fbpx

Со иста фотографија повеќемина добиваат отштети за каснувања од бездомни кучиња

  • Во последните три години до Град Скопје има 1.294 тужбени барања за надомест на штета од каснување од бездомни кучиња, а од буџетот на „Лајка“ само во првиот квартал од 2023 година за отштети се исплатени еден милион и 100 илјади денари.
  • Износите за обештетување се движат од 35.000 денари до 90.000 денари, а по пресуди на Апелациониот суд тие се намалени и просечно се движат до 55.000 денари.
  • Во 70 отсто од тужбените барања се повторува едно исто адвокатско друштво, членови на едно исто семејство се повеќекратно каснати, една иста повредена рака сликана од различни агли е приложена како доказ кај различни тужители.
  • Поради нејасните критеруми, огромна е веројатноста да се добие отштета што стимулира лажни пријави за каснувања само за да се земат пари од Градот.
 

Илјадници бездомни кучиња талкаат по улиците на Скопје. Но, мачниот живот што го имаат и грдата слика што ја оставаат за градот не се единствените проблеми. Каснувањата од бездомните кучиња и високите суми кои се исплаќаат како отштети се огромен проблем со кој се соочува Градот Скопје, но пред се Јавното претпријатие за заловување и хуман третман на кучиња „Лајка“.

Во последните три години (2021, 2022 и дел од 2023) до Градот има 1.294 тужбени барања за надомест на штета од каснување од бездомни кучиња. Според пресметките, во петте последни месеци од 2021 година oд буџетот на „Лајка“ преку извршители наплaтени се два милиони денари, во 2022 се исплатени осум милиони денари, а во првиот квартал од 2023 година за отштети се исплатени еден милион и 100 илјади денари.

Стопроцентната сигурност за добивка

Споровите се добиваат преку многу нејасни критериуми. Иако постојат одредби кои до некаде прецизираат како треба да изгледа и што треба да содржи тужбеното барање, многу често тужбите се добиваат без да се посочи кучето кое каснало (или како што тврдат од „Лајка“ речиси никогаш не е пронајдено вистинското), без сведоци, многу често без фотографии од повредите, со лекарско уверение дека имате повреди за кои некогаш и не пишува дека се нанесени од куче и со пријава во полиција.

„Правниците укажуваат на фалинки во самата постапка. На пример, дека самата постапка не е доволно прецизна, а се досудуваат отштети. На пример. медицинскиот извештај, горе-долу е еден шаблон кој не оди во детали. На судијата му е доволно да го има тој документ и толку. Описот на кучето е занамарен, описот не е во детали. Имате ‘црно куче, кафеаво куче’, реонот е даден паушално, непрецизно, без фотографија. Никој не проверува дали кучето е микрочипирано. Како докажуваме дека е бездомно? Имаме домаќинства во рурални делови, имаме домаќинства со дворови, каде што кучињата се пуштени слобoдно да се движат во најголем дел од денот. Веќе немаме член во Законот за јавен ред и мир кој што налага кучето да биде под надзор, односно на повoдник. Полицијата тоа го избриша од Законот минатото лето. Едноставно, имаме неповолна ситуација која што паѓа на товар на Градот и се излеваат јавни пари, за еден паушален и шуплив судски процес“, вели директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева.

Дополнителна потврда за проблематичност на целата ситуација е и податокот до кој дошле во „Лајка“ - дека многу често во тужбените барања се повторува едно адвокатско друштво кое ги застапува тужителите.

Според податоците со кои располагаме и според прецизниот регистар кој го водиме во последениов период, а според моите информации, тоа се случувало и претходно, забележително е дека во тужбените барања во 70 проценти се повторува едно исто адвокатско друштво, вели Елена Пипонска, раководителка на Одделението за општи, правни работи и управување со човечки ресурси.

Една фотографија во повеќе случаи, еден човек каснат трипати

Целиот проблем дополнително го зголемуваат и лажните пријави за каснување. Огромната веројатност да се добие отштета стимулира случаи кои се иницирани за да се земат пари од Градот.

„Нашите адвокати, но и правниците од Град Скопје кажуваат дека се повторуваат случаи во едно исто семејство. татко, мајка, син од едно семејство, се повеќекратно каснати. Toa никому не му е сомнително на суд. Имаме чудни ситуации. Неколку пати ние како ‘Лајка’ сме барале да ни приложат фотографии кога луѓето пријавувале кучиња. На фотогрфијата не се гледа никаква потврда. На документот, медицински, што ни го приложиле се гледа дека примил тетанус, примил беснило, а нема оштетена кожа. Сè е сомнително во овој процес и во моментов освен нашите адвокати кој што не бранат на суд, никој не се занимава со проблемот“, вели Пешева.

Дека има лажни пријави за каснувања од бездомни кучиња потврдува и професорот од Ветеринарниот факултет Трпе Ристевски кој има долгогодишно искуство во вештачење на ваквите случаи. Тој вели дека реалните каснувања се бројни и во случаите кога се очигледни повредите и кога документацијата е комплетна, нема вештачење.

