„Активно се истражуваат можностите за финансирање на нова, модерна и енергетски ефикасна фасада на постојната зграда, која ќе вклучува интегриран фотоволтаичен систем. Оваа инвестиција е од клучно значење во насока на намалување на енергетската потрошувачка, зголемување на енергетската ефикасност и придонес кон одржлив развој“, стои во одговорот од Владата.

Оттаму не одговорија на прашањето кога е издадена употребна дозвола за новата зграда на ЕСМ,  која со владина одлука беше доделена на Министерството за енергетика и дали е планирано државната компанија да добие некаква финансиска компензација за овој објект во кој се вложени значителни средства, за да може да направи санација на стариот објект.

И од Министерството за енергетика не добивме одговор на прашањето дали при примопредавање на зградата во договорот со ЕСМ е предвидена некаква финансиска компеназција за државната компанија. Од таму нè упатија одговорот да го бараме во Владата, со објаснување дека тоа не е во нивна надлежност.

„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја користи зградата врз основа на одлука на Владата, со која објектот е доделен на Министерството за користење. Врз основа на оваа одлука е склучен и договор со ЕСМ, при што сите правни и финансиски аспекти се утврдени на ниво на институции. Прашањата поврзани со финансиските аранжмани и можните компензации се во надлежност на ЕСМ и на Владата. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини не учествува во тие одлуки“, ни изјавија од Министерството за енергетика.

Квалитетот на градбата на објекти кои подолго стојат недовршени може да се намали

Кај објекти чија градба е почната, па подолго време се оставени недовршени, според градежните експерти, може да дојде до ослабување на материјалите и да се намали квалитетот на самата градба.

„Секој објект на кој подолго време не се работи во континуитет, постои опасност под влијание на одредени атмосферски влијанија квалитетот на градежните материјали да старада на некој начин, да се ослаби, да се намали тој квалитет и со тоа да се проблематизира целата градба. Зборуваме за подолги временски периоди, а имено и овие објекти некако подолго време се изложени“, вели проф. Јосифовски и додава дека за нив треба да се планираат мерки за нивна санација.

zgradata na esm e institucionalen sram 5
И други објекти на плоштадот Македонија долго време стоеја неизградени и без основни елементи за заштита

Тој додава дека за вакви објекти се препорачува да се направи специјален надзор во кој што ќе се оцени квалитетот на материјалите, ќе се детектираат слабостите и недоследностите и ќе се предложат мерки за нивна санација или замена. Такво мислење од Градежниот факултет било побарано по пожарот на зградата на ЕСМ на плоштад Македонија.

„Колку што ми е познато во моментов е договорена таква работа, конкретно за објектите во кампусот на ректоратот на УКИМ за двата објекти за нови згради за факултети и е замолен Градежниот факултет да учествува со своите експерти во таа оценка за состојбата. Таква оценка би требало да биде спроведена и за сите останати објекти“, вели проф. Јосифовски.

На плоштадот Македонија или во строгиот центар на Скопје, не е само зградата на ЕСМ која со години стои недовршена. Има најмалку десетина објекти кои се недовршени и сите тие, според градежните стандарди, сите мора да бидат соодветно оградени и заштититени.

„Не е само еден објект, не е само објектот на ЕСМ. Многу такви објекти се незавршени и оставени на забот на времето да пропаѓаа. Тука е и објектот на ‘Пелагонија’ оставен незавршен, објектот на поранешен Офицерски дом, до него хотелот. Тука се и објектите во кампусот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, знаеме за објектот на факултетот ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура, кои што исто така подолго седат и на нив не се работи ништо. Универзалната сала , така да има повеќе објекти кои се оставени и мислам дека е крајно време да се најдат решенија за тие објекти, бидејќи претставуваат и опасност за средината за минувачите, граѓаните“, вели проф. Јосифовски.

Тој додава дека правилото е градилиштата да бидат оградени од самото расчистување на теренот, па сè додека не помине технички надзор и не биде пуштен во функција. Тоа би значело, не да има едноставна ограда, туку во дадени ситуации мора да има посериозна заштита во горниот дел како некаков вид настрешница, за граѓаните при помали или поголеми дефекти или деформации на објектот да не бидат во опасност.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Елица Бочвароска

Снимател: Наке Батев

Монтажа: Ристо Душковски

Фотографии: Дарко Андоновски