Зошто Македонија не успева да го реши проблемот со бездомните животни?

Зошто Македонија не успева да го реши проблемот со бездомните животни?
  • Законската рамка за заштита на животните е нецелосна и слабо се спроведува, со минимални казни и ретки инспекциски контроли.
  • Главна причина за порастот на бездомни животни се неодговорните сопственици кои ги исфрлаат милениците или не ги чипираат и стерилизираат.
  • Во Македонија сè уште постои ниско ниво на јавна свест и неразбирање на одговорноста при чување миленик.
  • Институциите, особено општините и АХВ, се бавни, недоволно координирани и немаат капацитет да го контролираат проблемот.
  • И покрај иницијативите за нов закон, системските решенија постојано се одложуваат, а предложените измени со строги казни и задолжителна стерилизација сè уште не се усвоени.

Недоречености во законските решенија, исклучително малите казни, неажурноста на општините, неодговорните сопственици и особено слабото ниво на јавна свест за чувањето миленици, но и за бездомните животни. Ова е најкусото објаснување на проблемот со илјадинците бездомни кучиња и мачки по улиците на Скопје, но и на сите други градови во земјава.

Решенијата исто така можат да бидат едноставни, само ако се искористат примерите од земји каде што системот функционира. Сепак, како и речиси за сè во Македонија и решавањето на овој проблем наидува на сите вообичаени пречки: бавна реакција, инертност на институциите, несогласувања околу решенијата, институции без доволно капацитет, а културолошките и социолошките аспекти само го дополнуваат хаосот, додека проблемот само се наталожува со годините.

„Ние сме сосема недорасната нација кога се работи за чување миленци, во однос на одговорноста на чувањето миленик, што значи да се чува миленик. Тоа сè уште кај нас се третира како да е играчка којашто ја земаме за неколку дена да си поиграат децата, да седи врзано и да биде без храна и вода неколку дена. Одговорноста воопшто не се разбира. Често ја правам паралелата, ќе купите нов автомобил, дали тој автомобил треба да го регистрирате, дали треба да го одржувате. Исто е, регистрација на автомобил е чипирање на кучето. Тоа е ваша сопственост. Треба да се знае од каде потекнува, кога сте го зеле, да е некаде заведено. Дали ја носите колата на регистрација еднаш годишно - ја носите и на сервис. Овде зборуваме за материјален објект, а овде за живо суштество. Значи, што можат да го прават луѓето тоа за автомобили, за било какви материјални објекти, да ги одржуваат и некаде да се евидентира тој имот исто треба да се случува и за живи суштества, уште повеќе. Кај нас ситуацијата е обратна“, вели за Само прашај, долгогодишната активстка за заштита и права на животните, Мери Јордановска.

Бездомните животни последниот период станаа една од главните карактеристики на Скопје, но и на речиси сите градови во земјава. Популацијата кучиња на улиците, но и секаде каде што луѓето можат да однесат, исфлат и дислоцираат животни е сè побројна, а решавањето на овој проблем не е ниту на почеток. Секојдневните објави за исфрлени цели легла мали животнки, испуштени домашни миленици на улица, разможување на домашните кучиња со бездомната популација и пред сè, неевидентираното и неодговорно сопствеништво се креаторите на овој проблем кој добива масовни димензии.

Цената на неодговорното сопствеништво

Кучињата едноставно не се за на улица. Кучињата се домашни животни, не треба да живеат по улици, тоа е мачење за нив, но и проблем за населението. Ова е појдовната точка за која се согласуваат сите инволвирани страни во проблематиката. И Агенцијата за храна и ветеринарство и активистите и од скопското прифатилиште за бездомни кучиња Лајка.

Кучињата се домашни животни и не треба да живеат на улица, согласни се и институциите и активистите

Но, од каде точно тргнува проблемот. Од неодговорните сопственици. И за ова исто така се согласуваат сите наши соговорници. Нерегистрирани миленци кои се чуваат во лоши услови, без надзор кога и каде излегуваат, дали се размножуваат со бездомните и исфлрањето на цели легла мали кученца низ градовите. Потоа, тука е проблемот на неразбирањето на одговорностите за чување миленик. Се земаат кучиња, па кога ќе се согледа кои се обврските, кучето едноставно се пушта на улица, се носи во друг град или на планина и се исфрла.

„Само ригорозен закон и само највисоки можни казни за неодгворно сопственишто можат да го надминат проблемот со бездомните кучиња во Македонија“, вели Јордановска.

„Бездомни кучиња не сака никој да има, ниту активистите, како што сум јас коишто секојдневно спасуваме, трошиме сопствени средства, собираме донации, се обидуваме да ги вдомиме и оние нели коишто не се љубители на кучиња. Не постои некој којшто сака да има улични кучиња. Проблемот е во тоа што кај нас не постојат ригорозни мерки и казни за неодговорните сопственици, а само неодговорните сопственици се причина зошто имаме толкав број на бездомна популација на животни. Човекот е причината зошто имаме бездомни животни и додека нема казни за човекот којшто ќе го земе, ќе го чува одреден период, па ќе го фрли, или ќе му се породи кучката па целото легло ќе го земе и ќе го остави на среде пат во кутија или нема да го чипира миленикот па ќе му се загуби, па не може да се најде. Секоја можна раса на кучиња ја имаме по улиците, нешто што е несвојствено за ниту една друга метропола. Тоа единствено може да се реши со казни. Затоа јас бев многу позитивно изненадена кога беше предложен законот со кој се предвидува дека е потребна задолжителна стерлизација, нешто за што гледам дека многу од граѓаните реагираат бурно меѓутоа не може секој на Пазар3 да си огласи легно на кучиња, да си ги продаде без за тоа да плати данок и да не се знае каде тие завршуваат. Доколку сака да си го пари кучето тогаш треба да си регистрира одгледувачница и да си плаќа данок. Тоа е сосема нормална работа секаде во светот и така ќе се знае трагата на едно животно, каде завршува и доколку заврши на улица, ќе биде детектирано и ќе има соодветна казна“, објаснува Јордановска.

Во земјава, според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство имa 133 илјади регистрирани кучиња кои нивните сопственици ги чипирале и тие се заведени во системот , но она што го прави клучниот проблем е чувањето кучиња кои никаде не се заведени, дополнително и нивното неконтролирано размножување и на крајот раздавањето на други соптвеници, исто така без никаква евидениција или во најлошиот случај, фрлањето на цело легло.

А, исфрлањето домашни животни е најтешко да се контролира и санкционира. Сведоштва за исфрлени кучиња и мачиња има многу, социјалните мрежи се преполни со фотографии, но проблемот се регистрира откако некој ќе ги најде. Многу ретко има директни сведоци за исфрлањето, а и да има, проблемот е каде да се пријави. Според не многу прецизните законски одредби, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство, но АХВ не е брзо мобилна интитуција како МВР, па инспекторите и да дојдат, ниту можат да го идентификуваат исфрлачот, ниту пак да знаат кого и како да казнат.

На социјалните мрежи сме сведоци на раздавањето на кучиња други сопственици без контрола и на исфрлување на цели легла

За да се спречи ова, мора да има евиденција за секое животно, затоа и како законска обврска е воведено чипрањето на миленците. Но, луѓето едноставно не го прават тоа иако се предвдени казни. Според активистите, решението е полиција за миленици или комунална полиција која ќе има ингереции да ги проверува и да ги евидентира овие појави. Ова пак треба да е обврска на општините, бидејќи според Законот за благосостојба на животни се надлежни и одговорни и за бездомната популација.

Ниту чип, ниту казна

Микрочипирањето на милениците и сега е законска обврска, но ниту се казнува ниту се контролира. Само четворица сопственици на нечипирани миленици биле казнети минатата (2024) година. Инспекторите на АХВ немаат право да влегуваат во домови и да проверуваат дали има миленик и дали е регистриран.

