fbpx

Институциите се прават глуви и слепи, борбите со кучиња си врват

Кренар Лога
  • Ниту една институција досега нема конкретна постапка со која се таргетираат овие ѕверски случувања кои се јавна тајна.
  • На неколку конкретни прашања испратени до МВР, добивме една реченица одговор дека за 10 месеци годинава има 19 кривични пријави за мачење на животни против шест сторители, но ништо конкретно за борби со кучиња.
  • Никој од здруженијата за заштита на животни не сака јавно да зборува за овие случувања, бидејќи се плашат од закани од организаторите кои не се казнуваат.
  • Ветеринарите сведочат за случаи кога сопствениците кријат дека кучињата за кои бараат помош биле дел од вакви борби.
 

Крвави кучиња, рингови за борби, фотографии на социјалните мрежи со пехари за победникот во крволочната борба во која победник е она куче кое ќе успее повеќе да ги повреди противниците. Вакви фотографии се објавуваат на социјалните мрежи одвреме-навреме. За последниот случај алармираа од здруженијата за заштита на животни пренесувајки ги фотографиите од како што сетврди борби со кучиња во охридско-струшкиот регион, при што преку видео е објавена и конкретната локација на еден од ринговите каде тие се организираат.

На видеото објавено од здружението „Лајка“ според нивните сведочења, се наоѓа во областа Мауцкер и таму е веќе две години.

„Рингот на крвопролевањата, каде некои лица жедта за крв и за крвави пари своите апетити ги задоволуваат. Речиси две години кај што стои поставен, а никој од надлежните не презема ништо, иако низа закони се прекршуваат. Низа граѓани, кои одат на рекреативна прошетка во оваа област, одамна реагираат на овој ужас, но молк е“, се вели во една од објавите на здружението „Лајка“.

Од СВР Охрид за овој случај велат дека направиле дополнителни контроли на целото подрачје, за да ги пронајдат и санкционираат лицата, организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.

„Тим од полициски службеници, во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, извршија обиколки и преглед на одредени локации во периферните региони со отежнат пристап, на авто-кампови како и на повеќе приватни имоти. Извршени се разговори со нивните сопственици како и со лица кои, на посебно оградени простори, чуваат кучиња, чии фотографии се објавувани по социјалните мрежи како организатори на борби со кучиња. Остварени се контакти со претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, од ветеринарните амбуланти на подрачјето како и со инспектор за ветеринарство за што, известен е јавен обвинител“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Обврска за спроведување на Законот за заштита и благосостојба на животните е на Агенцијата за храна и ветеринарство. Од таму кусо ни изјавија дека за случајот во охридско-струшкиот регион го информирале Министерството за внатрешни работи со допис за конкретниот настан.

За случајот во охридско-струшкиот регион веќе има кривична пријава, но не од институциите

Кривична пријава за овој случајот има и таа е поднесена од Дарја Мустафаоглу. Вели не треба да им се дозволи на институциите да имаат алиби велејќи дека нема пријави за ваквите случаи.

„Молкот на институциите, алибито дека наводно немале пријава по која би постапиле, третирањето на борбата на кучиња како јавна тајна или некој вид на нормална појава - ме натера да поднесам кривична пријава и да ги потсетам институциите дека ваквиот ‘бизнис’ по пат на изживување врз немоќните (животните) е инкриминирано во нашето законодавство.  Не се обидов преку МВР, односно СВР Охрид,  од причина што, очигледно преку нивното непостапување по пријавите на граѓаните, е дека тие стојат зад организаторите на ваквите борби. Впрочем, неодамна беше објавено дека организаторите на овие борби се недопирливи поради нивната блискост, роднинска врска,  со заменик – началникот на СВР Охрид.Искрено, во овие услови не знам дали би можела да очекувам позитивен исход, но се надевам. Надлежните треба да бидат свесни дека нивното не постапување доведува до отцепување од ‘здравото општество’ и состојба на владеење на ‘законот на џунглата’ наместо владеење на правото“, вели Мустафаоглу за „Само прашај“.

Се обративме и до Обвинителството, но засега нема информации до каде е овој случај.

Никој не зборува јавно поради страв

Градоначалникот на Охрид пак, Кирил Пецаков првично реагираше на објавите за борби со кучиња во неговиот регион, но по неполни 24 часа се предомисли и ја повлече објавата од социјалните мрежи.

Охридскиот градоначалник прво напиша, а потоа го избриша постот на неговиот ФБ пррофил

Но, случајот во охридскиот регион е само еден од бројните вакви настани кои се организираат во земјава, а за кои единствено зборуваат од здруженијата за заштита на животни.