„Но, има значаен процент, во најмала рака сомнителни од аспект дали треба да има надомест на штета. На пример, имало случаи кога една иста фотографија од повреда се користи во два различни предмета. Потоа, една иста повредена рака, сликана од различни агли, еднаш од лево, еднаш од десно и приложена кај различни тужители. Потоа, имало случаи кога има десет тужители кои тврделе дека сите се каснати од едно исто куче. Исто така имало тужби и во ситуации кога кучето не било директен предизвикувач односно со сведочења се потврдувало дека тужителот го вознемирувал или нападнал кучето“, вели Ристевски.

Дополнителен аргумент во спорните случаи според него е и тоа што кога тужителот оди на лекар добива упатства за вакцина и за терапија. Ристевски вели дека има случаи кога нема повратен доказ дека ја примиле терапијата и вакцината. Бидејќи според него воопшто не е едноставно да се прими вакцина за беснило, а да не си каснат од куче.

„Според законот, ако има каснување, треба да се јави до ветеринарна амбуланта и таа на терен проверува и издава потврда. Во ниту еден спор немало ветеринарна потврда. Не е јасно зошто се оди со пријава во полиција. Таа пријава ништо не докажува. Таа е само изјава од тужителот. Вештачењата од трауматологот и психијатарот секогаш сме ги прифаќале, не сум навлегувал во нивната содржина и суштина, затоа што кога ќе отиде пациент и кога ќе рече ме касна куче, докторот не може да му рече ‘ме лажеш’“, вели Ристевски.

Во барањата за отштета стои дека ги каснало „црно или кафеаво куче“ во паушален реон

Професорот вели дека никогаш не вештачел од страната на тужителот. Објаснува дека добивал повици од адвокати, но кога ќе побарал документација за да вештачи, овие адвокати се откажувале и не го барале повторно.

„Тоа беше одредена група на адвокати кои се вртеа околу одредена група имиња кои бараа отштети. Сум вештачел само за ЈП ‘Лајка’, тие што беа чисти и од правен и од практичен аспект воопшто не се спореа, но некои 10 проценти навистина беа сомнителни и за нив беа поведувани и судски постапки. На пример, имавме едно лице трипати пријавува каснување. Еден човек имаше еднаш земено 5.000, па 2.000 евра и третпат бараше отштета“, објаснува професорот.

Сите тужбени барања се добитни

Адвокатот Димитар Петровски кој ја застапува „Лајка“ во споровите со каснувања од безбедомни кучиња од пракса објаснува дека никогаш не се докажува дали е реално бездомно куче или е куче со сопственик кое е пуштено на јавна површина. Сепак, сите добиени тужбени барања ги исплаќаат Градот Скопје и „Лајка“. Постапката изгледа вака:
„При постоење на штетен настан, односно каснување од бездомно куче, самата постапка се иницира со поднесување тужба до надлежниот суд за подрачјето каде е настаната штета. ЈП ‘Лајка’, како еден од тужените субјекти, исто како и самиот тужител, има право на поднесување свои докази и изнесување свои наводи поврзани со настанот. Најчесто, а со оглед на тоа дека претпријатието нема дежурна служба што го следи движењето на сите луѓе или на сите бездомни животни, не предлагаме сведоци за докажување на фактот дали настанот се случил или не. Оттука, единствено тужителот доставува докази и тоа медицински извештај, невропсихијатриско вештачење или вештачење од траумотолог, полициска потврда од каде само произлегува дека настанот е пријавен, но не се докажува дека истиот и се случил, а се предлагаат и вербални докази како што се сослушување на сведоци и распит на странки, што најчесто се ограничува со распит на самиот тужител. Одговорното лице на Град Скопје и на ЈП ‘Лајка’ иако има право да се јави на распитот и да ги даде своите наводи за настанот, не се појавува, со оглед на тоа дека никогаш не е присутно при штетниот настан“, објаснува адвокатот Петровски.
Случаи на повеќекратни пријави од истите луѓе за каснување кои бараат отштета потврдува и адвокатот на „Лајка“.

Случаи каде едно исто лице е каснато повеќепати постојат и со оглед на тоа дека веќе еднаш имаат добиено надомест, повторно иницираат постапки за надомест на штета. Раководејќи се од правилото дека тимот што победува не се менува, повеќекратно каснатите најчесто ги ангажираат истите полномошници за водење на постапката, а овие ги ангажираат истите вешти лица“, вели адвокатот Петровски.

Градот и Лајкаги делат трошоците од тужбите

Со одлука на Врховниот суд од 2016 година, солидарно одговорни за надомест на штета причинета од каснување од куче-скитник се општината, односно Градот Скопје и Јавното комунално претпријатие или друго правно лице, на кое со договор му е доверено собирањето на кучиња скитници и нерегистрираните кучиња.

Отштетата во просек е 55.000 денари за каснување од бездомно куче

Износите за барање за обештетување се движат од 35.000 денари до 90.000 денари, а по пресуди на Апелациониот суд овие износи се намалени и просечно исплатата на штета во просек се движи до 55.000 денари.