„Во 2024 година, кај сопственици на домашни миленици по Законот за идентификација и регистрација на животните, изречени се четири прекршочни платни налози и е спроведена една едукација. Спроведени се само вонредни инспекциски контроли бидејќи според член 79 став (1) од Законот за инспекциски надзор, официјалните ветеринари немаат овластување за вршење редовни инспекциски надзори кај сопственици на домашни миленици“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Клучно е да се зајакнат мерките и казните. Но, во моментов нов закон или законски измени на Законот за благосостојба на животните не е во процедура. Постојат две законски решенија кои се актуелни. Едното на Агенцијата за храна и ветеринарство и другото кое беше изработено преку работни групи во кои беа вклучени повеќе фактори, а кој преку пратеничката Моника Зајкова требаше да поминат во Собранието, но во минатиот состав.

Законот кој го нуди АХВ е изработен уште во 2019 година. Тој дури беше и пред гласање кај пратениците, но беше повлечен, од АХВ велат немаат информација зошто. Сега, законот е во Секретаријатот за закондоавство, тој повторно треба да ја мине целата постапка, да се направат модификации, ако е потребно, и од Владата да оди повторно во Собранието. Предлагач на овој закон е Министерството за земјоделство.

„Целта на законот е зајакнување на одговорното сопствеништво за домашните миленици, тоа му е примарна цел, односно преку донесување на една одредба, предвидуваме дека преку имплементација ќе се намали бројот на бездомни кучиња. Ќе биде забрането држење на репродуктивно способен миленик освен во случај ако сопственикот не се регистрира или како регистриран сопственик или како одгледувачница. Значи, ќе биде дозволено држење на репродуктивно способни миленици, меѓутоа тоа ќе биде регулирано со закон односно ќе мора да бидат регистрирани како некаков субјект“, вели за Само прашај Димитар Терзиевски  од Одделението за благосостојба на животните во Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Меѓутоа зајакнувањето на принципите на одговорно сопствеништво и приливот на нови кучиња на улиците е навистина голем проблем и тој може да е реши на неколку начини - преку подигнување на јавната свест, за што ние веќе имаме работено неколку пати такви кампањи меѓутоа сепак е оставено на совеста  на сопствениците. Во иднина мислам дека сепак треба да се зајкане и санкционирањето на недоговорните сопственици. За жал, како се предвидени казните во постоечкиот закон, се многу ниски. Ние како Агенција ќе инсистираме да бидат поголеми, односно драконски за во иднина да ја спречиме таа нус-појава на напуштање на домашен миленик. Сметам дека казните треба да се заголемат во делот на идентификување на миленикот (немикрочипиран) и за напуштање на домашен миленик“, истакнува Терзиевски.

Второто законско решение во чија изработка беа вклучени, здруженијата, Лајка, пратеници, а на работните групи имаше и претставници од АХВ е поригорозен, со многу повисоки казни, но и тој не успеа да дојде на седница за гласање. Ова се случуваше пред крајот на претходниот пратенички состав. Зајкова која и сега е дел од парламентарниот состав најавува нов обид за законот да дојде на ред во Собранието.

„Законот ги опфаќаше и кучињата и мачките, опфаќа и други животни, го опфаќа и делот на искористување и злоупотреба на животните за трки, борби, игри и слично. Иако ние во моментов, можеме да кажеме дека имаме некое солидно законско решение, тоа сепак не се имплементира во целост како и многу други работи. Ова законско решение одеше малку и чекор напред во делот на зголемување на казните. Не може казната да биде петнаесетина евра ако вие го пуштите вашето куче да се размножува на улица или тукутака го оставите. Мора да има систем на чипирање, мора да има систем на тоа каде завршуваат. Тоа постои, но во пракса не се применува баш. Другите држави, другите европски земји, еве да тргнам од Белгија, бидејќи таму го познавам системот. Таму не можете вие туку-така да го размножувате вашето куче. Мора да имате регистрирано дека ќе го размножувате, да се знае каде одат тие кученца, треба да бидат проверени. Не е како кај нас, соберете ги во комбе и однесете ги од Скопје во Тетово или од Тетово во Маврово“, вели пратеничката Зајкова за Само прашај.