„Борбите на кучиња се јавна тајна. Тоа е бизнис од кој се заработуваат огромни суми во илјадници евра, покрај тоа што се измачуваат кучињата овде се работи и за нелегално обложување во кое се вртат сум од шест до 10 илјади евра од облог. Ова воопшто не е ретка појава, напротив се случува често, а организаторите воопшто и не се кријат, објавуваат фотографии и никој ништо не презема“, коментираат од здруженијата за заштита на животни, но и од кај нив никој не сакаше да зборува јавно. Велат, се плашат затоа што ова според нив е организиран криминален систем во кој се вклучени многу луѓе.

Од Министерството за внатрешни работи побаравме одговори за тоа што е преземено, и во охридскиот случај, но и генерално против борбите со кучиња, дали реагираат на јавно објавените фотографии од организаторите и сопствениците на кучиња на социјалните мрежи, дали имаат информации дека на овие борби има и нелегално обложување и колку случаи има МВР процесуирано во врска со нелегалните борби со кучиња годинава.

Но, она што го добивме е една реченица:

„Ве известуваме дека во периодот од јануари до октомври 2023 година регистрирани се 19 кривични дела ‘мачење животни’ за кои се регистрирани шест сторители“, се вели во краткиот одговор на нашите прашања од МВР.

Законот за заштита и благосостојба на животните децидно забранува организирање на ваков тип на борби на кучиња, како и обложување, а убивањето, измачувањето, изживувањето врз животните е казниво со член 233 од Кривичниот законик.

Борбите со кучиња, обложувањето се забрането со Законот за за заштита и благосостојба, на животните, а измачувањето и иживувањето е кривиччно дело

Од Агенцијата на храна и ветеринарство потенцираат дека за сите случаи за кои имаат сознанија го информираат МВР.

„Во Базата на податоци по поднесени претставки и предлози на Одделението за заштита на потрошувачите при Агенција за храна и ветеринарство, за 2023 година евидентирани се две поднесени претставки за кучиња кои се предмет на борби со кучиња. По едната претставка  е постапено од страна на АХВ и преземени се соодветни мерки, а истата е  препратенa и до МВР. Втората претставка е препратена до МВР и до надлежната локална самоуправа за постапување по наводи кои се во нивна надлежност. Во 2022 година во базата на податоци по поднесени претставки и предлози на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, евидентирани се две претставки за организирани борби со кучиња. Претставките за постапување се препратени до МВР“,  ја објаснуваат од АХВ постапката што ја преземаат кога имаат информација за организирање борби со кучиња.

Измачување на кучињата од раѓање до смрт

Ветеринарката Анета Николова која е специјалцит – бихејвиорист за кучиња и лиценцирана за тестирање агресивност, во разговор за Само прашај, објаснува дека не се само борбите, туку целиот живот, од моментот на раѓањето, целиот развој до возрасна единка е измачување за овие кучиња.

„Се бираат раси кои се генетски предиспонирани за вакво нешто, раси кои се создадени од луѓето намерно за вакви борби. Не може било кое куче, не можете да земете Cavalier King Charles Spaniel и да го ставите во ринг. Направив драстична спредба бидејќи има преку 400 и нешто раси. Тоа се раси кои се специјално одгледувани и селектирани, создавани да имаат широки вилици, широки глави, јак загриз. Тој загриз кога ќе потисне, притисокот е многу јак, може да откине дел од мускулатората на друго куче. Имаа комулсивност за борба, имаат перзистентност во борбата, тие се специјално селектирани борбени машини кои се тренирани да не запираат. Тој момент, пак, го создал човекот. Само од себе, нормално куче, не оди до таа крајност. Луѓето погрешно ја сфаќаат агресивноста кај кучето, мислат дека се напаѓаат едни со други, не се сакаат, се борат. Кај нив, агресивноста е последен ресурс за прежување, а не прва опција. Ниту едно животно, во дивината, не би ризикувало да влета во борба за да ризикува да биде повредено или да угине. Агресивноста кај животните е последна опција или алатка за преживување. Кај овие кучиња, агресивноста, односно реактивноста кон другите е ставена на прво местом објаснува Николова. Тие кучиња се под постојан стрес, акутен, а потоа и хроничен. Значи под постојано влијание на кортизол, хормонот на стрес. Таквиот стрес влијае не само на имуниот систем на тоа животно, влијае комплетно на целиот ендокрин систем и на целото тело. Значи, тоа животно дури и да опстане ќе настрада од некое пореметување на внатрешните органи ако физички не биде оштетено. Значи тие кучиња ја губат и способноста да учат, тие кучиња ја губат способноста за рационално размислување која инаку ја имаа кај другите кучиња. Значи, буквално се машини, направени за жал, машини кои кога ќе ги стават во ринг, таа ситуација, тој стимул, таа околина ги асоцира дека треба да го прават тоа затоа што друго и немаат, друг излез нема и се принудени да го прават тоа што го прават, објаснува Николова.