„Справедливиот надомест, како што гласи законската одредба, зависи од силината и траењето на повредата со која биле предизвикани физичките болки, душевните болки и стравот, како и од целта за која служи надоместокот, но многу често се случува за различни ситуации да се досудува ист надомест. Сето тоа мислам дека е резултат на бројноста и заситеноста на судот од овие предмети, па често се случува за драстично различни ситуации да се досудува ист надомест, односно се оди на генерализација наместо индивидуализација при одмерување на справедливиот надомест“, објаснува адвокатот Петровски.

За да се реши проблемот со напливот на тужби, за намалување на енормно високите суми кои ги исплаќа градот на оштетените и за судски и адвокатски трошоци, но и за да се спречат можни малверзации со отштетата, Советот на Град Скопје во 2022 година усвои Одлука со која пријавите за каснување од куче ќе се решаваат спогодбено.

За барањата и за евентуалната штета решава Комисија која е формирана со Уредба за одредување надомест на што што ја донесе Советот на Град Скопје. Во неа работат претставник на Градот Скопје, претставник на „Лајка“, еден лекар трауматолог и двајца лекари-психијатри.

Има комисија, за која имаше оглас за членовите, но во комисијата нема ниту еден ветеринар. Огласот е за трауматолог и психијатар, никој од нив не може да каже дека не било така, комисијата како да е формирана само за да ја одреди вредноста на спорот. Во комисијата мора да има стручно лице од областа на ветеринарна медицина, забележува професорот Трпе Ристовски.

Од формирањето досега до Комисијата се пристигнати 640 барања за надомест на штета. Треба да се нагласи дека овие барања за надомест на штета поднесени до Градот се независни од тужбените барања поднесени во судовите.

Во барањата што ги разгледува Комисијата постојат неколку критериуми според кои се одредува висината на штетата. Прв критериум е силината на угризот - силен, умерен или гребаница. Потоа се гледа и бројот на каснувањата, степенот на претрпен страв како и возраста на повредениот, последиците кои настанале од каснувањето, степенот на нагрденост и степеност на нарушување на психичката состојба од претрпениот страв. Секоја од овие точки, носи одреден број поени и според вкупниот број бодови се одредува отштетата која Комисијата му ја предлага на барателот.

Каква е судбината на кучињата пријавени или заловени за каснување?

Со кучињата пријавени за каснување се постапува согласно одредбите на Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за постапките за заловување, интервенции и третман на бездомните кучиња. Кучињата пријавени за каснување, ако успее да ги лоцира и идентификува ги заловува „Лајка“.

Кучињата кои каснале не се враќаат на улица

„Тука имаме тест за социјализација на куче каде што има шест-седум ставки на преглед на кучето. Се носи во просторија што е тивка, мирна каде што нема бучава за да може да се оствари многу добар контакт со кучето и да се видат неговите карактеристики и темпераментот. Првиот тест на социјализација е приближување на кучето, дали дозволува да се погали, да му се прегледаат очите, ушите, како реагира на галење, дали го трга погледот директен, при преглед. Како реагира на дразби, на мотор, на точак, како му се приоѓа од позади или од мртов агол. И кај нив има различни карактери, исто како кај луѓето. Некое е поплашливно, поагресивно и мора да се работи со нив. За жал, имаме и две-три кучиња што се поагресивни, работиме со нив секојдневно, и негувателите и ние, ги социјализираме, ги дресираме. Им правиме последовни тестови на еден месец за да може да се социјализираат, да се припитомат за да може да им најдеме дом. Секако, ние нема да ги вратиме тие кучиња на улица за да не направат некоја друга штета, да каснат дете, на пример“, вели Горан Ѓорѓиовски, раководител на одделението за медицински третман во ЈП „Лајка“.

Голем дел од нив се вдомени, или преку „Лајка“ или со помош на здруженијата за заштита на животните кои посредуваат при вдомувањето на кучиња од прифатилиштето.

Сите наши соговорници се согласни дека најдобро решение за целата ситуација всушност е да нема бездомни кучиња по улиците. Но, за ова потребни се паралелни мерки кои би го спречиле приливот на кучиња на улиците: брза и ефикасна примена на законско решение кое ќе го таргетира пред сè, неодговорното сопствеништво – како причинител број еден на проблемот, подобра идентификација на милениците, контрола на размножување и обесхрабрување на создавање на нови легла, оданочување на нестерилизиран/некастриран миленик, посериозни санкции за неодговорните сопственици, но од друга страна и подобра имплементација на законските решенија од надлежните институции.

И од „Лајка“ и од Град Скопје сметаат дека е неопходно при утврдување и пресметување на оштетата, и од Комисијата и од Судот, повеќе внимание да се посвети на основаноста на пријавата. На тој начин ќе бидат зашитени и луѓето и кучињата и нема да може да се прават манипулации со јавните пари.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Марјан Петковски
Фотограф: Дарко Андоновски
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