Во двете решенија, се пропишуваат драстично поголеми казни за неодговорно сопственишто и за измачување животни, но активистите и АХВ имаат несогласувања околу принципите за тоа како точно треба да се регулира сопствеништвото односно принципите и условите за чување нестерилизирани миленици и регистрирањето одгледувачници.

Според АХВ, ако се инсистира токму на ова, сопствениците на две или повеќе единки да имаат законска обврска да се регистираат како одгледувачници, ќе ги натера сопствениците да ги стерлизираат животните.

„Ако сте одгледувачница критериумот ќе биде ако имате над две репродуктивно способни женки, ќе мора да бидете регистрирани како одлегувачница. Така е во предлог-текстот, дали ќе помине, не знаеме. Има исто и европска регулатива која е во фаза на подготовка која ќе биде облигаторна за земјите-членки. Во моментот исто е предлог. Секоја земја во Европската Унија национално си го решава тој проблем. Кај нас критериум ќе биде, над две репродуктивно способни женки, ќе биде одгледувачница. Во тој случај ќе мора да исполнува одредени услови кои ќе бидат пропишани во правилник и ние на некој начин ќе ги одобруваме тие одгледувачници и понатаму ќе следиме каде завршуваат сите тие легла кои ќе се произведат од страна на тие одгледувачници“, објаснува Терзиевски.

Тоа значи дека оние сопственици на кучиња кои чуваат една женка или еден или повеќе мажјаци, репродуктивно спосбни, нема калсично да се одобруваат како одгледувачница туку ќе се регистрираат како регистриран одгледувач на куче и ќе бидат предмет на контроли на инспекторските служби на Агнецијата - дали имаат легла, каде завршуваат.

Но, од „Лајка“ велат дека на овој начин не се решава проблемот, туку само се озаконува чувањето нестерилизирани единки. Тие не се согласуваат со поголем дел од решенијата превидени во Законот што го предлага АХВ.

„Да бидеме искрени, не сум сигурна дека ние како Лајка или пак активистите ја имаат добиено конечната верзија од законот креиран од АХВ. Она во што ние како Лајка најмалку се согласуваме се предвидените одредби за огледувачници, кое сметаме ќе дејствува контрапродуктивно. Ние треба да го сузбиеме размножувањето на домашните миленици, а не да го озаконуваме. Не може и не треба секој да биде одгледувач и непречено да го размножува својот миленик, имајќи предвид дека голем дел од леглата ќе завршат или кај неодговорни сопственици или на улица. Нашите предлози во врска со законот кои беа образложени во работната група која ја огранизираше пратеничката Зајкова се однесуваа на неколку клучни поенти“, објаснува Елена Пипонска од Лајка.

Предлози од Лајка за законско решение

Намалена возрасна граница за идентификација и регистрација на миленикот или неговото потомство. Поголем надзор врз ова поле како клучно за овој проблем.Обврска за комуналните инспектори и редари во општините да извршат идентификација и регистрација на секое куче во рамки на општината за која се надлежни.

Дозволено размножување на миленик само во услови на регистрирана одгледувачница,под јасно дефинирани правила и единствено со цел зачувување на раса.

Воведување на данок за нестерилизиран/некастриран миленик.

Примена на залови,стерилизирај,врати без исклучок и импровизации на ниво на целата држава, што не беше случај до сега.

Забрана за еутаназија на здрави,излечиво болни или животни за кои постои интерес за вдомување.

Поголеми надлежности на општините во насока на контрола на изворот на проблемот,односно во делот на контрола на сопствеништвото.

И на крај, формирање на тело кое ќе гарантира доследна имплементација на новодонесниот закон,затоа што искуството покажа дека АХВ со својот капацитет тоа не може да го направи.

Дури и сите страни да се усогласат во ставовите, сепак, како и вообичаено, кај нас и најдобриот закон тешко се спорведува, а уште потешко оди контролата на неговото спроведување. Оттука се отвора прашањето, и ако бидат донесени сите овие ригоризни мерки, кој и како ќе ја спорведува контролата?

Од АХВ велат имаат решение за системот на контрола, активистите се скептични со оглед на нивните досегашни искуства од работата на Агенцијата.

„Капацитетите на Агенцијата се такви какви што се, ќе има потреба од зајакнување со кадар секако, сигурно ќе има зголемен обем на работа. Ние правевме некаква анализа уште кога во базата на податоци имавме околу 90 илјади миленици. Бидејќи кога го идентификувате вашиот миленик треба да внесете дали е стерилизиран или не. Тука веќе ќе можеме да правиме некои анализи. Уште тогаш видовме, ако одиме со оној наш предлог дека над две репродуктивно способни женки ќе биде криетриум за регистрација на одгледувачници, системот ни покажа дека ќе имаме околу четири илјади такви субјекти. Меѓутоа, тоа не е страшно, бидејќи ние веќе имаме пракса да работиме контроли и кај останатите видови животни. Во ветеринарно-информативниот систем има и говеда, овци, кози и свињи и исто така можеме да предвидиме одреден број контроли врз база на проценка на ризик, можеме да одредиме каде ќе бидат нашите контроли и во колкав процент на тие одгледувачници на годишно ниво. Ќе имаме механизам за контрола“, потенцира Терзиевски од АХВ.

Недоволниот капацитет на Агенцијата за храна и ветеринарство, но и фактот што нема генерална стратегија и инволвираност на повеќе институции придонесува проблемот само да се зголемува.

„Прстот се вперува кон АХВ, факт е дека таму има мал број инспектори, но државата треба да направи услови, кога имаме проблем од толку големо значење којшто е толку долготраен, да издвои ресурси и тој проблем да се реши. Значи, да се каже дека оваа година се работи континуирано на број на бездомна популација на животни и тука да се ангажират поголем број инспектори, да се формира полиција за животни доколку е потребно. Тоа и беше предвидено исто со законот кој беше предложен, комунални инспектори да изрекуваат казни, за да се удри од повеќе различни страни за проблемот да се реши. Друго ништо не го решава овој проблем бидејќи и 150 лајки да имаме и во секој град да има по една Лајка, капацитетот е тој, 150 кучиња. Ќе се заловат дента можеби 10, а веќе наредниот ден имаме нови 15 пуштени. И така цело време се вртиме во круг. Ја единствено што се сомневам е дали ќе биде возможна имплементацијата на овој закон со оглед дека кај нас казни речиси и да нема. Можеби половина од населението што има домашни миленци воопшто ги немаат чипирано иако тоа е законска обрвска. Според тоа јас мислам дека ниту еден ветеринар не би требало да прегледува нечипирано куче“, смета Јордановска.

Зошто општините ја игнорираат Лајка?

За бездомните животни надлежни се општините кои треба да најдат начин за контрола на уличната популација. Во земјата има 29 одобрени општински прифатилишта од кои 26 се функционални. Секоја општина треба да изготвува годишна програма и план, а претходно треба да направи проценка на популација на кучиња на нивната територија и врз основа на тоа треба да биде донесен тој план.

„Неколку општини во Македонија, активно работат, носат програми и вршат проценка некаква на бројот на бездомни животни, за жал некои општини немаат воспоставено таков систем и ние во иднина ќе го форсираме тоа преку нашите инспекциски служби, за секоја оптшина правилно да го имплементира законот бидејќи мислиме дака како што е пропишано со законските обрвски залови, стерлизирај, вдоми или врати, сите општини работат на тој прицип и мислиме дека доколку правилно се пристапи кон решавање на проблемот на овој начин веќе среднорочно за  две до три години ќе се види пад на бројката на кучиња“, објаснува Терзиевски.

Во Скопје, единственото прифатилиште е Лајка, за да се обезбеди функционалност, а и за да им се олесни на општините, да не го решаваат проблемот парицијално, туку преку Лајка , општините имаат договори со прифатилиштето и треба да плаќаат одреден месечен надомест и на тој начин да се дејстува. Но, Лајка уште од отворањето се соочува со проблми во соработката со општините. Со еден исклучок, општината Гази Баба, сите останати имаат долгови кон претпријатието формирано од Градот. Од Лајка постојано прават напори да се разреши оваа ситуација.

„Во моментот сме посветени на ова прашање, односно правиме напори да стапиме во контакт со ЗЕЛС и некои наши предлози да бидат ставени  на маса и разгледани  од нивна страна. Со оглед на фактот што постоечкиот Закон за заштита и благосостојба на животните во член 28 јасно ја определува надлежноста на Општините, општините во Град Скопје и на Градот Скопје за преземање на активности во насока на заловување и третман на секоја единка која ќе се најде на јавен простор. До сега имавме некои обиди кои за жал, не вродија со резултат. Забележително е дека, во последниов период, кога проблемот со бездомните кучиња станува алармантен, дел од општинте ја подобруваат соработката со прифатилиштето“, велат од Лајка.

Фирма Салдо
Општина Аеродром 1,166,677.00
Општина Бутел 4,193,331.00
Општина Чаир 1,833,333.00
Општина Гази Баба 0.00
Општина Ѓорче Петров 4,000,007.00
Општина Карпош 4,000,010.00
Општина Кисела Вода 4,350,012.00
Вкупно 20,043,375.00
 

Речиси сите скопски општини имаат огромни долгови кон Лајка

Вкупниот износ на долгот од сите општини е 20.043.375 денари. Гази Баба е единствена општина во градот Скопје која редовно ги подмирува обврските. Тука некаде е и Општина Центар која моментално има долг од 500.000 денари.  Со Општина Бутел „Лајка“ има склучено договор за уредување на меѓусебни односи за долг од 2021,2022 и 2023 година, односно спогодба. Долгот на Општина Карпош датира од 2022 и 2023 година. По 31.12.2023, кога впрочем и истекува првично потпишаниот договор, Општина Карпош нема договор со Лајка, а ниту презема свои самостојни активности по однос на решавање на овој проблем. Со Општина Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош во тек е судски спор по однос на побарувањата од 2022 и 2023 година.

Општини кои воопшто не соработуваат, односно немаат потпишани договор со Лајка се Општина Карпош, Општина Шуто Оризари и Општина Сарај. Општините се должни да извдојат 166.666 денари на месечно ниво. При основањето на претпријатието и при носење на одлуката за меѓуопштинска соработка, а согласно надлежноста во  член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните, било предвидено од десетте скопски општини да се акумулираат 20.000.000 на годишно ниво за работењето на Лајка.

Нереализацијата на обврските од страна на општините е причина број еден за лошата финансиска состојба на претпријатието, вели Пипонска.

Вака изгледа проблемот од аспект на институциите и активистите. И мислењето на граѓаните не е даеку од ова гледиште.  Според истражување спроведено на барање на Агенцијата за храна и ветеринарство уште пред неколку години, граѓаните сметаат дека општините треба да го решат проблемот. Според најголем дел од испитаниците (85%), општината треба да се грижи за контролата на бездомните кучиња.

Граѓаните одговорноста за бездомните кучиња ја лоцираат во општините

Испитувањето покажува дека и граѓаните коренот на проблемот го лоцираат на исто место како и активистите - неодговорните сопственици. Но, она што го влошува е што никој активно не се занимава со неговото решавање.

Во земјава, прифатилиштата работатат по системот „залови, стерилизирај, вдоми, врати“. Сите инволвирани во проблематиката се согласуваат дека во земја како нашата во која проблемот тлее со децении и само се зголемува и константно расте бројот на бездомните животни, овој принцип во моментов е најдоброто прифатено решение кое се применува во сите земји кои имаат голема популација животни на улиците. Експертите проценуваат дека за да биде успешен овој систем, треба да бидат опфатени најмалку 75 проценти од репродуктивно способните женки на одредена локација во краток временски период, да бидат стерилизирани и да се спречи приливот на нови кучиња.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски

Снимател: Наке Батев

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Фотографии: Дарко Андоновски

Поврзани стории:

Институциите се прават глуви и слепи, борбите со кучиња си врват

Уличните кучиња лаат, проблемот си врви!

Со иста фотографија повеќемина добиваат отштети за каснувања од бездомни кучиња

Кој ги пушти кучињата?