Големата љубов, лојалност и помош што човекот ја добива од кучињата, многупати низ историјата е докажана преку бројни истражувања во светот. Но, проблемот настанува кога овие животни неконтролирано ќе се размножат, кога не може да се добројат, кога системот ги испуштил од раце. Tогаш најдобриот пријател почнува да станува закана и страв за граѓаните. Искасани, исплашени, па дури и со различни орудија за да се одбранат од уличните кучиња, шетаат многумина низ населбите. За немили настани сведочеа и за „Само прашај“.
Многумина во очај го обвинуваат јавното претпријатие „Лајка“ за нерешавање на проблемот. Но, тие велат дека тоа не е нивна дејност, а и да сакаат, не можат, оти проблемот со уличните кучиња станува толку голем што не може да се реши, туку само да се амортизира.
„Лајка“ е јавно претпријатие формирано за контрола на бездомната популација на кучиња во Скопје. „Лајка“ е транзитен центар кој што е посветен на програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати“ како единствена програма што е економски исплатлива за средини и за држави како што е нашата, каде што проблемот со бездомните кучиња е огромен и не решен. Хумана е, економски издржана и одржлива и би требало да даде резултати доколку доследно се изведува. „Лајка“ не е стационар за трајно згрижување на животни. Невозможно е „Лајка“ да ги собере сите бездомни кучиња од улица, да ги тргнеме од јавни површини и тие понатаму среќно да живеат во некаков стационар, како што луѓето најчесто очекуваат дека проблемот најчесто се решава. Тоа е невозможно! Во услови кога во нашата држава, во нашиот град изворот на проблемот, на нови кучиња никој не го третира и се нема решение за тоа, трајното стационирање на кучиња е апсолутно неизводлива, објаснува Радмила Пешева, директорка на ЈП „Лајка“.
Иако се задолжени, ниту една општина нема стационар за бездомни кучиња. Во услови кога „Лајка“ е единственото претпријатие кое се бави со проблемот, леглата со кои располагаат се незначителни во однос на бројот на кучиња по улиците.
„Нашиот вкупен капацитет е околу 160 кучиња во еден даден момент, а сега можеби имаме и повеќе затоа што во групни кафези сместуваме по повеќе. Капацитетот е секогаш полн! Ги заловуваме кучињата, ги третираме, подлежат на вакцинација, стерилизација, кастрација и тестирање на зоонози и се враќаат на локацијата од каде што биле заловени. Кучето е територијално животно. Со тоа што враќаме на улица здрава, неагресивна единка, практично спречуваме во една средина да има прилив на нови кучиња. Меѓутоа, имаме и кучиња кои се трајно заглавени кај нас - кучиња кои покажале знак на агресија, не можат да бидат дел од програмата, кои се напуштени од сопствениците и кои се пријавени за каснување. Тие мораме да ги задржиме до нивно вдомување и се обидуваме едукативно да делуваме кај граѓаните да не купуваат туку да вдомуваат кучиња. Така учествуваат во решавање и олеснување на комуналниот проблем, покажуваат граѓанска одговорност преку хуманоста и на нас ни ја олеснуваат работата, посочува директорката на „Лајка“.
Проблемот со кучињата направи голема поделба и дотолку ги исполаризира работите што наспроти групата на исплашени и оштетени граѓани, стои групата која ги заштитува животните. Приказната за љубовта кон кучињата на Христена Антовска Јованчева почнала со неверојатен страв, за сега да биде еден од најгласните поборници за правата на животните.
Се знае ли колку кучиња шетаат низ улиците и кои се штетите?
Факултетот за ветеринарна медицина направил обид за да ги изброи, но активистите сметаат дека прецизна бројка нема. Нивната проценка е дека само во Скопје има од 6.000 до 10.000 бездомни кучиња на улица. Речиси секојдневно забележуваат дека шетаат улични кучиња и од соседните држави, а тоа јасно укажува на недостаток на контрола над ситуацијата. За проблемот е свесна и државата.
„Тоа е еден од проблемите во пракса бидејќи немаме увид и контрола колку кучиња ни влегуваат од страна. Поразвиените земји имаат направено цели системи. На пример во Белгија, кога купувате куче добивате гаранција за него, даночно олеснување ако исправно го чувате и чип и пасош со кучето. Со чипирањето лесно може да се утврди кој е сопственик на кучето ако се најде на улица. За продавање кучиња, мора да се има регистрирана одгледувачница и за секое продадено куче се плаќа одреден процент на данок на државата. Кај нас, сето ова во моментот изостанува и се развива огромен бизнис со кучињата врз кои никој нема контрола. Слободно може кучињата да бидат размножувани и да се остварува приход по таа основа без некаде да се пријави тоа и без да има обврска каде ќе завршат тие кучиња, дали некој ќе биде одговорен сопственик кон нив или ќе се најдат на улица. Во помалите градови често гледаме дека по размножувањето, малечките кучиња се наоѓаат на улица. Имаше пример за Берово, каде што бројот на жители драстично се намалува, но имаме огромно зголемување на бројот на кучиња на улица. Законот освен проблематиката со бездомните животни, ја третира и проблематиката со нехуманиот пристап со третирање на животните. Новото законско решение ќе оди во насока на зголемени контроли, инспекциски надзор што треба да го врши Агенцијата за храна и ветеринарство, но и можноста по допрен глас да постапува и да провери на терен што се случува и дали има индиции за да пропише одредена казна“, вели пратеничката Моника Зајкова.
Несовесноста на сопствениците на кучиња оди дотаму што реагираат импулсивно, па така набавуваат куче ако тоа го сакаат и веќе за неколку дена истото се наоѓа на улица. Бројот на уличните кучиња се зголемува бидејќи тие се парат, а граѓаните пријавуваат и за агресија.
„Агресивни кучиња во Скопје има малку. Сите сметаме дека ќе бидеме сведоци на некакви страшни случки, меѓутоа не сме. Кучињата кај нас, тестот за социјализација и агресивност го поминуваат без никаков проблем. Многу ретко, дали 1% од кучињата кои ги заловуваме покажуваат некаква агресија. Тоа значи од 100 кучиња можеби со едно не може да се работи и може да се прогласи за агресивно. Проблемот нормално дека не е решен затоа што никој не работи на изворот на проблемот. Во моментот, со бездомната популација во Скопје единствено се бави ЈП „Лајка“. Меѓутоа, ние немаме никакви ингеренции врз оние што го креираат проблемот - домаќинствата, преголемата продукција на кучиња, едноставно кучиња што имаат стопан се размножуваат неконтролирано. Оваа дејност е комплетно нерегулирана без оглед дали се работи за расно куче или за куче миленик и доаѓаме до една ситуација каде што имаме преголема продукција и премала побарувачка. И токму од таму се кучињата на улица. „Лајка“ го амортизира проблемот до многу сериозен степен. Го контролираме бројот на бездомните кучиња со тоа што ги ојаловуваме, се враќаат здрави и стерилизирани и се оневозможува да се размножуваат на улица, а тоа навистина многу придонесува проблемот да се држи под контрола. Сметајте дека процесот на размножување на едно куче е многу брз. Од една здрава единка, за две години може да добиете 200. Затоа нашата работа е важно да се одвива брзо, масовно и во континуитет“, објаснува Пешева од ЈП „Лајка“.
Но, преку нечија болка при каснување од куче, некој видел добар начин на заработка. Фиктивни штети се пријавуваат, а притоа од државниот буџет се исплаќаат баснословни суми. Активистите и правниците веќе ја знаат и шемата.
„Правните проблеми што најчесто се јавуваат се укасатина од куче скитник што повлекува сериозни издатоци за Градот Скопје. На месечно ниво, секој месец имаше нови 60 до 100 тужби, што е сериозен буџетски товар. Можеби треба да се работи на заострување на регулативата, затоа што прелесно се досудува надомест на штета и покрај тоа што сме инсистирале на посериозни проверки. За жал, македонските судови редовно работат по шаблон. В52 е шифрата од меѓународна класификација на болести, тоа е укасатина од куче. Доколку постои во корелација на потврда од полиција, што може да биде и после недели и месеци, може да се пријави и формално и е доволно за судот да досуди надомест на штета. Дел од судиите беа совесни и одбиваа доколку се сведочеше дека кучето е маркирано со ушна маркица, што значи дека ЈП „Лајка“ веќе го заловила. Ама кога и таа пракса се создаде, ги подучуваа да кажуваат редовно дека кучињата биле без маркица.Надомест на штета не може да биде определен со закон во распон од-до, затоа што секој случај е засебен и треба судијата да досуди по критериуми - силина, времетраење на интензитет на физички болки, претрпен страв, намалена животна активност,и евентуално нагрденост. Меѓутоа, кај нас се суди по шаблон за оштета од 60 до 80 илјади денари, што не е во ред, бидејќи се подрива институтот надомест на штета и да бидеме реални, 95% од укасатините очекувано се во делот на потколеницата“, објаснува адвокатот Јанаки Митровски, кој една година го застапувал ЈП „Лајка“.
И Елена Пипонска од „Лајка“ вели дека јавна тајна е дека се случуваат измами.
„Од неодамна сум член на комисијата при Град Скопје за вонсудско решавање на оштетните побарувања и одговорно тврдам дека 90% од сликите што ги видов во медицинската документација, оштетените никогаш не можат да докажат дека се повреди настанати од куче. Се случува следното - некое лице оди кај доктор, вели - докторе јас сум каснат од куче, и тоа е сѐ што му треба за да добие пари. Ниту се пријавува на време кучето за да биде заловено и идентификувано, ниту е потребен каков било сведок, ниту е потребно лицето кое пријавува да докаже како е настаната повредата, што е пракса во секоја друга судска постапка. Ако тврдиш дека си оштетен, товарот на докажување е да докажеш од која страна е настаната штетата. Едноставно се соочуваме со излевање на големи буџетски средства кои наместо да бидат наменети за вакви измамнички дејствија, требаше да бидат наменети за програмата на „Лајка“ и за други дополнителни активности кои ќе придонесеа за намалување на проблемот. Според официјалните податоци, во 2020 година само Град Скопје од сите општини во Македонија има исплатено околу 15 милиони денари за оштети од каснувања, додека во 2021 година сумата се зголемува на 25 милиони денари. Сметам дека луѓето свесни за лесниот начин на заработка, поднесуваат сѐ повеќе тужби и овој износ сѐ повеќе ќе расте“, посочува Пипонска од „Лајка“.
Може ли нов закон да го реши проблемот со уличните кучиња?
Државата со години замижува пред проблемот додека тој непрестано расте. Сепак, многубројните пријави ги мобилизираа властите и во собранието се одржуваат средби на повеќепартиска група во која заедно со надлежните институции, Лајка, активисти и Град Скопје се подготвува ново законско решение.
„Собранието во моментот врши консултации преку интерпартиската група за животна средина, бидејќи сметаме дека ова е проблем што се однесува на животната средина и благосостојбата на живеење, во делот на интервенција на Законот за благосостојба на животните. Овој закон иако во голема мера содржи добри одредби, каска во делот на имплементацијата од надлежните органи. Како Собрание имаме две опции: да направиме надзорна расправа зошто законот не се применува во целост или сосема ново законско решение што ќе обезбеди полесна и поефективна примена. Низ консултациите кои што ги имавме со граѓанскиот сектор, со луѓето кои работат на оваа проблематика и со Агенцијата за храна и ветеринарство дојдовме до идеја да се изготви ново законско решение. Иако од страна на АХВ сме известени дека тие веќе работат на законско решение и може да се види на ЕНЕР, сепак од 2019 година статусот по овој закон е отворен, а ние секојдневно се соочуваме со искасани луѓе на улиците и огромни штети што се исплаќаат од буџетот на државата заради ваквите случувања. Со ова решение не се оди на штета на уништување на расните кучиња, туку решавање на проблемот на бездомните животни. Истото ја содржи одредбата „Залови, стерилизирај, врати“, одредби што се однесуваат на тоа кој може да биде одгледувач, дали треба да има регистрирано одгледувачница за кучиња и во делот на казнената политика. Затоа што сега за да пуштите куче на улица или доколку решите веќе да не го чувате, казните се многу мали, околу 15-тина евра, но и оние казни кога несовесни сопственици ги пуштаат кучињата да се размножуваат со уличните кучиња, при што се удвојува бројката на кучиња. Законот го покрива и делот на царинската контрола, бидејќи може да се забележи од разговорите дека во голем дел имаме проблем со увозните кучиња од други држави кои ги пуштаат на територијата на Град Скопје, Гостивар, Тетово, што исто така е огромен проблем бидејќи им создава агресија на кучињата зашто се наоѓаат во непозната средина“, објаснува пратеничката Зајкова.
Зајкова додава дека веќе е направена конечна верзија на измените на законот од страна на граѓанскиот сектор, која треба да претрпи консултации со Кинолошкиот сојуз на Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство и Град Скопје.
„Од динамиката и брзината на респонзивноста на институциите зависи кога ова законско решение би се нашло пред пратениците во Собранието. Бидејќи станува збор за интерпарламентарна група на пратеници од различни политички партии, очекувам да постигнеме консензус за неговото носење. Ако динамиката се одвива брзо и се респонзивни сите страни, тогаш веќе до крајот на следниот месец би можеле да го имаме во собраниска процедура. Но, сепак не можам да кажам конкретен термин бидејќи не зависи исклучиво од пратениците, зависи од сите што се вклучени во процесот“, вели Зајкова.
Иако се дел од пишувањето на содржината која треба да им помогне и на граѓаните и на кучињата, активистите се сомневаат дека набрзо нешто ќе се смени.
„Мојот страв е дека дури и тоа да се случи, недостасува имплементација на законот. Требаат подобри законски решенија, подобра правна регулатива, меѓутоа треба и институција која сериозно, вредно и посветено ќе се посвети на нивната имплементација“, вели Елена Пипонска од „Лајка“.
Многу незадоволство, многу страв, многу кучешки животи се таложат додека се чека новиот Закон за благосостојба на животните. Додека да се донесе текстот и тој да се имплементира, секој со својата совест и одговорност ќе пази на себе - и граѓаните и кучињата. Дотогаш ќе важи народната – кучињата лаат, карванот си врви!
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.