Таа посочува на уште еден проблем поврзан со организирањето нелегални борби со кучиња, а тоа е жртвувањето на бездомните кучиња. Здруженијата секојдневно алармираат за крадење маалски миленици, особено со голем раст, дел од нив се користат и за борби, но најголем дел се таканаречени „мамки“. Тие имаат најстрашна судбина вели Николова.

Бездомните кучиња се најголеми жртви во ова ѕверство

„Тие се стимулираат едно со друго да се борат затоа што веќе ја имаат предиспозицијата. Се насочуваат само тоа да го прават и стануваат зависници од таа состојба. Еден вид на психолошки и неурохемиски процес во телото на животното. Значи се стимулираат едно со друго, а понатаму кога ќе станат доволно големи за да можат да нанесат повреди, тоа е делот што најмалку сакам да го зборувам, но тоа се случува. Се земаат улични кучиња. Им се врзуваат устата и нозете, им се лепат со селотејпски ленти и се оставаат само оние делови кои треба ова куче другото да го гризе, за да го научи на кои места да напаѓа и да го оневозможи противникот. Тие кучиња што се користат како мамци за борба, умираат во страшни страдања. Сето ова ја поттикнува крволочноста кај ова куче, и начинот како да фати, а другот не му враќа, значи ова само се сили. Се пуштаат по неколку кучиња на тоа едно куче-мамец. Тоа е ужас“, вели Николова.

Со оглед на тешките повреди кои ги добиваат кучињата за време на овие борби прашавме повеќе ветеринари дали се соочиле со вакви случаи. Дел од ветеринарите велат дека никогаш не лекувале вакво куче, дел објаснуваат дека се среќавале со вакви случаи, но клучниот проблем е што сопствениците не признаваат дека се работи за повреди здобиени во нелегални борби.

„Сум видела повредени кучиња во борби, но кога ги носат сопствениците, се обидуваат да манипулираат за излажат, ни велат дека „кучето во парк се степало до друго куче“. Но, ниe знаеме, тоа се гледа од повредите. Немоќни сме во моментот, кучето е повредено и мора да му помогнеш, не да спроведуваш истрага. Некогаш дури сопствениците кои ги „борат“ кучињата ги праќаат сопругите кај нас и жените објаснуваат дека „ете и избегало кучето и се степало“, сведочи ветеринарката Ирена Пачковска – Чунгурска.

Ветеринарот Денис Османов, пак, вели дека кај ни во амбулантите во урбаните средини не му се случило некој да донесе куче со повреди од борби. И тој се согласува дека сопствениците на овие животни ретко и ги носат на ветеринар.

„Не сум имал ваков случај, а и кај нас не доаѓаат, се снаоѓаат веројатно со некои ветеринари таму локално каде и што се организираат тие борби, но пред се мислам дека воопшто и не ги носат кучињата на ветеринар. Тие самите нешто им санираат, не би доаѓале кај нас, зошто би ризикувале да ги пријавиме“, вели Османов.

Николова е убедена дека ниту еден нејзин колега никогаш не би се нафатил на таква работа.

„Еднаш ми се има случено и не сакам повторно да ми се случи во живо да видам такво куче. уште бев студент, зборувам да пред некои дваесетина годнини. Таа слика никогаш нема да ми излезе од пред очи. во гепек го донесоа, дали го имаа најдено фрлено, искасапено или тие го носеле на борби навистина не се сеќавам зато што јас веднаш заминав, не можев да ја издржам таа глетка. Тоа беше ужас, гепекот беше проплн со крв. Не се распознаваше што е гепек што е куче. Физичките повреди и трауми се ужасни. Тоа што ќе преживее претрпува страшна болка и страшен стрес. Веројатно имаат некој од нив што ги крпат само, ги лекуваат сами затоа што не верувам ниту пак познавам некој од моите колеги ветеринари кој би се нафатил на таква работа“.

Борбите со кучиња се крволочно убивање на живи суштества. Она што загрижува е игнорантскиот однос на институциите во државава, што од една страна создава страв кај оние кои се залагаат за заштита на животните дека се сами во оваа битка со организаторите на ваквите ѕверства. Но, уште по поразителна е пораката која се испраќа до сите дека тоа се „само кучиња“.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Иван Поповиќ
Фото: Дарко Андоновски

Поврзани стории: