Домовите за стари лица се заборавени во локалните приоритети

  • Иако градоначалниците најчесто ветуваат улици, градинки и паркови, речиси никогаш не ветуваат изградба на старски домови.
  • Постои системски недостаток на капацитети за сместување на стари лица, и тоа ретко се наоѓа во агендата на локалните избори.
  • Примерите од Кочани и Штип покажуваат дека и покрај долгогодишни иницијативи и вложени пари, старските домови не се изградени или не функционираат.
  • Домот во Берово, со општинска поддршка, е единствениот кој бележи раст – од 15 на 67 легла и покажува дека е можно и на локално ниво да се изградат функционални домови, со комбинација од општинско финансирање и државна поддршка.
  • Иако општините се свесни за проблемот, тие немаат ниту средства ниту директна надлежност за изградба на вакви објекти.

Нови улици, патишта, детски градинки, паркови…. Вака најчесто изгледаат најавите на градоначалниците, особено во предизборен период. Но, во овие нивни најави никогаш никој не ветил старски домови. Податоците покажуваат дека во јавните установи во земјава се згрижени околу 1.000 стари лица, од нив 650 се во старски домови, преостатаните се во пензионерски домови. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади признаваат дека листи на чекање за згрижување има и во јавни и во приватни установи, но не и за колкав број се работи. Ако се водиме од извештајот на Светската банка, како држава имаме предзивик да се справиве со населението што старее. Прашањето е што правиме за тоа?

Македонија годинава се наоѓа пред нови локални избори. Ветувањата веќе започнаа. Владата им понуди на општините да пријават проекти кои би се финансирале од унгарскиот кредит. Во моментов се разгледуваат пристигнатите проекти, по што ќе биде одлучено кој и што ќе гради, а ќе се види дали некој градски татко предвидел старски дом. Во изминатиов период за изградба на Дом за престој на стари лица до Министерството за за социјална политика аплицирала општина Кочани, додека општината Куманово аплицирала за реконструкција на постоечкиот старски дом.

domovite za stari lica zaboraveni vo lokalnite prioriteti 1
Десет години идејата за старски дом во Кочани е само макета

Изгледа како реален објект за вселување, но ова е само макета и неостварена желба на пензионерите од Кочани речиси деценија и половина, кога за изработка на проектот платиле беззмалку 30.000 евра.

„Домот е предвиден за 157 пензионери за градовите кои ги опфаќа, нашиот регион. Кочани, Виница, Берово, Делчево, Каменица и Пехчево. Ова тука е локацијата којашто ја има здружението на пензионери одобрена дадена од општината… Овде требаше да биде домот, направен сместен, требаше да има парк за одмор на пензионерите, да излегуваат на чист воздух, требаше да има паркиралиште и игралишта исклучиво наменети за таа група граѓани. Секоја година сите ветуваат, предизборниот маркетинг тргнува од тука. Ние како здружение на пензионери не отстапуваме имаме надеж и одиме до крај“, објаснува Елица Зафирова, претседателка на Здружението на пензионери во Кочани.

Пред три години надлежните од пензионерите барале сместувачкиот капацитет да се намали за една третина и да има само 50 легла. Никој ништо не прави, граѓаните од третото доба живеат многу тешко, вели Елица.

„Овие години од овој крај младите се иселија, останавме само стари и многу има што се неподвижни кои бараат нега и им треба ваков дом. Бараат место повеќе во другите домови на ниво на државата, но и таму многу е тешко“, додава таа.

Надеж стара 10 години

И приказната на штипските пензионери е слична како на соседите од Кочани. Минатата година по 10 години чекање повторно се врати надежта дека Штипјани ќе добијат старски дом.

„Не би ги коментирал причините зошто пред десетина години несоодветно бил изграден објектот, зошто не бил запазен со соодветно одобрение за градба. Она што е наш приоритет е да овозможиме во иднина објектот да добие употребна вредност и употребна дозвола  и она што е практично изградено да се овозможи да се стави во употреба и да се стави во функција, затоа што се потрошени пари на пензионерите коишто еве така стојат повеќе од 10 години. Верувам дека ќе се изнајде решение, проектот е во владина процедура, на седница на Влада. … Потребно е и дополнително вложување за уредување на внатрешноста и технички прием за да можат пензионерите да го користат“, вели градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов.

domovite za stari lica zaboraveni vo lokalnite prioriteti 2
Додека стотина пензионери да добијат можност да се згрижат во штипскиот дом, единствен реален, вселив, во овој регион е домот во Берово.

Додека стотина пензионери да добијат можност да се згрижат во штипскиот дом, единствен реален, вселив, во овој регион е домот во Берово.

86 – годишната Нада Дакиќ во домот е четири години. Нема никој близок што би се грижел за неа.

„Јас сум потполно сама. Тука е многу убаво. Некогаш играме карти, некогаш Не лути се човече, друштвени игри, горе одиме вежбаме, цртаме“, раскажува Нада Дакиќ.

 Освен Нада, уште многу пензионери тука го нашле својот дом. За безмалку една деценија овој дом го зголемил бројот на легла за 50.

„Општинска јавна установа за згрижување на стари лица ‘д-р  Јован Влашки’ во Берово е формирана и основач на истата е советот на Општина Берово. Во моментот се згрижени 39 лица и со новите 28, бројката е поголема. Надлежноста е општинска, финансирањето е дел се обезбедува од буџетот на општина Берово, а дел е преку трансферот на од повисоко ниво на власта како блок- дотација за социјална заштита. Домот во 2017 имаше само 15 легла и 14 беа во прва фаза на изработка. Денес домот е една импозантна институција, единствена на локално ниво која ги оправдува вложените средства“, ни кажа градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.

Освен Берово јавни установи за сместување на стари лица има и уште во 4 градови низ државата Скопје, Куманово, Прилеп, Битола. Во нив се сместени 650 граѓани од третото доба.

domovite za stari lica zaboraveni vo lokalnite prioriteti mapa 1
Јавни установи за сместување на стари лица има во градови низ државата, во кои се сместени 650 граѓани од третото доба.

Покрај сместување на старите лица во јавни установи, сместување обезбедуваат и 44 приватни домови. Но, за нивните услуги се плаќа од 30.000 денари и повеќе.

Недоволно места и во пензионерските домови

Покрај јавни установи за сместување на стари лица, во Македонија постојат 14 пензионерски домови во кои има 380 станови во 11 општини, а во нив се сместени над 400 лица.

Пензионерските домови се станбени единици само за сместување на пензионери и истите се во надлежност на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и здруженијата на пензионери. Во нив се сместуваат исклучиво пензионери што имаат проблеми со домување, додека останати потреби ги задоволуваат самостојно. На ранг-листата за сместување во домовите со кои располага домот има четириесетина лица.

domovite za stari lica zaboraveni vo lokalnite prioriteti mapa 2
Во Македонија има 14 пензионерски домови во кои има 380 станови во 11 општини, а во нив се сместени над 400 лица.

Станка Трајкова вели дека нема доволно сместувачки капацитети, а сервисите, услуги и нега во домот што се нудат се непостојани.

„Ние ги пропагираме социјалните сервиси, но не знаеме кој ги финансира, дали ќе учествува лицето со свои средства, дали ќе се прави разлика помеѓу повисоки и пониски пензии, дали ќе партиципира државата, дали пензионерот ќе може да избира само одредени услуги оние коишто за него се потребни… тука има цела лепеза на прашања кои треба да бидат одредени. Информирањето е многу битен фактор“, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

domovite za stari lica zaboraveni vo lokalnite prioriteti 3
Од ЗЕЛС велат дека се свесни за потребата на граѓаните во третото доба, но дека немаат ниту средства, ниту се надлежни за вакви капитални инвестиции.

Справувањето со предизвиците на општеството што старее бара модел за извршување на услугите со кој се подобрува ефикасноста на јавните расходи и се проширува пристапот до висококвалитени здравствени услуги, вклучувајќи и туѓа нега, стои во извештајот на Светска банка. Од Министерството за социјална политика демографија и млади одговараат дека во континуитет развиваат политики во насока и поддршка во местото каде тие живеат за да се спречи нивното институционализирање. Секоја година расте бројот на лиценцирање на даватели на услуги како и финансирање од Министерството. Можност да се вклучат имале и општините со проекти и да се реализираат со поддршка на Светска банка за услугите во домот и заедницата за стари лица.

Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа велат дека општините се свесни за потребата на граѓаните во третото доба, но дека се потребни огромни финансиски средства што тие ги немаат и воедно не се надлежни за вакви капитални инвестиции.  Уште во септември 2023 година на Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа, претставниците од ЗЕЛС покренале иницијатива за итна дебата околу недостатокот на домови за стари лица, односно дека ниту една општина нема изградено нов ваков објект, а дека старите се во лоша состојба и има недостаток на кадар.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски

Снимател: Слаѓан Милошевски

Монтажа: Давид Милошевски